Да се извлече корист од ревидираните јавни предавања
1 Современата историја на Јеховините сведоци е точно опишана со зборовите од Изреки 4:18: „Патеката на праведните е како болскава светлина, која свети сѐ повеќе и повеќе дури не настане ден“.
2 Во склад со ова, христијанското собрание и понатаму добива навремени разјаснувања и понови информации за библиските поуки (Мат. 24:45-47). Веројатно можеш да раскажеш некои примери за погорекажаново, што си ги забележал откако си се поврзал со Јеховините сведоци. Собраниските состаноци, вклучувајќи ги и јавните предавања, ни помагаат да одиме во чекор со сѐ посилната светлина на вистината.
3 Ревидирани нацрти: Неодамна Заедницата поднови извесен број нацрти за јавни предавања. Вметнат е нов материјал, а важните точки се поразјаснети. За да може собранието да ја извлече потполната корист од овие понови информации, браќата кои ги држат јавните предавања треба да ги користат само најновите нацрти.
4 За да извлечеш максимум од јавните предавања, размисли малку за насловите на говорите што ќе се одржат. Пред да појдеш на Состанок за јавност, обиди се да се сетиш на последните информации од теократски извори на таа тема. Потоа, додека слушаш, исчекувај го развојот на овие информации. Обрни внимание на секој нов начин на презентирање на овие вистини за да го користиш во иднина. На тој начин сигурно ќе ја извлечеш најголемата корист од ревидираните јавни предавања.
5 Јавните предавања треба да ги поучуваат и да ги мотивираат слушателите: Кога зборувал, Исус ги достигнувал срцата на своите слушатели. На крајот од Исусовата Проповед на гората — најпознатото јавно предавање кое некогаш било одржано, како што известува Матеј 7:28 (НС): „Резултатот беше тоа што народот беше зачуден од начинот на кој поучуваше“.
6 Имајќи го на ум Исусовиот пример, старешинствата треба да покажат разбор кога одобруваат нови јавни говорници, назначувајќи ги само оние браќа кои се добри учители, кои точно ќе се придржуваат кон нацртите на Заедницата и кои се во состојба да го задржат вниманието на публиката. Браќата на кои им е дадена предноста да држат јавни предавања треба постојано да се стремат кон подобрување на своите говорнички способности, прифаќајќи го секој совет и предлог што ќе го добијат од старешините.
7 Како што е проречено во Исаија 65:13, 14, духовниот напредок на Божјиот народ станува сѐ поочигледен. Подготовката за јавни предавања е само еден од многуте начини на кои сме „научени од Господа“ (Иса. 54:13).