Зошто да се облечеме во понизност?
АМЕРИКАНСКИОТ писател Едгар Алан По штотуку им го причитал својот нов расказ на некои свои пријатели. Тие шеговито рекле дека пречесто го употребил името на главниот јунак. Како реагирал По? Еден пријател се сеќава: ”Неговиот горделив дух не можеше да издржи таков укор, па во налет на гнев, пред да можат неговите пријатели да го спречат, ги фрли сите листови во распламтениот оган.“ Била изгубена приказна која била ”многу забавна, потполно ослободена од неговата вообичаена ... мрачност.“ А понизноста можела да ја спаси.
Иако гордоста ги тера луѓето да прават немудри работи, таа е необуздана во светот. Но Јеховините сведоци треба да бидат поинакви. Тие мораат да ја облечат добро креираната наметка на понизност.
Што е понизност?
Апостол Павле алудирал на прекрасната христијанска наметка на понизност кога им пишувал на соверниците во стариот град Колосе. Тој поттикнувал: ”Како Божји избраници, свети и љубезни, облечете се во внатрешна наклоност на сомилост, во доброта, понизност на мислите, благост и долготрпеливост“ (Колосјаните 3:12, NW).
Да, понизноста значи ”понизност на мислите“. Тоа е скромност на мислите; недостаток на гордост; кроткост“. Понизниот човек е ”скромен во духот; не е горделив“. Тој е ”длабоко или љубезно учтив“ (The World Book Dictionary, том 1, стр. 1030). Понизноста не е кукавичност или слабост. Всушност, гордоста одразува слабост, додека покажувањето понизност честопати бара храброст и сила.
Хебрејскиот збор кој во Светото писмо е преведен со ”понизете се“ буквално значи ”згазете се себеси“. Затоа, мудриот писател на Изреките советувал: ”Сине мој, (...) ако си се вплеткал со зборовите на своите усни (...) ослободи се! зашто си паднал во рацете на својот ближен; оди, фрли се пред него и нагрнувај околу него“ (Изреките 6:1-3, NW). Тоа значи, отфрли ја горделивоста, признај ја својата грешка, поправи ги работите.
Мора да биде искрена
Не сите луѓе кои изгледаат понизни се и навистина понизни. Некои навидум понизни поединци можат всушност да бидат горделиви и ништо не може да ги сопре да го добијат она што го бараат. Потоа, има и такви кои употребуваат наметка на лажна понизност за да остават впечаток кај другите. На пример, апостолот Павле наидувал на такви кои покажувале ”лажна понизност“, и покажува дека секој кој го прави тоа заправо ’залудно се гордее со својот телесен ум‘. Таквиот поединец погрешно мислел дека поседувањето на Божјата милост зависи од тоа дали јадел, пиел или допирал извесни предмети или дали држел некои религиозни денови или не. Вистина, таквиот можеби изгледал побожен и понизен, но неговата лажна понизност била безвредна (Колосјаните 2:18, 23, NW). Всушност, тоа го завело да мисли дека наградата на животот им била доделена на оние кои се одрекнувале од материјални работи. Од тоа исто така произлегува препредена форма на материјализам бидејќи аскетските забрани го сосредоточиле вниманието на материјалните работи за кои тој изјавил дека ги презира.
Од друга страна, искрената понизност го задржува лицето од тоа да покажува суетност во облекувањето, украсувањето и животниот стил (1. Јованово 2:15-17). Поединецот кој облечен во наметката на понизност не го свртува непотребно вниманието кон себе или своите способности. Наместо тоа, понизноста му помага со другите да постапува обѕирно и на себе да гледа онака како што Бог го гледа. А како може да се постигне тоа?
Јеховиното гледиште
Кога пророкот Самоил требало да помаза нов крал за израелската нација, тој мислел дека Јесеевиот син Елиав бил избраниот од Јехова. Но Бог му рекол на Самоил: ”Не гледај на лицето негово и високиот негов раст; Јас го отфрлив. Јас не гледам така, како што гледа човек, зашто човек гледа на лицето, а Господ гледа на срцето.“ Седумтемина Јесееви синови биле отфрлени. Божјиот избор бил Давид, кој докажал декае човек од вера и понизност (1. Книга царства 13:14; 16:4-13).
Наметката на понизност нѐ чува од тоа да не станеме горделиви, арогантни — и осудени од Бог. Тој ”им се спротивставува на горделивите, а на понизните им укажува незаслужена доброљубивост“ (Јаков 4:6, NW). Неговото гледиште е покажано во зборовите на псалмистот: ”Јехова е високо, а сепак го гледа понизниот; Но надуениот го знае само оддалеку“ (Псалми 138:6, NW; 1. Петрово 5:5, 6). Што Бог очекува од своите слуги, се гледа од неговото прашање поставено во Михеј 6:8: ”Што бара Јахве од тебе: само да ја вршиш правдата, да го љубиш милосрдието и да одиш скромно со својот Бог“ (Ст).
Како ја покажале Бог и Христос
Не е чудо што Јехова очекува од нас да покажуваме понизност! Тоа е една од неговите особини. Откако Бог го спасил од неговите непријатели, Давид пеел: ”Ти [Јехова] ќе ми го дадеш својот штит на спасение, (...) и твојата понизност ќе ме направи голем“ (Псалми 18:35, NW; 2. Самоилова 22:1, 36). Иако Јехова е на највисокото небо, ”тој се наведнува за да погледа на небото и земјата, го подигнува од правта понизниот; од јамата на пепелта го возвишува сиромавиот за да го стави да седи кај благородните“ (Псалми 113:5-8, NW). Бог покажува понизност така што му укажува милост на грешното човештво. Начинот на неговото постапување со грешниците и тоа што го дал својот Син како жртва за гревовите претставуваат израз на неговата милост, љубов и други особини (Римјаните 5:8; 8:20, 21).
Исус Христос, кој бил ”благ во мислите и од срце понизен“ го оставил најголемиот пример на понизност (Матеј 11:29). На своите ученици им рекол: ”Кој се воздига, ќе биде понизен; а кој се понизува, ќе биде воздигнат“ (Матеј 23:12). Тоа не било само говорништво. Ноќта пред да умре, Исус им ги измил нозете на своите апостоли, со што извршил услуга која обично ја правеле робовите (Јован 13:2-5, 12-17). Исус покорно му служел на Бог пред да дојде на Земјата и покажал понизност после своето воскресение на возвишена положба на небото. Затоа Павле ги предупредил соверниците ’да се сметаат еден друг за погорни од себе си‘ и да го имаат покорниот став на Исус Христос (Филипјаните 2:3, 5-11, ДК).
Бидејќи Бог и Христос покажуваат понизност, и оние кои сакаат божествено одобрување мораат да ја покажуваат оваа особина. Ако повремено сме надуени, мудро би било да бидеме покорни и да молиме за Божје простување. (Спореди 2. Дневници 32:24-26.) И наместо да имаме високи сфаќања за себе си, треба да го примениме Павловиот совет: ”Не мислете за високи работи, туку водете се од ниските“ (Римјаните 12:16, NW). Меѓутоа, како можеме ние и другите да извлечеме корист од понизноста?
Користи од понизноста
Една корист од понизноста е таа што таа нѐ спречува да се фалиме. Така ги поштедуваме другите од додевање и избегнуваме лични препирки доколку тие не се одушевени од нашите успеси. Би требало да се фалиме со Јехова, а не со самите себе (1. Коринтјаните 1:31).
Понизноста ќе ни помогне да добиеме божествено водство. Јехова му испратил ангел на Даниел со визија бидејќи тој пророк се понизил себеси пред Бог кога барал водство и разбирање (Даниел 10:12). Кога Езра требало да го изведе Јеховиниот народ од Вавилон со многу злато и сребро за украсување на храмот во Ерусалим, објавил пост за да се покорат пред Бог. Со каков резултат? Јехова ги штител од непријателските напади за време на опасното патување (Езра 8:1-14, 21-32). Како Даниел и Езра, и ние да покажуваме понизност и да бараме Јеховино водство наместо да се обидуваме должностите што ни ги дал Бог да ги исполнуваме со наша мудрост и моќ.
Ако сме облечени со наметката на понизноста, ќе ги почитуваме другите. На пример, децата кои имаат понизност ги почитуваат и ги слушаат своите родители. Понизните хистијани исто така ги почитуваат своите соверници од друга националност, раса и потекло, бидејќи понизноста нѐ прави непристрасни (Дела на апостолите 10:34, 35; 17:26).
Понизноста ги унапредува љубовта и мирот. Понизниот човек не се бори против своите соверници во настојувањето да ги докаже своите замислени права. Павле правел само работи кои биле изградувачки и не ја вознемирувал совеста на браќата (Римјаните 14:19-21; 1. Коринтјаните 8:9-13; 10:23-33). Понизноста исто така ни помага да ја унапредуваме љубовта и мирот простувајќи им ги на другите нивните гревови што ги сториле против нас (Матеј 6:12-15; 18:21, 22). Таа нѐ поттикнува да одиме кај навреденото лице, да ја признаеме својата грешка, да замолиме за простување и да сториме што можеме за да ја исправиме секоја грешка што сме ја направиле (Матеј 5:23, 24; Лука 19:8). Ако навреденото лице ни пристапи, понизноста нѐ поттикнува мирољубиво да ги исправиме работите во дух на љубов (Матеј 18:15; Лука 17:3).
Спасението зависи од покажувањето на понизност. На пример, во врска со Бог е речено: ”Понизниот народ ќе го спасиш; но твоите очи се против горделивите, за да ги понизиш“ (2. Самоилова 22:28, NW). Кога царот Исус Христос ќе почне ’да јава заради вистината, понизноста и праведноста‘, ќе ги сочува оние кои се понизиле пред него и неговиот Татко (Псалми 45:4, NW). Оние кои покажуваат понизност можат да најдат утеха во зборовите: ”Барајте го Јехова, сите кротки на земјата, сите вие кои ја извршувате Неговата судска одлука. Барајте ја праведноста, барајте ја кроткоста. Можеби ќе бидете сокриени на денот на Јеховиниот гнев“ (Софонија 2:3, NW).
Понизноста и Божјата организација
Понизноста го подбудува Божјиот народ да ја цени неговата организација и да остане со неа како чувар на беспрекорноста. (Спореди Јован 6:66-69.) Ако не ни е дадена службена предност на која сме се надевале да ја добиеме, понизноста ни помага да соработуваме со оние кои се грижат за одговорности во собранието. А нашата соработка дава добар пример.
Од друга страна, понизноста нѐ чува да не покажуваме вообразеност во врска со нашите службени предности меѓу Јеховиниот народ. Таа нѐ штити од тоа да не бараме слава за работата која сме имале предност да ја свршиме за Божјата организација. Уште повеќе, ако служиме како старешини, понизноста ни помага со Божјиот народ да постапуваме со нежност (Дела на апостолите 20:28, 29; 1. Петрово 3:8).
Понизност и дисциплина
Наметката на понизноста ни помага да прифатиме укор. Понизните луѓе не се како Озија, кралот на Јуда, чие срце станало толку вообразено што си присвоил свештенички служби. Тој ’постапил неверно спрема Јехова и влегол во храмот Јеховин да кади темјан на олтарот за темјан‘. Кога Озија се разбеснел затоа што свештениците го исправиле, бил удрен со лепра. Колку скапа цена поради недостиг на понизност! (2. Дневници 26:16-21, NW; Изреките 16:18). Никогаш не биди како Озија и не дозволувај горделивоста да те спречи да прифатиш укор од Бог преку Неговата Реч и организација.
Во тој поглед Павле им рекол на помазаните еврејски христијани: ”Сосема сте ја заборавиле опомената која ви е упатена вам како на синови: ’Сине мој, не потценувај ја стегата од Јехова, и не папсувај кога тој те исправа; зашто кого Јехова го љуби, него го укорува; и го камшикува секого кого го прима како син.‘ (...) Вистина, секое карање додека трае не изгледа радосно туку мачно, сепак за оние кои се поучени преку него потоа донесува мирен плод, имено праведност“ (Евреите 12:5-11, NW). Исто така сети се дека ”укорите на стегата се патот на животот“ (Изреките 6:23, NW).
Остани облечен во понизност
Колку е важно христијаните секогаш да ја носат наметката на понизноста! Таа нѐ тера да истраеме како објавители на Царството, покорно сведочејќи од куќа до куќа, барајќи ги оние кои се ”исправно наклонети за вечен живот“ (Дела на апостолите 13:48, NW; 20:20). Навистина, понизноста ни помага да продолжиме да го слушаме Бог во секој поглед, иако горделивите противници го мразат нашиот праведен начин на живот (Псалми 34:21, ДК).
Бидејќи понизноста нѐ мотивира да имаме ’доверба во Јехова со сето свое срце‘, тој ги исправа нашите патеки (Изреките 3:5, 6). Всушност, само ако сме облечени во оваа одлична особина можеме навистина да одиме со Бог и да се радуваме на негово одобрение и благослов. Како што напишал ученикот Јаков: ”Понизете се во очите на Јехова, и тој ќе ве возвиси‘ (Јаков 4:10, NW). Затоа, да се облечеме во понизност, таа прекрасна наметка креирана од Јехова Бог.