Млади — напредувате ли духовно?
„ИАКО ги посетував христијанските состаноци, немав силна желба да му служам на Јехова“, вели Хидео спомнувајќи си за своите рани средношколски денови. „Честопати се замислував како сум популарен меѓу школските другари и како се правам важен шетајќи се со девојка. Моите цели беа нејасни и немав желба ни малку да напредувам духовно.“ Како Хидео, голем број млади луѓе изгледа дека само талкаат бесцелно, без никаква желба да посегнат по вредни цели или да напредуваат.
Ако си млад, за тебе сигурно претставува возбудување кога си вклучен во некој спорт или во некое хоби. Меѓутоа, кога станува збор за духовни активности, можеби не се чувствуваш така. Можно ли е да чувствуваш такво возбудување кога се работи за духовни цели? Размисли за овие зборови на псалмистот: „Господовото сведоштво е верно — му дава мудрост на неукиот . . . Господовата заповед е светла — ги просветлува очите“ (Псалм 19:7, 8). Божјата реч може да го води „неукиот“ да постапува мудро ‚просветлувајќи му ги очите‘. Да, можеш да бидеш обземен и восхитен од духовните работи. Но, што е потребно за да се чувствуваш така? Од каде треба да почнеш?
Биди мотивиран да му служиш на Бог
Прво, мораш да бидеш мотивиран. Разгледај го случајот на младиот цар на Јуда, Јосиј. Кога во храмот бил најден свитокот на Јеховиниот закон, Јосиј дал да се прочита и бил длабоко трогнат од тоа што го чул. Како резултат на тоа, ‚Јосиј ги отстранил сите гнасности од сите израелски краеви‘ (2. Летописи 34:14—21, 33). Читањето на Божјата реч го мотивирало Јосиј да направи повеќе за унапредувањето на чистото обожавање.
И ти можеш да негуваш желба да му служиш на Јехова ако редовно ја читаш Библијата и ако медитираш за тоа што го читаш. Токму тоа го мотивирало Хидео. Почнал поблиску да се дружи со еден постар пионер, полновремен министер на Јеховините сведоци. Пионерот марливо ја проучувал Библијата и настојувал да ги применува нејзините учења во својот живот. Мошне охрабрен од примерот на пионерот, Хидео почнал да го прави истото и развил силна желба да му служи на Бог и на другите луѓе. Неговиот духовен напредок водел до тоа да има смисловен живот.
Секојдневното читање на Библијата може да ги мотивира младите луѓе. Такихиро објаснува: „Секогаш кога ќе си легнев и ќе ми текнеше дека не сум го прочитал материјалот од Библијата за тој ден, ќе станев и ќе го прочитав. Како резултат на тоа, го чувствував Јеховиното водство. Секојдневното читање на Библијата многу придонесе за мојот духовен напредок. Решен да имам поголем удел во Јеховината служба, почнав да служам како општ пионер набрзо откако матурирав. И многу уживам во неа“.
Освен читањето на Библијата, што друго може да ти помогне да ја зајакнеш својата мотивација да го славиш Јехова? Томохиро бил поучен за библиската вистина од својата мајка. Тој вели: „Дури откако на 19 години ја проучив книгата Life Does Have a Purpose (Животот сепак има смисла), се почувствував длабоко трогнат од Јеховината љубов и од откупната жртва на Исус. Таа благодарност за Божјата љубов ме мотивираше да направам повеќе во службата за Јехова“ (2. Коринќаните 5:14, 15). Како Томохиро, многу млади луѓе се охрабрени духовно да напредуваат така што ќе се стремат марливо да ја проучуваат Библијата.
Сепак, што ако сѐ уште немаш искрена желба да му служиш на Јехова? Има ли некој на кого можеш да му се обратиш за помош? Апостол Павле напишал: „Оти Бог е тој кој . . . дејствува во вас за да сакате и да постапувате“ (Филипјаните 2:13). Ако му се молиш на Јехова да ти помогне, тој обилно ќе ти даде од својот свет дух, кој ќе ти даде сила не само да ‚постапуваш‘ туку и ‚да сакаш‘. Ова значи дека Божјиот свет дух ќе ја зголеми твојата желба да го дадеш најдоброто во Јеховината служба и ќе ти помогне духовно да растеш. Се разбира, имај доверба во Јеховината моќ и зајакни го своето срце!
Постави си лично твои цели
Штом веќе си одлучил поцелосно да му служиш на Јехова, за да напредуваш духовно треба да си поставиш лични цели. Мана, млада христијанка, рекла: „Тоа што си поставував цели ми беше од голема помош. Наместо да се враќам наназад, можев храбро да одам напред. Имајќи ги моите цели на ум, искрено му се молев на Јехова за водство и можев да напредувам без да ми биде одвлечено вниманието“.
Твоите цели треба да бидат реалистични и достижни. Една разумна цел може да биде секој ден да се чита по едно поглавје од Библијата. Можеш и да почнеш да истражуваш некоја тема. Да го илустрираме ова со нешто што ни е достапно нам: можеби ќе направиш истражување за употребата и важноста на Јеховиното име во книгата Расправљање, под изразот „Јехова“. Има околу 6 работи што можеш да ги разгледаш, а истражувањето без сомнение ќе те приближи до Јехова и ќе те стимулира да направиш повеќе за него. Други достижни цели вклучуваат да коментираш барем еднаш за време на секој христијански состанок на кој се бара учество на присутните, на секој состанок да запознаеш подобро барем еден член на собранието и да не дозволиш да помине макар и еден ден без да му се помолиш на Јехова и да разговараш со другите за него.
Ако сѐ уште не си се запишал во Теократската школа за служба, тоа би била добра цел за тебе. Учествуваш ли во службата? Ако не, можеби ќе сакаш да работиш на тоа да станеш некрстен објавител. Нормално, следниот чекор би бил сериозно да размислиш за својот однос со Јехова и да му се предадеш. Мнозина млади настојуваат да живеат во склад со своето предание така што посегнуваат по полновремена служба.
Иако е добро да имаш цели во животот, внимавај да не развиеш дух на натпреварување. Ќе најдеш поголема радост во она што го правиш ако не се споредуваш со другите (Галатите 5:26; 6:4).
Можеби се чувствуваш неискусен и тешко ти е да си поставиш разумни цели. Тогаш следи го библискиот совет: „Наведни го увото и чуј го моето слово“ (Пословици 22:17). Побарај помош од твоите родители или од другите зрели христијани. Се разбира, родителите и другите треба да бидат разумни и да дадат охрабрување во овој случај. Ако се чувствуваат притиснати да се стремат кон некоја цел што другите ја поставиле за нив тоа може да им ја одземе радоста на младите, а може дури и да ја промаши поентата на поставувањето цели. Тоа ѝ се случило на една девојка, која рекла: „Моите родители ми поставуваа една по друга цел, како на пример да се запишам во Теократската школа за служба, да учествувам во службата на теренот, да се крстам и да станам пионер. Вложував големи напори за да ги постигнам сите тие цели. Кога ќе постигнев некоја цел, родителите не ме пофалуваа туку, наместо тоа, ќе ми поставеа друга цел по која требаше да се стремам. Како резултат на тоа, секогаш бев принудена да посегнувам по цели. Бев исцрпена и немав чувство дека сум постигнала нешто“. Што тргнало наопаку? Сите цели биле добри, но не биле нејзини. За да успееш, ти мораш да бидеш мотивиран да ја преземеш иницијативата самиот да си поставуваш цели!
Размисли за Исус Христос. Кога дошол на земјата знаел што очекувал неговиот Татко, Јехова, од него. Вршењето на Јеховината волја за Исус не било само цел туку мисија што требало да ја исполни. Како гледал Исус на својата задача? Тој рекол: „Мојата храна е да ја вршам волјата на оној кој ме испратил и да го завршам неговото дело“ (Јован 4:34). Исус уживал да ја врши волјата на Јехова и живеел според очекувањата на својот Татко. Тоа било како храна за Исус — за него било радост и задоволство да го заврши делото што се очекувало од него (Евреите 10:5—10). И ти можеш да најдеш радост ако си исправно мотивиран да го правиш она на што те охрабруваат твоите родители.
Не се откажувајте да го правите она што е добро
Штом ќе имаш некоја цел на ум, напорно работи на тоа да ја постигнеш. Галатите 6:9 вели: „Да не се откажуваме да го правиме она што е добро, бидејќи во свое време ќе пожнееме ако не се умориме“. Немој да се потпираш само на својата сила или способност. Сигурно ќе наидеш на препреки и понекогаш можеби ќе доживееш и привремено чувство на неуспех. Но, Библијата нѐ уверува: „Мисли на Него [Бог] на сите свои патишта и Тој ќе ги исправи твоите патеки“ (Пословици 3:6). Јехова ќе те поддржува додека се напрегаш да ги постигнеш своите духовни цели.
Да, со тоа што ќе негуваш желба да му служиш на Јехова и со тоа што ќе посегнеш по духовни цели, ќе можеш да го направиш ‚твојот напредок видлив на сите‘ (1. Тимотеј 4:15). Тогаш ќе уживаш во смисловен живот служејќи му на Бог.
[Слика на страница 9]
Читањето на Библијата и медитирањето за она што си го прочитал ќе те мотивира да му служиш на Јехова
[Слика на страница 10]
Исус живеел според очекувањата на својот Татко