ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • fy погл. 7 стр. 76-89
  • Дали во домот има бунтовник?

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Дали во домот има бунтовник?
  • Тајната на семејната среќа
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • КОЈ Е БУНТОВНИК?
  • ПРИЧИНИ ЗА БУНТОВНОСТ
  • ПОПУСТЛИВИОТ ИЛИЈА И СТРОГИОТ РОВОАМ
  • ЗАДОВОЛУВАЊЕТО НА ОСНОВНИТЕ ПОТРЕБИ МОЖЕ ДА СПРЕЧИ БУНТОВНОСТ
  • КОГА ДЕЦАТА ЌЕ ЗАПАДНАТ ВО НЕПРИЛИКА
  • ПОСТАПУВАЊЕ СО НЕПОПУСТЛИВ БУНТОВНИК
  • Помогни му на твојот тинејџер да напредува
    Тајната на семејната среќа
  • Воспитувај го своето дете уште од најраното детство
    Тајната на семејната среќа
  • Родители, воспитувајте ги децата со љубов!
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2007
  • Научете ги своите деца да го сакаат Јехова
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2007
Повеќе
Тајната на семејната среќа
fy погл. 7 стр. 76-89

Седмо поглавје

Дали во домот има бунтовник?

1, 2. а) Каква илустрација дал Исус за да го истакне неверието на еврејските религиозни водачи? б) Што во врска со адолесцентите можеме да научиме од Исусовата илустрација?

НЕКОЛКУ дена пред својата смрт, на една група еврејски религиозни водачи Исус ѝ поставил едно прашање кое поттикнува на размислување. Тој рекол: „Како ви се чини ова? Еден човек имаше два сина; па отиде при првиот и му рече: ‚Сине, оди денес да работиш во моето лозје!‘ Тој одговори и рече: ‚Нејќам!‘ Но потоа се покаја и отиде. Па како дојде при вториот, му го рече истото. Тој одговори и рече: ‚Ќе отидам, господаре‘. Но не отиде. Кој од двајцата ја исполни татковата волја?“ Еврејските водачи одговориле: „Првиот“ (Матеј 21:28—31).

2 Овде Исус го истакнал неверието на еврејските водачи. Тие биле како вториот син — ветиле дека ќе ја вршат Божјата волја, но потоа не го одржале своето ветување. Сепак, многу родители ќе увидат дека Исусовата илустрација се темелела на едно добро разбирање за семејниот живот. Како што тој добро покажал, честопати е тешко да се знае за што размислуваат младите луѓе или да се предвиди како ќе постапат. Една млада личност може да создаде многу проблеми во периодот на адолесценцијата, но потоа да израсне во еден одговорен и многу почитуван возрасен човек. Ова е нешто што треба да го имаме на ум кога дискутираме за проблемот на тинејџерската бунтовност.

КОЈ Е БУНТОВНИК?

3. Зошто родителите не треба избрзано да го означат своето дете како бунтовник?

3 Одвреме навреме можеби ќе слушнеш за тинејџери кои отворено се бунтуваат против своите родители. Можеби дури и лично познаваш некое семејство во кое се чини дека е невозможно тинејџерот да се држи под контрола. Меѓутоа, не е секогаш лесно да се знае дали едно дете навистина е бунтовник. Освен тоа, може да биде тешко да се разбере зошто некои деца се бунтуваат, а други — дури и од истото домаќинство — не се бунтуваат. Што треба да сторат родителите ако постои сомневање дека едно од нивните деца можеби станува закоравен бунтовник? За да одговориме на ова, најнапред треба да поразговараме за тоа кој е бунтовник.

4-6. а) Кој е бунтовник? б) Што треба да имаат на ум родителите ако одвреме навреме нивниот тинејџер е непослушен?

4 Едноставно речено, бунтовник е оној кој своеволно и постојано откажува послушност или му се спротивставува и му пркоси на некој повисок авторитет. Без сомнение, ‚безумието е во срцето на детето‘ (Изреки 22:16). Затоа, порано или подоцна, сите деца му се спротивставуваат на родителскиот и на некој друг авторитет. Ова особено е случај за време на физичкиот и емоционалниот развој познат како адолесценција. Промената во животот на една личност ќе предизвика стрес, а адолесценцијата е време на многу промени. Твојот син или ќерка кои се тинејџери го напуштаат детството и зачекоруваат на патот кон зрелоста. Од оваа причина, во текот на адолесцентните години, на некои родители и деца им е тешко да се сложат меѓу себе. Честопати родителите инстинктивно се обидуваат да стават кочници на овој преоден период, додека тинејџерите сакаат да го забрзаат.

5 Тинејџерот кој е бунтовник ги отфрла родителските вредности. Меѓутоа, запомнете дека само неколку дела на непослушност не прават некого бунтовник. А кога ќе стане збор за духовните работи, некои деца на почетокот можеби покажуваат мал или, пак, воопшто никаков интерес за библиската вистина, но тоа не мора да значи дека тие се бунтовници. Како родител, не избрзувај да му припишеш некаква ознака на своето дете.

6 Дали адолесцентните години на сите млади луѓе се карактеризираат со бунтовност против родителскиот авторитет? Не, воопшто не. Всушност, се чини како доказите да покажуваат дека само мал број тинејџери покажуваат сериозна адолесцентна бунтовност. Сепак, што е со детето кое тврдоглаво и постојано се бунтува? Што би можело да ја предизвика таквата бунтовност?

ПРИЧИНИ ЗА БУНТОВНОСТ

7. Како може сатанската средина да влијае врз детето за да се бунтува?

7 Една од главните причини за бунтовност е светската сатанска средина. „Целиот свет лежи во власта на злобниот“ (1. Јованово 5:19, НС). Светот што е во власта на Сатана развил една штетна култура со која христијаните мораат да се борат (Јован 17:15). Денес, голем дел од таа култура е погруба, поопасна и исполнета со повеќе лоши влијанија отколку во минатото (2. Тимотеј 3:1—5, 13). Ако родителите не ги воспитуваат, предупредуваат и заштитуваат своите деца, младите лесно можат да бидат обземени од „духот, кој сега дејствува во синовите на неверието“ (Ефесјаните 2:2). Поврзан со ова е притисокот од врсниците. Библијата вели: „Кој другарува со безумни, глупав ќе биде“ (Изреки 13:21). Слично на тоа, ако некој се дружи со оние кои се задоени со духот на овој свет, тој дух веројатно ќе влијае и врз него. На младите им е потребна постојана помош за да можат да сфатат дека врз послушноста кон божествените начела се темели најдобриот начин на живот (Исаија 48:17, 18).

8. Кои фактори можат да доведат до бунтовност од страна на детето?

8 Една друга причина за бунтовност може да биде атмосферата во домот. На пример, ако едниот родител е алкохоличар, злоупотребува дрога или е насилен кон другиот родител, тогаш тинејџерот може да добие искривено гледиште за животот. Дури и во релативно мирните домови може да избие бунтовност тогаш кога детето ќе почувствува дека неговите родители не се интересираат за него. Меѓутоа, бунтовноста кај тинејџерите не е секогаш предизвикана од надворешни влијанија. Некои деца им свртуваат грб на родителските вредности и покрај тоа што имаат родители кои ги применуваат божествените начела и кои во голема мера ги заштитуваат од светот околу нив. Зошто? Можеби поради еден друг корен на нашите проблеми — човечката несовршеност. Павле рекол: „Гревот влезе во светот преку еден човек [Адам], а преку гревот — смртта, по таков начин и смртта премина на сите луѓе преку еден човек, оти сите згрешија“ (Римјаните 5:12). Адам бил себичен бунтовник и на целото свое потомство му оставил лошо наследство. Некои млади луѓе едноставно се определуваат за бунтовност, токму онака како што сторил и нивниот прататко.

ПОПУСТЛИВИОТ ИЛИЈА И СТРОГИОТ РОВОАМ

9. Кои крајности при подигањето на децата можат да предизвикаат детето да се бунтува?

9 Нешто друго што доведува до бунтовност кај тинејџерите е неурамнотеженото гледиште што родителите го имаат во врска со подигањето на децата (Колосјаните 3:21). Некои совесни родители строго ги ограничуваат и ги држат во стега своите деца. Други, пак, се попустливи и не даваат смерници кои би го заштитиле нивниот неискусен адолесцент. Не е секогаш лесно да се постигне урамнотеженост помеѓу овие две крајности. Освен тоа, различни деца имаат различни потреби. Можеби на едното ќе му треба поголем надзор отколку на другото. Сепак, два библиски примера ќе покажат кои се опасностите ако се оди во крајности било во ограничувањата било во попустливоста.

10. Иако Илија веројатно бил верен првосвештеник, зошто не бил и доволно добар родител?

10 Еден првосвештеник од древниот Израел, Илија, бил татко. Тој служел 40 години и, без сомнение, бил добро упатен во Божјиот закон. Веројатно Илија сосема верно ги извршувал своите редовни свештенички должности, а можеби дури и темелно ги поучувал за Божјиот закон своите синови Офни и Финес. Меѓутоа, Илија бил премногу попустлив кон своите синови. Офни и Финес биле свештеници кои извршувале служба, но тие биле „лоши луѓе“, заинтересирани само за да ги задоволат своите склоности и неморални желби. Сепак, кога извршиле срамни постапки на свето место, Илија немал храброст да ги отстрани од службата. Тој само благо ги укорил. Со својата попустливост Илија им оддал поголема чест на своите синови отколку на Бог. Како резултат на тоа, неговите синови се побуниле против Јеховиното чисто обожавање, а целиот дом на Илија доживеал несреќа (1. Царства 2:12—17, 22—25, 29; 3:13, 14; 4:11—22).

11. Што можат да научат родителите од лошиот пример на Илија?

11 Децата на Илија веќе биле возрасни кога се случиле овие настани, но овој минат извештај подвлекува колку е опасно да не се даде стега. (Спореди Изреки 29:21.) Некои родители можеби не прават разлика помеѓу љубовта и попустливоста, пропуштајќи да постават и да спроведат јасни, доследни и разумни правила. Тие пропуштаат да дадат љубезна стега, па дури и тогаш кога се работи за престапување на божествените начела. Поради таквата попустливост, нивните деца на крајот можеби нема да му обрнуваат внимание на родителскиот или на кој и да е друг авторитет. (Спореди Проповедник 8:11.)

12. Каква грешка во спроведувањето на авторитетот направил Ровоам?

12 Ровоам е пример за една друга крајност во спроведувањето на авторитетот. Тој бил последниот цар на обединетото царство Израел, но не бил добар цар. Ровоам наследил земја во која луѓето биле незадоволни поради товарите што им ги наметнал неговиот татко, Соломон. Дали Ровоам покажал разбирање? Не. Кога една делегација го замолила да отстрани некои од угнетувачките мерки, тој не го послушал зрелиот совет од своите постари советници и наредил јаремот на народот да се направи уште потежок. Неговата дрскост предизвикала побуна од страна на десетте северни племиња, а царството било расцепено на два дела (3. Царства 12:1—21; 2. Летописи 10:19).

13. Како можат родителите да избегнат да ја направат грешката на Ровоам?

13 Родителите можат да научат некои важни поуки од библискиот извештај за Ровоам. Тие треба ‚да го бараат Господа‘ во молитва и во светло на библиските начела да ги преиспитаат своите методи на подигање деца (Псалм 104:4). „Самото угнетување може да предизвика мудриот да постапува лудо“, вели Проповедник 7:7 (НС). Добропромислените граници им даваат на адолесцентите простор да растат, додека тие истовремено ги штитат и од лошо. Но, децата не треба да живеат во атмосфера која е толку строга и полна со ограничувања што ќе бидат спречени да развиваат разумна мера на самоувереност и самодоверба. Тогаш кога родителите тежнеат кон урамнотеженост помеѓу соодветната слобода и цврстите граници кои се јасно означени, повеќето тинејџери нема да чувствуваат толку голема склоност да се бунтуваат.

ЗАДОВОЛУВАЊЕТО НА ОСНОВНИТЕ ПОТРЕБИ МОЖЕ ДА СПРЕЧИ БУНТОВНОСТ

14, 15. Како треба да гледаат родителите на развојот на нивното дете?

14 Иако родителите се радуваат кога гледаат како нивното дете физички расте од најраното детство до возрасно доба, тие можеби ќе се вознемират кога нивното дете кое е во адолесценција ќе почне да преминува од зависност кон соодветна самоувереност. Во текот на овој преоден период, немојте да бидете изненадени ако вашиот тинејџер повремено е прилично тврдоглав или не соработува. Имајте на ум дека целта на христијанските родители треба да биде да подигнат еден зрел, стабилен и одговорен христијанин. (Спореди 1. Коринтјаните 13:11; Ефесјаните 4:13, 14.)

15 Колку и да се чини тешко, родителите треба да престанат со навиката да одговараат негативно секогаш кога нивниот адолесцент ќе побара поголема независност. Детето треба да расте како единка на еден здрав начин. Всушност, на релативно млада возраст, некои тинејџери почнуваат да изградуваат гледиште како една возрасна личност. На пример, за младиот крал Јосија Библијата вели дека ‚уште кога бил момче [на околу 15 години], почнал да прибегнува кон Богот на својот татко Давид‘. Овој истакнат тинејџер очигледно бил една одговорна личност (2. Летописи 34:1—3).

16. Додека на децата им се дава поголема одговорност, што треба да сфатат тие?

16 Меѓутоа, слободата со себе носи и одговорност. Затоа, допушти му на твојот полнолетник кој се развива да ги искуси последиците од некои свои одлуки и постапки. Начелото „што ќе си посее човекот, тоа и ќе си жнее“, важи како за тинејџерите така и за возрасните (Галатјаните 6:7). Не може децата секогаш да бидат заштитувани. Но, што ако твоето дете сака да стори нешто што е сосема неприфатливо? Како еден одговорен родител, ти мораш да речеш „не“. Иако можеби ќе ги образложиш причините, ништо не треба да го промени твоето „не“ во „да“. (Спореди Матеј 5:37.) Меѓутоа, обиди се да речеш „не“ на еден смирен и разумен начин, бидејќи „кроткиот одговор гневот го ублажува“ (Изреки 15:1).

17. Кои се некои потреби на тинејџерот што родителот треба да ги исполни?

17 На младите луѓе им е потребна сигурноста од доследната стега дури и ако не се сложуваат секогаш спремно со ограничувањата и правилата. Фрустрирачки е кога правилата често се менуваат во зависност од моменталното расположение на родителот. Освен тоа, ако при соочувањето со несигурноста, срамежливоста или недостигот на самодоверба тинејџерите добиваат охрабрување и помош кога им се потребни, тогаш тие веројатно ќе израснат во постабилни личности. Исто така, тинејџерите ценат кога ќе ја добијат довербата што ја заслужиле. (Спореди Исаија 35:3, 4; Лука 16:10; 19:17.)

18. Кои се некои охрабрувачки факти во врска со тинејџерите?

18 За родителите може да биде утешно да знаат дека тогаш кога во домаќинството постои мир, стабилност и љубов, децата обично напредуваат (Ефесјаните 4:31, 32; Јаков 3:17, 18). Само замислете си, многу деца ја надминале дури и лошата домашна средина произлегувајќи од семејства кои се карактеризирале со алкохолизам, насилство или некое друго лошо влијание, но израснале во фини возрасни луѓе. Затоа, ако обезбедиш дом во кој твоите тинејџери се чувствуваат сигурни и знаат дека ќе добијат љубов, наклоност и внимание — дури и ако таа поддршка е проследена со разумни ограничувања и стега во согласност со библиските начела — тие најверојатно ќе израснат во возрасни личности со кои ќе се гордееш. (Спореди Изреки 27:11.)

КОГА ДЕЦАТА ЌЕ ЗАПАДНАТ ВО НЕПРИЛИКА

19. Иако родителите треба да го воспитуваат момчето на патот по кој треба да оди, каква одговорност лежи врз децата?

19 Сигурно дека доброто родителство игра важна улога. Изреки 22:6 вели: „Поучи го момчето во почетокот на патот негов: тој нема да скршне од него и кога ќе остари“. Сепак, што е со децата кои имаат сериозни проблеми и покрај тоа што имаат добри родители? Дали е можно тоа? Да. Зборовите од таа изрека мора да се разберат во светло на некои други стихови кои ја истакнуваат одговорноста на детето да ги ‚слуша‘ и да им биде покорно на родителите (Изреки 1:8). За да има семејна хармонија, и родителот и детето мораат да соработуваат во применувањето на библиските начела. Ако родителите и децата не соработуваат, ќе има неприлики.

20. Кога децата ќе згрешат поради непромисленост, кој пристап од страна на родителите би бил мудар?

20 Како треба да реагираат родителите кога тинејџерот ќе згреши и ќе западне во неволја? Особено тогаш на детето му е потребна помош. Ако родителите запомнат дека имаат работа со неискусен млад човек, полесно ќе ѝ се спротивстават на склоноста да претераат во својата реакција. Оние кои биле зрели во собранието, Павле ги советувал: „И да падне човек во некаков грев [пред да биде свесен за тоа, НС], вие духовните поправајте го таков со духот на кротоста“ (Галатјаните 6:1). Родителите можат да ја следат истата постапка кога имаат работа со млада личност која греши поради непромисленост. Додека јасно му образложуваат зошто неговото однесување е неисправно и како може да избегне да ја повтори грешката, родителите треба јасно да му дадат до знаење дека она што е лошо е неисправното однесување а не младата личност. (Спореди Јуда 22, 23.)

21. Следејќи го примерот на христијанското собрание, како треба да реагираат родителите ако нивните деца направат сериозен грев?

21 Што ако деликвенцијата на детето е многу сериозна? Во тој случај на детето му е потребна посебна помош и вешто водство. Кога некој член од собранието ќе направи сериозен грев, тој е охрабрен да се покае и да им пристапи на старешините за да добие помош (Јаков 5:14—16). Штом се покае, старешините ќе работат со него за да го закрепнат духовно. Во семејството, одговорноста да му се помогне на тинејџерот кој греши им припаѓа на родителите, иако можеби ќе биде потребно да дискутираат за тоа и со старешините. Секако дека тие не треба да се обидуваат да сокријат од старешинството каков и да е сериозен грев што го направило некое од нивните деца.

22. Во знак на имитирање на Јехова, каков став ќе се трудат да задржат родителите ако нивното дете направи сериозна грешка?

22 Многу е тешко кога нечии деца се вмешани во некој сериозен проблем. Емоционално вознемирени, родителите можеби ќе сакаат гневно да му се заканат на своеглавиот потомок, но тоа би можело само да го огорчи. Имај на ум дека иднината на оваа млада личност би можела да зависи од тоа како се постапувало со неа во текот на овој критичен период. Исто така, запомни дека Јехова бил спремен да прости тогаш кога неговиот народ отстапил од она што било исправно — само ако се покаел. Слушни ги неговите љубезни зборови: „Тогаш дојдете и ќе се пресуди, вели Господ. Гревовите ваши да се и како бакам, — како снег ќе ги побелам; да бидат црвени и како пурпур, — како волна ќе станат бели“ (Исаија 1:18). Колку добар пример за родителите!

23. Кога се соочени со некој сериозен грев на едно од своите деца, како треба да постапуваат родителите, а што треба да избегнуваат?

23 Затоа, обиди се да го охрабриш своеглавиот да го промени својот начин на постапување. Барај здрав совет од искусните родители и од собраниските старешини (Изреки 11:14). Потруди се да не постапуваш избувливо и да не речеш или да не направиш нешто што на твоето дете ќе му отежне да ти се врати. Избегнувај неконтролиран гнев и огорченост (Колосјаните 3:8). Не се предавај брзо (1. Коринтјаните 13:4, 7). Иако го мразиш злото, не дозволувај да станеш нечувствителен и огорчен кон своето дете. Што е најважно, родителите треба да се трудат да дадат добар пример и да задржат цврста вера во Бог.

ПОСТАПУВАЊЕ СО НЕПОПУСТЛИВ БУНТОВНИК

24. Каква жалосна ситуација понекогаш се појавува во некое христијанско семејство, и како треба да реагира родителот?

24 Во некои случаи станува јасно дека младиот човек донел јасна одлука да се бунтува и потполно да ги отфрли христијанските вредности. Тогаш жариштето треба да се пренесе врз одржувањето и изградувањето на семејниот живот на оние кои остануваат. Внимавај да не ја насочиш сета своја сила кон бунтовникот, а со тоа да ги запоставиш другите деца. Наместо да се обидуваш да ја сокриеш неволјата од останатите во семејството, дискутирај за тоа со нив во соодветна мера и на еден успокојувачки начин. (Спореди Изреки 20:18.)

25. а) Следејќи го примерот на христијанското собрание, како можеби ќе треба да постапат родителите ако детето стане непопустлив бунтовник? б) Што треба да имаат на ум родителите ако едно од нивните деца се бунтува?

25 За некој кој станал непоправлив бунтовник во собранието, апостол Јован рекол: „Не го примајте во вашиот дом и не поздравувајте го“ (2. Јованово 10). Можеби родителите ќе сметаат дека е неопходно да заземат сличен став и кон сопственото дете ако тоа е полнолетно и станува сосема бунтовно. (Спореди 5. Мојсеева 21:18—21.) Колку и да е тешка и болна ваквата постапка, понекогаш таа е неопходна за да се заштити останатиот дел од семејството. На твоето домаќинство му е потребна твојата заштита и постојаниот надзор. Затоа, и понатаму одржувај јасно утврдени, но разумни граници на однесување. Комуницирај со другите деца. Интересирај се за тоа како им е на училиште и во собранието. Исто така, дај им до знаење дека иако не ги одобруваш постапките на бунтовното дете, ти не го мразиш него. Осуди ја лошата постапка а не детето. Кога двата сина на Јаков навлекле омраза врз семејството поради нивната сурова постапка, Јаков го проколнал нивниот насилнички гнев а не самите синови (1. Мојсеева 34:1—31; 49:5—7).

26. Во што можат да најдат утеха совесните родители ако се бунтува едно од нивните деца?

26 Можеби се чувствуваш одговорен за она што се случило во твоето семејство. Но, ако трудољубиво си сторил сѐ што било во твоите можности со тоа што си го следел Јеховиниот совет онолку колку што си можел, нема потреба неразумно да се критикуваш себеси. Теши се со фактот дека никој не може да биде совршен родител, но дека ти совесно си се трудел да бидеш добар родител. (Спореди Дела 20:26.) Болно е да се има закоравен бунтовник во семејството, но ако тоа се случи кај тебе, биди уверен дека Бог има разбирање и дека никогаш нема да ги напушти своите оддадени слуги (Псалм 26:10). Затоа, биди одлучен да го зачуваш својот дом како безбедно, духовно засолниште за другите деца.

27. Имајќи ја на ум споредбата за расипничкиот син, на што можат секогаш да се надеваат родителите на едно бунтовно дете?

27 Освен тоа, никогаш не треба да изгубиш надеж. Твоите претходни напори во исправното воспитување можеби со текот на времето ќе допрат до срцето на детето кое застранило и ќе го вразумат (Проповедник 11:6). Извесен број христијански семејства имале исто искуство како тебе, а некои доживеале нивните своеволни деца да се вратат, слично како што доживеал таткото во Исусовата споредба за расипничкиот син (Лука 15:11—32). Истото може да се случи и со тебе.

КАКО МОЖАТ ОВИЕ БИБЛИСКИ НАЧЕЛА ДА МУ ПОМОГНАТ . . . НА РОДИТЕЛОТ ДА СПРЕЧИ СЕРИОЗНА БУНТОВНОСТ ВО ДОМАЌИНСТВОТО?

Ако на детето не му се помогне, тоа може да биде расипано од светскиот дух (Изреки 13:21; Ефесјаните 2:2).

Родителите треба да постигнат рамнотежа помеѓу ограничувањата и попустливоста (Проповедник 7:7, НС; 8:11).

Мора да се излезе на крај со неисправното постапување, но во дух на благост (Галатјаните 6:1).

Оние што ќе направат сериозни гревови, можат да бидат ‚исцелени‘ ако се покајат и прифатат помош (Јаков 5:14—16).

[Рамка на страница 82]

ЗБОРУВАЈ ОТВОРЕНО

Адолесцентите ќе доживуваат сомневања и грижи поврзани со сѐ поголемата независност. Можеби ќе се чувствуваат малку несигурни во врска со нивната способност да се снајдат во светот. Тоа е како да се обидуваат да одат по лизгав пат. Вие млади, доверете им се на своите родители за вашите стравови и грижи што ги доживувате (Изреки 23:22). А ако сметате дека родителите ве држат престрого, зборувајте со нив за тоа дека ви е потребно да ви дозволат поголема слобода. Планирајте да разговарате со нив во време кога вие сте опуштени, а тие не се зафатени (Изреки 15:23, НС). Одвојте време за навистина да се сослушате.

[Слика на страница 83]

Децата веројатно ќе израснат во постабилни личности ако нивните родители им помагаат да се соочат со тинејџерските проблеми

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели