Обласен конгрес на Јеховините сведоци за 1999 — „Божјата пророчка Реч“
1 Кога Израелците биле во дивината, Јехова му дал упатства на Мојсеј да направи две сребрени труби. Ако се слушал звукот само на едната труба, кнезовите на племињата требало да се соберат на влезот од шаторот за состаноци. Татнењето на обете труби би му сигнализирало на целиот собир на Израел да се собере (4. Мој. 10:1—4). Зарем денес не сме воодушевени кога ќе чуеме известувања кои како татнење на труби нѐ собираат на нашите годишни обласни конгреси? На нашите конгреси ги добиваме Јеховините упатства и водство преку неговата Реч и неговите наименувани претставници. Тоа ни помага цврсто да продолжиме во службата на Бог. Зарем не се радуваме кога ќе видиме илјадници — можеби десетици илјади — верни сообожаватели собрани заедно во љубов и мир? Сигурно да! (Псал. 121:1, 7, 8).
2 Несомнено чувме за успехот на обласните и меѓународните конгреси „Божјиот пат на живот“ кои се одржаа ширум светот во 1998. Многу конгресни локации им изразија добредојде на странски делегати и мисионери кои дојдоа во посета. Браќата кои ги отворија своите домови за да ги сместат овие делегати доживеаја понатамошно пријатно дружење. Додека се собираме за нашите обласни конгреси за 1999, ќе имаме нови прилики да го почувствуваме нашето скапоцено братство и да му заблагодариме на Јехова за единството што ни го дал.
3 Хотели и студентски домови: Како што беше случај и минатата година, Заедницата ќе направи подготовки за сместување во близина на конгресната местоположба. Секоја година се прави побарување за да се одреди кои хотели или студентски домови ќе бидат во состојба да ги сместат нашите браќа за конгресот. Заедницата настојува да ги добие нив по разумна цена, додека обрнува внимание на нивната локација, чистота и комфор, онолку колку што е можно. Меѓутоа, мора да се сфати дека сместувањата од овој вид ги нема во изобилство, па затоа човек мора да биде разумен во своите очекувања. Не треба да се очекува истиот комфор како во сопствениот дом, па дури можеби и во домовите на нашите браќа. И бидејќи обично се работи за тоа да се биде сместен само за три ноќи, нашиот дух на самопожртвуваност и разумност ќе ни овозможи да бидеме задоволни со она што може да биде набавено за нас во тој поглед.
4 На сите собранија и групи Заедницата ќе им испрати писмо со кое ќе изложи кои подготовки се направени. Тоа ќе се случи неколку број седмици пред да започне конгресот. Тоа писмо ќе наведе колкава ќе биде цената за сместување по човек. Во тоа време секое собрание ќе добие формулар кој ќе треба да биде пополнет и кој ќе ги наведува имињата на сите оние кои бараат такво сместување.
5 Поради фактот што сместувањето во хотели или студентски домови вклучува извесен трошок, би било мудро уште отсега да планираш со тоа што постепено ќе ставаш настрана средства за да можеш да го подмириш трошокот за себе и за своето семејство. Се покажало дека дури и оние кои имаат ограничени средства можат да бидат успешни во штедењето по малку пари за такви посебни прилики. Доколку секој во семејството е спремен да направи некои жртви и редовно да штеди такви средства секој месец почнувајќи од сега, можеби ќе биде возможно да ги имате веќе предвреме, избегнувајќи на тој начин секирации и фрустрација во последната минута. Плаќањето за таквото сместување веројатно ќе може да се направи преку вашите старешини во Салата на Царството пред да заминете на конгресот. Доколку тоа е можно, ќе бидат олеснети работите во хотелот во текот на процедурите на пријавување. За тоа ќе ве известиме подоцна преку писмо, давајќи ви повеќе детали.
6 Како што беше случај и минатата година, хотелите и другите места бараат пасош или лична карта. Би било добро да се осигурате дали тие се во ред и при рака за да не губите време за финализирање на овие подготовки или, пак, кога тие се бараат на местото на сместување.
7 Нашето христијанско однесување и репутација ќе нѐ наведат да ги почитуваме упатствата и регулативите кои се поставени во хотелот или во студентскиот дом каде што сме сместени. На пример, поради регулативите за пожар и сигурност, обично постои ограничување за тоа колку лица можат да престојуваат во собата. Само по себе е разбирливо дека еден христијанин би ги почитувал овие правила и дека не би се обидувал да ги заобиколува во обид да заштеди пари. Ние сакаме да бидеме чесни во сите работи и да ја поткрепиме нашата добра христијанска репутација во овие работи.
8 Доколку доживеете некаков проблем со хотелот за време на конгресот, ве молиме, запознајте го со тоа локалниот Оддел за сместување на конгресот. За какви и да било тешкотии доживеани пред или после конгресот, можете да контактирате и со Одделот за сместување. За таа цел ќе ви биде достапен телефонски број.
9 Сместување во приватни домови: Како што беше случај и минатата година, Заедницата ќе сака да знае, исто така, колку браќа во конгресниот град ќе можат да ги понудат своите домови или станови за гостувачките делегати. Навистина го цениме самопожртвуваниот дух кој е покажан во тој поглед. Извесен број наши браќа и сестри, поради специјалните потреби или други околности, нема да можат да бидат сместени во хотели или студентски домови. Тие ќе треба да сметаат на гостољубивоста на браќата во конгресниот град за да не го пропуштат конгресот. Во изминативе години е забележано дека понекогаш е тешко да се постигне нашите браќа да ги понудат своите домови или станови за посетувачките делегати. Иако тоа може да ја наруши нашата вообичаена рутина, тоа е само за трите дена на конгресот и дава убава прилика за дружење и размена на охрабрување. Затоа, ги поттикнуваме сите оние кои се во состојба да го сторат тоа, молитвено да го разгледаат ова барање.
10 Подоцна, на секое собрание во конгресниот град Заедницата ќе му испрати формулари кои ќе можат да ги потполнат оние кои сакаат да имаат посетувачки делегати во своите домови. Доколку веќе имате направено приватни договори некој да престојува кај вас, НЕ го потполнувајте формуларот. Исто така, доколку имате потполнето формулар, не одете понатаму правејќи приватни договори, бидејќи Заедницата ќе смета на вас при правењето подготовки за оние кои се запишани и молат за тоа.
11 Доколку имате потреба од такво приватно сместување, ќе ви бидат обезбедени и формулари кои треба да ги потполните. Тие се само за објавителите кои се на добар глас, вклучувајќи ги и оние кои имаат деца со добро однесување, на кои им е одобрено од Собранискиот службен одбор. Ние ги поттикнуваме сите, како оние кои нудат така и оние на кои им е потребно сместување, да мислат на тоа доволно однапред и навреме да ги потполнат формуларите за да нема непотребни одложувања. Овие барања треба да бидат испратени до Одделот за сместување колку што е можно поскоро. Ве молиме, употребете ја адресата која ќе ви биде обезбедена подоцна.
12 Што се однесува до исправното однесување и пристојност, упатствата кои се применуваат за хотелите важат и за приватното сместување. Како што е спомнато во претходниот пасус, нашите деца треба да имаат добро однесување во домовите на нашите браќа. Она што можеби го дозволуваш во твојот дом не значи дека може да биде прифатливо и во домовите на другите. Родителите треба секогаш да имаат контрола над своите деца за тие да не оштетат нешто или да не си земат преголема слобода, што не е прикладно. Децата треба да бидат примерни во нивниот говор и однесување. Исто така, не се очекува домаќинот да ги обезбеди сите оброци за оние кои се сместени во неговиот дом. Се разбира, дали ќе биде понудено, тоа е лична работа за која треба да одлучи домаќинот. Но, делегатите кои се сместени во приватни домови не треба да претпоставуваат дека ќе добијат храна за време на конгресот. Не би било љубезно на тој начин да се искористува гостољубивоста на нашиот брат. Оттука, тоа треба да се земе предвид и да се одвојат настрана средства пред да се замине од дома. Исто така, не би било израз на љубов некој да си го продолжи престојот после конгресот со цел да има одмор во конгресниот град или да си брка лични работи. Освен ако домаќинот не го даде тоа до знаење, се планира приватното сместување да биде само во текот на конгресот, обично три ноќи, а ако после конгресот некој сака да престојува подолго во конгресниот град, нека си направи други подготовки.
13 Специјални потреби: На постарите, немоќните, оние кои се во полновремена служба или други можеби ќе им биде потребна помош за да присуствуваат на конгресот. Роднините, старешините и другите во собранието кои се свесни за единствените околности на оние со специјални потреби, можат со љубов да ги направат неопходните подготовки, не префрлајќи ја на конгресната организација одговорноста што ја имаат семејството и собранието. (Спореди 1. Тимотеј 5:4.)
14 Присуствување на друг конгрес: Ако планираш да присуствуваш на друг конгрес од оној на кој е доделено твоето собрание, собранискиот секретар може да ти ја набави адресата на конгресното седиште за тој конгрес. Кога ќе пишуваш за сместување или за други информации, заедно со твоето барање приложи плик со марка, адресиран на твое име. Ако во тој град се одржуваат повеќе конгреси, погрижи се да ги наведеш датумите на конгресот на кој ќе присуствуваш.
15 Охрабрувачки е да се чуе фалбата што му се дава на Јеховиното име поради доброто однесување на нашите браќа и сестри на конгресите. Еден хотелски работник во Соединетите Држави рекол: „Вашите делегати се најфините луѓе што ги имаме тука“. Друг коментирал: „Многу сакаме да примаме резервации од вашите луѓе. Сите тие се учтиви и секогаш ги имаат потребните информации. Со нив е најлесно да се работи“. Управничката на еден ресторан рекла: „Многу сакаме во градот да имаме една група луѓе со кои ќе можеме да се гордееме“. Тој ресторан дал 10-процентен попуст за сите делегати кои ја носеле конгресната значка! А еден управник на хотел навел: „Ни беше задоволство што ги имавме вашите луѓе во нашиот хотел“. Овие изрази се едно убаво сведоштво од луѓе однадвор. Добрата репутација што сме ја стекнале го прославува Јехова и прави тој да се гордее со нас (1. Сол. 4:12; 1. Петр. 2:12).
16 Те охрабруваме сега да направиш подготовки за да присуствуваш сите три дена на обласниот конгрес за 1999 — „Божјата пророчка Реч “. Заедно со тебе со радост чекаме да го чуеме духовното „воскликнување и прославување“ на оние кои го обожаваат Бог како една обединета толпа (Псал. 41:4). Јехова нека ги благослови сите подготовки што се прават за нашето постојано духовно обогатување!
[Рамка на страница 3]
Програмски термини
Петок и сабота
9.30 — 17.00
Недела
9.30 — 16.00