Прашања од читателите
Дали стихот во Изреки 22:6 гарантира дека децата чии родители се христијани сигурно нема да го напуштат Јехова ако бидат исправно воспитани?
Овој стих гласи: „Воспитувај го детето според патот по кој треба да оди, па нема да скршне од него ни кога ќе остари“. Исто како што едно дрво ќе израсне право ако се врзе за колец додека е младо така и децата ќе бидат посклони да му служат на Јехова и кога ќе пораснат ако се исправно воспитани. Како што добро знае секој родител, за таквото воспитување се потребни многу време и труд. За да им помогнат на своите деца да станат христијани, родителите мораат внимателно да ги поучуваат, да ги советуваат, да ги охрабруваат и да ги укоруваат, а во исто време и да им даваат добар пример. Ова мора да го прават доследно и со љубов, и тоа многу години.
Дали треба да заклучиме дека родителите не го воспитувале добро своето дете ако тоа го напушти Јехова? Во некои случаи, можеби родителите не се труделе доволно да ги воспитаат своите деца со стега од Јехова и да им помогнат да го усвојат неговиот начин на размислување (Ефешаните 6:4). Но, од друга страна, изреката не гарантира дека децата сигурно ќе му останат верни на Бог ако бидат добро воспитувани. Родителите не можат да ги обликуваат своите деца како што сакаат. Децата, како и возрасните, имаат слободна волја и, на крајот, мораат самите да си го одберат својот животен пат (5. Мојсеева 30:15, 16, 19). И покрај сиот труд на родителите, некои деца стануваат неверни, исто како Соломон, кој го напишал стихот што го разгледуваме. Дури и Јехова имал синови што станале неверни.
Според тоа, овој стих не значи дека во секој случај детето „нема да скршне од него“, туку дека општо земено ваков би бил исходот. Ова навистина е големо охрабрување за родителите! Тие треба да бидат утешени од фактот дека тоа што даваат сѐ од себе за да им помогнат на своите деца да му служат на Јехова ќе донесе добри резултати. Со оглед на тоа што нивната улога е важна и нивното влијание е големо, родителите се поттикнати да ја сфатат сериозно својата улога (5. Мојсеева 6:6, 7).
Но, дури и ако децата престанат да му служат на Јехова, родителите можат, доколку ги воспитувале совесно, да се надеваат дека еден ден тие ќе се вразумат. Библиската вистина врши силно влијание, а воспитувањето од родителите не се заборава лесно (Псалм 19:7).