Собери храброст да правиш повторни посети
1 Дали се радуваш на правењето повторни посети? Многу објавители се радуваат. Можеби на почетокот си бил плашлив, особено кога си навраќал кај станари кои покажале само ограничен интерес кога првпат си контактирал со нив. Но, додека ‚преку нашиот Бог собираш храброст за да ја зборуваш добрата вест‘ во правењето повторни посети, можеби ќе бидеш изненаден кога ќе увидиш колку лесно и наградувачко може да биде ова дело (1. Сол. 2:2, НС). Како тоа?
2 Како прво, постои значајна разлика меѓу повторна посета и прва посета. Повторната посета се прави кај познаник, не кај непознат, а обично полесно е да се разговара со познаник отколку со непознат. Што се однесува, пак, до богатите награди кои произлегуваат од учеството во ова дело, повторните посети можат да водат до продуктивни домашни библиски студии.
3 Кога работиме од куќа до куќа, честопати одиме кај луѓе кои не биле заинтересирани кога претходно сме ги посетиле. Тогаш, зошто и понатаму ги посетуваме? Сфаќаме дека околностите на луѓето се менуваат и дека поединецот кој изгледал рамнодушен или дури и противнички настроен при претходната посета, можеби ќе биде заинтересиран кога ќе го посетиме следниот пат. Имајќи го тоа на ум, ние добро се подготвуваме и се молиме за Јеховин благослов за нешто што ќе кажеме овој пат да предизвика поволна реакција.
4 Ако во нашето дело од куќа до куќа спремно им проповедаме на луѓето кои претходно воопшто не покажале интерес, зарем тогаш не треба уште поспремно да навратиме кај некој кој покажува некаков интерес за пораката на Царството? (Дела 10:34, 35).
5 Многумина од нас денес се во вистината затоа што некој објавител стрпливо правел повторни посети кај нас. Ако ти си еден од таквите, можеш да се прашаш: ‚Каков почетен впечаток му оставив на тој објавител? Дали веднаш ја прифатив пораката за Царството кога првпат ја слушнав? Можно ли е да сум изгледал рамнодушно?‘ Треба да бидеме среќни што објавителот кој навратил, проценил дека вреди да направи повторна посета кај нас, ‚собрал храброст преку Бог‘, извршил посета и продолжил да нѐ поучува за вистината. Што е со оние поединци кои на почетокот покажуваат некаков интерес, но изгледа дека подоцна нѐ избегнуваат? Неопходен е позитивен став, како што потврдува и следново искуство.
6 Додека едно рано утро учествувале во сведочење на улица, две објавителки сретнале една млада госпоѓа која туркала количка со дете. Жената примила списание и ги поканила сестрите да дојдат во нејзиниот дом следната недела. Тие стигнале во одреденото време, но станарката им кажала дека нема време да разговара. Но, ветила дека ќе биде слободна следната седмица. Сестрите се сомневале дека таа ќе се држи за договорот, но кога навратиле госпоѓата ги чекала. Била започната студија и напредокот на жената бил извонреден. За кратко време, таа почнала редовно да присуствува на состаноците и да учествува во службата на теренот. Сега е крстена.
7 Постави темел при првата посета: Темелот за успешна повторна посета честопати е поставен при првата посета. Внимателно слушај ги коментарите на станарот. Што ти кажуваат тие? Дали тој е религиозно настроен? Дали е загрижен за општествени прашања? Дали е заинтересиран за наука? историја? животната средина? При завршувањето на посетата, можеш да поставиш едно прашање кое поттикнува на размислување и вети дека ќе дискутирате за библискиот одговор кога ќе навратиш.
8 На пример, ако станарот се одѕвие на библиското ветување за рајска Земја, можеби ќе биде прикладна понатамошна дискусија на таа тема. Токму пред да си заминеш, би можел да прашаш: „Како можеме да бидеме сигурни дека Бог ќе го исполни ова ветување?“ Потоа додај: „Можеби ќе можам да наминам кога ќе бидат дома и останатите од семејството и тогаш ќе можам да Ви го покажам библискиот одговор на ова прашање“.
9 Ако станарот не покажал интерес за некоја посебна тема, би можел да поставиш едно од прашањата кои се истакнати во презентациите на последната страница од Наша служба за Царството и употреби го како основа за вашата следна дискусија.
10 Води точни забелешки: Твоите белешки од куќа до куќа треба да бидат точни и целосни. Напиши го името и адресата на станарот веднаш штом ќе си заминеш од посетата. Не го нагаѓај бројот на куќата или името на улицата — провери ја информацијата за да бидеш сигурен дека е точна. Напиши опис на поединецот. Забележи ја темата за која сте дискутирале, стиховите кои си ги прочитал, секоја литература која си ја оставил и прашањето кое треба да го одговориш кога ќе навратиш. Внеси го денот и времето на првата посета и денот за кој си рекол дека ќе навратиш. Сега, кога твоите белешки се комплетни, пази да не ги изгубиш! Стави ги на сигурно место за да можеш да се повикаш на нив подоцна. И понатаму размислувај за поединецот и за тоа како ќе постапиш на следната посета.
11 Знај кои се твоите цели: Прво, направи го најдоброто од тебе за да се опушти станарот со тоа што ќе бидеш срдечен и пријателски настроен. Покажи дека си заинтересиран за него како за личност, без да си претерано близок. Како следно, потсети го на некое прашање кое си го поставил на претходната посета. Внимателно слушај го неговото мислење и изрази искрено ценење за неговите коментари. Потоа, укажи му зошто е практично библиското гледиште. Ако е можно, насочи го на некоја сродна мисла во книгата Спознание кое води до вечен живот. Немој никако да заборавиш дека твоја главна цел на повторните посети е да започнеш библиска студија.
12 Отвореноста на книгата Спознание инспирирала многумина од нас да ‚соберат храброст‘ за да ги охрабриме учениците на библиските студии да присуствуваат на состаноците и да се поврзат со Јеховината организација. Во минатото, бевме склони да чекаме додека поединците проучуваат едно подолго време пред да ги поканиме да се поврзат со нас. Сега, многу ученици присуствуваат на состаноците веднаш штом ќе почнат да проучуваат и како резултат на тоа многу побрзо напредуваат.
13 Една брачна двојка неформално му сведочела на еден колега. Кога тој покажал интерес за вистината, му понудиле библиска студија со книгата Спознание. Истовремено, му кажале дека треба да биде присутен на состаноците, каде што ќе бидат одговорени многу негови прашања. Човекот не само што спремно ја прифатил нивната покана да проучува туку и проучувал двапати седмично и почнал редовно да присуствува на состаноците во Салата на Царството.
14 Користи ја брошурата Што бара Бог од нас?: На Обласните конгреси „Гласници на божествен мир“ ја добивме брошурата Што бара Бог од нас? Оваа брошура е корисна за започнување библиски студии со луѓето кои се плашат од Бог, без оглед на степенот на нивното образование. Таа содржи комплетен курс за проучување, опфаќајќи ги основните учења на Библијата. Оваа публикација ќе биде многу делотворно орудие за споделување на спознанието за Бог. Таа толку јасно и едноставно ја објаснува вистината што, практично, секој од нас ќе може да ја користи за да ги поучува другите за Божјите барања. Веројатно, многу објавители ќе имаат предност да водат библиска студија со оваа брошура.
15 Некои поединци кои мислат дека немаат време да ја проучуваат книгата Спознание можеби ќе бидат спремни да имаат кратки периоди на проучување од брошурата Бара. Тие ќе бидат восхитени од она што ќе го учат! На само две или три страници, ќе најдат одговори на прашања за кои луѓето со векови размислуваат: Кој е Бог? Кој е Ѓаволот? Која е Божјата намера со Земјата? Што е Божјето Царство? Како можеш да ја најдеш вистинската религија? Иако брошурата ја презентира вистината со едноставни зборови, нејзината порака е многу силна. Таа ги опфаќа клучните точки кои старешините ќе ги разгледаат со кандидатите за крштавање и кои можат да служат како отскочна даска за потемелна студија на книгата Спознание.
16 За да понудиш студија на повторна посета, можеш едноставно да речеш: „Дали сте знаеле дека ако одвоите само неколку минути, можете да добиете одговор на едно важно библиско прашање?“ Потоа, постави некое прашање кое се појавува на почетокот на една од лекциите во брошурата. На пример, ако посетуваш постаро лице, би можел да кажеш: „Знаеме дека во минатото Исус ги лекувал луѓето. Но, што ќе направи Исус во иднина за болните? старите? мртвите?“ Одговорите се наоѓаат во лекција 5. Некое религиозно настроено лице можеби ќе го заинтересира прашањето: „Дали Бог ги слуша сите молитви?“ Тоа е одговорено во лекција 7. Членовите на семејството ќе сакаат да знаат: „Што бара Бог од родителите и од децата?“ Тоа ќе го откријат додека ја проучуваат лекција 8. Други прашања се: „Дали мртвите можат да им наштетат на живите?“ — објаснето е во лекција 11; „Зошто има толку многу религии кои тврдат дека се христијански?“ — дискутирано е во лекција 13 и „Што мораш да сториш за да станеш Божји пријател?“ — обработено во лекција 16.
17 Помогни им на оние кои зборуваат друг јазик: Што е со станарите кои зборуваат друг јазик? Ако е можно, тие треба да бидат поучувани на јазикот кој најдобро го знаат (1. Кор. 14:9). Надгледникот на градот (или покраинскиот надгледник во селско подрачје) можеби ќе може да обезбеди информации во врска со групи на странски јазици кои ги има во тоа место. Тогаш, секретарот ќе може сите Ливчиња за посета на лице кое зборува странски јазик (S-70a), што тој ги добива од членовите на собранието, да ги испрати до соодветното собрание или група на странски јазик. Ако во близина нема собранија или групи и нема локални објавители кои го зборуваат јазикот на станарот, објавителот може да се обиде да проучува со станарот, користејќи ја брошурата Бара на два јазика.
18 Еден објавител кој зборува англиски започнал студија со еден човек кој зборува виетнамски и со неговата сопруга која зборува таи. За време на студијата биле користени публикации и Библии на англиски, виетнамски и таи. Иако на почетокот јазичната бариера претставувала предизвик, објавителот пишува: „Духовниот раст на двојката беше брз. Тие ја сфатија потребата со своите две деца да почнат да присуствуваат на состаноците и секоја вечер ја читаат Библијата како семејство. Нивната шестгодишна ќерка води сопствена библиска студија“.
19 Кога проучуваш со луѓе кои зборуваат друг јазик, зборувај полека, изразувај се јасно и користи едноставни зборови и фрази. Но, имај на ум дека со луѓето кои зборуваат друг јазик треба да се однесуваме со достоинство. Тие не треба да бидат третирани како да се новороденчиња.
20 Добро користи ги убавите илустрации во брошурата Бара. Ако „сликата вреди илјадници зборови“, мноштвото илустрации во брошурата многу ќе му кажат на станарот. Охрабри го да ги чита стиховите во сопствената Библија. Ако студијата може да биде водена во време кога е присутен некој член на семејството кој знае македонски, за да толкува, тоа без сомнение ќе биде корисно. (Види Наша служба за Царството од октомври 1990, стр. 3; март 1984, стр. 8 [англ.].)
21 Прави повторни посети без одложување: Колку долго треба да чекаш пред да направиш повторна посета? Некои објавители навраќаат за ден или два после првиот контакт. Други се враќаат истиот ден подоцна! Дали тоа е пребрзо? Обично, станарите немаат ништо против тоа. Честопати, објавителот кој прави посета е тој кој треба да негува попозитивен став со малку храброст. Разгледај ги следниве искуства.
22 Еднаш, еден 13-годишен објавител работел од куќа до куќа и видел две жени како се шетаат. Имајќи го на ум охрабрувањето да им се проповеда на луѓето секаде каде што ги наоѓаме, тој им пристапил на жените на улицата. Тие покажале интерес за пораката на Царството и двете зеле по еден примерок од книгата Спознание. Младиот брат ги добил нивните адреси, навратил после два дена и започнал библиска студија со секоја од нив.
23 Една сестра прави подготовки да наврати следната седмица. Но, ден или два после првата посета, таа наминува кај станарот за да му даде списание на темата за која дискутирале претходно. Таа на станарот му вели: „Ја видов оваа статија и помислив дека ќе сакате да ја прочитате. Сега не можам да се задржам да разговараме, но ќе навратам во среда попладне како што беше планирано. Дали тоа време сѐ уште Ви одговара?“
24 Кога некој поединец покажува интерес за вистината, можеме да бидеме сигурни дека ќе наиде на противење во еден или во друг облик. Нашето навраќање кратко после првиот контакт ќе го зајакне да им одолее на сите притисоци со кои се соочува од страна на роднините, блиските пријатели и другите.
25 Негувај го интересот кај оние кои ги наоѓаш на јавни места: Многумина од нас се радуваат да проповедаат на улиците, на паркиралиштата, во јавниот превоз, во трговските центри, во парковите итн. Освен што треба да оставаме литература, треба да негуваме и интерес. За таа цел, треба да направиме напор да го добиеме името, адресата и, ако е можно, телефонскиот број на секое заинтересирано лице кое го среќаваме. Не е толку тешко да ги добиеш тие информации колку што можеби си мислиш. Додека се привршува разговорот, земи го својот нотес и прашај: „Постои ли некој начин да можеме другпат да го продолжиме овој разговор?“ Или, кажи: „Би сакал да прочитате една статија за која сум сигурен дека ќе Ве интересира. Може ли да Ви ја донесам дома или во канцеларија?“ Еден брат едноставно прашува: „На кој број можам да Ве добијам?“ Тој известува дека за три месеци сите, освен три лица, радо му го дале својот телефонски број.
26 Користи го телефонот за да најдеш и развиеш интерес: Една сестра — пионерка го користи телефонот за да ги достигне луѓето кои живеат во зградите со високо обезбедување. Исто така, таа прави повторни посети на истиот начин. При првиот повик, таа вели: „Знам дека не ме познавате. Јас правам посебен напор да стапам во контакт со луѓето од Вашето подрачје за да споделам една мисла од Библијата. Ако имате само еден момент, би сакала да Ви го прочитам ветувањето кое се наоѓа во . . .“ Откако го чита стихот, таа вели: „Зарем не би било прекрасно кога би можеле да го доживееме тоа време? Ми беше драго да Ви го прочитам ова. Ако и Вам Ви беше, би сакала повторно да Ви се јавам и да дискутираме за друг стих“.
27 При повторниот телефонски повик таа го потсетува станарот за нивниот претходен разговор и вели дека би сакала од Библијата да прочита за тоа какви ќе бидат околностите кога ќе биде отстрането злото. Потоа, таа има кратка библиска дискусија со станарот. Преку многуте телефонски разговори, 35 луѓе ја поканиле во својот дом и биле започнати седум библиски студии! Дали понекогаш ти е тешко да правиш повторни посети кај заинтересираните лица во текот на студените зимски месеци поради непроодните патишта, услови кога е замрзнато или поради болест? Ако да, зошто не останеш во контакт со нив преку телефон?
28 Следи го интересот најден на деловните подрачја: Во работењето од продавница до продавница е вклучено многу повеќе отколку само да се понудат списанија. Многу трговци имаат искрен интерес за вистината и тој интерес мора да се негува. Во некои случаи, можеби е возможно да се води библиска дискусија, па дури и студија баш во тие простории. Во други случаи, пак, ти и заинтересираното лице можеби ќе можете да се сретнете во текот на паузата за ручек или во некое друго прикладно време.
29 Еден патувачки надгледник го посетил сопственикот на една мала колонијална продавница и понудил да му покаже како изгледа една библиска студија. Кога бил запрашан колку долго ќе трае тоа, патувачкиот надгледник рекол дека тоа ќе одземе само 15 минути. После тоа, трговецот закачил на вратата еден натпис: „Се враќам за 20 минути“, донел две столчиња и тие двајцата дискутирале за првите пет пасуси од книгата Спознание. Овој искрен човек бил толку импресиониран од она што го научил, што присуствувал на Состанокот за јавност и Студијата на Стражарска кула таа недела и се сложил да ја продолжи студијата следната седмица.
30 За да понудиш студија во деловен простор, би можел да го кажеш ова: „За да се прикаже нашата програма за студија на Библијата, потребни се само 15 минути. Ако Вам Ви одговара, ќе ми биде задоволство да Ви покажам како се прави тоа“. Потоа, држи се за ограниченото време. Ако не е можно да се води долга дискусија на работното место, можеби ќе биде посоодветно да го посетиш трговецот во неговиот дом.
31 Наврати дури и кога не си оставил литература: Секоја искра интерес заслужува повторна посета, без разлика дали е оставена литература или не. Се разбира, ако стане јасно дека станарот навистина не е заинтересиран за пораката на Царството, ќе биде најдобро твоите напори да ги насочиш на друго место.
32 Во делото од врата до врата, една сестра сретнала една госпоѓа која била многу пријателски настроена, но цврсто ја одбила понудата на списанија. Објавителката пишува: „Неколку дена мислев на неа и решив повторно да разговарам со неа“. На крај, сестрата се помолила, собрала храброст и чукнала на вратата на госпоѓата. На нејзино одушевување, станарката ја поканила внатре. Била започната библиска студија и била водена повторно следниот ден. Со текот на времето, станарката дошла во вистината.
33 Однапред планирај да постигнеш најмногу: Препорачано е секоја седмица да поминеме извесно време во правење повторни посети. Со добро планирање може многу да се постигне. Распредели ги посетите кои се на истото подрачје каде што треба да работиш од куќа до куќа. Кога се работи со автомобил, групата треба да биде мала за секој член потполно да има можност да прави повторни посети. Возачот треба однапред да знае каде ќе се прават повторни посети за да може да се избегне непотребно возење.
34 Оние кои се успешни во правењето повторни посети и во започнувањето домашни библиски студии велат дека е неопходно да се покаже искрен личен интерес за луѓето и да се размислува за нив дури и откако е извршена посетата. Исто така, неопходно е да се дискутира за некоја привлечна библиска тема и темелот за повторната посета да се постави пред да се замине од првата посета. Понатаму, важно е навреме да се наврати за да се продолжи интересот. Секогаш во мислите мора да се задржи целта да се започне библиска студија.
35 Храброста е битна особина за успехот во делото на повторни посети. Како се стекнува таа? Апостол Павле одговара на тоа велејќи дека треба да ‚собереме храброст‘ за да им ја објавиме добрата вест на другите „преку нашиот Бог“. Ако треба да растеш на тоа подрачје, моли го Јехова за помош. Потоа, во склад со своите молитви, следи го секој интерес. Јехова сигурно ќе ги благослови твоите напори!
[Рамка на страница 3]
Како да се биде успешен во правењето повторни посети
■ Покажи искрен личен интерес за луѓето.
■ Избери привлечна библиска тема за дискусија.
■ Положи темел за секоја наредна посета.
■ Продолжи да размислуваш за лицето и откако ќе си заминеш.
■ Наврати за ден или два за да го продолжиш интересот.
■ Имај ја на ум својата цел да започнеш библиска студија.
■ Моли се за помош да собереш храброст за ова дело.