‚Носени на орлови крилја‘
СИНАЈСКИОТ предел е наречен „земја на орлите“, каде што птиците високо се вивнуваат и едрат на своите јаки и широки крилја. Така, ослободените Израелци, собрани пред планината Синај, можеле во потполност да ја сфатат адекватноста на илустрацијата, изразена со Божјите зборови дека тој ги извел од Египет на ‚орлови крилја‘ (2. Мојсеева 19:4; спореди Откровение 12:14). Околу 40 години подоцна, Мојсеј можел да го спореди Јеховиното водство на Израел преку пустината, со она на орелот кој „го покрива гнездото свое, и сакајќи ги орлињата, ги раширува крилјата свои, ги зема и ги носи на пердувите свои“ (5. Мојсеева 32:9-12). Кога младите орлиња ќе го достигнат времето да почнат да летаат, таткото и мајката орли ги подбудуваат, мавтајќи и удирајќи со крилјата за да ги охрабрат своите млади самите да се обидат да летаат, а потоа ги туркаат или ги намамуваат од гнездото за да ги испробаат своите крилја.
Иако некои се сомневале во тоа дека орелот воопшто ги носи младите на својот грб, Сер В. Б. Томас пишува за еден водич во Шкотска, кој раскажувал за златниот орел и, според него, „родителите птици, после поттикнувањето, а понекогаш и туркањето на младите во воздухот, ќе се втурнат одненадеж удолу и за миг ќе го одморат борецот, носејќи го на своите крилја и грб“ (The Yeoman’s England, Лондон, 1934, страница 135). Во Билтенот на Смитсонијанскиот институт (1937, бр. 167, страница 302) е цитиран еден набљудувач од САД, кој вели: „Мајката скокнува од гнездото, во карпите; постапувајќи грубо со младото, таа му дозволува да паѓа, би рекол околу триесетина метри; потоа се спушта под него со раширени крилја, а тоа се прицврстува на нејзиниот грб. Потоа, пак се искачува до врвот на планинскиот венец, заедно со него, повторувајќи ја постапката. . . . Татко ми и јас, скаменети, го гледавме ова преку еден час“. Г. Р. Драјвер, коментирајќи ги овие изјави вели: „Илустрацијата [од 5. Мојсеева 32:11] не е некаква екскурзија на мозокот, напротив таа е темелена на вистински факти“ (Palestine Exploration Quarterly, Лондон, 1958, страници 56 и 57).