Дали си испробал вечерно сведочење?
1 Сите ние наоѓаме задоволство во тоа да бидеме продуктивни во нашата работа. Од друга страна, кога не сме во можност да видиме позитивни резултати, работата може да стане еднолична и неисполнувачка. Смисловниот труд е лично наградувачки, а тоа е благослов. (Спореди Проповедник 3:10—13.) Ова начело можеме да го примениме на нашето дело на проповедање. Од искуство знаеме дека кога одиме од врата до врата и сме во можност да разговараме со луѓето околу Библијата, дома се враќаме духовно освежени. Чувствуваме дека навистина сме извршиле нешто.
2 Во некои подрачја стана многу тешко луѓето да се најдат дома во одредени часови од денот. Извештаите покажуваат дека во многу места повеќе од 50 отсто од луѓето не се дома кога доаѓаме рано во денот. Многу собранија се справиле со овој проблем правејќи подготовки за вечерно сведочење и наишле на добар успех. Објавителите известуваат дека кога доаѓаат подоцна во денот, повеќе луѓе се дома и, општо земено, изгледа дека луѓето се поопуштени и понаклонети да ја слушаат пораката за Царството. Дали си испробал вечерно сведочење на твоето подрачје? (Спореди Марко 1:32—34.)
3 Старешините организираат вечерно сведочење: Во некои области, состаноците за служба во доцните попладневни часови или рано навечер наишле на добар одзив. Може да им се укаже внимание на младите објавители кои завршуваат со училиште попладне и на возрасните кои завршиле со нивната световна работа подоцна во денот. Некои објавители кои не се во можност да одат во служба за време на викендите, увидуваат дека вечерното сведочење преку неделата е практичен начин и тие да имаат редовно учество во делото на проповедање.
4 Постојат различни активности со кои можеш да се зафатиш во текот на вечерното сведочење. Можеш да сведочиш од куќа до куќа со списанија или користејќи ја понудата на литература за месецот. Вечерта е згодно време да се посетуваат луѓе кои не биле дома кога објавителите биле таму порано во денот или во викендите. Можеби има и добро подрачје за сведочењето на улица, кое ти овозможува да дојдеш до луѓето кои се враќаат од работа. Многумина согледуваат дека вечерта е најдобро време за вршење повторни посети кај оние кои покажале интерес.
5 Биди внимателен и претпазлив: Излегување надвор во самрак или откако ќе се стемни, во извесни подрачја може да биде ризично. Би било мудро да се оди во парови или групи, по добро осветлени улици и да се посетуваат домови или станови само таму каде што има некаква гаранција дека ќе бидеш безбеден. Кога чукаш на вратата, застани на видливо место и јасно претстави се. Биди мудар. Кога ќе видиш дека си дошол во некое непогодно време, како на пример кога семејството јаде, предложи да навратиш другпат. Обично е најдобро твоето сведочење да го ограничиш на раните вечерни часови, наместо да правиш доцни посети кога станарите можеби се подготвуваат за в кревет.
6 Долгите летни вечери се особено погодни за вечерно сведочење. Додека му принесуваме на Бог „света служба ден и ноќ“, Јехова сигурно ќе ги благослови нашите напори (Откр. 7:15, НС).