ПОГЛАВЈЕ 12
Како се финансира нашата организација?
ЈЕХОВИНИТЕ СВЕДОЦИ го исполнуваат пророштвото на Исус за последните денови со тоа што ја проповедаат добрата вест „сѐ до крајот на земјата“ (Дела 1:8; Мат. 24:14). За да им ја пренесат на другите вистината од Библијата, тие спремно ги трошат своето време и сила. Бидејќи имаат доверба дека Јехова ќе се грижи за своите верни слуги, Сведоците го ставаат Божјето Царство на прво место во нивниот живот (Мат. 6:25-34; 1. Кор. 3:5-9). Резултатите што ги постигнуваат се јасен доказ дека Јехова ги одобрува и благословува.
КАКО СЕ ФИНАНСИРА ДЕЛОТО НА ПРОПОВЕДАЊЕ?
2 Кога дознаваат дека бесплатно даваме Библии и библиски публикации, некои луѓе се прашуваат како е можно сето тоа. Навистина, за да се отпечатат и издадат Библии и библиски публикации потребни се финансиски средства. Средства се потребни и за изградба и одржување на Бетелите во кои живеат Сведоци што работат во печатниците, го надгледуваат делото на проповедање и извршуваат други задачи со кои се поддржува ширењето на добрата вест. Исто така, на покраинските надгледници, мисионерите, специјалните пионери и на другите христијани во специјална полновремена служба им се дава мала финансиска помош за да можат да продолжат да ги извршуваат своите задачи. Очигледно е дека, за да може да се извршува делото на проповедање, потребна е голема сума пари. Од каде доаѓаат тие средства?
3 Многу луѓе што го ценат библиското образовно дело на Јеховините сведоци се радосни што може финансиски да го поддржат. Сепак, нашето дело главно се финансира од прилозите што ги даваат Сведоците. Некои од нив своите доброволни прилози ги испраќаат директно до локалната подружница на Јеховините сведоци. Тие го следат примерот на древните Божји слуги кои великодушно го поддржале градењето на светиот шатор и на храмот (2. Мој. 35:20-29; 1. Лет. 29:9). Некои прилози се во вид на имот кој се добива преку тестамент, додека други прилози се мали суми на пари добиени од поединци, собранија и покраини. Сите овие прилози овозможуваат делото на проповедање и понатаму непречено да се одвива.
За Јеховините сведоци е чест да ги користат своите материјални средства за да ја шират пораката за Царството
4 За Јеховините сведоци е чест што можат со своите материјални средства да го поддржат делото на проповедање. И Божјите слуги од минатото ревносно служеле и великодушно давале прилози. На пример, Исус и неговите следбеници имале кутија во која ги чувале прилозите со кои ги покривале своите трошоци (Јован 13:29). Исто така, во Библијата се спомнуваат жени кои со она што го имале им служеле на Исус и на неговите ученици (Мар. 15:40, 41; Лука 8:3). Апостол Павле со ценење ја прифаќал материјалната помош која со љубов му ја давале оние што сакале да го поддржат проповедањето на добрата вест и неговата служба (Фил. 4:14-16; 1. Сол. 2:9). Јеховините сведоци денес го следат нивниот пример. Затоа, сите што имаат искрено срце можат бесплатно да добијат од „водата на животот“ (Отк. 22:17).
КАКО СЕ ФИНАНСИРААТ СОБРАНИЈАТА?
5 Трошоците на собранијата исто така се покриваат со доброволни прилози. На состаноците не се изнудуваат прилози ниту се одредува кој колку треба да даде. Во салите има кутии за прилози и секој може да приложи „како што одлучил во своето срце“ (2. Кор. 9:7).
6 Со парите кои се приложени во кутијата за собраниски потреби најпрво се покриваат трошоците за користење и одржување на салата. Старешинството може да одлучи дел од тие пари да биде испратен во локалната подружница на Јеховините сведоци за да се поддржи делото низ целиот свет. За таа цел, собранието треба да усвои резолуција. На овој начин, многу собранија редовно приложуваат средства за поддршка на делото. Ако сите спремно даваат прилози имајќи на ум дека одвреме-навреме се појавуваат непредвидени трошоци, во собранието не треба често да се даваат потсетувања во врска со прилозите.
КОЈ ВОДИ СМЕТКА ЗА ПРИЛОЗИТЕ?
7 По секој состанок, двајца браќа ги собираат парите кои биле оставени во кутиите за прилози и водат евиденција за износот (2. Цар. 12:9, 10; 2. Кор. 8:20). Старешинството одредува каде ќе се чуваат парите додека не бидат испратени до подружницата или додека не се искористат за некои собраниски потреби. Братот кој се грижи за собраниското сметководство составува месечен извештај за собранието. Координаторот, пак, се грижи на секои три месеци да биде направена проверка на собраниското сметководство.
ТРОШОЦИ НА ПОКРАИНАТА
8 Трошоците за организирање на собири, како и другите трошоци на покраината, се покриваат со прилозите од Сведоците кои припаѓаат на покраината. На собирите се поставуваат кутии во кои присутните можат да пуштат доброволни прилози за покраината. Освен тоа, за да се покриваат трошоците на покраината, собранијата можат да даваат прилози и во друго време.
9 Најдобро би било покраината да биде во состојба да ги покрие сите неопходни трошоци, а вишокот средства да се приложат за меѓународното дело. Доколку на сметката на покраината нема доволно средства за да се покријат трошоците за собирот или за да се даде капар за следниот собир, покраинскиот надгледник може да побара собранијата да се известат за тоа. Старешинството на секое собрание може да разговара и да одлучи колку нивното собрание ќе може да приложи за покраината. За таа цел, во собранието ќе треба да се изгласа резолуција.
10 Кога за некои финансиски потреби треба да одлучат старешините во покраината, тие треба да одржат состанок за време на покраинскиот собир. Освен за одредени трошоци на покраината, сите други одлуки треба да се донесат со резолуција која треба да ја усвојат старешините. Секојпат кога се трошат средства од покраината треба да се изгласа резолуција во која ќе се наведе точната сума.
11 Сметководството на покраината редовно се проверува.
ПОМОШ ЗА ОНИЕ ШТО ИМААТ ПОТРЕБА
12 Со парите што ги чувале во својата кутија, Исус и неговите ученици им помагале и на сиромашните (Мар. 14:3-5; Јован 13:29). И денес христијаните се должни да им помагаат на оние што имаат некаква потреба затоа што Исус рекол: „Сиромасите секогаш ќе ги имате покрај себе“ (Мар. 14:7). Како Јеховините сведоци ја исполнуваат оваа должност?
13 Понекогаш, некои верни браќа и сестри имаат потреба од финансиска помош поради поодминати години, болест или некоја неволја која не можеле да ја спречат. Членовите на семејството, роднините и други кои ја знаат нивната ситуација можеби ќе сакаат да им помогнат. Ова е во склад со зборовите на апостол Јован, кој рекол: „Кој има добра од овој свет и гледа дека брат му е во немаштија, а сепак не се смилува кон него, како тогаш љубовта кон Бог останува во него? Дечиња, да не се сакаме ниту со зборови ниту со јазик, туку со дела и со вистина“ (1. Јов. 3:17, 18; 2. Сол. 3:6-12). Грижата за верните Божји слуги на кои им е потребна материјална помош е составен дел од нашата света служба (Јак. 1:27; 2:14-17).
14 Во 1. Тимотеј 5:3-21 апостол Павле објаснил како може да им се помага на оние кои го заслужуваат тоа. Од неговите зборови јасно се гледа дека секој христијанин е должен да се грижи за потребите на своето семејство. Според тоа, за постарите и за болните првенствено треба да се грижат нивните деца, внуци или други блиски роднини. Понекогаш, државата им пружа материјална помош на таквите лица преку разни социјални програми. Роднините или другите може да им помогнат да поднесат барање за таква помош. Можеби ќе се појави ситуација во која ќе биде потребно целото собрание да им пружи помош на некои браќа и сестри кои долго време верно му служеле на Јехова. Ако тие немаат членови на семејството или други роднини што би се грижеле за нив и ако не можат да добијат помош од социјалните установи, старешинството може да организира да се пружи помош. За христијаните е чест да им помагаат со своите материјални средства на оние што имаат потреба.
15 Многу браќа и сестри може да се најдат во тешки ситуации поради прогонство, војна, земјотрес, поплава, глад или други несреќи кои се вообичаени за времињата во кои живееме (Мат. 24:7-9). Во такви прилики, можеби локалните собранија не можат да си помогнат едни на други, па затоа Водечкото тело ги организира браќата и сестрите од други места за да го обезбедат она што е потребно. Нешто слично се случило во првиот век кога христијаните во Мала Азија им дале храна на христијаните во Јудеја за време на гладот што владеел таму (1. Кор. 16:1-4; 2. Кор. 9:1-5). Со тоа што го следиме нивниот пример, покажуваме љубов кон нашите браќа и сестри и потврдуваме дека сме вистински следбеници на Исус Христос (Јован 13:35).
ЛИТЕРАТУРА
16 Библиите и библиските публикации играат важна улога во ширењето на пораката за Царството. Старешините обично му даваат задача на еден слуга-помошник да се грижи за литературата во собранието. Овие браќа сериозно си ги сфаќаат своите задачи. Тие внимателно водат евиденција за да може собранието секогаш да ги има на залиха потребните публикации.
17 Како оддадени христијани, сфаќаме дека нашето време, знаење, способности, таленти, материјални средства, како и нашиот живот, ни се дарови што ни ги дал Бог за да му служиме (Лука 17:10; 1. Кор. 4:7). Ако исправно ги користиме, ќе покажеме колку е длабока нашата љубов кон Јехова. Ние сакаме да му искажуваме чест на Јехова со нашиот имот бидејќи знаеме дека нему му е мил секој подарок со кој покажуваме дека сме му оддадени со сета душа (Изр. 3:9; Мар. 14:3-9; Лука 21:1-4; Кол. 3:23, 24). Исус рекол: „Бесплатно добивте, бесплатно давајте“ (Мат. 10:8). Ако спремно се трошиме себеси и она што го имаме во службата за Јехова, ќе бидеме вистински среќни (Дела 20:35).