„Богати во делото Господово“
1 Бездруго, ние со нетрпение очекуваме временскиот план во април и мај да ни биде исполнет со теократски активности! На 14 април ќе го одржиме Споменот на Христовата смрт. На оваа важна пригода треба да бидат охрабрени да присуствуваат колку што е можно повеќе луѓе: деловни познајници, роднини кои не се верници, соученици, новозаинтересирани лица и библиски ученици. Направи список на оние што планираш да ги поканиш за да не пропуштиш некого.
2 Следната седмица ќе ги охрабруваме сите кои присуствувале на Споменот да го чујат на 23 април посебното јавно предавање на тема „Близу е крајот на лажната религија“. Се надеваме дека голем број интересенти што ќе ја чујат оваа отворена порака, ќе согледаат дека е потребно да се дружат со собранието редовно, а не само во посебни прилики.
3 Ќе излезе посебна Вест за Царството: Врвна точка на состанокот на 23 април ќе биде издавањето на навремената Вест за Царството бр. 34, на четири страници, што ќе биде насекаде дистрибуирана до 14 мај. Зарем не се согласуваш дека ќе можеме да бидеме „богати во делото Господово“ во овој период на Споменот? (1. Кор. 15:58).
4 Залиха од Веста за Царството ќе му биде испратена на секое собрание. Картонските кутии со Веста за Царството треба да се складираат на безбедно место и не треба да се отвораат сѐ до крајот на програмата на 23 април. Тогаш Веста за Царството ќе биде достапна за дистрибуција на браќата и на јавноста. На крајот од собраниските состаноци, покраинските состаноци или програмите за ден на посебен состанок што ќе се одржуваат на 23 април, секој што е присутен ќе добие по еден примерок за да се запознае со содржината и да биде опремен за нејзино дистрибуирање.
5 Старешините ќе бидат богати во делото: На почетокот на овој месец, старешинството треба да се состане за да дискутира околу деталите на посебната акција. Собранијата треба да настојуваат да го обработат целото подрачје што им е доделено. Пред да заврши акцијата, направете посебни напори да се обработат оние подрачја што не биле работени последните шест месеци. Со оглед на тоа колку е важно делото, ќе сакаме да одвоиме колку што е можно повеќе време за службата. Без сомнение, повеќе објавители отколку обично ќе се пријават за помошни пионери. Голема е веројатноста дека многу библиски ученици исто така ќе ни се придружат како новопризнати некрстени објавители. Колку само радосно време ќе биде тоа додека работиме заедно во делото Господово!
6 Водителите на Собраниска студија на книга треба да направат конкретни подготовки за сведочење во група во саботите и во неделите. Секој треба да биде охрабрен на активно учество. Покрај активноста во текот на викендот, за време на акцијата треба да се испланира вечерно сведочење најмалку еднаш седмично. Некои можеби ќе сакаат да се најдат за служба после училиште за да можат да бидат со учениците кои сакаат да учествуваат во делото во поголема мера.
7 Состаноците за служба на подрачјето треба да бидат така испланирани што објавителите и пионерите ќе можат секој ден да започнуваат со службата порано. Овие состаноци треба да бидат кратки. На секој од нив треба да се изнесе едноставна презентација на Веста за Царството. Попладневните состаноци за служба можат да вклучуваат еден до два предлога за тоа како да се направат повторни посети кај оние што ја прифатиле Веста за Царството. Меѓутоа, некои објавители можеби ќе претпочитаат да учествуваат во дистрибуцијата и наутро и попладне. За таа цел, надгледникот за служба ќе сака да се погрижи да има на располагање доволно подрачја. Името и адресата на секој кој покажал интерес треба да биде ставено во белешките од куќа до куќа. Главните мисли од кратката дискусија може да се запишат во колоната за забелешки. Ова ќе го подготви патот за повторна посета истата седмица или истиот месец.
8 Ако едно собрание му помага на друго да го обработи своето подрачје, имињата и адресите на заинтересираните треба да се предадат на собранието што го има подрачјето.
9 Родители, дали вашите деца работат на тоа да станат некрстени објавители? Забележано е дека во некои собранија, извесни примерни деца со години ги придружуваат своите предадени родители во службата, и децата тоа го прават мошне добро, иако сѐ уште не се објавители на добрата вест. Родителите мораат да разгледаат дали нивните деца навистина ги исполниле условите за оваа предност. Двајца старешини можат да дискутираат за сите фактори со поглаварот на семејството и да одредат дали децата можат да бидат сметани за некрстени објавители (om стр. 100).
10 Дали некои објавители на подрачјето на вашето собрание не се повеќе активни во принесувањето пофална жртва на Јехова? (Евр. 13:15). Некои што се неактивни, можеби биле совладани од обесхрабрувања или од грижите на животот, иако продолжиле да се држат за библиските морални мерила. Една пријателска посета од страна на некој старешина, може да ги подбуди да му се вратат на редовното дружење со собранието и, во свое време, на обновената активност во службата.
11 Сите кои ги исполнуваат условите, можат да учествуваат во ова радосно дело: Дали на некое од вашите мали деца или тинејџери му е тешко да учествува во службата од куќа до куќа? Што е со новите чиешто искуство во делото на проповедање е прилично ограничено? Ќе увидите дека работата со оваа посебна Вест за Царството е многу радосна! Сѐ што е потребно е една едноставна презентација.
Можеш да речеш нешто слично на следново:
◼ „Овој месец, во 232 земји во светот, дистрибуираме една важна порака. Пораката е важна бидејќи ни дава цврсти причини да веруваме дека постои решение за проблемите со кои денес се соочуваме. Ние би сакале да имате личен примерок од неа.“
Или, можеш да се обидеш со следново:
◼ „Овој месец, околу пет милиони доброволци дистрибуираат една важна порака на голем број јазици. Таа е подготвена за луѓето кои би сакале да го доживеат крајот на проблемите со кои се соочуваме сите ние. Овој примерок е за вас.“
Следнава едноставна презентација може да ти одговара и тебе:
◼ „Ги охрабруваме сите да ја прочитаат оваа важна порака со наслов [прочитај го насловот на Веста за Царството]. Забележете што е наведено овде на 2. страница во врска со сѐ поголемите проблеми со . . . [прочитај ја избраната реченица од Веста за Царството]. Сигурни сме дека ќе уживате додека го читате остатокот од оваа навремена порака. Сега ова е ваш примерок.“
12 Лично интересирај се за секого што ќе ја прифати Веста за Царството. Зборувај полека и јасно; нема потреба да брзаш со својата презентација. Ние сакаме темелно да го обработиме своето подрачје и да се погрижиме да добијат личен примерок сите кои сакаат да ја прочитаат Веста за Царството. Кога нема никого дома, внимателно забележи го тоа во своите белешки од куќа до куќа за да можеш да се вратиш во позгодно време и да му ја понудиш на станарот Веста за Царството. Оваа Вест за Царството може да се користи при сведочење на улица, кога некој ќе покаже интерес за читање на материјалот. Не треба да се врачуваат примероци без да се прави разлика, како тоа да се летоци. Напротив, пријди му на некој минувач и објасни му ја важноста на пораката што се нуди. Користи ја Веста за Царството при неформалното сведочење, како на пример, додека патуваш или кога му сведочиш на некој колега на работа за време на паузата за ручек. Оние што се неподвижни или на некој друг начин онеспособени, можат да им ја нудат на посетителите, на лекарите и медицинските сестри, на продавачите и на другите што ќе им дојдат дома.
13 Колку повторни посети ќе направиш во текот на акцијата? Без сомнение, многу, бидејќи сите кои покажале интерес за Веста за Царството треба да бидат повторно посетени. На првата посета, најдобро е да се понуди само Веста за Царството. Потоа, кога ќе дојдеш повторно, дај неколку коментари за навременоста на пораката во Веста за Царството. Слушај го внимателно станарот додека го изразува своето мислење за она што го прочитал. Неговите коментари ќе ти помогнат да дознаеш што да му понудиш од најновите списанија и, можеби, како да се подготвиш за натамошните дискусии. Ако наидеш на поволна реакција на повторната посета, обиди се да започнеш библиска студија (1. Кор. 3:6, 7).
14 „Трудот ваш . . . нема да биде залуден“: Дали ќе се исплати сета оваа работа? Павле ги уверил коринтјаните: „Трудот ваш пред Господа нема да биде залуден“ (1. Кор. 15:58). Во текот на годините, нашите напори да дистрибуираме Вести за Царството биле многу благословени. Еден брачен пар кој се преселил во нов стан, нашол постар примерок од Вест за Царството во некоја фиока. Тоа било единственото нешто оставено во целиот стан. Откако го прочитале, контактирале со локалното собрание и побарале библиска студија. Започнале да ги посетуваат сите состаноци и подоцна изразиле желба да се крстат. Можеби примерокот што ќе го оставиш ти, ќе доведе до слични резултати! (km 11/74, стр. 1; види и Разбудете се!, 8 ноември 1976, стр. 15 [англ.]).
15 Пред нас стои огромна задача. Имаме за цел секое собрание да го обработи своето доделено подрачје до 14 мај или до крајот на месецот, доколку е потребно да се продолжи времето за дистрибуција на Веста за Царството. Пратките се така преброени што секој општ и помошен пионер ќе добие по 250 примероци од Веста за Царството. Секој собраниски објавител ќе добие по 50 примероци. Објавителите и пионерите треба да земат само толку примероци колку што можат да дистрибуираат и треба да ги вратат сите трактати што им се вишок за да можат другите да ги искористат. Добрата соработка во овој поглед ќе овозможи најширока можна дистрибуција на оваа важна порака. Ако поради големината на подрачјето што му е доделено на некое собрание, тоа не може да го обработи своето подрачје до средината на мај и ако сѐ уште има примероци на располагање, можеби ќе биде практично да замоли за помош некое соседно собрание. Во други собранија, потребата можеби ќе се задоволи локално ако објавителите ја зголемат својата активност со тоа што ќе се пријават за помошни пионери или ќе одат во службата почесто.
16 Ќе биде потребна оддаденост на Јехова со сета душа ако сакаме да го исполниме своето дело (Кол. 3:23). Се работи за животи. Луѓето не можат да си дозволат да го игнорираат значењето на светските прилики денес. Времето истекува. Тие мораат да се соочат со фактот дека човекот нема решение за проблемите на овој свет. Но Бог има. Оние кои сакаат да добијат Божји благослов мораат да дејствуваат одлучно, без одлагање, во склад со неговите барања.
17 Откако ќе заврши посебната акција на 14 мај, дали ќе дозволиме да ни почиваат рацете? Не! Ќе останеме зафатени во склад со Павловиот инспириран совет.