Родители — воспитувајте ги своите деца уште од доенчиња
1 „Упатувај го [Воспитувај го, NW] детето по неговиот пат, па кога и ќе остари, нема да отстапи од него“ (Посл. 22:6). Родители, ако не сакате вашите деца ‚да отстапат‘ од патот на вистината, кога треба да започне ваквото воспитување? Рано во животот!
2 Кога Павле рекол дека духовното образование на Тимотеј било „од периодот на доење“, очигледно мислел од времето кога бил бебе (2. Тим. 3:14, 15). Како резултат на тоа, Тимотеј се развил во извонреден духовен човек (Фил. 2:19—22). Родители, и Вие морате да почнете „од периодот на доење“ да им го давате на своите деца воспитувањето што им треба за да ‚растат со Господа‘ (1. Сам. 2:21).
3 Дај им ја водата што им е потребна за да растат: Исто како што на младите стебленца постојано им е потребна вода за да израснат во величествени дрвја, на децата од сите возрасти им е потребно да бидат заситени со водата на библиската вистина за да израснат во зрели слуги на Бог. Главен начин да се поучат децата за вистината и да им се помогне да стекнат блискост со Јехова е преку редовна, семејна библиска студија. Но, родители, имајте ја предвид способноста за концентрација на секое дете. За малите деца, веројатно почестите куси сесии на поука ќе бидат поефективни отколку неколку долги (Втор. 11:18, 19).
4 Никогаш не потценувај го потенцијалот за учење кај своите деца. Кажувај им приказни за библиски личности. Нека цртаат слики од библиски сцени или нека одглумуваат библиски настани. Добро користи ги нашите видео и аудио касети, вклучувајќи ги и библиските драми. Приспособи ја семејната студија на возраста и способностите за учење на своите деца. Почетното воспитување ќе биде за најосновните работи, по малку; но како што расте детето, неговото воспитување треба да станува сѐ поопширно и попрогресивно. Библиската поука нека биде жива и разновидна. Вие сакате децата ‚да развијат копнеж‘ за Речта, па затоа направете ја студијата колку што е можно поинтересна (1. Пет. 2:2).
5 Вклучи ги во собранието: Постави прогресивни цели за своите деца за да бидат целосно вклучени во собранието. Што би можела да биде нивната прва цел? Таткото и мајката на две деца рекле: „И двете почнавме да ги воспитуваме да седат мирно во Салата на Царството“. Подоцна, помогни им на децата да коментираат на состаноците со свои зборови и да си постават за цел да се запишат во Теократската школа за служба. Во службата на теренот, добри цели што треба да се постигнат би биле да се понуди трактат на врата, да се прочита некој стих, да се презентира некое списание и да се вклучат станарите во смисловен разговор.
6 Дај воодушевен пример: Дали твоите деца секојдневно те слушаат како зборуваш за Јехова и како го молиш? Дали гледаат како ја проучуваш неговата Реч, присуствуваш на состаноците, учествуваш во службата на теренот и уживаш во извршувањето на Божјата волја? (Псал. 40:8). Од пресудна важност е да го прават тоа и заедно да учествувате во овие работи. Израснатата ќерка рекла за својата мајка, која подигнала шест деца во верни Сведоци: „Она што ни остави најголем впечаток беше личниот пример на мајка ми — тој зборуваше погласно од зборовите“. Еден родител на четири деца рекол: „,Јехова е на првото место‘ не беше само вообичаена фраза туку начин на живот“.
7 Родители, започнете рано да ги воспитувате своите деца, поучувајќи ги за вистината од Божјата реч, поставувајќи прогресивни цели и давајќи им го најдобриот можен пример. Ќе бидете среќни што сте го сториле тоа!