Да го сееме семето на вистината за Царството
„Изутрина сеј го семето и [сѐ до, NW] навечер нека [не, NW] ти мируваат рацете твои“ (ПРОПОВЕДНИК 11:6).
1. Во која смисла христијаните сеат семе денес?
ЗЕМЈОДЕЛСТВОТО играло витална улога во древното еврејско општество. Затоа Исус, кој целиот свој живот како човек го поминал во Ветената земја, во своите илустрации вклучувал теми од земјоделството. На пример, проповедањето на добрата вест за Божјето Царство го споредил со сеење семе (Матеј 13:1—9, 18—23; Лука 8:5—15). До ден-денес, сеедно дали живееме во земјоделско општество или не, сеењето духовно семе на ваков начин е најважното дело кое го вршат христијаните.
2. Колку е важно нашето дело на проповедање, и кои се некои од работите што се прават денес за да се изврши тоа?
2 Голема предност е да се учествува во сеењето на библиската вистина во ова време на крајот. Во Римјаните 10:14, 15 (NW) добро е изразена важноста на ова дело: „А како ќе чујат ако некој не проповеда? А како ќе проповедаат ако не бидат испратени? Токму како што е напишано: ‚Колку се прекрасни нозете на оние кои објавуваат добра вест за добри работи!‘“ Никогаш порано не било поважно одлучно да се продолжи со позитивен став во исполнувањето на овој налог даден од Бог. Од таа причина Јеховините сведоци се целосно внесени во производството и дистрибуцијата на Библии и помагала за проучување на Библијата на 340 јазици. Подготовката на овој материјал бара над 18.000 доброволци во нивната централа и во канцеларии на подружниците во различни земји. И речиси шест милиони Сведоци учествуваат во дистрибуирањето на оваа библиска литература ширум светот.
3. Што се извршува преку сеењето на вистината за Царството?
3 Какви се плодовите од оваа напорна работа? Како и во раните денови на христијанството, многумина денес ја прифаќаат вистината (Дела 2:41, 46, 47). Меѓутоа, нешто што е уште поважно од големиот број новокрстени објавители на Царството е фактот дека ова големо сведоштво придонесува за посветување на Јеховиното име и за негово оправдување како единствен вистински Бог (Матеј 6:9). Освен тоа, спознанието за Божјата реч го подобрува животот на многумина и може да води до нивно спасение (Дела 13:47).
4. До која мера апостолите биле загрижени за луѓето на кои им проповедале?
4 Апостолите биле сосема свесни за животодајната важност на добрата вест, и имале длабоки чувства кон оние на кои им проповедале. Ова јасно се гледа од зборовите на апостол Павле кој напишал: „Така ве бевме засакале, што бевме готови да ви го предадеме не само Благовестието Божјо, туку и душите свои, зашто ни станавте драги“ (1. Солунјаните 2:8). Во покажувањето таква вистинска грижа за луѓето, Павле и другите апостоли ги имитирале Исус и небесните ангели кои се мошне вклучени во ова животоспасувачко дело. Да ги разгледаме важните улоги кои ги играат овие небесни Божји слуги во сеењето на вистината за Царството, и да видиме како нивниот пример нѐ охрабрува нас да ја исполниме својата улога.
Исус — сејач на вистината за Царството
5. Со кое дело првенствено бил зафатен Исус кога бил на Земјата?
5 Исус, како совршен човек, имал моќ да обезбеди многу добри работи во материјален поглед за луѓето од негово време. На пример, можел да расчисти многу од тогашните погрешни сфаќања од областа на медицината или, пак, можел да го унапредува човековото разбирање за други науки. Сепак, уште во самиот почеток на својата служба тој дал до знаење дека неговиот налог бил да ја проповеда добрата вест (Лука 4:17—21). А кон крајот на својата служба објаснил: „Јас за тоа се родив и за тоа дојдов на светот, за да сведочам за вистината“ (Јован 18:37). Затоа се зафатил со сеење на семето на вистината за Царството. Поучувањето на неговите современици за Бог и за Неговите намери било поважно од кое и да било друго образование што Исус можел да им го даде (Римјаните 11:33—36).
6, 7. а) Каква извонредна обврска презел Исус пред да се вознесе на небото, и како ја исполнува? б) Како Исусовиот став кон делото на проповедање влијае врз тебе лично?
6 Исус алудирал на себе како на Сејач на вистината за Царството (Јован 4:35—38). Тој го ширел семето на добрата вест во секоја прилика. Дури и кога умирал на столбот, ја објавувал добрата вест за еден иден земен рај (Лука 23:43, NW). Освен тоа, длабоката грижа да се проповеда добрата вест не завршила со неговата смрт на маченичкиот столб. Пред да се вознесе на небото, тој им заповедал на апостолите да продолжат да го сеат семето на вистината за Царството и да прават ученици. Потоа Исус дал едно извонредно ветување. Тој рекол: „Ете, Јас сум со вас преку сите дни до свршетокот на светот“ (Матеј 28:19, 20).
7 Со овие зборови Исус се обврзал да го поддржува, води и штити делото на проповедање на добрата вест „преку сите дни до свршетокот на светот“. Сѐ до ден-денес, Исус продолжува да покажува личен интерес за делото на евангелизирање. Тој е наш Водач, одговорен за сеењето на вистината за Царството (Матеј 23:10, NW). Како Глава на христијанското собрание, тој е одговорен пред Јехова за ова светско дело (Ефесјаните 1:22, 23; Колосјаните 1:18).
Ангелите објавуваат радосна новост
8, 9. а) Како ангелите покажуваат вистински интерес за човечките работи? б) Во која смисла може да се рече дека ние сме театарски спектакл за ангелите?
8 Кога Јехова ја создал Земјата, ангелите ‚ликувале . . . и извикувале од радост‘ (Јов 38:4—7). Уште од тоа време овие небесни суштества покажувале длабок интерес за човечките работи. Јехова ги употребувал за да пренесат божествени објави до луѓето (Псалм 102:20). Ова е особено случај во врска со ширењето на добрата вест во нашево време. Во откровението кое му било дадено, апостол Јован видел „ангел како лета посреде небото“ кој имал ‚да им благовести [да им објави како радосна новост, NW] на жителите земни, на секое племе и колено, јазик и народ. Тој зборувал со висок глас: „Бојте се од Бога и подајте Му слава, зашто настапи часот на Неговиот суд, и поклонете Му се на Оној, Кој го создал небото и земјата, морето и водните извори!“‘ (Откровение 14:6, 7).
9 Библијата укажува на ангелите како на „духови за јавна служба, испратени да им служат на оние кои ќе наследат спасение“ (Евреите 1:14, NW). Додека ангелите горливо ги извршуваат должностите кои им се доделени, тие имаат прилика да нѐ набљудуваат нас и нашето дело. Како на една многу впечатлива театарска сцена, нашето дело го извршуваме пред небесна публика (1. Коринтјаните 4:9, NW). Колку само е отрезнувачки и возбудливо да знаеме дека како сејачи на вистината за Царството не работиме сами!
Горливо ја исполнуваме својата улога
10. Како може практичниот совет од Проповедник 11:6 да се примени на нашето дело на евангелизирање?
10 Зошто Исус и ангелите се толку заинтересирани за нашево дело? Исус навел една причина за тоа кога рекол: „Таква радост, ви велам, станува и пред ангелите Божји за еден грешник, што се кае“ (Лука 15:10). И ние го делиме тој вистински интерес за луѓето. Според тоа, го правиме најдоброто што можеме во ширењето на семето на вистината за Царството насекаде. Зборовите од Проповедник 11:6 можат да се применат на нашево дело. Таму Библијата нѐ опоменува: „Изутрина сеј го семето и [сѐ до, NW] навечер нека [не, NW] ти мируваат рацете твои, зашто не знаеш, едното, или другото повеќе ќе успее, или едното и другото ќе бидат еднакво добри“. Се разбира, на секое лице кое ја прифаќа нашата порака може да има стотици или илјадници кои ја одбиваат. Но, како и ангелите, ние се радуваме кога дури и „еден грешник“ ќе ја прифати пораката за спасение.
11. Колку може да биде делотворно користењето на публикациите темелени на Библијата?
11 Проповедањето на добрата вест вклучува многу. Важна помош во ова дело е печатениот материјал темелен на Библијата кој го користат Јеховините сведоци. Овие публикации во некои погледи се исто како семе кое се шири насекаде. Не знаеме каде ќе имаат успех. Понекогаш некоја публикација може да помине од раце во раце пред некој да ја прочита. Исус и ангелите може дури и да ги водат настаните во некои прилики за да се случи тоа во корист на лицата со исправно настроени срца. Разгледај некои искуства кои илустрираат како Јехова може да постигне неочекувани и прекрасни резултати користејќи ја литературата која им е оставена на луѓето.
Дело на вистинскиот Бог
12. Како едно старо списание послужило како инструмент да му се помогне на едно семејство да го запознае Јехова?
12 Во 1953 година Роберт, Лила и нивните деца се преселиле од некој голем град, на една трошна стара фарма во селскиот дел на Пенсилванија (САД). Кратко по преселбата, Роберт решил да монтира купатило под едни заградени внатрешни скали. Откако тргнал неколку штици, открил дека зад ѕидот глувците си складирале исецкана хартија, празни лушпи од ореви и други отпадоци. Таму, среде сето тоа, се наоѓал еден примерок од списанието The Golden Age (Златен век). Роберт особено се заинтересирал за една статија на тема воспитување на децата. Бил толку импресиониран од јасното библиски темелено упатство дадено во списанието што на Лила ѝ рекол дека ќе ѝ се придружат на „религијата Златен век“. За само неколку седмици на нивната врата дошле Јеховини сведоци, но Роберт им рекол дека семејството е заинтересирано само за „религијата Златен век“. Сведоците му објасниле дека сега Златен век има нов наслов, Разбудете се! Роберт и Лила почнале редовно да ја проучуваат Библијата со Сведоците, и на крај се крстиле. Тие пак, од своја страна, го посеале семето на вистината во своите деца и пожнеале обилна жетва. Денес, повеќе од 20 членови на ова семејство, меѓу кои спаѓаат сите седум деца на Роберт и Лила, се крстени слуги на Јехова Бог.
13. Што поттикнало една двојка од Порторико да развие интерес за Библијата?
13 Пред 40 години, Вилијам и Ада, брачна двојка од Порторико, немале интерес за проучување на Библијата. Секогаш кога на врата ќе им тропнеле Јеховини сведоци, се преправале дека не се дома. Еден ден Вилијам отишол во некој отпад за да купи нешто што му требало за една поправка во домот. На заминување оттаму, забележал како во еден голем контејнер за ѓубре лежи жолто-зелена книга. Таа книга била Religion (Религија), издадена од Јеховините сведоци во 1940 година. Вилијам ја зел книгата дома и бил возбуден кога прочитал за разликата меѓу лажната и вистинската религија. Следниот пат кога дошле Јеховини сведоци, Вилијам и Ада со радост ја сослушале пораката и почнале да ја проучуваат Библијата со нив. После неколку месеци се крстиле, на Меѓународниот собир Божествена волја во 1958 година. Оттогаш им помогнале на повеќе од 50 поединци да станат дел од нашето христијанско братство.
14. Како што покажува едно искуство, каков потенцијал има нашата библиски темелена литература?
14 Карл имал само 11 години и бил малку палав. Изгледало дека тој секогаш запаѓа во неприлики. Татко му, германски методистички проповедник, го поучил дека лошите луѓе после смртта горат во пекол. Затоа Карл многу се плашел од пеколот. Еден ден, во 1917 година, Карл на улица забележал едно печатено парче хартија и го зел. Додека го читал, погледот брзо му се фокусирал на прашањето: „Што е пекол?“ Таа хартија всушност била покана за едно јавно предавање на тема пекол, под покровителство на Библиските студенти, денес познати како Јеховини сведоци. Околу една година потоа, после неколку сесии проучување на Библијата, Карл се крстил, и така станал Библиски студент. Во 1925 бил поканет да работи во светската централа на Јеховините сведоци — каде што сѐ уште служи. Со парчето хартија најдено на улица била започната христијанска кариера која се протега повеќе од осум децении.
15. Што може да стори Јехова, кога смета дека е погодно?
15 Секако, вон човечка способност е да се одреди дали и до која мера ангелите биле директно вклучени во овие искуства. Сепак, не треба никогаш да се сомневаме дека Исус и ангелите играат активна улога во делото на проповедање и дека Јехова може да ги води работите ако смета дека е тоа погодно. Овие и уште многу слични искуства илустрираат каков потенцијал на добро може да има нашата литература откако ќе замине од нашите раце.
Доверено ни е богатство
16. Што можеме да научиме од зборовите во 2. Коринтјаните 4:7?
16 Апостол Павле зборувал за ‚богатство во земјени садови‘. Тоа богатство е налогот да проповедаме кој ни го дал Бог, а земјените садови се луѓето на кои Јехова им го доверил ова богатство. Бидејќи овие луѓе се несовршени и ограничени, Павле понатаму вели дека резултатот од добивањето таков налог е тоа што ‚силата која ја надминува нормалната е од Бог, а не од нив‘ (2. Коринтјаните 4:7, NW). Да, можеме да сметаме на тоа дека Јехова ќе ни ја даде потребната сила за да ни овозможи да го извршиме делото што стои пред нас.
17. На што ќе наидеме додека го сееме семето на вистината за Царството, и зошто сепак треба да задржиме позитивен став?
17 Честопати мораме да правиме жртви. Можеби е непријатно или непогодно да работиме на некои подрачја. Постојат и места каде повеќето луѓе изгледаат крајно апатични, па дури непријателски настроени. Можеби на такви места се вложуваат големи напори, но без видлив успех. Но, ниеден напор не е преголем кога на коцка стојат толку многу работи. Запомни, семето кое го сееш може да им донесе на луѓето среќа сега, како и вечен живот во иднина. Многупати се покажале вистинити зборовите од Псалм 125:6: „Одеа и плачеа оние што носеа свое семе; но со радост ќе се вратат, носејќи ги своите снопја“.
18. Како можеме да обрнуваме постојано внимание на нашата служба, и зошто е потребно тоа?
18 Да ја искористиме секоја погодна прилика великодушно да го сееме семето на вистината за Царството. Никогаш да не заборавиме дека, иако ние го сееме и полеваме семето, Јехова е тој кој прави да расте (1. Коринтјаните 3:6, 7). Сепак, исто како што Исус и ангелите го извршуваат својот дел од делото, Јехова очекува и ние во потполност да ја извршиме нашата служба (2. Тимотеј 4:5, NW). Да обрнуваме постојано внимание на нашето поучување, на нашиот став и горливост во службата. Зошто? Павле одговара: „Ако постапуваш така, ќе се спасиш и сам и оние кои те слушаат“ (1. Тимотеј 4:16).
Што научивме?
• На кои начини нашето дело на сеење донесува добри резултати?
• Како Исус Христос и ангелите се вклучени во денешното дело на евангелизирање?
• Зошто треба да бидеме великодушни како сејачи на вистината за Царството?
• Што треба да нѐ мотивира да истраеме тогаш кога наидуваме на апатија или непријателство во нашата служба?
[Слика на страница 15]
Како и земјоделците во древниот Израел, христијаните денес великодушно го шират семето на вистината за Царството
[Слика на страници 16 и 17]
Јеховините сведоци произведуваат и дистрибуираат најразлични библиски темелени публикации на 340 јазици