Отворена покана!
ПОКАНА за што? Да посетиш некоја од подружниците на Јеховините сведоци, кои обично се нарекуваат Бетел. Во светот има 118 вакви Бетели во разни земји. Посетителите честопати го изразуваат своето длабоко ценење кога ќе видат што се прави во Бетел.
Откако видел како мнозина напорно работат додека среќно му служат на Јехова во подружницата во Мексико, еден млад интересент бил толку воодушевен што прашал: „Што треба да направам за да живеам и да работам овде?“ Одговорот бил: „Прво, мора да се крстиш. А потоа е добро да служиш како пионер, односно полновремен објавител на Царството“. Младичот го послушал советот и, две години подоцна, бил повикан во Бетелот во Мексико, каде што служи во последниве 20 години.
Што е Бетел?
Зборот „Бетел“ на хебрејски јазик значи „Божји дом“ (1. Мој. 28:19, фус.). Во многу подружници се печатат Библии и библиска литература, кои оттаму се доставуваат до повеќе од 100.000 собранија на Јеховините сведоци низ целиот свет за да им се даде духовна помош. Речиси 20.000 полновремени бетелски слуги — мажи и жени од најразлично општествено и културно потекло — несебично им служат на Јехова и на своите духовни браќа и сестри. Постарите, кои веќе долги години го извршуваат ова христијанско дело, служат рамо до рамо со енергични млади луѓе. Навечер и за време на викендите, членовите на бетелските семејства радосно се дружат со своите соверници од блиските собранија на Јеховините сведоци додека присуствуваат на состаноците или одат во служба. Своето слободно време го користат и за проучување на Библијата, за рекреација и за да завршат некои лични работи.
Секој месец, членовите на бетелското семејство добиваат мал паричен надоместок. Имаат вкусни и хранливи оброци и живеат во чисти и удобни простории. Бетелските домови не се луксузни, но многу се практични. Посетителите се воодушевени од добро одржуваните згради и дворови, од ефикасната организација, како и од љубезноста и духот на соработка што владеат во Бетел. Иако сите многу работат, тоа не ги спречува да бидат љубезни. Во Бетел не постојат општествени разлики ниту, пак, горделивост затоа што некој врши одреден вид задача. Секоја задача е важна, сеедно дали станува збор за чистење или работа во градината, кујната, во печатница или во канцеларија. Бетелците, како што се нарекуваат оние што служат во Бетел, работат заедно како тим за да ја поддржуваат службата на Јеховините сведоци (Кол. 3:23).
Да запознаеме некои од нив
Да се запознаеме малку подобро со некои од членовите на ова меѓународно семејство. Што родило кај нив желба да служат во Бетел? Да видиме што вели Марио. Кога станал Јеховин сведок, тој имал добро платена работа во една позната германска фирма за автомобили и имал шанси да напредува во кариерата. Недолго по крштавањето, се пријавил доброволно да служи една седмица во Бетелот во својата земја. Добил задача да помага во печатницата. Марио можел да види дека има драстична разлика меѓу неговите соработници во Бетел и колегите на работа. Затоа подал молба да служи во Бетел полновремено. Иако многу негови роднини и колеги не можеле да сфатат зошто донел таква одлука, Марио сега е среќен што служи во Бетелот во Германија.
Кога доаѓаат да служат во Бетел, мнозина немаат некое посебно образование или вештини. Ова било случај и со Абел, кој веќе 15 години служи во Бетелот во Мексико. „Овде научив многу“, вели тој. „Научив како да работам на многу сложени печатарски машини. Свесен сум дека со тоа знаење би можел да спечалам многу пари ако излезам од Бетел, но тогаш нема да го имам она што го имам овде — мирен и исполнет живот, далеку од грижите и натпреварувачкиот дух што ги има во многу световни фирми. Сметам дека го добив најдоброто можно образование, кое ми помогна да се изградам и духовно и интелектуално. Дури и да студирав на најдобриот факултет, ќе немав таква духовна корист“.
Посетата може да те охрабри
Дури и посетата на Бетелот може позитивно да влијае врз нечија духовност. Ова било случај со Омар од Мексико. Мајка му го поучувала за библиските вистини, но кога имал 17 години, престанал да оди на христијанските состаноци и во служба. На крајот, им подлегнал на многу пороци и на материјализмот. Подоцна, додека работел во некоја компанија за комуникации, Омар бил во групата што отишла во Бетелот во Мексико со намера да презентира некоја опрема. Тој вели: „По презентацијата, нѐ поведоа во обиколка на објектите. Она што го видов, како и љубезниот начин на кој постапуваа со мене, ме натера да размислам за животот што го водев, отуѓен од Јехова. Веднаш почнав да одам на состаноци и да ја проучувам Библијата. Се крстив шест месеци откако го посетив Бетелот. Благодарен сум му на Јехова за охрабрувањето што го добив во текот на таа посета“.
И Масахико од Јапонија растел во семејство на Сведоци. Но, почнал да мисли дека животот на еден христијанин е полн со ограничувања. Се зафатил со многу школски активности и престанал да оди на состаноците и да проповеда. Масахико раскажува: „Еден ден моето семејство и уште неколку пријатели кои се Сведоци решија да појдат да го разгледаат Бетелот. Бидејќи моите настојуваа да одам со нив, на крајот се согласив. Во текот на обиколката бев охрабрен како никогаш порано. Задоволството што го чувствував во друштвото на другите христијани додека патувавме беше нешто кое никогаш го немав доживеано со моите световни пријатели. Во мене почна да расте желбата да живеам како христијанин, и решив да почнам да ја проучувам Библијата“. Денес Масахико служи како полновремен објавител во своето собрание.
Една сестра се преселила од Франција во Москва по работа. Таму изгубила контакт со Јеховиниот народ и духовно ослабела. Почнала да постапува неисправно и, на крајот, се омажила за некој што не бил Сведок. Кога една духовна сестра од Франција ѝ дошла во посета, отишле да го разгледаат Бетелот во Санкт Петербург. Сестрата од Москва пишува: „Во Бетел бевме срдечно пречекани и тоа многу ме трогна. Таму сѐ беше мирно. Просто го чувствував Јеховиниот дух. Како можев да си дозволам да се оддалечам од неговата организација? По таа посета, го молев Јехова да ми помогне и со обновен жар почнав да ги поучувам моите деца за Библијата“. Освен тоа што добила и додатна помош, оваа сестра која тогаш била духовно слаба, многу се зајакнала од посетата на Бетелот и подоцна добро напредувала.
А каков впечаток може да им остави посетата на некој Бетел на оние што не знаат многу за Јеховините сведоци? Во 1988 год., Алберту, кој бил длабоко навлезен во политиката, го посетил Бетелот во Бразил. Чистотата и редот, а особено отворениот начин на кој се вршела работата, му оставиле многу силен впечаток. Кратко пред тоа, Алберту ја посетил семинаријата во која неговиот шура служел како свештеник. Алберту видел дека има огромна разлика. „Во семинаријата сѐ се правеше во тајност“, вели тој. Недолго откако бил во Бетел, почнал да ја проучува Библијата, расчистил со политиката и сега служи како собраниски старешина.
Дојди да го разгледаш Бетелот!
Мнозина вложуваат огромни напори за да го посетат Бетелот во својата земја. На пример, Паулу и Еуженија штеделе четири години за да соберат пари да појдат во бразилскиот Бетел. Требало да патуваат два дена со автобус и да поминат 3.000 километри. Тие велат: „Вредеше! Сега имаме многу подобар увид во Јеховината организација. Кога им објаснуваме на интересентите што се прави во Бетел, понекогаш нѐ прашуваат: ‚Сте биле ли некогаш таму?‘ Сега можеме да им кажеме ‚да‘“.
Дали има Бетел во твојата или во некоја соседна земја? Ако има, те поттикнуваме да го посетиш. Сигурно ќе бидеш срдечно пречекан и таа посета ќе те охрабри и понатаму да му служиш на Јехова.
[Слика на страница 18]
Марио
[Слика на страница 18]
Абел
[Слика на страница 18]
Германија
[Слика на страница 18]
Јапонија
[Слика на страница 18]
Бразил