Дали проверената крв е сигурна?
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО НИГЕРИЈА
◼ ОВА прашање стана актуелно во Нигерија откако беше утврдено дека едно бебе е заразено со ХИВ бидејќи примило трансфузија на крв, и тоа во една од главните болници во Нигерија.
Според изјавата на директорот на болницата, набрзо откако се родила, кај Ениола била дијагностицирана жолтица. Лекарот одлучил да ја лекува заменувајќи ја нејзината крв со туѓа. Татко ѝ ја понудил својата, но испитувањата покажале дека тој нема иста крвна група, па затоа ѝ била дадена крв од резервите што ги имала болницата. По кратко време, било утврдено дека детето е ХИВ-позитивно, иако тоа не е случај со неговите родители. Според болницата, „испитувањата, кои биле направени непосредно пред да му се даде трансфузијата на детето, покажале дека крвта немала ХИВ“.
Како тогаш бебето се заразило? Истрагата што ја спроведе владата на Нигерија покажа дека, најверојатно, причината е крвта што му била дадена преку трансфузија. Во весникот Nigerian Tribune беше наведена следнава изјава на еден вирусолог: „Крводарителот ја дал крвта во време кога вирусот на СИДА-та бил во период на инкубација“.
Иако ова е само еден пример, од него јасно се гледа дека не е толку безбедно да се прима крв. Американскиот центар за контрола и спречување на болести го даде следниов коментар во врска со периодот на инкубација на вирусот на СИДА-та: „На имунолошкиот систем му е потребно извесно време пред да произведе доволно антитела кои ќе може да се откријат со анализа на крвта. Овој период, кој обично е наречен ‚период на инкубација‘, не е ист кај сите. Кај повеќето, доволно антитела се создаваат за 2 до 8 седмици (просекот е 25 дена). Додека кај некои ова може да трае и подолго... Во многу ретки случаи и до 6 месеци“.
Според тоа, ако нечија крв била испитана за да се види дали е заразена со ХИВ, тоа не е гаранција дека е сигурна. Фондацијата за борба против СИДА-та од Сан Франциско предупредува: „Вирусот на СИДА-та може да се пренесе и во периодот на инкубација, иако тогаш не може да се открие. Всушност, заразата најлесно се пренесува токму во овој период (кратко време откако лицето било заразено со ХИВ)“.
Јеховините сведоци долго време ја следат библиската заповед ‚да се воздржуваат од крв‘ (Дела 15:29). Големата заштита што ја добиваат на тој начин истакнува колку е мудро да му бидеме послушни на Бог. Информации за алтернативи за трансфузијата на крв можеш да најдеш во брошурата Како може крвта да ти го спаси животот?a
[Фуснота]
a Издадена од Јеховините сведоци.