Ќе го сториме ли тоа повторно? — друг повик за помошни пионери
1 Ќе сториме ли повторно — што? Ќе бидеме ли помошни пионери во сезоната на Меморијалот? Додатокот на Наша служба за Царството од февруари 1997 го плени нашето внимание преку насловот со масни букви: „Се бараат — 100.000 помошни пионери“. Бевме уверени дека тој повик ќе го сфатиш сериозно. Кога беше составен извештајот од службата за март 1997, бевме восхитени кога дознавме дека во помошната пионерска служба се пријавиле 139 лица! Доколку на тој број ги додадеме 32-та општи пионера и 7-те специјални пионери кои известиле тој месец, увидуваме дека скоро 23 проценти од сите објавители биле во пионерска служба. Ќе го сториме ли тоа повторно во сезоната на овој Меморијал?
2 Срдечно ги пофалуваме сите кои вложија екстра напор за да ја зголемат својата активност во службата на теренот минатата пролет. Јасно, сите вие бевте мотивирани од несебичната љубов кон Јехова Бог и кон својот ближен (Лука 10:27; 2. Петр. 1:5—8). Простор за помошна пионерска служба направија објавители со различни животни околности. Во едно собрание во Соединетите Држави, 51 од објавителите пионереле заедно истиот месец, вклучувајќи ги повеќето од старешините, една мајка со 15-месечна ќерка, една сестра која ја напуштила својата работа и нашла работа со скратено работно време за да ѝ овозможи да пионери и една постара сестра која никогаш пред тоа не пионерела. Покраинскиот надгледник напишал: „Во ек е огромен напор во проповедничкото дело . . . Ова не само што има учинок на подрачјето туку и собранијата вријат од одушевување. Браќата се радуваат на тоа што подобро се запознаваат еден со друг, како и што ги гледаат убавите резултати во службата“.
3 Младите луѓе не беа изоставени минатата пролет. Една 13-годишна некрстена објавителка го очекувала времето кога можела да го симболизира своето предание на Јехова. Откако во февруари се крстила, во врска со нејзината желба да биде помошен пионер во март напишала: „Сега, кога ништо не ме задржуваше, веднаш ја предадов мојата молба . . . Многуте прекрасни искуства кои ги уживавме немаше никогаш да станат реалност ако не беше вашата полна со љубов покана да пионериме. Благодарна сум му на Јехова што ја имав оваа предност да бидам меѓу оние 100.000 кои се одѕваа“. Таа си поставила цел да го стори тоа повторно.
4 Можеби и ти беше меѓу 139-те кои учествуваа во помошната пионерска активност минатиот март, или меѓу 88-те во април или меѓу 70-те во мај. Ќе го сториш ли тоа повторно годинава? Доколку не можеше да пионериш минатата пролет, можеш ли да го сториш тоа годинава? Би можеле ли да го надминеме 139 — бројот на оние кои беа помошни пионери во март 1997? Тоа беше најголемиот број помошни пионери за кој и да е поединечен месец во Македонија.
5 Сосредоточи се на април и мај: Годинава, Меморијалот се паѓа в сабота на 11 април, правејќи го април одличен месец за зголемена активност во службата (2. Кор. 5:14, 15). Во текот на првите 11 дена од месецот, ќе обрнуваме внимание на тоа да поканиме колку што е можно повеќе заинтересирани лица да присуствуваат на Меморијалот. Доколку планираш да бидеш помошен пионер, те молиме поднеси ја твојата молба доволно рано пред датумот на кој сакаш да започнеш (1. Кор. 14:40).
6 Бидејќи мај има цели пет викенди, објавителите кои одат на училиште или кои имаат световна работа со цело работно време можеби ќе увидат дека е полесно да бидат помошни пионери тој месец. Ако планираш по десет часа во службата на теренот во секој од петте викенди, ќе треба да испланираш само уште десет додатни часови во месецот за да ги постигнеш бараните 60 часа.
7 Во текот и на април и на мај, како понуда на литература ќе презентираме поединечни примероци од Стражарска кула и Разбудете се! Тоа треба да охрабри уште повеќе од нас да посегнат и да пионерат. Зошто го велиме тоа? Списанијата се лесни за презентирање и задоволство е да се работи во службата со нив. Тие се погодни за користење во сите гранки на службата — во делото од куќа до куќа и од продавница до продавница, како и кога им пристапуваме на луѓето на улица, на паркиралишта и во паркови, како и во други неформални рамки. Што е најважно, Стражарска кула и Разбудете се! ги поддржуваат вистините за Царството. Тие свртуваат внимание кон исполнувањето на библиското пророштво, докажувајќи дека Божјето Царство владее. Исто така, тие влијаат врз животот на читателите со тоа што се фаќаат во костец со реалните потреби на луѓето. Доколку мислиме на тоа како овие скапоцени журнали влијаеле врз нашиот живот, ќе бидеме мотивирани да учествуваме во нивната дистрибуција колку што може нашироко во април и мај.
8 При подготовката за оваа засилена активност со списанијата, ќе извлечеш корист од повторувањето на овие статии: „Стражарска кула и Разбудете се! — Навремени списанија на вистината“ (Стражарска кула, 1 јануари 1994), „Искористувај ги најдобро што можеш нашите списанија“ (Наша служба за Царството, септември 1995) и „Подготви сопствена презентација на списанија“ (Наша служба за Царството, октомври 1996).
9 Старешините го преземаат водството: За да им излезат во пресрет на многуте објавители кои пионереа минатата пролет, старешините во едно собрание во Соединетите Држави истакнале една сабота во месецот како специјален ден на активност во службата за целото собрание. Биле направени подготовки да се состанат во извесен број различни термини во текот на денот, давајќи им на сите во собранието прилика да учествуваат во различни облици на сведочењето. Тие вклучувале работење во деловни простории, сведочење на улица, посетување од куќа до куќа, правење повторни посети, пишување писма и сведочење по телефон. Одѕивот бил извонреден — 117 објавители кои учествувале во службата на теренот во текот на тој ден. Износот бил 521 час поминат во службата и 617 оставени списанија, брошури и книги! Возбудливоста од таа сабота била пренесена во неделата, со скоро рекордна посетеност на Состанокот за јавност и на Студијата на Стражарска кула.
10 На секој Состанок за служба во април и мај, собранието треба да биде потсетувано за тоа кога и каде ќе се одржуваат состаноците за служба на теренот во текот на претстојната седмица, особено доколку се прават некои додатни подготовки покрај оние кои нормално се предвидени. Општите пионери, како и објавителите кои не се помошни пионери, се охрабрени да ги поддржат овие групни подготовки колку што дозволуваат нивните околности.
11 Надгледникот за служба ќе треба да се состане со братот кој ги доделува подрачјата за да направи подготовки да се работат оние кои не се често обработувани. Може да се посвети зголемено внимание на оние кои не се дома, како и на сведочењето на улица и од продавница до продавница. Може да се нагласи вечерното сведочење, особено онаму каде што има враќање на летното сметање на времето во првиот викенд од април. И за април и за мај треба да се нарача доволна залиха од списанија за предвидената зголемена активност.
12 Можат да се квалификуваат многу објавители: Првата реченица од молбата за помошен пионер наведува: „Поради мојата љубов кон Јехова и мојата желба да им помогнам на другите да научат за него и за неговите намери полни со љубов, би сакал(а) да го зголемам мојот удел во службата на теренот со стапување во помошна пионерска служба“. Љубовта кон Јехова и желбата духовно да им помагаме на другите се основни за нашето предание (1. Тим. 4:8, 10). За да се квалификува некој за помошна пионерска служба мора да биде крстен, да е на добар глас во морален поглед и да биде во позиција во текот на месецот да посветува 60 часа во службата. Додека сите ние ги разгледуваме своите околности, би можеле ли некои од нас, кои никогаш порано не пионереле, да го сторат тоа годинава во април или мај?
13 Многумина во собранијата можеби увидуваат дека и тие би можеле да пионерат кога гледаат дека се пријавуваат други кои имаат околности слични на нивните. Деца на школска возраст, остарени лица, лица кои имаат световна работа со цело работно време — вклучувајќи старешини и слуги помошници — и други, биле успешни помошни пионери. Една домаќинка и мајка на две деца, која има работа со цело работно време, постигнала 60 часа, дала 108 списанија и започнала 3 библиски студии во еден месец на помошна пионерска служба. Како го сторила тоа? Ја користела својата пауза за ручек на работа за да сведочи во блиското подрачје, сведочела пишувајќи писма и учествувала во сведочењето на паркиралишта и на улица. Исто така, нејзиниот слободен ден од работа секоја седмица го користела многу корисно така што учествувала во службата на теренот со собранието. Иако на почетокот мислела дека помошната пионерска служба е недостижна цел, со охрабрување од другите и со практичен распоред пречките биле надминати.
14 Исус ги уверил своите ученици: „Јаремот Мој е благ и бремето Мое е лесно“ (Мат. 11:30). Тоа беше насловот на една охрабрувачка статија во Стражарска кула од 15 август 1995. Таа кажува за една сестра која имала световна работа со голем стрес и со цело работно време. Дали мислела дека помошната пионерска служба за неа не доаѓа во обѕир? Не. Всушност, таа успевала да биде помошен пионер секој месец. Зошто? Бидејќи чувствувала дека пионерењето всушност ѝ помага да ја задржи нејзината рамнотежа. Самото тоа што им помагала на луѓето додека ја учеле библиската вистина и што гледала како ги менуваат своите животи за да стекнат Божје одобрување било најголемиот извор на радост во нејзиниот исполнет живот (Изр. 10:22).
15 Кои било лични жртви и преиначувања кои некој треба да ги направи за да пионери, се повеќе од надоместени преку благословите кои тој ги ужива. За своето искуство во помошната пионерска служба, една сестра напишала: „Таа ми помогна да ги одвратам мислите од себе и да бидам повеќе фокусирана на помагањето на другите . . . Им ја препорачувам на оние кои можат да го сторат тоа“.
16 Тоа бара добар распоред: На последната страница од овој додаток ги репродуциравме пример-распоредите кои се појавија во Наша служба за Царството од февруари 1997. Можеби некој од нив одговара на твоите околности. Додека повторно ги разгледуваш, размисли за твојата нормална рутина на месечна активност. Кои проекти околу домот можат да се извршат пред твоето пионерење или, пак, можат привремено да се одложат за после тоа? Може ли дел од времето кое го поминуваш на забава, рекреација или други облици на слободно време да биде елиминирано? Наместо да гледаш на вкупниот број од 60 часа кои се потребни, планирај го својот распоред на дневна или на седмична основа. За да се биде помошен пионер, потребни се само два часа дневно или 15 часа седмично. Погледај ги пример-распоредите и, со молив в рака, види што можеш да смислиш во поглед на еден личен распоред за служба кој најдобро одговара за тебе и за твоето семејство.
17 Убавиот одѕив и екстра напорот што го покажало собранието за службата минатата пролет го потстрекнало одушевувањето на еден општ пионер, кој напишал: „Многу сум ви благодарен за вашето охрабрување полно со љубов да се вложи екстра напор за да се поддржи помошната пионерска служба . . . Вашите предложени распореди им помогнаа на многумина кои никогаш порано не пионереле да увидат дека би можеле да го сторат тоа . . . Толку сум среќен што сум дел од Јеховината организација и што го следам радосното водство од верниот и разборит роб кое е полно со љубов“.
18 Изреки 21:5 (NW) нѐ уверува: „Плановите на марливиот сигурно придонесуваат за напредок“. Изреки 16:3 нѐ охрабрува: „Предај ги делата свои на Господа, и твоите намери ќе се исполнат“. Да, со тоа што молитвено го вклучуваме Јехова во нашата одлука и силно се потпираме на него за да ни помогне да успееме, можеме да бидеме позитивни во врска со нашите планови да бидеме помошни пионери. Можеби, откако ќе видиме како добро функционира нашиот распоред за еден или два месеца од помошната пионерска служба, ќе можеме да го штиклираме квадратчето од молбата за помошен пионер, кое гласи: „Штиклирај овде доколку сакаш континуирано да служиш како помошен пионер до следното известување“. Во секој случај, можеме да планираме повторно да бидеме помошни пионери во август, кога ќе има цели пет викенди. Додека ја завршуваме службената година во август, ќе се направи здружен напор за секој да учествува во службата колку што е можно поцелосно.
19 Исус прорекол: „Кој верува во Мене, делата што ги вршам Јас и тој ќе ги врши, и поголеми од нив ќе врши“ (Јован 14:12). Наша радосна предност е да служиме како Божји соработници кога ова пророштво има свое величествено исполнување. Сега е време да ја проповедаме добрата вест со најголем интензитет од кога и да било порано, откупувајќи го поволното време за да го вршиме ова дело (1. Кор. 3:9; Кол. 4:5, NW). Учествувањето колку што е можно почесто во помошната пионерска служба е одличен начин да го правиме својот дел како објавители на Царството. Желно чекаме да видиме колку ќе биде голема песната на фалба од помошните пионери во оваа сезона на Меморијалот (Псал. 26:6). Размислувајќи за резултатите од минатата пролет, ние се прашуваме: ‚Ќе го сториме ли тоа повторно?‘ Уверени сме дека ќе го сториме!
[Рамка на страница 3]
Можеш ли да бидеш помошен пионер?
„Какви и да се твоите лични околности, ако си крстен, ако си на добар глас во морален поглед, ако можеш да уредиш да го исполниш барањето да поминеш 60 часа месечно во службата на теренот и ако веруваш дека еден или повеќе месеци би можел да служиш како помошен пионер, на собраниските старешини ќе им биде задоволство да ја разгледаат твојата молба за оваа предност на службата“ (Организовано извршавајмо нашу службу, страница 114).
[Рамка на страница 6]
Распореди за помошна пионерска служба
Примери како да се планираат 15 часа служба на теренот секоја седмица
Претпладне — понеделник до сабота
Недела може да се замени со кој било ден
Ден Период Часови
понеделник претпладне 2 1⁄2
вторник претпладне 2 1⁄2
среда претпладне 2 1⁄2
четврток претпладне 2 1⁄2
петок претпладне 2 1⁄2
сабота претпладне 2 1⁄2
Вкупно часови: 15
Два дена цели
Можат да бидат избрани кои било два дена од седмицата
Ден Период Часови
среда цел ден 7 1⁄2
сабота цел ден 7 1⁄2
Вкупно часови: 15
Две вечери и викендот
Можат да бидат избрани кои било две делнични вечери
Ден Период Часови
понеделник навечер 1 1⁄2
среда навечер 1 1⁄2
сабота цел ден 8
недела половина ден 4
Вкупно часови: 15
Делнични попладниња и сабота
Недела може да се замени со кој било ден
Ден Период Часови
понеделник попладне 2
вторник попладне 2
среда попладне 2
четврток попладне 2
петок попладне 2
сабота цел ден 5
Вкупно часови: 15
Мој личен распоред за служба
Одреди го бројот на часови за секој период
Ден Период Часови
понеделник
вторник
среда
четврток
петок
сабота
недела
Вкупно часови: 15