Продолжи да покажуваш доброта
„Плодот на светлината се состои од секаков вид доброта и праведност и вистина“ (ЕФЕШАНИТЕ 5:9).
1. Како милиони луѓе денес покажуваат дека се сложуваат со Псалм 31:19?
НАЈГОЛЕМОТО добро што некој човек може да го прави е да му донесува слава на Јехова. Денес, милиони луѓе го прават тоа така што го фалат Бог за неговата доброта. Како лојални Сведоци на Јехова, ние со цело срце се сложуваме со псалмистот, кој пеел: „О колку е голема Твојата добрина, што ја чуваш за оние, кои се бојат од Тебе!“ (Псалм 31:19).
2, 3. Што би можело да се случи ако нашето дело на правење ученици не е поткрепено со добро однесување?
2 Побожниот страв од Јехова нѐ мотивира да го фалиме за неговата доброта. Исто така, тој нѐ поттикнува да ‚го славиме Господ, да го благословуваме и да ја објавуваме славата на Неговото Царство‘ (Псалм 145:10—13). Од таа причина ние ревносно учествуваме во делото на проповедање на Царството и правење ученици (Матеј 24:14; 28:19, 20). Се разбира, нашата проповедничка активност мора да биде поткрепена со добро однесување. Во спротивно, би можеле да му нанесеме срам на Јеховиното свето име.
3 Многу луѓе тврдат дека го обожаваат Бог, но нивното однесување не е во согласност со мерилата изложени во неговата инспирирана Реч. Во врска со некои што не живееле во согласност со своите тврдења дека прават добро, апостол Павле напишал: „Зарем ти кој учиш друг, не се учиш самиот себе? Зарем ти кој проповедаш ‚Не кради‘, крадеш? Зарем ти кој велиш ‚Не врши прељуба‘, вршиш прељуба? . . ‚поради вас се хули на Божјето име меѓу нациите‘; токму како што е напишано“ (Римјаните 2:21, 22, 24).
4. Каков ефект има нашето добро однесување?
4 Наместо да му нанесеме срам на Јеховиното име, ние настојуваме да го славиме со своето добро однесување. Ова има позитивен ефект врз луѓето што се надвор од христијанското собрание. Како прво, тоа ни помага да ги замолкнеме противниците (1. Петрово 2:15). Што е уште поважно, нашето добро однесување ги привлекува луѓето во Јеховината организација, отворајќи им го патот да му донесат слава и да стекнат вечен живот (Дела 13:48).
5. Кои прашања треба сега да ги разгледаме?
5 Со оглед на тоа што сме несовршени, како можеме да избегнеме однесување што би можело да го обесчести Јехова и да ги спрепне оние што ја бараат вистината? Навистина, како да успееме да покажуваме доброта?
Плод на светлината
6. Кои се некои од „бесплодните дела кои ѝ припаѓаат на темнината“, но каков плод треба да биде видлив кај христијаните?
6 Како предадени христијани, уживаме нешто што ни помага да ги избегнуваме „бесплодните дела кои ѝ припаѓаат на темнината“. Во нив спаѓаат дела што го обесчестуваат Бог, како што се: лажење, крадење, навредлив говор, нездрав разговор за секс, срамно однесување, срамотни шеги и пијанство (Ефешаните 4:25, 28, 31; 5:3, 4, 11, 12, 18). Наместо да се впуштаме во такви работи, ние ‚продолжуваме како деца на светлината‘. Апостол Павле вели дека „плодот на светлината се состои од секаков вид доброта и праведност и вистина“ (Ефешаните 5:8, 9). Значи, одејќи во светлината можеме да продолжиме да покажуваме доброта. Но, каква светлина е тоа?
7. Што мора да правиме за да продолжиме да го покажуваме плодот доброта?
7 И покрај нашите несовршености, можеме да покажеме доброта ако одиме во духовната светлина. „Твоето слово е светилка на мојата нога и светлина на мојата патека“, пеел псалмистот (Псалм 119:105). Ако сакаме да продолжиме да го покажуваме „плодот на светлината“ преку „секаков вид доброта“, мора постојано да ја искористуваме духовната светлина што се наоѓа во Божјата реч, која внимателно е испитана во христијанските публикации и за која редовно се дискутира на нашите состаноци за обожавање (Лука 12:42; Римјаните 15:4; Евреите 10:24, 25). Исто така, треба да обрнеме посебно внимание на примерот и учењата на Исус Христос, „светлината на светот“ и ‚одразот на [Јеховината] слава‘ (Јован 8:12; Евреите 1:1—3).
Плод на духот
8. Зошто можеме да покажуваме доброта?
8 Духовната светлина несомнено ни помага да покажуваме доброта. Освен тоа, оваа особина можеме да ја покажеме затоа што ние сме водени од Божјиот свет дух, односно активна сила. Добротата е еден од „плодовите на духот“ (Галатите 5:22, 23). Ако се подложуваме на водството на Јеховиниот свет дух, тој ќе го произведе во нас неговиот прекрасен плод доброта.
9. Како можеме да постапуваме во согласност со Исусовите зборови запишани во Лука 11:9—13?
9 Нашата длабока желба да му угодиме на Јехова со тоа што ќе го покажуваме плодот на духот — доброта, треба да нѐ поттикне да постапуваме во согласност со Исусовите зборови: „Постојано молете, и ќе ви се даде; постојано барајте, и ќе најдете; постојано чукајте и ќе ви се отвори. Зашто секој кој моли добива, и секој кој бара наоѓа, и секој кој чука ќе му се отвори. Навистина, кој е тој татко меѓу вас, кој, ако синот негов го замоли за риба, можеби ќе му даде змија наместо риба? Или ако го замоли за јајце, ќе му даде ли скорпија? Според тоа, ако вие, иако сте [несовршени и на тој начин споредбено] зли, знаете како да им давате на своите деца добри дарови, колку повеќе Таткото на небото ќе им даде свет дух на оние кои го молат!“ (Лука 11:9—13). Да го следиме Исусовиот совет на тој начин што ќе се молиме за Јеховиниот дух за да можеме да продолжиме да го покажуваме неговиот плод доброта.
„Прави добро“
10. Кои аспекти на Јеховината доброта се наведени во Излез 34:6, 7?
10 Со духовната светлина од Божјата реч и со помош на Божјиот свет дух, можеме да ‚правиме добро‘ (Римјаните 13:3). Преку редовно проучување на Библијата учиме уште повеќе за тоа како можеме да ја имитираме Јеховината доброта. Во претходната статија беа разгледани аспектите на Божјата доброта наведени во објавата до Мојсеј, запишана во Излез 34:6, 7 (NW), каде што читаме: „Јехова, Јехова, Бог милосрден и љубезен, бавен на гнев и обилен во срдечна љубезност и вистина, кој чува срдечна љубезност за илјадници, простува грешка и престап и грев, но никако нема да даде ослободување од казна“. Еден поглед одблизу на овие манифестации на Јеховината доброта ќе ни помогне да ‚правиме добро‘.
11. Како треба да влијае врз нас спознанието дека Јехова е милосрден и љубезен?
11 Оваа божествена изјава нѐ прави свесни за потребата да го имитираме Јехова со тоа што ќе бидеме милосрдни и љубезни. „Среќни се милосрдните“, рекол Исус, „бидејќи ќе им биде укажано милосрдие“ (Матеј 5:7; Лука 6:36). Свесни дека Јехова е љубезен, ние сме поттикнати да бидеме љубезни и пријатни во нашите постапки со другите, вклучувајќи ги и оние на кои им проповедаме. Ова е во согласност со советот на Павле: „Вашиот збор секогаш нека биде љубезен, зачинет со сол, за да знаете како треба секому да одговорите“ (Колошаните 4:6).
12. а) Со оглед на тоа што Бог е бавен на гнев, како треба да постапуваме со другите? б) На што нѐ мотивира Јеховината срдечна љубезност?
12 Со оглед на тоа дека Бог е бавен на гнев, нашата желба да ‚правиме добро‘ нѐ поттикнува да ги поднесеме ситните недостатоци на соверниците и да се сосредоточиме на нивните добри особини (Матеј 7:5; Јаков 1:19). Јеховината срдечна љубезност нѐ мотивира да покажуваме лојална љубов, дури и под најиспитувачки околности. Ова е секако многу пожелно (Пословици 19:22).
13. Како треба да постапуваме за да го одразуваме фактот дека Јехова е ‚обилен во вистина‘?
13 Со оглед на тоа што нашиот небесен Татко е ‚обилен во вистина‘, настојуваме да ‚се препорачуваме како негови министри во вистинит говор‘ (2. Коринќаните 6:3—7). Меѓу седумте работи што му се одвратни на Јехова спаѓаат „лажлив јазик“ и „лажен сведок, кој шири лага“ (Пословици 6:16—19). Според тоа, нашата желба да му угодиме на Бог нѐ поттикнала да ‚ја отфрлиме лагата и да ја зборуваме вистината‘ (Ефешаните 4:25). Никогаш да не престанеме да покажуваме доброта на ваков животоважен начин.
14. Зошто треба да простуваме?
14 Божјата објава на Мојсеј треба да нѐ мотивира и да простуваме, зашто Јехова е спремен да прости (Матеј 6:14, 15). Се разбира, Јехова ги казнува непокајничките грешници. Затоа, кога станува збор за задржување на духовната чистота на собранието, мораме да ги поддржуваме неговите мерила за доброта (Левит 5:1; 1. Коринќаните 5:11, 12; 1. Тимотеј 5:22).
„Строго пазете“
15, 16. Како може советот на Павле, запишан во Ефешаните 5:15—19, да ни помогне да продолжиме да практикуваме доброта?
15 За да се стремиме по патот на добротата, и покрај злото што нѐ опкружува, треба да бидеме исполнети со Божјиот дух и да внимаваме како одиме. Затоа Павле ги поттикнал христијаните во Ефес: „Строго пазете да не одите како немудри, туку како мудри, откупувајќи си го поволното време зашто деновите се зли. Поради тоа, престанете да бидете неразумни, туку и понатаму согледувајте која е Јеховината волја. Исто така, не опивајте се со вино, во кое има разузданост, туку исполнувајте се со дух, зборувајќи си со псалми и фалби на Бог и со духовни песни, пеејќи му на Јехова и придружувајќи се со музика во своето срце“ (Ефешаните 5:15—19). Овој совет секако е соодветен за нас во овие критични последни денови (2. Тимотеј 3:1).
16 За да продолжиме да практикуваме доброта, мораме строго да пазиме да одиме како луѓе што практикуваат побожна мудрост (Јаков 3:17). Мора да избегнуваме сериозни гревови и мора да бидеме исполнети со свет дух, дозволувајќи да бидеме водени од него (Галатите 5:19—25). Применувајќи ја духовната поука што се дели на христијанските состаноци, собири и конгреси, можеме да продолжиме да го правиме она што е добро. Зборовите на Павле до Ефешаните можеби нѐ потсетуваат и дека на повеќето од нашите собири за обожавање извлекуваме корист од тоа кога од срце пееме „духовни песни“ — од кои во повеќето се зборува за духовните особини, како што е добротата.
17. Во што можат да бидат сигурни христијаните што се сериозно болни ако околностите ги спречуваат редовно да присуствуваат на состаноците?
17 Што е со соверниците, кои не можат редовно да присуствуваат на христијанските состаноци поради некоја сериозна хронична болест? Можеби се чувствуваат скршени затоа што не можат да го обожаваат Јехова во непосредно друштво на своите духовни браќа и сестри. Но, тие можат да бидат сигурни дека Јехова ги разбира нивните околности, дека ќе ги зачува во светлината, ќе им го даде својот свет дух и ќе им помогне да продолжат да го прават она што е добро (Исаија 57:15).
18. Што ќе ни помогне да се стремиме по патот на добротата?
18 Стремењето по патот на добротата бара да пазиме на нашите друштва и да се одвраќаме од оние што се „без љубов кон доброта“ (2. Тимотеј 3:2—5; 1. Коринќаните 15:33). Применувањето на тој совет ни помага да избегнуваме да го ‚жалостиме Божјиот свет дух‘ со тоа што би постапувале спротивно на неговото водство (Ефешаните 4:30). Освен тоа, ако развиваме тесни врски со лица чии животи даваат доказ дека ја сакаат добротата и дека се водени од Јеховиниот свет дух, тоа ќе ни помогне да правиме добро (Амос 5:15; Римјаните 8:14; Галатите 5:18).
Добротата донесува добри резултати
19-21. Раскажи искуства што покажуваат каков е ефектот од покажувањето доброта.
19 Тоа што ќе одиме во духовната светлина, ќе се подложуваме на водството на Божјиот свет дух и ќе внимаваме како одиме ќе ни помогне да го избегнуваме она што е лошо и да ‚правиме добро‘. Тоа пак, од своја страна, може да донесе добри резултати. Размисли за искуството на Зонгезиле, Јеховин сведок од Јужна Африка. Едно утро, додека одел кон училиштето, проверил колку изнесуваат неговите мали заштеди. Ливчето од банкоматот по грешка покажало вишок од 42.000 ранди (6.000 американски долари). Човекот од обезбедувањето на банката и другите го наговарале да ги извади парите и да ги депонира во некоја друга банка. Само брачниот пар Сведоци со кои живеел, го пофалил затоа што не извадил ништо од парите.
20 Следниот работен ден, Зонгезиле ја пријавил грешката во банката. Било откриено дека бројот на неговата сметка бил сличен на бројот на сметката на некој богат бизнисмен, кој по грешка вложил пари на погрешна сметка. Зачуден што Зонгезиле не потрошил ништо од овие пари, бизнисменот го прашал: „На која религија ѝ припаѓаш?“ Зонгезиле објаснил дека е Јеховин сведок. Бил срдечно пофален од службениците во банката, кои рекле: „Би сакале сите луѓе да се чесни како Јеховините сведоци“. Навистина, делата на чесност и доброта можат да доведат до тоа другите да го слават Јехова (Евреите 13:18).
21 Делата на доброта не мора да бидат драматични за да имаат убав ефект. Да илустрираме: Еден млад Сведок, кој служи како полновремен евангелизатор на еден од островите Самоа, морал да оди во локалната болница. Луѓето чекале за да влезат кај лекарот, а Сведокот забележал како една постара жена до него била многу болна. Средил таа госпоѓа да влезе на негово место за да биде прегледана побрзо. Во една прилика потоа, Сведокот ја сретнал оваа постара жена на пазар. Таа се сетила на него и на доброто дело во болницата. „Сега знам дека Јеховините сведоци навистина го сакаат ближниот“, рекла. Иако порано не била приемлива за пораката за Царството, добротата што ѝ ја покажал Сведокот имала добар ефект. Ја прифатила понудата на домашна библиска студија и почнала да стекнува спознание за Божјата реч.
22. Кој е еден особено значаен начин да ‚правиме добро‘?
22 Веројатно и ти можеш да раскажеш некои искуства што покажуваат колкава е вредноста на покажувањето доброта. Еден особено значаен начин да ‚правиме добро‘ е да имаме редовно учество во објавувањето на добрата вест за Божјето Царство (Матеј 24:14). И понатаму ревносно да учествуваме во оваа привилегирана активност, увидувајќи дека ова е еден начин да правиме добро, особено на оние што реагираат поволно. Што е најважно, нашата служба и доброто однесување го слават Јехова, самиот извор на добротата (Матеј 19:16, 17).
Продолжи ‚да го правиш она што е добро‘
23. Зошто е христијанската служба добро дело?
23 Нашата служба, без сомнение е добро дело. Може да има за резултат спасение за нас и за оние што ја слушаат библиската порака и на тој начин доаѓаат на патот што води до вечен живот (Матеј 7:13, 14; 1. Тимотеј 4:16). Затоа, кога се соочуваме со одлуки, желбата да го правиме она што е добро веројатно нѐ тера да се прашаме: ‚Како ќе влијае оваа одлука врз мојата активност на проповедање на Царството? Дали правецот за кој размислувам е навистина добар? Дали ќе ми помогне да им бидам од полза на другите да ја прифатат ‚вечната добра вест‘ и да стекнат близок однос со Јехова Бог?‘ (Откровение 14:6). Од одлуката со која се унапредуваат интересите на Царството ќе произлезе голема среќа (Матеј 6:33; Дела 20:35).
24, 25. Кои се некои начини да правиме добро во собранието, и во што можеме да бидеме сигурни ако продолжиме да покажуваме доброта?
24 Никогаш да не ги потценуваме корисните ефекти од добротата. Можеме да продолжиме да ја покажуваме оваа особина на тој начин што ќе го поддржуваме христијанското собрание и ќе правиме што можеме за да се грижиме за неговите интереси и благосостојба. Сигурно правиме добро кога редовно присуствуваме и учествуваме на христијанските состаноци. Со самата наша присутност ги охрабруваме сообожавателите, а со нашите добро подготвени коментари ги изградуваме духовно. Исто така, правиме добро кога нашите средства ги користиме за одржување на Салата на Царството и кога помагаме да се води исправна грижа за неа (2. Цареви 22:3—7; 2. Коринќаните 9:6, 7). Навистина, „сѐ додека имаме погодно време за тоа, да им правиме добро на сите, а особено на оние кои ни се сродни по верата“ (Галатите 6:10).
25 Не можеме да ја предвидиме секоја ситуација во која ќе се бара да покажеме доброта. Затоа, додека се соочуваме со нови предизвици, да ја бараме светлината од Писмото, да се молиме за Јеховиниот свет дух и да го правиме нашето најдобро за да ја извршуваме неговата добра и совршена волја (Римјаните 2:9, 10; 12:2). Можеме да бидеме сигурни дека Јехова изобилно ќе нѐ благослови додека продолжуваме да покажуваме доброта.
Како би одговорил?
• На кој начин можеме да постигнеме најголемо добро?
• Зошто е добротата наречена ‚плод на светлината‘?
• Зошто е добротата наречена ‚плод на духот‘?
• Каков ефект има нашето добро однесување?
[Слика на страница 17]
Божјата реч и неговиот свет дух ни помагаат да покажуваме доброта
[Слики на страница 18]
Покажувањето доброта донесува добри резултати