Држи го цврсто јавното изјавување на твојата надеж, без да се колебаш
1 Студијата на Стражарска кула е главното средство преку кое духовната ‚навремена храна‘ се дава на Божјиот народ денес (Мат. 24:45). Присуствуваме на овој важен состанок од две главни причини — да се изградиме духовно и јавно да ја изјавиме пред другите нашата надеж (Евр. 10:23-25).
2 Корист за самите нас: Проценето е дека во повеќето собранија само третина од присутните ја проучува лекцијата однапред. Отприлика истиот број и коментира. Тврдата духовна храна што е изнесена во студијата на Стражарска кула не може потполно да се усвои во текот на самиот состанок. Треба да одвоиш време за однапред да го проучуш материјалот.
3 Кога се подготвуваш за студијата, ќе увидиш дека помага ако прво ги прочиташ и размислиш за прашањата од рамката што е при крајот на статијата. Ова ќе ти помогне да се сосредоточиш на главните точки кои ќе се разгледуваат во лекцијата.
4 Во текот на студијата слушај внимателно што се кажува. Обрни внимание на уводните забелешки на водителот; овие коментари го подготвуваат теренот за студијата. Тој може да постави три или четири прашања што ќе бидат одговорени или ќе повтори некои главни точки од претходната лекција ако оваа е продолжение на истата тема. Ако има некои промени во разбирањето на библиско пророштво или библиско начело, тој ќе ни го сврти вниманието на тоа. Се разбира, коментарите на водителот мора да бидат кратки, со оглед дека една од целите на студијата е да му се даде прилика на собранието да ја изрази својата надеж. Слушај внимателно кога другите коментираат за она што го научиле; тоа може да ти помогне да ја зајакнеш својата вера.
5 Изјави ја својата надеж: Дали коментираш редовно во текот на студијата? Се претпочитаат кратки, конкретни забелешки. (Спореди Лука 21:1-4.) Сите ценат едноставни коментари кои доаѓаат од срцето. Обично првиот коментар на прашањето треба да биде краток и директен. Ова им дозволува на другите да споменат библиски стих или да го свртат вниманието на некој детаљ од пасусот. На овој начин многумина можат да дадат јавна изјава на нивната надеж. Коментарите треба секогаш да бидат позитивни и изградувачки.
6 Ако од скоро си почнал да присуствуваш на студијата или имаш трема да коментираш, можеш да го замолиш водителот да ти помогне. Замоли го да ја побара твојата крената рака кога се разгледува извесен пасус. Можеби можеш да се јавиш за да прочиташ наведен библиски стих и кратко да кажеш како се применува. Можеш да направиш неколку белешки на маргината за да ти помогнат да се сетиш што сакаш да кажеш кога коментираш. Ако си дете, запомни дека твоите коментари се добредојдени и ценети (Мат. 21:16).
7 Многу е важно да ја изразиме нашата вера, а студијата на Стражарска кула пружа одлична прилика да го сториме тоа. Ако се колебаш да коментираш, стори сѐ што можеш за да го надминеш проблемот и натерај се да дадеш најмалку еден одговор. Ќе дадеш свој дел за состанокот и ќе се чувствуваш подобро поради тоа. Зошто да не планираш да дадеш најмалку еден коментар веќе на следната студија на Стражарска кула? (Изр. 15:23).