Кои се тие?
Јеховините сведоци сакаат подобро да ги запознаете. Можеби веќе сте ги сретнале како соседи, колеги на работно место или на било кој друг начин во секојдневниот живот. Веројатно сте виделе како им нудат списанија на минувачите на улица, или кратко сте разговарале со нив на вашата врата.
Всушност, Јеховините сведоци се заинтересирани за вас и за Вашето добро. Сакаат да Ви бидат пријатели и да Ви кажат нешто повеќе за себе, за своето верување и организација, и што мислат за луѓето и за светот во кој живеат. За таа цел е напишана и оваа брошура.
Во повеќето работи Јеховините сведоци се како и сите други луѓе. Имаат свои проблеми — економски, телесни, емоционални. Понекогаш прават грешки, бидејќи не се совршени, ниту вдахновени или непогрешливи. Меѓутоа, настојуваат да учат од своите искуства и трудољубиво ја проучуваат Библијата за да ги направат потребните промени. Тие му се предале на Бог за да ја вршат неговата волја и се сосредоточени да го исполнат тоа предание. Во сѐ што работат бараат водство од Божјата Реч и од неговиот свет дух.
За нив е мошне важно нивните верувања да се темелат на Библијата, а не на човечки шпекулации или религиозни верувања. Имаат исто гледиште како апостол Павле, кој под инспирација напишал: „Да признаеме дека Бог е верен, а секој човек лажец“ (Римјаните 3:4).a Во однос на науките кои се презентираат како библиски вистини, реагираат исто како што жителите на Берија реагирале на проповедањето од апостол Павле: „Тие го примија словото со голема усрдност и секој ден го испитуваа Писмото, дали е тоа така“ (Дела 17:11). Јеховините сведоци сметаат дека сите религиозни науки треба да се испитаат дали се во склад со Библијата, без оглед дали се науки што сами ги застапуваат, или науки на некој друг. Тие Ви предлагаат — Ве повикуваат — да го сторите тоа кога ќе разговарате со нив.
Горното излагање веќе покажува дека Јеховините сведоци веруваат во Библијата како Божја Реч. Нејзините 66 книги ги сметаат за инспирирани и историски точни. На она што обично се нарекува Нов завет се осврнуваат како на Христијански Грчки списи, а Стариот завет го нарекуваат Хебрејски списи. Се потпираат и на Грчките и на Хебрејските списи и ги земаат дословно, освен таму каде што изрази или контекст очигледно покажуваат дека се работи за фигуративно или симболично значење. Тие увидуваат дека многу пророштва од Библијата се исполниле, дека некои сега се исполнуваат, а други допрва треба да се исполнат.
НИВНОТО ИМЕ
Јеховини сведоци? Да, така тие се нарекуваат себеси. Тоа е описно име кое покажува дека сведочат за Јехова, неговото Божество и неговите намери. „Бог“, „Господ“ и „Творец“ се титули, слично како „претседател“, „цар“ и „генерал“, а можат да се дадат на повеќе различни личности. Но „Јехова“ е лично име и припаѓа на семоќниот Бог и Творец на вселената. Ова произлегува од Осија 12:5: „А Господ е Бог Саваот; Јехова е името Негово“.
Името Јехова (или Јахве, како што претпочитаат некои преводи на Библијата и некои денешни научници) се појавува во изворните Хебрејски списи скоро 7.000 пати. Во повеќето Библии не се појавува како такво, туку е заменето со „Бог“ или „Господ“. Сепак, дури и во тие Библии човек може да каже каде во оригиналните Хебрејски списи се користи Јехова, бидејќи на тие места зборовите со кои е заменето се напишани со големи букви, како на пример: БОГ, ГОСПОД. Повеќе современи преводи го употребуваат или името Јехова или името Јахве. Оттука, во New World Translation читаме во Исаија 42:8: „Јас сум Јехова. Тоа е моето име“.
Библискиот извештај од каде што Јеховините сведоци го зеле своето име го наоѓаме во 43. поглавје од книгата Исаија. Таму светската сцена се набљудува како судски процес. Боговите на народите се повикани да доведат свои сведоци за да ги докажат своите наводни примери на праведност или да ги сослушаат сведоците на Јеховината страна и да ја признаат вистината. Овде Јехова му изјавува на својот народ: „Вие сте мои сведоци, рече Јехова, и мој слуга кого го избрав; за да знаете и ми верувате, и да разберете дека јас сум тој: пред мене не беше создаден ниеден Бог, ниту после мене ќе има. Јас, самиот јас, сум Јехова; и освен мене нема спасител“ (Исаија 43:10, 11, American Standard Version).
Илјадници години пред Христос, Јехова Бог имал сведоци на Земјата. Откако 11. поглавје на писмото до Евреите набројува некои од тие луѓе од вера, Евреите 12:1 вели: „Затоа и ние, имајќи толку многу сведоци, да отфрлиме од себеси секакво бреме и грев што лесно нѐ окружува, и со трпеливост да побрзаме кон претстојната борба“. Исус рекол пред Понтиј Пилат: „Јас за тоа се родив и за тоа дојдов на светот, за да сведочам за вистината“. Тој е наречен „Верниот и Вистинскиот сведок“ (Јован 18:37; Откровение 3:14). Исус им рекол на своите ученици: „Но ќе примите сила, кога врз вас ќе слезе Свтиот Дух; и ќе ми бидете сведоци во Ерусалим и во цела Јудеја и Самарија, и дури до крајот на земјата“ (Дела 1:8).
Затоа, повеќе од 4.000.000 лица кои ја кажуваат добрата вест за Јеховиното царство преку Христос Исус во повеќе од 230 земји, сметаат дека е исправно себеси да се нарекуваат Јеховини сведоци.
[Фуснота]
a Доколку не е означено поинаку, библиските цитати во оваа брошура се земени од преводот на современ македонски литературен јазик.
[Истакната мисла на страница 3]
Тие се заинтересирани за вас
[Истакната мисла на страница 3]
Предадени се да ја вршат Божјата волја
[Истакната мисла на страница 4]
Веруваат дека Библијата е Божја реч
[Истакната мисла на страница 5]
Името е поврзано со судски процес
[Истакната мисла на страница 5]
Повеќе од 4.000.000 Сведоци во преку 230 земји
[Слика на страница 4]
Божјето лично име на старохебрејски