Зошто толку нестрпливост?
ЛУЃЕТО отсекогаш биле нестрпливи. Не е ништо ново некој да изгуби трпение додека е заглавен во сообраќајот или додека чека ред некаде. Но, според некои експерти, луѓето денес се помалку стрпливи отколку порано, и тоа од причини што можеби ќе те изненадат.
Некои аналитичари сметаат дека во последниве години многумина се понестрпливи поради современата технологија. Според весникот The Gazette од Монтреал (Канада), некои истражувачи заклучиле дека „дигиталната технологија, од мобилни телефони до камери, имејлови и ајпод-плеери, ни го менува животот... Моменталните резултати што ги добиваме од ваквата технологија нѐ учат да очекуваме моментални резултати и на други подрачја од животот“.
Психологот, д-р Џенифер Хартштајн, дава некои коментари што нѐ тераат да се замислиме. Таа вели: „Се навикнавме брзо да добиеме резултати и затоа очекуваме работите да се случуваат брзо, ефикасно и онака како што ние сакаме. Кога не е така, стануваме пофрустрирани и понервозни, [што е знак] на нестрпливост“. „Едноставно заборавивме како да подзабавиме и да уживаме во моментот“, додава таа.
Некои мислат дека комуницирањето преку имејлови повеќе не е популарно и наскоро може сосема да излезе од употреба. Зошто? Затоа што мнозина кои испраќаат пораки немаат стрпливост да почекаат неколку часови, па дури и неколку минути за да добијат одговор. Освен тоа, како што е случај и со обично писмо, кога пишуваш имејл се очекува и формален поздрав на почетокот и на крајот. Но за многу луѓе, таквите формалности се здодевни и само губење време. Ним повеќе им одговараат инстант пораките кои не бараат толку формалности како мејловите. Се чини дека луѓето едноставно немаат стрпливост да исчукаат еден учтив поздрав! Многумина не го ни проверуваат она што го напишале, па затоа писмото или имејлот може да им залута кај друго лице или да има многу граматички и печатни грешки.
Желбата за моментални резултати не е очигледна само на полето на дигиталната комуникација. Изгледа дека луѓето немаат стрпливост да чекаат и во други ситуации. На пример, дали некогаш си се фатил како зборуваш пребрзо, јадеш пребрзо, возиш пребрзо или ги трошиш парите пребрзо? Неколкуте моменти додека чекаш да дојде лифтот, да се смени семафорот или да се вклучи компјутерот може да ти изгледаат како цела вечност.
Многу луѓе немаат стрпливост да исчитаат долг отпечатен текст
Експертите велат дека многу луѓе немаат стрпливост да исчитаат долг отпечатен текст. Зошто? Затоа што се навикнати да се движат брзо низ веб-страниците или да се задржуваат само на најистакнатите делови од текстот за да дојдат што побрзо до поентата.
Зошто луѓето се толку нестрпливи? Експертите ги немаат сите одговори на ова прашање. Но, се чини дека има убедливи докази дека нестрпливоста може да биде штетна. Во следните статии ќе бидат разгледани некои опасности поврзани со нестрпливоста, како и предлози што може да ти помогнат да бидеш пострплив.
Многу луѓе се навикнати да се движат брзо низ веб-страниците или да се задржуваат само на најистакнатите делови од текстот