Прашања
◼ Дали е исправно Јеховините сведоци да си даваат меѓу себе снимки или копии од говори?
Библиските предавања нѐ охрабруваат и ни ја зајакнуваат верата (Дела 15:32). Затоа е нормално да сакаме да им даваме такви охрабрувачки информации на оние што не биле присутни на состанокот. Откако се појавија различни уреди за снимање, еден говор може многу лесно да се сними и да им се даде на другите. Некои имаат збирка од снимени говори, меѓу кои и такви што биле одржани пред многу години. Тие со исправни мотиви им ги даваат овие говори или снимки на своите пријатели. Други, пак, направиле веб-страници на кои ставиле говори за да може секој да си ги симне.
Се разбира, нема ништо погрешно во тоа да снимаме говори за лична употреба или за членовите на нашето семејство. Освен тоа, старешините можат да организираат да се снимаат говори за членовите на собранието кои поради болест не можат да присуствуваат на состаноците. Сепак, постојат добри причини зошто не треба да им даваме на другите копии или снимки од говори.
Бидејќи говорите честопати се одржуваат во склад со некоја локална потреба, лесно може да се случи погрешно да разбереме мисли од некој снимен говор доколку не ги знаеме околностите во кои бил одржан. Освен тоа, не е можно да бидеме сигурни дека информациите што се изнесени во него се најнови и точни, затоа што не можеме секогаш да провериме кој и кога го одржал говорот (Лука 1:1-4). Копиите или снимките од говори би можеле да го доведат некого во искушение да сврти преголемо внимание кон себе или да оддаде претерана чест на човек (1. Кор. 3:5-7).
Верниот и разборит роб напорно работи за да ни ‚ја дава духовната храна во право време‘ (Лука 12:42). Во тоа спаѓаат говорите што се одржуваат во собранијата на Јеховините сведоци и аудиоснимките што можат да се симнат од официјалната веб-страница www.jw.org. Можеме да бидеме уверени дека верниот и разборит роб и неговото Водечко тело ќе ни го обезбедуваат сето она што ни е потребно за да останеме цврсти во верата (Дела 16:4, 5).