Зошто да се молиме непрестајно?
„Молете се непрестајно. Благодарете во врска со сѐ“ (1. СОЛУЊАНИТЕ 5:17, 18).
1, 2. Како покажал Даниел дека ја цени предноста да се моли, и како влијаело тоа врз неговиот однос со Бог?
ПРОРОКОТ Даниел имал обичај да му се моли на Бог трипати на ден. Ќе клекнел на коленици пред прозорецот на својата таванска соба, која била свртена кон градот Ерусалим, и се молел (1. Цареви 8:46—49; Даниел 6:10). Дури и кога била издадена царска наредба со која се забранувало да му се упатуваат молби на кој и да е друг освен на Дариј, медискиот цар, Даниел не се поколебал ниту за момент. Без оглед на тоа дали неговиот живот бил во опасност или не, овој човек што имал навика да се моли, непрестајно го преколнувал Јехова.
2 Како гледал Јехова на Даниел? Кога ангелот Гавриел дошол да одговори на една молитва на Даниел, тој го опишал овој пророк како „љубимец“, односно „човек сакан“ (Даниел 9:20—23, ПСП). Во пророштвото на Езекиел, Јехова се осврнал на Даниел како на праведен човек (Езекиел 14:14, 20). Низ годините, молитвите на Даниел очигледно воделе до близок однос со Бог, а тоа го признал дури и Дариј (Даниел 6:16).
3. Како што покажува искуството на еден мисионер, како може молитвата да ни помогне да задржиме интегритет?
3 Редовната молитва може да ни помогне и да се соочиме со тешки испити. На пример, размисли за случајот на Харолд Кинг, мисионер во Кина што бил осуден на пет години самица. Во врска со своето искуство, брат Кинг рекол: „Може да сум изолиран од другите луѓе, но никој не може да ме изолира од Бог . . . Затоа, пред очите на секој што ќе поминеше покрај мојата ќелија, јас клекнував во ќелијата по трипати на ден и гласно се молев, мислејќи на Даниел, за кого зборува Библијата . . . Изгледа дека во таквите прилики Божјиот дух ми ги насочуваше мислите на најкорисните работи и ми даваше чувство на смиреност. Колкава само духовна сила и утеха ми носеше молитвата!“
4. Кои прашања во врска со молитвата ќе ги разгледаме во оваа статија?
4 Библијата наведува: „Молете се непрестајно. Благодарете во врска со сѐ“ (1. Солуњаните 5:17, 18). Во светло на овој совет, да ги разгледаме следниве прашања: Зошто треба да обрнеме внимание на нашите молитви? Кои причини ги имаме постојано да му се обраќаме на Јехова? И што треба да правиме ако поради нашите недостатоци се чувствуваме недостојни да го молиме Бог?
Гради пријателство преку молитва
5. Какво неспоредливо пријателство ни помага да имаме молитвата?
5 Дали би сакал Јехова да те смета за свој пријател? Тој се осврнал на патријархот Авраам како на пријател (Исаија 41:8; Јаков 2:23). Јехова сака да изградиме таков однос со него. Тој, всушност, нѐ повикува да му се приближиме (Јаков 4:8). Зарем таа покана не треба да нѐ натера да размислиме за неспоредливата подготовка да се молиме? Колку само е тешко да се договори термин за да се разговара со некој важен владин службеник, а камоли да се стане негов пријател! Сепак, Творецот на универзумот нѐ охрабрува слободно да му пристапуваме во молитва, секогаш кога сакаме или кога ни е потребно (Псалм 37:5). Нашите непрестајни молитви ни помагаат да изградиме блиско пријателство со Јехова.
6. Што нѐ учи примерот на Исус за потребата ‚непрестајно да се молиме‘?
6 Но, колку само лесно можеме да ја занемариме молитвата! Самото тоа што се справуваме со притисоците од секојдневниот живот може толку многу да ни го одврати вниманието што нема да вложуваме напори да разговараме со Бог. Исус ги охрабрил своите ученици ‚непрестајно да се молат‘, а тоа го правел и самиот тој (Матеј 26:41). Иако секогаш бил зафатен од утро до мрак, Исус одвојувал време да разговара со својот небесен Татко. Понекогаш станувал ‚рано изутрина, додека уште било мрак‘ за да се моли (Марко 1:35). Во други прилики се повлекувал на некое осамено место на крајот на денот за да разговара со Јехова (Матеј 14:23). Исус секогаш одвојувал време да се моли, а тоа треба да го правиме и ние (1. Петрово 2:21).
7. Кои околности треба да нѐ поттикнат секојдневно да разговараме со нашиот небесен Татко?
7 Погодни моменти за лична молитва се појавуваат многу пати во текот на секој ден додека се соочуваме со проблеми, наидуваме на искушенија и донесуваме одлуки (Ефешаните 6:18). Кога бараме водство од Бог во сите аспекти од животот, нашето пријателство со него сигурно ќе се зацврсти. Ако двајца пријатели се соочуваат со проблемите заедно, зарем врската на пријателство помеѓу нив нема да стане поцврста? (Пословици 17:17). Истото е случај и кога се потпираме на Јехова и ја искусуваме неговата помош (2. Летописи 14:11).
8. Што учиме за должината на нашите лични молитви од примерите на Неемија, на Исус и на Ана?
8 Колку само можеме да бидеме радосни што Бог не нѐ ограничува во поглед на тоа колку долго или колку често можеме да му зборуваме во молитва! Неемија брзо кажал молитва во себе пред да изнесе една молба пред царот на Персија (Неемија 2:4, 5). Исто така, Исус кажал кратка молитва кога побарал од Јехова да му даде моќ да го воскресне Лазар (Јован 11:41, 42). Ана, пак, ‚се молела долго пред Господа‘ кога му го излевала своето срце (1. Самоил 1:12, 15, 16). Нашите лични молитви можат да бидат кратки или долги, во зависност од потребата и од околностите.
9. Зошто нашите молитви треба да вклучуваат фалба и благодарност за сѐ што прави Јехова за нас?
9 Во многу молитви во Библијата е изразено срдечно ценење за Јеховината возвишена положба и за неговите прекрасни дела (Излез 15:1—19; 1. Летописи 16:7—36; Псалм 145). Во една визија, апостол Јован ги гледа 24-те старешини — вкупниот број на помазани христијани на нивната небесна положба — како го фалат Јехова, велејќи: „Достоен си, Јехова, да, Боже наш, да ја примиш славата и честа и моќта, зашто ти создаде сѐ, и поради твојата волја постои и е создадено“ (Откровение 4:10, 11). И ние имаме причина редовно да го фалиме Творецот. Колку ли само се среќни родителите кога нивното дете им се заблагодарува од сѐ срце за нешто што направиле за него! Тоа што со ценење ќе размислуваме за Јеховините добрини и ќе ја изразуваме нашата длабока благодарност за нив е еден добар начин да го подобриме квалитетот на нашите молитви.
„Молете се непрестајно“ — зошто?
10. Каква улога игра молитвата во зајакнувањето на нашата вера?
10 Редовната молитва е неопходна за нашата вера. Откако ја илустрирал потребата ‚секогаш да се молиме и да не се откажуваме‘, Исус прашал: „Кога Синот човечки ќе дојде, дали навистина ќе најде вера на земјата?“ (Лука 18:1—8). Смисловната, срдечна молитва ја изградува верата. Додека патријархот Авраам стареел и допрва требало да има наследник, зборувал со Бог за тоа. Како одговор, Јехова најнапред го замолил да погледне нагоре кон небото и да ги изброи ѕвездите, ако воопшто може. Потоа Бог го уверил Авраам: „Толкаво ќе биде твоето потомство“. Што било резултат од тоа? Авраам „Му поверува на Господа и тоа му се засмета за праведност“ (Битие 15:5, 6). Ако му го отвориме срцето на Јехова во молитва, ако го прифатиме она во што нѐ уверува преку Библијата и ако сме му послушни, тој ќе ја зајакне нашата вера.
11. Како може да ни помогне молитвата да се справиме со проблемите?
11 Молитвата може да ни помогне и да се справиме со проблемите. Дали животот ни е тежок и дали се соочуваме со тешки околности? Библијата ни вели: „Довери Му ја на Господа сета своја грижа и Тој ќе те поткрепи: не ќе остави никогаш да се сопне праведникот“ (Псалм 55:22). Кога сме соочени со тешки одлуки, можеме да го имитираме примерот на Исус. Тој поминал една цела ноќ во лична молитва пред да ги избере своите 12 апостоли (Лука 6:12—16). А вечерта пред да умре, Исус се молел толку силно што ‚потта му станала како капки крв што паѓале на земјата‘ (Лука 22:44). Каков бил резултатот од тоа? Тој ‚бил поволно услишен поради својот побожен страв‘ (Евреите 5:7). Нашите горливи и непрестајни молитви ќе ни помогнат да се справиме со стресните ситуации и со тешките испити.
12. На кој начин молитвата го илустрира Јеховиниот личен интерес за нас?
12 Друга причина зошто да му се приближиме на Јехова преку молитва е тоа што тој, од своја страна, ќе ни се приближи нам (Јаков 4:8). Кога му го отвораме срцето на Јехова во молитва, зарем не чувствуваме дека тој се интересира за нашите потреби и нежно се грижи за нас? Ја искусуваме Божјата љубов на еден многу личен начин. Јехова не му ја доверил на некој друг одговорноста да ја слуша секоја молитва што му ја упатуваат неговите слуги како нивни небесен Татко (Псалм 66:19, 20; Лука 11:2). Тој нѐ повикува ‚да ја фрлиме на него сета своја тегобна грижа, зашто тој се грижи за нас‘ (1. Петрово 5:6, 7).
13, 14. Кои причини ги имаме да се молиме непрестајно?
13 Молитвата може да ни влее поголема ревност за јавната служба и да нѐ зајакне кога поради апатија или противење ни доаѓа да се откажеме (Дела 4:23—31). Исто така, молитвата може да нѐ штити од „Ѓаволовите сплетки“ (Ефешаните 6:11, 17, 18). Кога се бориме да излеземе на крај со секојдневните испити, можеме постојано да го молиме Бог да нѐ зајакне. Во Исусовата пример молитва е вклучено и барањето Јехова ‚да нѐ избави од злобниот‘, Сатана Ѓаволот (Матеј 6:13).
14 Ако продолжиме да се молиме за помош да ги контролираме нашите грешни склоности, ќе искусиме како Јехова ни помага. Го имаме следново уверување: „Бог е верен и нема да дозволи да бидете искушани повеќе од она што можете да го носите, туку заедно со искушението ќе направи и излез за да можете да го поднесете“ (1. Коринќаните 10:13). Апостол Павле лично ја искусил Јеховината зајакнувачка грижа во најразлични околности. „За сѐ имам сила со помош на оној кој ми дава моќ“, рекол тој (Филипјаните 4:13; 2. Коринќаните 11:23—29).
Да истраеме во молитва и покрај нашите недостатоци
15. Што може да се случи кога нашето однесување не ги задоволува Божјите мерила?
15 За да бидат услишени нашите молитви, не смееме да го отфрлиме советот од Божјата реч. „Што и да бараме, добиваме од него“, напишал апостол Јован, „бидејќи ги држиме неговите заповеди и го правиме она што е угодно во негови очи“ (1. Јованово 3:22). Но, што може да се случи кога нашето однесување не ги задоволува Божјите мерила? Адам и Ева се скриле откако направиле грев во Еденската градина. И нас можеби ни доаѓа желба да се скриеме „пред Господа“ и да престанеме да се молиме (Битие 3:8). „Сум забележал дека речиси секогаш првиот погрешен чекор што го прават оние што ќе отпловат од Јехова и неговата организација е тоа што престануваат да се молат“, забележува Клаус, еден искусен патувачки надгледник (Евреите 2:1). Ова било случај и со Хозе Анхел. Тој вели: „Речиси осум години, ретко го молев Јехова. Се чувствував недостоен да зборувам со него, иако сѐ уште го сметав за мој небесен Татко“.
16, 17. Дај примери за тоа како редовната молитва може да ни помогне да ја совладаме духовната слабост.
16 Можеби некои од нас ќе се чувствуваат недостојни да се молат поради некоја духовна слабост или поради тоа што повторно западнале во грев. Но, токму тогаш треба потполно да ја искористиме подготовката да се молиме. Јона избегал од својата доделба. Но, ‚во својата неволја извикал кон Господа и Тој го послушал; извикал од утробата на Подземјето, и Тој му го чул гласот‘ (Јона 2:2). Јона се молел, Јехова одговорил на таа молитва и Јона закрепнал духовно.
17 И Хозе Анхел горливо се молел за помош. Тој си спомнува: „Го отворив срцето и го преколнував Бог да ми прости. И тој навистина ми помогна. Мислам дека немаше да се вратам во вистината без помошта што ми ја даде молитвата. Сега редовно се молам секој ден, и со радост ги чекам тие моменти“. Секогаш треба да се чувствуваме слободни отворено да зборуваме со Бог за нашите грешки и понизно да бараме простување. Кога цар Давид ги признал своите престапи, Јехова му ги простил гревовите (Псалм 32:3—5). Јехова сака да ни помогне, а не да нѐ осуди (1. Јованово 3:19, 20). И молитвите на старешините од собранието можат да ни помогнат духовно, бидејќи таквите молби имаат „многу сила“ (Јаков 5:13—16).
18. Каква доверба можат да имаат Божјите слуги без оглед на тоа колку заталкале?
18 Кој татко би отфрлил син што понизно му се обраќа за помош и совет откако згрешил? Параболата за расипничкиот син покажува дека, без оглед на тоа колку сме заталкале, нашиот небесен Татко се радува кога му се враќаме (Лука 15:21, 22, 32). Јехова ги поттикнува сите што грешат да повикаат кон него зашто „Тој ќе го умножи опростувањето“ (Исаија 55:6, 7). Иако Давид направил неколку тешки гревови, тој повикал кон Јехова, велејќи: „Послушај ми ја Боже, молитвата, не криј се од мојата молитва“. Тој исто така рекол: „Навечер, наутро и на пладне ќе плачам тажно, и Тој [Јехова] ќе го чуе мојот глас“ (Псалм 55:1, 17). Колку успокојувачки!
19. Зошто не треба да заклучиме дека навидум неодговорените молитви се доказ за Божје неодобрување?
19 Што ако не добиеме веднаш одговор на нашата молитва? Во тој случај мораме да се увериме дали она што го бараме е во склад со Јеховината волја и дали го кажуваме во име на Исус (Јован 16:23; 1. Јованово 5:14). Ученикот Јаков се осврнал на некои христијани чии молитви останале неодговорени затоа што ‚барале со погрешна цел‘ (Јаков 4:3). Од друга страна, пак, не треба избрзано да заклучиме дека навидум неодговорените молитви секогаш се доказ за Божје неодобрување. Можеби Јехова понекогаш им дозволува на верни обожаватели да молат за некоја работа извесно време пред да биде видлив неговиот одговор. „Постојано молете, и ќе ви се даде“, рекол Исус (Матеј 7:7). Значи, треба да ‚истраеме во молитва‘ (Римјаните 12:12).
Моли се редовно
20, 21. а) Зошто треба непрестајно да се молиме во овие ‚последни денови‘? б) Што ќе добиеме ако секојдневно му пристапуваме на Јеховиниот престол на незаслужена љубезност?
20 Притисоците и проблемите се зголемуваат во овие ‚последни денови‘ што се одбележани со ‚критични времиња со кои тешко се излегува на крај‘ (2. Тимотеј 3:1). Освен тоа, тешките проблеми лесно можат да ни ги преокупираат мислите. Меѓутоа, нашите непрестајни молитви ќе ни помогнат да задржиме духовен правец во животот и покрај постојаните проблеми, искушенија и обесхрабрување. Нашите секојдневни молитви до Јехова можат да ни ја дадат неопходната поддршка што ни е потребна.
21 Јехова, кој ‚ја послушува молитвата‘, никогаш не е премногу зафатен да нѐ чуе (Псалм 65:2). Да не бидеме ниту ние никогаш премногу зафатени да зборуваме со него. Нашето пријателство со Бог е најскапоценото нешто што го имаме. Никогаш да не го земеме здраво за готово. „Затоа, да пристапуваме со слобода на говорот кон престолот на незаслужената љубезност за да добиеме милосрдие и да најдеме незаслужена љубезност за помош во право време“ (Евреите 4:16).
Како би одговорил?
• Што учиме од пророкот Даниел во врска со вредноста на молитвата?
• Како можеме да го зајакнеме нашето пријателство со Јехова?
• Зошто треба да се молиме непрестајно?
• Зошто чувствата на безвредност не треба да нѐ спречат да му се молиме на Јехова?
[Слика на страница 16]
Неемија кажал кратка молитва во себе пред да зборува со царот
[Слика на страница 17]
Ана ‚се молела долго пред Јехова‘
[Слики на страница 18]
Исус се молел цела ноќ пред да ги избере своите 12 апостоли
[Слики на страница 20]
Прилики за молитва има во текот на целиот ден