Однесувај се на начин достоен на добрата вест
1 Како Јеховини сведоци, ние имаме желба да му оддадеме чест на Јеховиното име. Знаеме дека нашето однесување, говор, дотерување и облека можат да влијаат на тоа како другите ќе гледаат на вистинското обожавање. Ова е случај особено тогаш кога сме на нашите состаноци. Ние сакаме да бидеме сигурни дека сѐ што ќе се рече и направи на состаноците е достојно на добрата вест и му носи чест на Јехова (Фил. 2:4).
2 Многу световни мерила за облекувањето и дотерувањето се неприфатливи за христијаните. Ова е една работа на која слугите на добрата вест би требало да ѝ посветат грижливо внимание. Изданието на Стражарска кула од 1 октомври 1989, на страници 19 и 20, навело: „Нашата облека не треба да биде скапа, туку чиста, вкусна и скромна. И нашите обувки би требало да бидат во добра состојба и чисти. Исто така и нашите тела би требало да бидат чисти, а би требало да бидеме и уредно и пригодно облечени на сите наши состаноци, вклучувајќи ја и Собраниската студија на книга“.
3 Точноста е ознака на љубезна обѕирност и внимателност. Повремено, некои неизбежни околности можат да нѐ спречат да стигнеме навреме на состанок. Но, постојаното доцнење може да покажува недостиг на почитување кон светата цел на состаноците и пропуст да се цени нашата одговорност да избегнуваме да им пречиме на другите. Оние кои доцнат, честопати им го одвраќаат вниманието на другите и ги лишуваат од тоа да извлечат потполна корист од програмата. Точноста покажува респект кон чувствата и интересите на сите присутни на состанокот.
4 Љубовта кон ближните би требало да ни помогне да пазиме да не им го одвраќаме вниманието на другите за време на состанокот. Шепотењето, јадењето, џвакањето, шушкањето со хартија и непотребните „излети“ до тоалетот можат да влијаат врз концентрацијата на другите и да им го одвратат вниманието од достоинството кое му припаѓа на Јеховиното место на обожавање. Не е пожелно за време на состанокот некој да средува некакви собраниски работи или да разговара со другите освен ако има некој итен случај кој ќе бара браќата да станат од своите места. Инаку, сите би требало да седат и да ја слушаат програмата за да извлечат корист и тие и нивните семејства. Во Салата на Царството нема место за лошите манири, бидејќи „љубовта . . . не прави што е непристојно“ (1. Кор. 13:4, 5; Гал. 6:10).
5 Доброто однесување на нашите деца на состаноците исто така му донесува фалба и чест на Јеховиното име. Неопходно потребно е строгото надгледување од страна на родителите. Децата би требало да бидат охрабрени да слушаат и да земат учество на состаноците. Многу родители со мали деца седнуваат на место каде што ќе можат лесно да излезат и да се погрижат за потребите на своите деца, без непотребно да им пречат на другите.
6 Павле предупредил: „Живејте само достојно за Христовото Евангелие“ (Фил. 1:27). Затоа, да се трудиме да се однесуваме добро и да имаме обѕирност кон другите кога присуствуваме на состаноците. Со тоа што сите ќе соработуваат, ќе биде загарантирана „размена на охрабрувања . . . со секого преку верата на другиот“ (Рим. 1:12, НС).