Покажувај христијанска лојалност кога е исклучен роднина
1. Кои ситуации можат да ја испитаат лојалноста на еден христијанин?
1 Врската помеѓу членовите на семејството може да биде многу јака. Ова може да го стави на испит некој христијанин кога брачниот другар, детето, родителот или некој друг близок роднина е исклучен или одвоен од собранието (Мат. 10:37). Како треба лојалните христијани да се однесуваат со некој таков роднина? Има ли разлика ако лицето живее во твојот дом? Прво, да разгледаме што вели Библијата на таа тема, чии начела се однесуваат и на оние што се исклучени и на оние што самите се одвоиле.
2. Според Библијата, како треба христијаните да се однесуваат кон оние што се исклучени од собранието?
2 Како да се однесуваме со исклучените: Божјата реч им заповеда на христијаните да не се дружат ниту да бидат пријатели со лице што е исклучено од собранието: „Престанете да се дружите со секој кој се вика брат, а кој е блудник или алчен или идолопоклоник или кој зборува срамотно или е пијаница или изнудувач, со таков дури и да не јадете . . . Отстранете го злиот од својата средина“ (1. Кор. 5:11, 13). Исусовите зборови запишани во Матеј 18:17 се исто така важни: „Нека ти биде [исклучениот] како човек од нациите и како даночник“. Слушателите на Исус добро знаеле дека Евреите од тоа време не се зближувале со не-Евреите и дека ги одбегнувале даночниците како отфрлени од средината. На тој начин, Исус ги поучил своите следбеници да не се дружат со исклучените. (Види го српското издание на Стражарска кула од 1 јануари 1982, страници 17—20.)
3, 4. Какво дружење е забрането со исклучените и одвоените?
3 Ова значи дека лојалните христијани немаат никакво духовно дружење со никој што е исклучен од собранието. Но, вклучено е нешто повеќе. Божјата реч кажува дека не треба ‚со таков дури ни да јадеме‘ (1. Кор. 5:11). Затоа избегнуваме и дружење со некој исклучен. Ова би значело да не му се придружиш на пикник, на забава, спортска игра ниту да одите да купувате заедно, да одите во театар ниту да јадете заедно, сеедно дали дома или во ресторан.
4 Но, што во врска со тоа дали да разговараш со некое исклучено лице? Иако Библијата не зборува за секоја можна ситуација, 2. Јованово 10 ни помага да го дознаеме Јеховиното гледиште за работите: „Ако некој дојде кај вас и не го носи тоа учење, никогаш да не го примате во својот дом, ниту да го поздравувате“. Коментирајќи за ова, српското издание на Стражарска кула од 1 јануари 1982, на 24. страница, вели: „Само ако поздравиш некого може да биде првиот чекор што води до разговор и можеби дури и до пријателство. Би сакале ли да го преземеме тој прв чекор со исклучено лице?“
5. Што губи едно лице кога е исклучено?
5 Точно, тоа е токму како што е кажано на 29. страница од истото издание на Стражарска кула: „Факт е дека христијанинот што ќе се предаде на гревот и поради тоа мора да биде исклучен, губи многу: својата призната положба пред Бог . . . љубезното друштво на браќата, вклучувајќи го во голема мера и дружењето со христијанските роднини“.
6. Дали од еден христијанин се бара да го прекине секое дружење со исклучен роднина што живее во истото домаќинство? Објасни.
6 Во истото домаќинство: Дали ова значи дека христијаните што живеат во исто домаќинство со исклучен член на семејството треба да избегнуваат да зборуваат, да јадат и да се дружат со него додека ги извршуваат секојдневните активности? Стражарска кула од 15 април 1991, во фуснотата на 22. страница вели: „Ако во едно христијанско домаќинство има исклучен роднина, тој сѐ уште би имал удел во нормалните секојдневни домашни работи и активности“. Според тоа, се остава на членовите на семејството да одлучат во колкава мера исклучениот член на семејството ќе биде вклучен при оброците. Но сепак, не би сакале на браќата со кои се дружат да им остават впечаток дека сѐ е исто како пред исклучувањето.
7. Како се менува духовното дружење во домот кога е исклучен член на семејството?
7 Меѓутоа, српското издание на Стражарска кула од 1 јануари 1982, на 27. страница, во врска со исклученото или одвоеното лице истакнува: „Поранешните духовни врски се потполно прекинати. Ова е случај и со неговите роднини, вклучувајќи и некои од најблискиот семеен круг . . . Тоа ќе значи промени во духовното дружење што можеби порано постоело во домот. На пример, ако сопругот е исклучен, на неговата сопруга и децата нема да им биде пријатно да водат со него семејна библиска студија или тој да ги предводи во читањето на Библијата и во молитва. Ако сака да се моли за време на оброците, има право да го прави тоа во својот дом. Но, тие можат во себе да му се молат на Бог (Посл. 28:9; Псал. 119:145, 146). Но, што ако исклученото лице сака да присуствува кога семејството ја чита Библијата или кога има библиска студија? Другите може да му дозволат да биде присутен и да слуша доколку не се обидува да ги поучува или да ги споделува своите религиозни идеи“.
8. Каква одговорност имаат христијанските родители кон исклучено малолетно дете што живее во домот?
8 Ако е исклучено малолетно дете што живее во домот, родителите сѐ уште се одговорни за неговото подигање. Стражарска кула од 1 април 1989, 32. страница, вели: „Исто како што се грижат за своето дете за храна, облека и покрив над главата, исто така треба да го подучуваат според Божјата реч (Пословици 6:20—22; 29:17). Љубезните родители можат да ја проучуваат Библијата со него дури и тогаш кога е исклучен. Можеби ќе извлече најголема полза од проучувањето што ќе го наведе да се поправи ако насамо проучуваат со него. Или, родителите можат да одлучат дека детето може и натаму да учествува во семејното проучување“. (Види ја и Стражарска кула од 1 октомври 2001, страници 16, 17.)
9. Во колкава мера треба еден христијанин да има контакти со исклучен роднина што не живее во домот?
9 Роднини што не се во истото домаќинство: „Поинаку е кога исклучениот или оној што сам се одвоил е роднина кој не живее во најтесниот семеен круг и дом“, вели Стражарска кула од 1 септември 1988, 10. страница. „Можеби е возможно да се нема речиси никакви контакти со тој роднина. Дури и ако одредени семејни работи бараат контактирање, потребно е да биде сведено на најмала можна мера“, во склад со божествената наредба ‚да престанеме да се мешаме со некој‘ што е виновен за непокајничко грешење (1. Кор. 5:11). Лојалните христијани треба да настојуваат да избегнуваат непотребно дружење со таквиот роднина, и да ги држат дури и деловните работи на апсолутен минимум. (Види го и српското издание на Стражарска кула од 1 јануари 1982, страници 29, 30.)
10, 11. За што ќе размисли еден христијанин пред да дозволи некој исклучен роднина повторно да се врати дома?
10 Стражарска кула се осврнува на уште една ситуација што може да се појави: „Што ако е исклучен близок роднина, како што е син или родител, кој не живее во домот, и потоа сака да се врати пак дома? Семејството може да одлучи што да прави, во зависност од ситуацијата. На пример, можеби исклучениот родител е болен и не може повеќе финансиски и физички да се грижи за себе. Христијанските деца имаат библиска и морална обврска да му помогнат (1. Тимотеј 5:8) . . . Што ќе се направи може да зависи од фактори како што се вистинските потреби на родителот, неговиот став и од грижата на поглаварот за духовната благосостојба на домаќинството“ (Види го српското издание на Стражарска кула од 1 јануари 1982, страници 27, 28).
11 Што се однесува до детето, истата статија продолжува: „Понекогаш христијанските родители повторно го примиле за некое време во својот дом исклученото дете кое физички или емоционално се разболело. Но, во секој случај родителите можат да ги одмерат околностите на поединецот. Дали исклучениот син живеел сам и дали веќе не е способен да го прави тоа? Или, дали сака да се врати првенствено затоа што би живеел полесно? Што е со неговиот морал и со неговиот став? Дали ќе донесе „квасец“ во домот? (Гал. 5:9).
12. Кои се некои користи од подготовката за исклучување?
12 Користи од тоа да се биде лојален на Јехова: Корисно е да се соработува со библиската подготовка да се исклучат и да се одбегнуваат непокајничките престапници. Тоа ја зачувува чистотата на собранието и нѐ издвојува како такви кои ги поддржуваат високите морални мерила од Библијата (1. Петр. 1:14—16). Нѐ заштитува од расипнички влијанија (Гал. 5:7—9). Исто така, му нуди прилика на престапникот да извлече потполна корист од дисциплината што ја прима, што може да му помогне да донесува „мирољубив плод, имено праведност“ (Евр. 12:11).
13. Какви преиначувања направило едно семејство, и со каков резултат?
13 Откако слушале говор на еден покраински собир, еден брат и неговата телесна сестра сфатиле дека треба да направат преиначувања во начинот на кој постапувале со својата мајка, која живеела на друго место и која била исклучена веќе шест години. Веднаш по собирот, тој ѝ се јавил на мајка си и откако ја уверил во нивната љубов ѝ објаснил дека повеќе не ќе можат да зборуваат со неа освен ако има некои важни семејни работи за кои ќе треба да контактираат. Набрзо потоа, неговата мајка почнала да присуствува на состаноците и на крај била повторно примена. Исто така, нејзиниот сопруг неверник почнал да проучува и со текот на времето се крстил.
14. Зошто треба лојално да ја поддржуваме подготовката за исклучување?
14 Тоа што лојално ја поддржуваме подготовката за исклучување која е изложена во Библијата ја покажува нашата љубов кон Јехова и му дава одговор на оној што го укорува (Посл. 27:11). Од своја страна, пак, можеме да бидеме уверени во Јеховиниот благослов. Цар Давид во врска со Јехова напишал: „Не ги отфрлив Неговите заповеди. Со оној што е лојален ти ќе постапиш лојално“ (2. Сам. 22:23, 26, NW).