Горливо објавувај ја добрата вест
„Зрачете со духот. Робувајте за Јехова“ (РИМЈАНИТЕ 12:11, NW).
1, 2. Каков став настојуваат да задржат христијаните како проповедници на добрата вест?
ЕДЕН младич е возбуден поради новата работа. На својот прв работен ден, нестрпливо ги чека инструкциите од својот работодавач. Со душа ја очекува првата задача и ја сфаќа многу сериозно. Горлив е да го стори најдоброто.
2 На сличен начин, ние како христијани би можеле да гледаме на себеси како на нови работници. Со оглед на тоа што имаме надеж да живееме засекогаш, може да се рече дека штотуку сме започнале да работиме за Јехова. Секако, нашиот Творец има на ум бројни задачи за нас кои ќе нѐ држат зафатени во вечноста. Но, првиот налог што сме го добиле бил да ја објавуваме добрата вест за неговото Царство (1. Солунјаните 2:4). Како гледаме на оваа доделба од Бог? Како и младичот, сакаме да ја извршиме најдобро што можеме, со ревност, со радост — да, горливо!
3. Што е потребно за да се успее како министер на добрата вест?
3 Се разбира, задржувањето таков позитивен став може да биде предизвик. Освен нашата служба, имаме и многу други одговорности, од кои некои може да нѐ оптоварат физички и емоционално. Во најголема рака, успеваме да се грижиме за овие работи додека во исто време обрнуваме адекватно внимание на службата. Сепак, тоа може да биде една постојана борба (Марко 8:34). Исус нагласил дека нашиот успех како христијани ќе бара енергични напори (Лука 13:24, NW).
4. Како можат секојдневните грижи да влијаат врз нашето духовно гледиште?
4 Бидејќи имаме толку многу работи, лесно е понекогаш да се чувствуваме совладани или оптоварени. „Животните грижи“ (NW) би можеле да ја задушат нашата ревност и нашето ценење за теократските активности (Лука 21:34, 35; Марко 4:18, 19). Поради несовршената човечка природа, би можеле да ја оставиме ‚својата прва љубов‘ (Откровение 2:1—4). Некои аспекти од нашата служба на Јехова би можеле да ни станат некако рутински. Како ни го дава Библијата потребното охрабрување за да ја задржиме жива нашата ревност за службата?
Како „распален оган“ во нашите срца
5, 6. Како гледал апостол Павле на својата предност да проповеда?
5 Службата која ни ја доверил Јехова е премногу скапоцена за да дозволиме да ни стане нешто вообичаено. Апостол Павле го сметал проповедањето на добрата вест за многу голема предност, и сметал дека самиот е недостоен да му биде доверено. Тој рекол: „На мене, најмалиот од сите светии, таа благодат ми се даде — да им го проповедам на незнабошците неискажаното богатство Христово и на сите да им откријам во што се состои распределбата на тајната, криена од векови во Бога, Кој создаде сѐ“ (Ефесјаните 3:8, 9).
6 Позитивниот став на Павле во врска со неговата служба е одличен пример за нас. Во своето писмо до римјаните тој навел: „Горливо сакам да ви ја објавам добрата вест“ (NW). Тој не се срамел од добрата вест (Римјаните 1:15, 16). Имал исправен став и горливо сакал да ја изврши својата служба.
7. На што предупредил Павле во своето писмо до римјаните?
7 Апостол Павле ја сфатил потребата да се задржи ревносно гледиште, па затоа ги опоменал христијаните во Рим: „Не безделничете во работата. Зрачете со духот. Робувајте за Јехова“ (Римјаните 12:11, NW). Грчкиот збор преведен со „безделничете“ ја пренесува мислата да се биде „тромав, мрзлив“. Иако можеби буквално не сме тромави во нашата служба, сите ние треба да бидеме будни за кои и да било рани симптоми на духовна тромавост и да направиме соодветни преиначувања во својот став ако забележиме такви симптоми кај себе (Изреки 22:3).
8. а) Што станало како „распален оган“ во срцето на Јеремија, и зошто? б) Каква поука можеме да извлечеме од искуството на Јеремија?
8 Божјиот дух може да ни помогне и кога сме обесхрабрени. На пример, во една прилика пророкот Јеремија се обесхрабрил, и размислувал да престане со своето пророчко дело. Дури за Јехова рекол: „Нема веќе да спомнувам за Него, ниту ќе зборувам во Негово име“. Дали ова било доказ за сериозен духовен недостаток кај Јеремија? Не. Всушност, силната духовност на Јеремија, неговата љубов кон Јехова и ревноста за вистината му дале сила да продолжи да пророкува. Тој објаснува: „Во срцето [Јеховината реч беше] како да имам распален оган, затворен во коските мои, и се измачував да го задржам — но не можев“ (Јеремија 20:9). Природно е верните Божји слуги одвреме навреме да доживеат обесхрабрување. Но, кога го молат Јехова за помош, тој ќе ги прочита нивните срца и обилно ќе им даде свет дух ако, како и Јеремија, ја имаат неговата реч во своите срца (Лука 11:9—13; Дела 15:8).
„Не гаснете го огнот на Духот“
9. Што може да ја попречи активноста на светиот дух во наша корист?
9 Апостол Павле ги опоменал солунјаните: „Не гаснете го [огнот на, NW] Духот“ (1. Солунјаните 5:19). Да, постапките и ставовите кои се спротивни на побожните начела би можеле да ја попречат активноста на светиот дух во наша корист (Ефесјаните 4:30). Христијаните денес имаат задача да ја проповедаат добрата вест. Кон оваа предност се однесуваме со длабока почит. Нас не нѐ изненадува тоа што оние кои не го познаваат Бог се однесуваат со презир кон нашето дело на проповедање. Но, кога еден христијанин намерно ја занемарува својата служба, тоа може да има за последица гаснење на огнот на Божјиот мотивирачки дух.
10. а) Како би можело гледиштето на другите луѓе да влијае врз нас? б) Какво возвишено гледиште за нашата служба е изразено во 2. Коринтјаните 2:17?
10 Некои лица надвор од христијанското собрание можеби гледаат на нашата служба само како на дистрибуирање литература. Други, пак, можеби погрешно заклучуваат дека одиме од куќа до куќа само за да добиеме донации. Ако дозволиме таквите негативни гледишта да влијаат врз нашиот став, тоа може да ја намали нашата делотворност во службата. Наместо да дозволиме таквото размислување да влијае врз нас, да го задржиме гледиштето кое го имаат Јехова и Исус за нашата служба. Апостол Павле го изнел тоа возвишено гледиште кога изјавил: „Ние не сме трговци со Божјата реч како што се мнозина, туку зборуваме како поттикнати од искреност, да, како испратени од Бог, пред Божји очи, во заедница со Христос“ (2. Коринтјаните 2:17, NW).
11. Што им овозможило на првите христијани да останат ревносни дури и под прогонство, и како треба нивниот пример да влијае врз нас?
11 Кратко по Исусовата смрт, неговите ученици во Ерусалим се соочиле со период на прогонство. Добивале закани и им било заповедано да престанат со проповедање. Сепак, Библијата вели дека тие ‚се исполниле со Дух Свети и слободно [со смелост, NW] го проповедале словото Божјо‘ (Дела 4:17, 21, 31). Зборовите на Павле до Тимотеј после неколку години ја покажуваат позитивната склоност која треба да ја задржат христијаните. Павле рекол: „Зашто Бог не ни го даде духот на стравот, туку духот на силата, љубовта и трезвеноста. И така, не срамувај се од страдањата на нашиот Господ Исус Христос, ниту од мене, Неговиот затвореник, туку стани учесник во страдањата на Благовестието Христово по силата на Бога“ (2. Тимотеј 1:7, 8).
Што му должиме на нашиот ближен?
12. Која е главната причина зошто ја проповедаме добрата вест?
12 За да имаме исправен став кон нашата служба, мораме да имаме исправен мотив. Зошто проповедаме? Главната причина се гледа во зборовите на псалмистот: „Нека Те благословуваат светиите Твои [Јехова], и нека ја проповедаат славата на Твоето царство, а да прикажуваат и за силата Твоја. За да им се кажува на синовите човечки за Твојата сила и за велелепната слава на Твоето царство“ (Псалм 144:10—12). Да, ние проповедаме за јавно да го фалиме Јехова и да го светиме неговото име пред целото човештво. Дури и кога малкумина нѐ слушаат, нашето верно објавување на пораката за спасение му донесува фалба на Јехова.
13. Што нѐ тера да им ја проповедаме на другите надежта за спасение?
13 Исто така, ние проповедаме од љубов кон луѓето и за да избегнеме вина за крв (Језекиил 33:8; Марко 6:34). Со ова се поврзани зборовите на Павле кога говори за оние кои се надвор од христијанското собрание: „Задолжен сум кон Елините и варварите, кон мудрите и кон неразумните“ (Римјаните 1:14). Павле сметал дека е должен на луѓето да им ја проповеда добрата вест, бидејќи Божја волја е „сите [видови, NW] луѓе да се спасат“ (1. Тимотеј 2:4). Денес ние ја чувствуваме истата љубов и обврска кон нашиот ближен. Љубовта кон човештвото го поттикнала Јехова да го испрати својот Син на Земјата за да умре за тоа човештво (Јован 3:16). Ова било една голема жртва. Ние ја имитираме Јеховината љубов кога трошиме време и вложуваме напор за да им ја кажуваме на другите добрата вест за спасение која се темели на Исусовата жртва.
14. Како Библијата го опишува светот надвор од христијанското собрание?
14 Јеховините сведоци гледаат на другите луѓе како на потенцијални членови на христијанското братство. Мораме да проповедаме со смелост, но сепак, смелоста не доведува до судири. Факт е дека Библијата користи силни зборови кога говори за светот воопшто. Самиот збор „свет“ Павле го користи во негативна смисла кога зборува за „мудроста од овој свет“ и за „похотите од овој свет“ (1. Коринтјаните 3:19; Тит 2:12). Исто така, Павле ги потсетил ефешките христијани дека кога оделе „според животот на овој свет“, биле духовно „мртви“ (Ефесјаните 2:1—3). Овие и други слични изјави се во склад со зборовите на апостол Јован: „Целиот свет лежи во власта на злобниот“ (1. Јованово 5:19, NW).
15. Во врска со поединците надвор од христијанското собрание, што не правиме ние, и зошто?
15 Но, запомни дека таквите изјави укажуваат на светот во целина кој е отуѓен од Бог, а не на поединци. Христијаните не се осмелуваат однапред да донесат суд во врска со тоа како некој поединец ќе реагира на делото на проповедање. Тие немаат основа да претставуваат кои и да било поединци како кози. Не зависи од нас да кажеме каков ќе биде исходот кога ќе дојде Исус да ги одвојува „овците“ од „козите“ (Матеј 25:31—46). Исус е наименуваниот судија, а не ние. Освен тоа, искуството покажува дека некои кои биле длабоко вплеткани дури и во најлошо однесување ја прифатиле библиската порака, се промениле и станале христијани кои водат чист живот. Според тоа, иако можеби не го бараме друштвото на извесни поединци, не се колебаме да им зборуваме за надежта за Царството кога ни се укажува прилика за тоа. Писмото зборува за извесни поединци кои, додека сѐ уште биле неверници, ‚биле исправно настроени спрема вечниот живот‘ (NW). На крај станале верници (Дела 13:48). Значи, никогаш не можеме да знаеме кој е исправно настроен сѐ додека не дадеме сведоштво — можеби и повеќепати. Имајќи го ова на ум, со оние кои сѐ уште не ја прифатиле пораката за спасение се однесуваме со „благост“ и „длабока почит“, надевајќи се дека некои од нив можеби допрва ќе се одѕвијат на пораката за живот (2. Тимотеј 2:25; 1. Петрово 3:15, обата NW).
16. Која е една причина зошто сакаме да развиеме „уметност на поучување“?
16 Ако развиваме вештини како учители тоа ќе ја зголеми нашата горливост да ја објавуваме добрата вест. Да илустрираме: некоја возбудлива игра или спорт можеби не му се интересни на лице кое не знае да ги игра. Но, за некој кој добро игра, тоа е уживање. На сличен начин, христијаните кои развиваат „уметност на поучување“ (NW) ја зголемуваат својата радост во службата (2. Тимотеј 4:2; Тит 1:9). Павле го советувал Тимотеј: „Дај сѐ од себе да се покажеш како одобрен пред Бога, како работник кој нема од што да се срами, кој исправно ракува со речта на вистината“ (2. Тимотеј 2:15, NW). Како можеме да ги развиеме нашите вештини на поучување?
17. Како можеме да ‚развиваме копнеж‘ за библиското спознание, и како ќе ни користи таквото спознание во службата?
17 Еден начин е преку добивање додатно точно спознание. Апостол Петар нѐ охрабрува: „Како новородени деца, бидете желни [развивајте копнеж, NW] за вистинско и разумно млеко, та во него да пораснете за спасение“ (1. Петрово 2:2). Едно здраво бебе инстинктивно копнее по млеко. Меѓутоа, христијанинот можеби треба да ‚развие копнеж‘ за библиското спознание. Тоа може да го прави ако негува добри навики на проучување и читање (Изреки 2:1—6). За да станеме вешти учители на Божјата реч, потребни се напор и самодисциплина, но таквите напори донесуваат награди. Уживањето кое доаѓа од истражувањето на Божјата реч ќе направи да зрачиме со Божјиот дух, горливи да го споделуваме со другите она што го учиме.
18. Како можат христијанските состаноци да нѐ опремат исправно да ракуваме со речта на вистината?
18 Христијанските состаноци исто така играат витална улога во нашето вешто користење на Божјата реч. Кога за време на јавните предавања и други дискусии од Писмото се читаат библиски стихови, ќе биде добро да следиме во сопствената Библија. Ќе бидеме мудри ако обрнеме грижливо внимание на точките од состаноците, вклучувајќи ги и оние кои конкретно се занимаваат со нашето дело на проповедање. Никогаш да не ја потценуваме вредноста на приказите, можеби со тоа што дозволуваме нешто да ни го одврати вниманието. Повторно, потребни се самодисциплина и концентрација (1. Тимотеј 4:16). Христијанските состаноци ја изградуваат нашата вера, ни помагаат да развиеме копнеж за Божјата реч и нѐ обучуваат да бидеме горливи објавители на добрата вест.
Можеме да сметаме на Јеховината поддршка
19. Зошто редовното учество во делото на проповедање е витално?
19 Христијаните кои „зрачат со духот“ и кои горливо ја објавуваат добрата вест настојуваат редовно да учествуваат во службата (Ефесјаните 5:15, 16). Секако, околностите се различни, и сите не можат да поминат ист износ време во ова животоспасувачко дело (Галатјаните 6:4, 5). Сепак, можеби поважно од вкупниот износ на време кое го поминуваме во делото на проповедање е тоа колку често зборуваме со другите за нашата надеж (2. Тимотеј 4:1, 2). Колку повеќе проповедаме толку повеќе ќе ја цениме важноста на ова дело (Римјаните 10:14, 15). Кога редовно доаѓаме во контакт со искрените луѓе кои жалат и воздивнуваат и кои немаат надеж, нашето милосрдие и сочувство ќе растат (Језекиил 9:4; Римјаните 8:22).
20, 21. а) Каква работа допрва лежи пред нас? б) Како Јехова ги поддржува нашите напори?
20 Јехова ни ја доверил добрата вест. Ова е првиот налог што сме го добиле од него како негови „соработници“ (1. Коринтјаните 3:6—9). Ние сме желни со цела душа да ја исполниме оваа одговорност која ни ја дал Бог, најдобро што можеме (Марко 12:30; Римјаните 12:1). Во светот постојат уште многу исправно настроени луѓе кои гладуваат за вистината. Има да се заврши уште многу работа, но можеме да сметаме на Јеховината поддршка додека во потполност ја извршуваме својата служба (2. Тимотеј 4:5, NW).
21 Јехова ни го става на располагање својот дух и нѐ опремува со „мечот на духот“, Божјата реч. Со негова помош можеме да ја отвориме устата ‚со слобода на говор да ја објавиме светата тајна на добрата вест‘ (Ефесјаните 6:17—20, NW). Нека и за нас се рече она што апостол Павле им го напишал на христијаните во Солун: „Добрата вест која ја проповедаме не се појави меѓу вас само со зборови туку и со моќ и со свет дух и со силно уверување, токму како што знаете какви луѓе станавме заради вас“ (1. Солунјаните 1:5, NW). Да, горливо да ја објавуваме добрата вест!
Кратко повторување
• Поради животните грижи, што може да се случи со нашата ревност во службата?
• На кој начин нашата желба да ја објавуваме добрата вест треба да биде како „распален оган“ во нашите срца?
• Какви негативни ставови кон службата треба да избегнуваме?
• Општо земено, како треба да гледаме на оние кои не ги делат нашите верувања?
• Како Јехова ни помага да ја задржиме ревноста во делото на проповедање?
[Слики на страница 9]
Христијаните ја имитираат ревноста на Павле и на Јеремија
[Слики на страница 10]
Нашата горливост во службата е мотивирана од љубов кон Бог и кон ближниот