Дали исправно управуваш со Божјата Реч?
1 Исус Христос бил најголемиот учител кој некогаш живеел на Земјата. Тој зборувал на начин кој ги допирал срцата на луѓето, покренувајќи ги нивните емоции и мотивирајќи ги да практикуваат добри дела (Мат. 7:28, 29). Како основа за своето учење, секогаш ја користел Божјата Реч (Лука 24:44, 45). За сѐ што знаел и за кое можел да поучува, тој му дал признание на Јехова Бог (Јован 7:16). Исус им поставил одличен пример на неговите следбеници со тоа што исправно управувал со Божјата Реч (2. Тим. 2:15, НС).
2 Апостол Павле исто така служел како извонреден пример со тоа што делотворно управувал со Божјата Реч. Тој правел повеќе отколку само да им го чита Писмото на другите; тој го објаснувал и го расудувал она што го читал, изнесувајќи доказ од Божјата Реч дека Исус бил Христос (Дела 17:2—4). На ист начин, речитиот ученик Аполос бил „добро упатен во Писмото“ и исправно управувал со него при моќното презентирање на вистината (Дела 18:24, 28, НС).
3 Биди учител на Божјата Реч: Современите објавители на Царството се радуваат на одличен успех во поучувањето на луѓето со искрени срца со тоа што укажуваат и расудуваат од Библијата. Во еден случај, еден брат можел да го употреби Језекиил 18:4 заедно со поврзаните стихови за да расудува со еден пастор и тројца негови епархијани во врска со судбината на злобните и на праведните. Како резултат на тоа, некои членови на црквата почнале да проучуваат, а еден од нив на крај ја прифатил вистината. Во друг случај, една сестра била замолена да му објасни на сопругот на една интересентка, кој се противел, зошто Јеховините сведоци не слават Божиќ и родендени. Додека ги читала библиските одговори директно од книгата Расудување, човекот ја изразил својата согласност. Неговата сопруга била толку одушевена на неговото прифаќање, што рекла: „Ние ќе доаѓаме на вашите состаноци“. И сопругот се сложил!
4 Користи ја помошта што е на располагање: Наша служба за Царството и програмата на Состанокот за служба нудат одлично водство за да ни помогнат во управувањето со Божјата Реч. Многу објавители изразија ценење за разноликоста на предложените презентации што се објавени и прикажани за наша корист и кои се докажале како многу навремени и делотворни. Книгата Расудување на темел на Писмото содржи изобилство идеи за тоа како исправно да се образложат повеќе од 70 главни теми што се повикуваат на Божјата Реч. Книгата Спознание кое води до вечен живот дава едно концизно резиме на сите основни библиски учења кои новите треба да ги разберат. Лекциите 24 и 25 од Водич за Теократската школа за служба ни покажуваат како вештите учители исправно ги воведуваат, читаат и применуваат стиховите. Ние треба добро да ја употребуваме сета оваа помош која спремно ни е ставена на располагање.
5 Кога исправно управуваме со Божјата Реч, ќе увидиме дека таа „е жива и има моќ . . . и е способна да ги просудува мислите и намерите на срцето“ на оние на кои им проповедаме (Евр. 4:12, НС). Успехот на кој се радуваме со неа ќе нѐ поттикне да ја зборуваме вистината со уште поголема смелост! (Дела 4:31, НС).