„Речта Божја . . . врши силно влијание“
1 „Речта Божја е жива и врши силно влијание“, напишал апостол Павле (Евр. 4:12). Што мислел со тоа? Божјата реч, односно порака, што се наоѓа во Библијата, може да има силно влијание врз луѓето. Мудроста што ја содржи Библијата има моќ да промени нечиј живот на подобро. Утехата и надежта што ги нуди таа ги привлекуваат луѓето кон Дарителот на животот, Јехова Бог. Нејзината порака може да ги поттикне оние што се со искрени срца да почнат да одат по патот кој води до вечен живот. Меѓутоа, за да го видиме ваквото влијание, мора да ја користиме Библијата кога им сведочиме на другите.
2 Прочитај некој стих во секоја прилика: Изгледа дека многу објавители изгубиле навика да ја користат Библијата кога сведочат на врата. Дали тоа е случај и со тебе? Заради тоа што изгледа дека многу луѓе немаат време за долг разговор, можеби си западнал во рутина само да понудиш литература или да парафразираш некој стих. Ги охрабруваме сите објавители да вложуваат сериозен напор да прочитаат барем еден стих од Библијата кога ќе ја презентираат добрата вест, дозволувајќи на тој начин лицето да види дека нашата порака навистина се наоѓа во Божјата реч.
3 Иако малку луѓе имаат редовна навика да ја читаат Библијата, таа сепак е општо почитувана. Дури и оние што се зафатени честопати ќе одвојат минута или две за да чујат порака што е прочитана директно од Божјата реч. Кога ќе се прочита соодветен стих со топлина и кратко ќе се објасни, моќта на Јеховината реч може да има добро влијание врз слушателот. Но, како можеш да го премостиш јазот од твоите уводни коментари до читањето на стих од Библијата?
4 Обиди се со следново кога работиш со списанија: Еден патувачки надгледник делотворно го користи Писмото кога учествува во делото со списанија. Тој носи мала Библија во џебот. Откако ќе ги презентира списанијата и кратко ќе истакне некоја статија, без двоумење ја отвора Библијата и чита некој стих што е поврзан со статијата. Ова може да го направиш со едноставното прашање: „Што мислите за ова охрабрувачко ветување?“ и потоа да продолжиш со читање на избраниот стих.
5 Постави си за цел да споделиш еден или два стиха од Библијата со секој слушател. Нејзината мотивирачка моќ може да го отвори патот за повеќе луѓе да бидат привлечени кон Бог (Јован 6:44).