ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • g 6/08 стр. 22-24
  • Дрвја што растат во вода

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Дрвја што растат во вода
  • Разбудете се! 2008
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • Насекаде само сол
  • Како преживуваат
  • Размножување
  • Екосистем
  • Од непроценлива вредност за човекот
  • Порторико и неговите богатства
    Разбудете се! 2008
  • „Земја во која тече мед и млеко“
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2011
  • Кој прв го направил тоа?
    Животот — како настанал? Со еволуција или со создавање?
Разбудете се! 2008
g 6/08 стр. 22-24

Дрвја што растат во вода

ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО АВСТРАЛИЈА

Тие се засолниште за многу загрозени видови цицачи, птици и влекачи. Ја штитат околината прочистувајќи ја водата од загадувачи. Во Јужна Флорида (САД), околу 75 отсто од рибите за спортски риболов и 90 отсто од рибите за комерцијален риболов зависат од нив. Освен тоа, тие се природна заштита од бурите и од промените на нивото на морето. За кои дрвја станува збор? За мангровите!

ТОА се еден вид дрвја, односно грмушки од неколку фамилии, кои ги има на повеќе од половина тропски брегови во светот. Обично растат во близина на брегот, каде што водата е полусолена и не е погодна за други растенија. Но, ваквата вода не им пречи на мангровите. Зошто? Затоа што имаат неколку извонредни механизми да се справат со солта и нив понекогаш ги комбинираат.

Насекаде само сол

Некои мангрови имаат филтри што спречуваат солта на навлезе преку коренот. Тоа го прават толку ефикасно што патниците можат да си ја згаснат жедта ако му го расечат коренот. Други видови мангрови дозволуваат солта да продре во нивниот систем, ја впиваат и, на крајот, ја складираат во старите лисја или во другите делови од растението, кои потоа отпаѓаат.

Трети, пак, ја впиваат солта, а потоа брзо ја исфрлаат надвор, обично преку посебни солени жлезди на листовите. Ако лизнеш еден ваков лист, ќе видиш дека е многу солен. Но, внимавај каква мангрова ќе избереш! На пример, еден вид мангрово дрво (Excoecaria agallocha) преку своите листови лачи млечен сок, кој во контакт со очите може да предизвика привремено слепило. Меѓутоа, млечниот сок има и лековити својства, па затоа може да се користи и за лекување на рани и убоди од инсекти.

Како преживуваат

На повеќето растенија им треба почва богата со воздух. Мангровите, пак, растат во почва која е под вода. Ова е можно затоа што нивните корења, кои растат над почвата, апсорбираат воздух директно од атмосферата. Корењата може да имаат најразлична форма. На пример, коленичестите корења најпрво се издигаат од почвата, а потоа повторно се враќаат во неа, при што се создаваат посебни израстоци во форма на свиткано колено.

Корењата познати како пнеуматофори се издигнуваат вертикално нагоре. Потпорните корења, кои подоцна стануваат колчести, се разгрануваат нанадвор од долниот дел на стеблото. Еден друг вид корења со брановидна форма, чии испапчувања излегуваат над земјата, се шират од подножјето на дрвото. Ваквите различни корења им помагаат на мангровите да дишат и да бидат стабилни, иако растат врз мека почва.

Размножување

Еден вид мангрови (Xylocarpus granatum) раѓаат голем топчест плод преполн со семки со неправилна форма. Штом ќе узрее, плодот пука и го расфрла семето во водата. Некои семки ги разнесуваат плимата и осеката пред да најдат место каде што ќе пуштат корен.

Кај други мангрови, семките ’ртат без да паднат од дрвото, што е вистински феномен во растителниот свет. Од нив се развиваат фиданки кои се одвојуваат од дрвото и потоа пловат неколку месеци, па дури и цела година, додека да најдат место каде што ќе продолжат да растат.

Начинот на кој пловат им ги зголемува шансите да пронајдат полусолена вода која е идеална за ова дрво. Солената вода ја држи фиданката на површината и таа плови хоризонтално, но кога ќе дојде до полусолена вода, плови вертикално, а тоа ѝ овозможува да пушти корен во калта.

Екосистем

Мангровите се основа за постоењето на еден сложен синџир на исхрана. Лисјата и другите отпадоци од мангровите им се храна на микроорганизмите, а тие, пак, им служат за храна на други животни што се дел од овој синџир. Мангровите се дом на многу живи суштества кои тука се хранат, се размножуваат и го одгледуваат своето потомство.

На пример, стотици видови птици ги користат мангровите за да си прават гнезда и додека ловат храна, а птиците преселници се одмараат на нив. Само во Белисе, повеќе од 500 видови птици опстојуваат благодарение на мангровите. Многу риби го почнуваат својот живот во овие дрвја или индиректно зависат од нив за да се прехранат. Во мангровата шума во Сундарбанс — делта помеѓу Индија и Бангладеш — уловени се повеќе од 120 видови риби.

Мангровите им се од корист и на други растенија. Досега е утврдено дека на мангровите на источниот брег од Австралија растат 105 видови лишаи, а можат да се најдат и папрати, орхидеи, имели и други растенија. Според тоа, мангровите се неопходни за опстанокот на растителниот и животинскиот свет — почнувајќи од лишаите па сѐ до тигрите. Но, тие им се од голема корист и на луѓето.

Од непроценлива вредност за човекот

Освен што ја штитат околината од загадување, мангровите се директен или индиректен извор на огревно дрво, дрвен јаглен, танин, сточна храна, лекови и многу други производи. Благодарение на овие дрвја, човекот може да ужива и во некои деликатеси како што се рибите, лушпарите, мекотелите и медот. Всушност, некои морепловци во минатото мислеле дека остригите (вид школки) растат на дрвја бидејќи лесно можеле да си ги „наберат“ од мангровите при осеката, кога корењата не биле покриени со вода.

Мангровите се користат и во индустријата за хартија, текстил, кожа и во градежништвото. Риболовот и туризмот се други две индустриски гранки кои имаат корист од овие дрвја.

Иако станува сѐ појасно колку се значајни овие дрвја, секоја година се уништуваат околу 100.000 хектари мангрови шуми, најчесто затоа што луѓето веруваат дека е поисплатливо земјиштето да се користи за земјоделие или за нови населби. За многу луѓе мангровите шуми не се ништо друго освен калливо и смрдливо место што врие од комарци, каде што е подобро да не се оди.

Но, мангровите играат многу важна улога. Нивните посебни надземни корења и корења што ја филтрираат солта се причина за постоењето на многу сложени екосистеми. Од нив зависи крајбрежниот риболов, дрвната индустрија и опстанокот на животинскиот свет. Освен тоа, тие го штитат крајбрежјето од ерозија бидејќи ја намалуваат моќта на ураганите кои инаку би одзеле илјадници човечки животи. Затоа, треба да бидеме среќни што мангровите постојат!

[Рамка/слика на страница 24]

Собирање мед од мангровите

Најголемата мангрова шума во светот се наоѓа во Сундарбанс — дел од големата делта на реката Ганг, која се протега на територијата на Индија и Бангладеш. Еден од народите кои живеат тука е народот Мовали, чиј опстанок зависи од мангровите. Нивното занимање е едно од најопасните во тоа место.

Имено, тие собираат мед. Секоја година во април и мај, тие ги пребаруваат мангровите шуми во потрага по медот од една џиновска пчела. Таа може да достигне големина и до 4 сантиметри и е многу агресивна. Познато е дека може да убие и слон!

За да се заштитат, собирачите на мед носат факли направени од отпадоци од мангрови, бидејќи пчелите не можат да го поднесат нивниот чад. Оние што се разумни, оставаат нешто и зад себе за да можат пчелите да ги обноват резервите до наредната година.

Меѓутоа, пчелите не се единствената опасност за собирачите на мед бидејќи, таму каде што има мангрови има и крокодили и отровни змии. Освен тоа, понекогаш на излезот од шумата ги пресретнуваат крадци кои им го земаат медот и восокот. Сепак, најопасен е бенгалскиот тигар. Ова животно секоја година убива од 15 до 20 собирачи на мед.

[Извор на слика]

Zafer Kizilkaya/Images & Stories

[Слики на страница 23]

Мангровите и нивните фиданки растат на места каде што повеќето други растенија би изумреле

[Извори на слики]

Горе десно: Zach Holmes Photography/Photographers Direct; долу десно: Martin Spragg Photography (www.spraggshots.com)/Photographers Direct

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели