Обласен конгрес на Јеховините сведоци за 1998 — „Божји начин на живот“
1 Од година в година Јеховините современи обожаватели ширум Земјата желно го очекуваат собирањето во големи броеви на обласните конгреси. Во тој поглед, го одразуваат духот на Јеховините верни слуги во древниот Израел кои, додека биле на пат да го обожаваат Јехова во Ерусалим, радосно ги пееле зборовите од Псалм 121. Стих 1 од тој псалм гласи: „Се зарадував кога ми рекоа: ‚Ќе одиме во домот Господов‘“. Во таквите прилики и ние гледаме сѐ поголем доказ дека инспирираните зборови од Исаија 2:2, 3 се исполнуваат.
2 Оваа година имаме посебна причина да се радуваме, со оглед на меѓународната арома која ќе биде придодадена преку илјадници делегати од држави ширум Земјата, кои ќе присуствуваат на некои од поголемите конгреси. На многу од конгресите ќе бидат и мисионерите кои се враќаат за да го посетат семејството и пријателите. Затоа, конгресната програма на секоја локација ќе истакнува искуства од теренот и извештаи за напредокот на делото на проповедање на Царството во другите земји.
3 Се разбира, на тие собири ќе можат да присуствуваат само поканети собранија во општото подрачје каде се одржуваат меѓународните конгреси. Витално е секој да ги почитува овие ограничувања со цел сите конгреси да се одржат на еден уреден начин. Меѓународната арома ќе биде очигледна на сите обласни конгреси во извесни програмски делови и извештаи, како и преку присуството на мисионерите кои можеби ќе присуствуваат.
4 Додека продолжуваат подготовките за нашиот Обласен конгрес за 1998 — „Божји начин на живот“, би сакале да повториме некои информации што ќе ви бидат потребни за да добиете хотелски соби за конгресот. Вашата целосна соработка ќе го покаже вашето лично ценење за сите подготовки што се направени во ваша корист.
5 Хотели и студентски домови: Како што беше случај и минатата година, Заедницата ќе направи подготовки за сместување во близина на конгресната местоположба. Секоја година се прави побарување за да се одреди кои хотели или студентски домови ќе бидат во состојба да ги сместат нашите браќа за конгресот. Заедницата настојува да ги добие нив по разумна цена, додека обрнува внимание на нивната локација, чистота и комфор, онолку колку што е можно. Меѓутоа, мора да се сфати дека сместувањата од овој вид ги нема во изобилство, па затоа човек мора да биде разумен во своите очекувања. Не треба да се очекува истиот комфор како во сопствениот дом, па дури можеби и во домовите на нашите браќа. И бидејќи обично се работи за тоа да се биде сместен само за три ноќи, нашиот дух на самопожртвуваност и разумност ќе ни овозможи да бидеме задоволни со она што може да биде набавено за нас во тој поглед.
6 На сите собранија и групи Заедницата ќе им испрати писмо со кое ќе изложи кои подготовки се направени. Тоа ќе се случи извесен број седмици пред да започне конгресот. Тоа писмо ќе наведе колкава ќе биде цената за сместување по човек. Во тоа време секое собрание ќе добие формулар кој ќе треба да биде пополнет и кој ќе ги наведува имињата на сите оние кои бараат такво сместување.
7 Поради фактот што сместувањето во хотели или студентски домови вклучува извесен трошок, би било мудро отсега да се планира со тоа што постепено ќе се ставаат настрана средства за да можеш да го подмириш трошокот за себе и за своето семејство. Се покажало дека дури и оние со ограничени средства можат да бидат успешни во штедењето малку пари за такви посебни прилики. Доколку секој во семејството е волен да направи некои жртви и да штеди такви средства на редовна основа секој месец почнувајќи од сега, можеби ќе биде возможно да ги имате спремни предвреме, избегнувајќи на тој начин секирации и фрустрација во последната минута. Плаќањето за таквото сместување веројатно ќе може да се направи преку вашите старешини во Салата на Царството пред да заминете на конгресот. Доколку тоа е можно, ќе бидат олеснети работите во хотелот во текот на процедурите на пријавување. За тоа ќе ве известиме подоцна преку писмо, давајќи ви повеќе детали.
8 Како што беше случај и минатата година, хотелите и другите места бараат пасош или лична карта. Би било добро да се осигурате дали тие се во ред и при рака — за да не губите време за финализирање на овие подготовки или, пак, кога тие се бараат на местото на сместување.
9 Нашето христијанско однесување и репутација ќе нѐ наведат да ги почитуваме упатствата и регулативите кои се поставени во хотелот или во студентскиот дом каде што сме сместени. На пример, поради регулативите за пожар и сигурност, обично постои ограничување за тоа колку лица можат да престојуваат во собата. Само по себе е разбирливо дека еден христијанин би ги почитувал овие правила и дека не би се обидувал да ги заобиколува во обид да заштеди пари. Ние сакаме да бидеме чесни во сите работи и да ја поткрепиме нашата добра христијанска репутација во овие работи.
10 Доколку доживеете некаков проблем со хотелот за време на конгресот, ве молиме, запознајте го со тоа локалниот Оддел за сместување на конгресот. За какви и да било тешкотии доживеани пред или после конгресот, можете да контактирате и со Одделот за сместување. За таа цел ќе ви биде достапен телефонски број.
11 Сместување во приватни домови: Како што беше случај и минатата година, Заедницата ќе сака да знае, исто така, колку браќа во конгресниот град ќе можат да ги понудат своите домови или станови за посетувачките делегати. Навистина го цениме самопожртвуваниот дух кој е покажан во тој поглед. Извесен број наши браќа и сестри, поради специјалните потреби или други околности, нема да можат да бидат сместени во хотели или студентски домови. Тие ќе треба да сметаат на гостољубивоста на браќата во конгресниот град за да не го пропуштат конгресот. Во изминативе години е забележано дека понекогаш е тешко да се постигне нашите браќа да ги понудат своите домови или станови за посетувачките делегати. Иако тоа може да ја наруши нашата вообичаена рутина, тоа е само за трите дена на конгресот и дава убава прилика за дружење и размена на охрабрување. Затоа, ги поттикнуваме сите оние кои се во состојба да го сторат тоа, молитвено да го разгледаат ова барање.
12 Подоцна, на секое собрание во конгресниот град Заедницата ќе му испрати формулари кои ќе можат да ги потполнат оние кои сакаат да имаат посетувачки делегати во своите домови. Доколку веќе имате направено приватни договори некој да престојува кај вас, НЕ го потполнувајте формуларот. Исто така, доколку имате потполнето формулар, не одете понатаму правејќи приватни договори, бидејќи Заедницата ќе смета на вас при правењето подготовки за оние кои се запишани и молат за тоа.
13 Доколку имате потреба од такво приватно сместување, ќе ви бидат обезбедени и формулари кои треба да ги потполните. Тие се само за објавителите кои се на добар глас, вклучувајќи ги и оние кои имаат деца со добро однесување, на кои им е одобрено од собранискиот Службен одбор. Ние ги поттикнуваме сите, како оние кои нудат така и оние на кои им е потребно сместување, да мислат на тоа доволно однапред и навреме да ги потполнат формуларите за да нема непотребни одложувања. Овие барања треба да бидат испратени до Одделот за сместување колку што е можно поскоро. Ве молиме, употребете ја адресата која ќе ви биде обезбедена подоцна.
14 Што се однесува до исправното однесување и пристојност, упатствата кои се применуваат за хотелите важат и за приватното сместување. Како што е спомнато во претходниот пасус, нашите деца треба да имаат добро однесување во домовите на нашите браќа. Она што можеби го дозволуваш во твојот дом не значи дека може да биде прифатливо и во домовите на другите. Родителите треба секогаш да имаат контрола над своите деца за тие да не оштетат нешто или да не си земат слобода, што не е прикладно. Децата треба да бидат примерни во нивниот говор и однесување. Исто така, не се очекува домаќинот да ги обезбеди сите оброци за оние кои се сместени во неговиот дом. Се разбира, дали ќе биде понудено, тоа е лична работа за која треба да одлучи домаќинот. Но, делегатите кои се сместени во приватни домови не треба да претпоставуваат дека ќе добијат храна за време на конгресот. Не би било љубезно на тој начин да се искористува гостољубивоста на нашиот брат. Оттука, тоа треба да се земе предвид и да се одвојат настрана средства пред да се замине оддома. Исто така, не би било полно со љубов некој да си го продолжи престојот после конгресот со цел да има одмор во конгресниот град или да си брка лични работи. Освен ако домаќинот не го даде тоа до знаење, се претпоставува приватното сместување да биде само во текот на конгресот, обично три ноќи, а ако после конгресот некој сака да престојува подолго во конгресниот град, нека си направи други подготовки.
15 Специјални потреби: На постарите, немоќните, оние кои се во полновремена служба или други можеби ќе им биде потребна помош за да присуствуваат на конгресот. Роднините, старешините и другите во собранието кои се свесни за единствените околности на оние со специјални потреби, можат со љубов да ги направат неопходните подготовки, не префрлајќи ја на конгресната организација одговорноста што ја имаат семејството и собранието. (Спореди 1. Тимотеј 5:4.)
16 Присуствување на друг конгрес: Секое собрание е доделено во најблиската конгресна локација. Во нашиот случај, во нашата земја ќе се одржи само еден конгрес. Како што беше спомнато на самиот почеток од овој додаток, оваа година ширум светот се планира да се одржат меѓународни конгреси. Меѓутоа, на некои од меѓународните конгреси планирани за годинава ќе можат да присуствуваат САМО ПОКАНЕТИ собранија или делегати. Ова е разбирливо бидејќи мора однапред да се направат подготовки за оние кои ќе дојдат од многу делови на светот. Земајќи го предвид бројот на објавителите доделени на секој конгрес, Заедницата ќе процени колку ќе бидат присутни за да договори доволно седишта, сместување, литература итн. Доколку некој од нашава земја е поканет на некоја локација на меѓународен конгрес, ќе ве запознаеме написмено подоцна. Доколку некој од вас сака да присуствува на некој конгрес освен на меѓународниот, се препорачува да набавите информации во врска со сместувањето итн. пред да заминете. Не би било полно со љубов да пристигнеме на конгресот без претходно да го најавиме тоа и да очекуваме браќата да се погрижат за нашите потреби во тоа време.
17 Заклучок: Коментарите од хотелскиот персонал покажуваат дека браќата и сестрите треба да бидат пофалени заради покажувањето побожни особини. Управниците на еден хотел (во Соединетите Држави) рекле дека Јеховините сведоци се „најмилата и со најдобро однесување група на која ѝ бевме домаќини“. Некој друг рекол: „Мислам дека требаше да ви кажам благодарам во името на хотелскиот персонал. Вашите делегати треба да бидат пофалени како една од најпријатните, најдруштвените и најучтивите групи, која ни беше задоволство да ја услужиме. Тоа е вистински одраз на вредностите на вашата организација и на искреното почитување кон човештвото. Со радост очекуваме повторно да ви бидеме домаќини“. Добро е да се чујат вакви коментари, зарем не? Однесувањето на браќата и сестрите кое ги потстрекнало овие коментари сигурно го радува Јеховиното срце. Да бидеме решени нашето однесување исто така да предизвика слични коментари од оние кои ќе ни бидат домаќини за конгресот ова лето, без разлика дали се тоа хотели, студентски домови или приватно сместување.
18 Заедницата исто така добива писма на благодарност од браќа и сестри кои го изразуваат своето ценење за подготовките кои се направени за нив. Едно семејство од Илиноис (САД) рекло: „Само сакаме да знаете дека обласниот конгрес не го земавме здраво за готово. Сфаќаме дека тој не се одигра случајно, туку беше резултат на многу напорна работа од страна на многу браќа. Ви напишавме за да ви кажеме дека ви благодариме“.
19 На сите нам ни е јасно дека Јехова го поддржува уредувањето на годишните конгреси. Бидејќи многу браќа кои патуваат на обласните конгреси бараат соби, можеме да бидеме уверени дека Јехова адекватно ќе се погрижи и за нивните потреби. Докажувањето дека сме ‚верни во малку‘ нѐ наведува да очекуваме величествени благослови кои ги чекаат оние кои Јехова ги љуби (Лука 16:10).
[Рамка на страница 3]
Програмски термини
Петок и сабота
9.30 — 17.00
Недела
9.30 — 16.00