Поучете ги своите деца да проповедаат
1. Каков поттик им дава Псалм 148:12, 13 на христијанските родители?
1 Јехова ги поттикнува најмладите да го фалат него (Пс. 148:12, 13). Затоа христијанските родители прават повеќе отколку само да ги поучат своите деца за библиските вистини и за Божјите морални закони. Тие исто така им помагаат да научат како да ја проповедаат добрата вест. Како може да се направи тоа постепено?
2. Како може да влијае врз децата добриот пример на родителите?
2 Добар пример: Судијата Гедеон им рекол на своите 300 војници: „Гледајте ме мене и правете го истото што ќе го правам јас!“ (Суд. 7:17). Децата по природа го прават истото што го прават нивните родители. Еден татко работи само ноќе, но кога ќе се врати од работа во сабота наутро, наместо да легне да спие, тој ги води децата во служба на проповедање, иако е многу уморен. Без да каже збор, тој ги учи дека службата е поважна од други работи (Мат. 6:33). Дали твоите деца можат да видат дека ти со радост се молиш, ја читаш Библијата, коментираш на состаноците, проповедаш и учествуваш во други духовни активности? Се разбира, нема да им дадеш совршен пример. Но, децата поспремно ќе ги прифатат твоите поуки и ќе развијат желба да му служат на Јехова ако гледаат дека ти му служиш ревносно (5. Мој. 6:6, 7; Рим. 2:21, 22).
3. Како можат родителите да им помогнат на своите деца да си постават духовни цели и да ги достигнат?
3 Помагајте им постојано да имаат некаква цел: Родителите неуморно ги учат своите деца да одат, да зборуваат, да се облечат самите и слично. Како што растат, така се појавува и потребата да достигнат нови цели. Ако се Јеховини сведоци, родителите исто така им помагаат на своите деца да си постават и да достигнат духовни цели кои се во склад со нивната возраст и способности (1. Кор. 9:26). Дали ги поучувате деца да даваат коментари со свои зборови и самите да се подготвуваат за говорите што ги добиваат во Теократската школа за служба? (Пс. 35:18). Дали ги учите да учествуваат во различни гранки на службата? Дали разговарате за целта да се крстат и да стапат во полновремена служба? Дали им создавате прилики да се дружат со радосни и ревносни објавители кои ќе ги охрабрат? (Изр. 13:20).
4. Каква корист ќе имаат децата ако родителите ги поучуваат за службата уште од најрана возраст?
4 Псалмистот рекол: „Боже, ти ме учеше од мојата младост, и сѐ досега зборувам за твоите чудесни дела“ (Пс. 71:17). Уште додека се многу мали, започнете да ги поучувате своите деца да проповедаат. Духовниот темел што ќе им помогнете да го постават сигурно ќе им користи и кога ќе бидат возрасни! (Изр. 22:6).