Нуди ги списанијата што сведочат за вистината
1. Каква улога имаат списанијата Стражарска кула и Разбудете се!?
1 Списанието Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство, како и придружното списание Разбудете се!, и понатаму имаат главна улога во делото на проповедање за Царството и правење ученици (Мат. 24:14; 28:19, 20). Со големо задоволство ги нудиме овие две навремени списанија додека учествуваме во различни гранки од службата.
2. Какви промени беа направени во Стражарска кула и Разбудете се!, и зошто?
2 Во изминатите години имаше промени во големината и содржината на овие списанија, како и во методите што ги користиме за да ги нудиме. Целта на овие промени е списанијата да бидат поинтересни и поделотворни за да може пораката за Царството да ги достигне срцата на ‚најразлични луѓе за тие да се спасат и добро да ја запознаат вистината‘ (1. Тим. 2:4).
3. Како ќе ги користиме списанијата во службата?
3 Од јануари 2006 почнавме да користиме различни презентации за месечниот број на Разбудете се! Сега ќе правиме нешто слично и со Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство, бидејќи во службата ќе нудиме само еден од двата месечни броја на ова списание. На последната страница од Нашата служба за Царството се предложени презентации за секое списание. Тие обично се поврзани со една од воведните статии од списанието, но понекогаш се користат и други статии што би можеле да ги заинтересираат повеќето луѓе. Овие презентации ќе ги користиме најделотворно ако добро се запознаеме со статијата за која започнуваме разговор и ако со свои зборови ја приспособиме презентацијата на нашето подрачје.
4. Зошто е добро да користиме и други презентации освен оние што се предложени во Нашата служба за Царството?
4 Иако во Нашата служба за Царството се предложени по две презентации за секое списание, слободно можеш да користиш и некоја сосема поинаква презентација. Една причина за тоа е што луѓето на твоето подрачје можеби повеќе ќе ги интересира некоја друга статија од списанието. Или, пак, можеби сметаш дека би можел да направиш поделотворна презентација за некоја статија што тебе ти е многу интересна.
5. Што мора да направиш пред да подготвиш презентација за некое списание?
5 Како да подготвиш презентација: Најнапред мора добро да се запознаеш со статијата за која сакаш да започнеш разговор. Можеби нема секогаш да успееш да ги прочиташ сите статии од списанието пред да почнеш да го користиш во службата. Сепак, мора да бидеш воодушевен и искрен кога зборуваш за статиите што си ги избрал. Тоа ќе го постигнеш само ако добро се запознаеш со она што го пишува во нив.
6. Како да подготвиме своја презентација?
6 Потоа, добро размисли како ќе ја започнеш презентацијата. Можеш да поставиш некое интересно прашање во врска со статијата. Секогаш користи ја Божјата реч бидејќи таа може силно да влијае врз срцата на луѓето (Евр. 4:12). Избери некој соодветен библиски стих што е поврзан со темата за која зборуваш. Најдобро е тоа да биде стих што е наведен или цитиран во статијата за која си започнал разговор. Размисли како да го поврзеш стихот со статијата.
7. Како би можеле да ги подобруваме нашите презентации?
7 Во секоја прилика: За да може една презентација да биде навистина делотворна, мора да се користи. Затоа, заедно со собранието учествувај во службата со списанија во саботите. Нуди им ги списанијата на луѓето кои и порано земале наша литература. Секогаш давај им ги најновите броеви на оние со кои проучуваш и на други луѓе што можеби ќе ги сретнеш кога правиш некоја повторна посета. Списанија би можел да им даваш и на луѓето со кои разговараш додека пазаруваш, патуваш или додека чекаш ред на лекар. Подобрувај ги презентациите додека ги користиш во текот на месецот.
8. Зошто Стражарска кула и Разбудете се! се навистина посебни списанија?
8 Стражарска кула и Разбудете се! се навистина посебни списанија. Тие го возвишуваат Јехова како Севишен Господар на целата вселена (Дела 4:24). Ги тешат луѓето со добрата вест за Божјето Царство и ги поттикнуваат да веруваат во Исус Христос (Мат. 24:14; Дела 10:43). Освен тоа, ги следат светските настани додека тие ги исполнуваат библиските пророштва (Мат. 25:13). Помогни им на луѓето од твоето подрачје да извлечат корист од овие списанија така што ќе се подготвуваш да ги нудиш во секоја погодна прилика!
9. Како да поставиме темел за повторна посета?
9 Откако некому ќе му дадеш списание, па дури и ако само поразговарате за духовни работи, биди подготвен да му поставиш прашање или да му кажеш некоја интересна мисла за да си отвориш пат за повторна посета на која ќе го продолжите разговорот. Ако ревносно го сееме семето на вистината, можеме да бидеме сигурни дека Јехова ќе им ги отвори срцата на оние што искрено сакаат да го запознаат и да му служат (1. Кор. 3:6).