Негувај интерес за книгата Живеј засекогаш
1 Кога ги посетуваме луѓето кај нив дома, обично увидуваме дека се окупирани со „грижите за овој век“ (Марко 4:19). Соочени сме со предизвикот да го подбудиме нивниот интерес со презентација која ќе ги наведе на размислување. На почетокот, повеќето луѓе можеби имаат мал интерес за она што ќе им го кажеме. Ако можеме да кажеме нешто што ќе се однесува на нивниот живот, можеби ќе можеме да подбудиме некаков интерес за пораката за Царството. Клучот за започнување на разговори е да избереме привлечни мисли од книгата Живеј засекогаш. Што да речеш?
2 Можеш да го употребиш овој пристап:
◼ „Кога би имале моќ, кој голем проблем на нашево време би го решиле? [Дозволи одговор и, ако е погодно, согласи се дека многу луѓе го мислат истото.] До овој момент изгледа дека светските водачи имаат мал успех во изнаоѓањето решенија за многуте замрсени проблеми на денешницава. Но, постои Некој кој може и кој ќе им стави крај на сите проблеми што го погодуваат човештвото. Ве молам, забележете што е наведено во Псалм 144:16. [Прочитај го стихот и осврни се на илустрациите од 11-13. страница.] Пасус 14 на 14. страница го поставува прашањето за кое штотуку дискутиравме и продолжува со следново: ‚Но, кога ќе го стори тоа?‘“ Објасни му дека книгата ќе му одговори на тоа прашање и, ако го интересира, понуди му ја.
3 Или, можеш да речеш отприлика вака:
◼ „Веројатно ви е познато чувството на празнина кое настанува кога на човек ќе му умре некој близок. Веројатно тоа предизвикало да се чувствувате разжалени и мошне беспомошни. Можеби сте размислувале за овие прашања: [Прочитај ги прашањата од 1. пасус на страница 76.] Зарем не би било утешно да ги знаеме одговорите на овие прашања? Можеби ќе ве охрабри да знаете дека Библијата дава сигурна надеж за оние кои умреле. [Прочитај Јован 5:28, 29.] Оваа книга ни помага да ја разбереме состојбата на мртвите и да дознаеме каква надеж постои за иднината.“ Осврни се накратко на 8. и 20. поглавје. Ако изгледа дека станарот е заинтересиран, подај му ја книгата да ја разгледа.
4 Постои голема веројатност да се најдеш во ситуација да сведочиш неформално. Тогаш, можеш со свои зборови да кажеш нешто слично на ова:
◼ „Денес светот е полн со проблеми, а и Вие, без сомнение, трпите дел од нив. За жал, изгледа дека невините страдаат најмногу. Мислите ли дека Бог некогаш ќе им стави крај на сите страдања? [Дозволи одговор.] Дозволете ми да Ви покажам што ветува Бог дека ќе стори за оние што му служат. [Прочитај Псалм 36:40, а потоа отвори ја книгата Живеј засекогаш на страница 99.] Оваа книга објаснува зошто Бог го допушта злото и како ќе му стави крај.“
5 Ако си помлад објавител, можеш да користиш презентација темелена на илустрациите што се наоѓаат на 156-158. страница. Можеш да започнеш со прашањето:
◼ „Би сакале ли да живеете во ваков свет? [Дозволи одговор.] Секоја од овие убави слики е темелена на некое ветување наведено во Божјата Реч, Библијата. [Укажи на наведените стихови.] Оваа книга може да ви помогне да дознаете повеќе за Божјето ветување дека ќе ја претвори целата Земја во рај. Таа содржи животоспасувачки информации и вреди да се одвои време за да се прочита“ (Јован 17:3).
6 Кога ја нудиш книгата, имај на ум дека е потребно да им обрнеш внимание на слушателите дека имаат прилика да дадат прилог за делото.