Подготви сопствена презентација на списанија
1 Ние ги цениме списанијата Стражарска кула и Разбудете се! поради нивните навремени и информативни статии кои опфаќаат сѐ — од светски прашања па до „длабините Божји“ (1. Кор. 2:10). Сите ние се сеќаваме на многу нови и изградувачки работи што ги читавме во овие списанија, кои Јехова ги користи за прогресивно откривање на вистината (Изр. 4:18). Ние сакаме да бидеме желни да ги дистрибуираме колку што е можно нашироко.
2 Анализирај го своето подрачје: Каков вид луѓе живеат на твоето подрачје? Ако нивното темпо на живеење е брзо, можеби ќе треба да подготвиш презентација која е кратка и конкретна. Ако имаш подрачје во кое темпото на живеење не е толку забрзано, можеби ќе можеш да кажеш повеќе. Ако повеќето станари работат во текот на денот, можеби ќе имаш подобар успех ако ги посетиш во нивните домови доцна попладне или рано навечер. Би можел да контактираш со некои преку ден, сведочејќи на улица или работејќи од продавница до продавница. Некои објавители постигнуваат добри резултати со тоа што неформално им пристапуваат на луѓето, на паркиралиштата и во градските паркови.
3 Запознај се со списанијата: Прочитај го секое издание веднаш штом ќе го добиеш. Избери ги статиите за кои мислиш дека би можеле да им се допаднат на луѓето на твоето подрачје. Кои теми ги интересираат? Побарај посебна точка што ќе можеш да ја цитираш од статијата која планираш да ја истакнеш. Размисли за некое прашање кое можеш да го покренеш за да поттикнеш интерес. Избери навремен стих за да му го прочиташ на станарот ако добиеш прилика за тоа. Размисли за тоа што би можел да кажеш за да ја спомнеш подготовката за донации и како би можел да положиш темел за повторна посета.
4 Подготви ги твоите уводни зборови: Внимателно избери ги зборовите што планираш да ги употребиш за да се претставиш и да започнеш разговор. Некои имале успех со овој уводен коментар: „Прочитав една фасцинантна статија во ова списание, па сакам да ја споделам со другите“. Многумина започнуваат со едно прашање кое се сосредоточува на говорната точка што планираат да ја употребат. На пример:
5 Ако истакнуваш статија за раширеноста на криминалот, би можел да прашаш:
◼ „Што е потребно за да можеме ноќе да спиеме без страв да не бидеме опљачкани или повредени?“ Објасни дека ти имаш некои информации за еден лек во врска со овој проблем. Исто така, тој лек наскоро ќе го отстрани секој друг вид социјален неред. Укажи на нешто од списанието што нуди таква надеж. Кога ќе навратиш, можеш да го привлечеш вниманието на станарот на 1. поглавје од книгата Спознание.
6 Кога нудиш статија за семејниот живот, би можел да го кажеш ова:
◼ „Повеќето родители увидуваат дека да се подига семејство во овие денови е вистински предизвик. На таа тема се напишани многу книги, но дури ни експертите не се сложуваат. Постои ли некој кој може да обезбеди веродостојно водство?“ Сподели одреден коментар од списанието, кој го покажува мудриот совет што се наоѓа во Библијата. Кога ја правиш повторната посета, дискутирај за библиски мисли кои се опфатени во книгата Спознание, страници 145—148, во врска со подигањето на децата.
7 Кога истакнуваш статија за социјален проблем, би можел да кажеш:
◼ „Многу луѓе се чувствуваат под притисок поради напорните времиња во кои живееме. Мислите ли дека Бог имал намера да живееме на ваков начин?“ Укажи на некоја статија која покажува како да се излезе на крај со денешните проблеми или што дава причини со радост да очекуваме иднина која ќе биде без грижи. На твојата следна посета, дискутирај за илустрацијата и за придружниот текст на страници 4 и 5 од книгата Спознание, а потоа премини директно на домашна библиска студија.
8 Приспособи се кон станарот: Ќе сретнеш луѓе кои имаат различни интереси и потекло. Подготви основна презентација која ќе можеш да ја прилагодиш на секој станар. Имај на ум како би можел она што го кажуваш да го приспособиш на маж, жена, постаро лице или на млад човек. Не постојат строги правила во врска со тоа што мораш да кажеш. Употреби го она што ти е угодно тебе и што донесува резултати. Но, биди одушевен, зборувај од срце и биди добар слушател. Оние кои се „исправно настроени“ ќе ја осетат твојата искреност и ќе реагираат поволно (Дела 13:48, НС).
9 Да си помагаме еден со друг: Со тоа што си споделуваме идеи еден со друг, учиме нови начини да се изразуваме. Ако заедно ги вежбаме нашите презентации, тоа ќе ни даде искуство и доверба (Изр. 27:17). Ако го извежбаш она што имаш намера да го кажеш, ќе се чувствуваш поопуштен на вратата. Важно е родителите да си одвојат време за да им помогнат на своите деца да се подготват, да слушаат додека тие ја вежбаат својата презентација и да им понудат предлози за подобрување. Новите можат да извлечат корист ако работат со поискусните објавители.
10 Подготвувањето сопствена презентација на списанија не треба да биде тешко. Тоа едноставно бара да смислиш во умот нешто одредено што ќе кажеш, и потоа да го изразиш на еден привлечен начин. Со иницијатива и претходно размислување можеш да составиш добра презентација која ќе наиде на добар одѕив.
11 Дистрибуцијата на списанија е еден од главните начини на кои ја шириме пораката за Царството ширум светот. Ако можеш да ги дадеш Стражарска кула и Разбудете се! во рацете на искрените луѓе, списанијата можат да зборуваат за себе. Секогаш сеќавај се на нивната вредност и на тоа дека нивната порака може да спасува животи. Овој вид ‚правење добро и делење со другите‘ е нешто што многу го радува Јехова (Евр. 13:16, НС).