Обласните конгреси — прилики кога со радост го славиме Јехова
1. Каква сличност постои меѓу израелските празници од минатото и нашите обласни конгреси?
1 Јосиф, Марија, нивните деца и други луѓе редовно оделе во Ерусалим за да присуствуваат на годишните празници. Во овие прилики, тие ги оставале зад себе секојдневните грижи и се посветувале на поважните духовни работи од нивниот живот. Празниците им овозможувале да размислуваат и да разговараат за Јеховината добрина и за неговиот Закон. Слично на тоа, на нашиот претстоен обласен конгрес ќе имаме можност со радост да го славиме Јехова.
2. Што треба да правиме за да се подготвиме за претстојниот обласен конгрес?
2 Потребна е подготовка: Семејството на Исус требало да пешачи околу 200 километри од Назарет до Ерусалим и назад. Иако не знаеме колку браќа и сестри имал Исус, јасно е дека Јосиф и Марија морале добро да планираат и да вложат голем труд за едно такво патување. Дали ти ги направи потребните подготовки за да присуствуваш на сите три дена од претстојниот обласен конгрес? За таа цел можеби ќе треба да земеш слободни денови од работа или да разговараш со шефот. Дали веќе имаш направено подготовки за сместување? Би можел ли да му помогнеш да дојде на конгресот на некој од собранието што има посебни потреби? (1. Јов. 3:17, 18).
3. Каква можност за охрабрувачко дружење имале Евреите за време на празниците?
3 Охрабрувачко друштво: Еврејските празници биле навистина прекрасна можност за охрабрувачко дружење со соверниците! Семејството на Исус несомнено едвај чекало повторно да се сретне со своите долгогодишни пријатели. Освен тоа, тие се радувале и на можноста да стекнат нови пријатели меѓу мноштвото Евреи и преобратеници кои биле присутни или патувале до и од Ерусалим.
4. Како ќе покажеме дека го цениме нашето обединето христијанско братство?
4 Една причина зошто верниот и разборит роб ни овозможува да се собираме заедно и да слушаме говори на обласните конгреси наместо да ни ги дава тие информации во пишан облик е за да можеме да се храбриме еден со друг (Евр. 10:24, 25). Затоа, добро организирај се за да можеш да пристигнеш на конгресот доволно рано секој ден. Така ќе имаш време да се дружиш со другите пред претседавачот на програмата да го најави музичкото интермецо, кое е знак дека треба да седнеме. На паузата за ручек, пожелно е да не го напуштаме објектот за да набавиме храна, туку да си понесеме лесен оброк и да останеме таму за да можеме да се запознаеме и да разговараме со другите. Нашето обединето христијанско братство е дар од Јехова што треба многу да го цениме (Мих. 2:12).
5. Што ќе ни помогне да извлечеме целосна корист од програмата?
5 Време за учење: Уште од рана возраст, Исус ги користел празниците да учи за својот небесен Татко (Лука 2:41-49). Што ќе ни помогне нам и на нашите семејства да извлечеме целосна корист од точките на конгресот? За време на програмата, седи на своето место и немој да зборуваш без потреба. Не дозволувај мобилниот телефон, пејџерот или други слични уреди да ти пречат тебе и на другите. Насочи го вниманието кон говорникот и прави си кратки белешки. Седи заедно со своето семејство за да бидеш сигурен дека и твоите деца ја слушаат програмата. Навечер одвојувајте време за да разговарате за некои мисли што ви се допаднале.
6. Што треба да имаме на ум во врска со нашата облека и изгледот?
6 Облекување и изглед: Странските трговци што патувале на патот можеле лесно да го препознаат семејството на Исус и другите Евреи кои оделе на празниците. Зошто? Поради ресите на нивните облеки и сината врвца над ресите (4. Мој. 15:37-41). Иако христијаните не носат некоја посебна облека, ние сме познати по нашата скромна, уредна и чиста облека. Посебно внимание на својот изглед треба да обрнеме кога патуваме до и од конгресот и додека сме во конгресниот град. Дури и ако се пресоблечеме по програмата, треба да изгледаме како што му доликува на еден христијанин и да ја носиме нашата конгресна значка. Така ќе се разликуваме од оние што не се Сведоци и ќе им оставиме добар впечаток на другите.
7. Зошто треба да размислиме да се пријавиме за доброволна служба на конгресот?
7 Потребни се доброволци: За да може програмата да се одвива непречено, потребни се многу работници. Би можел ли и ти да помогнеш? (Пс. 110:3). Работата што се извршува на конгресите е дел од нашата света служба и дава убаво сведоштво. Управникот на еден конгресен објект бил толку воодушевен од доброволците кои го исчистиле објектот што го напишал следново: „Сакам да ви се заблагодарам за најубавиот настан на кој некогаш сум присуствувал во овој објект. Постојано слушам дека Јеховините сведоци се посебни луѓе, кои долги години се на добар глас во нашите деловни кругови бидејќи секогаш го оставаат објектот почист отколку што го нашле. Вие и вашата организација го направивте овој објект подобро место во нашата заедница, бидејќи сте најљубезните луѓе со кои некогаш сме имале можност да соработуваме“.
8. Какви прилики за сведочење ќе имаме во конгресниот град?
8 Прилики за сведочење: Многумина во конгресниот град ќе ги забележат посетителите што се уредно и добро облечени и кои носат конгресни значки. Тоа може да ја поттикне нивната љубопитност, поради што ќе имаме можност да им кажеме за конгресот. Едно четиригодишно дете, кое по програмата отишло во ресторан со родителите, со себе ја носело новата публикација што ја добило на конгресот и ѝ ја покажало на келнерката. Тоа им овозможило на родителите да ја поканат жената на конгресот.
9. Како можеме, по примерот на семејството на Исус, да покажеме ценење за духовната поука од Јехова?
9 Древните празници биле убави прилики што духовно настроените Евреи многу ги ценеле (5. Мој. 16:15). Семејството на Исус со радост било спремно да направи секакви жртви за да присуствува и да извлече целосна корист. И ние ги цениме нашите обласни конгреси, затоа што сметаме дека се дар од нашиот небесен Татко, кој многу нѐ сака (Јак. 1:17). Сега е време да се подготвиме за овој настан на кој со радост ќе го славиме Јехова!
[Рамка на страници 6 и 7]
Потсетувања за обласниот конгрес
◼ Програмски термини: Секој ден програмата започнува во 9.20 часот. Вратите ќе бидат отворени во 8.00 часот. Кога ќе биде пуштена музика, сите треба да седнеме на своите места за да може програмата да почне на достоинствен начин. Во петок и во сабота програмата ќе заврши во 16.55 часот, а во недела во 15.40 часот.
◼ Чување седишта: Може да чуваме седишта само за оние со кои патуваме во ист автомобил, за своето семејство или за своите гости, како и за оние со кои ја проучуваме Библијата (1. Кор. 13:5).
◼ Пауза за ручек: Ве молиме, подобро донесете си нешто за јадење наместо да ја напуштате конгресната локација за време на паузата за да купите храна. Можете да ја понесете во помало фрижидерче за излет што ќе го ставите под седиштето. Во конгресниот објект не се дозволени големи фрижидерчиња, стаклени садови и алкохолни пијалаци.
◼ Прилози: Нашето ценење за конгресот можеме да го покажеме ако пуштиме доброволен прилог во кутиите за меѓународното дело во Салата на Царството или на конгресот.
◼ Несреќи и итни случаи: Ако на конгресната локација се појави потреба од итна медицинска помош, ве молиме кажете му за тоа на некој редар, кој веднаш ќе го извести Одделот за прва помош. Таму има медицински оспособена екипа која ќе процени колку е сериозен проблемот и ќе може да помогне. Ако е потребно, нашата медицинска екипа ќе викне брза помош.
◼ Обувки: Секоја година, на конгресите низ целиот свет, се случуваат многу повреди поради несоодветни обувки. Најдобро е да одберете скромни, удобни обувки со кои ќе можете безбедно да одите по скали, на места каде што има решетки итн.
◼ Опрема за снимање: Никаква опрема за снимање не треба да се приклучува на електричната или на разгласната мрежа во објектите. Таква опрема може да се користи само на начин на кој нема да им пречи на другите.
◼ Детски колички и столици на расклопување: Во конгресниот објект ќе има одредено места за оние што имаат детски колички, инвалидски колички и столици на расклопување. Ве молиме следете ги упатствата што ќе ги дадат конгресниот одбор и редарите.
◼ Парфеми: Повеќето конгреси се одржуваат во затворени простории. Затоа, би било љубезно од наша страна да не користиме јаки парфеми, колонски води и дезодоранси кои можат да им пречат на оние што имаат тешкотии со дишењето или други слични проблеми (1. Кор. 10:24).
◼ Крштавање: Кандидатите за крштавање треба да седнат во делот резервиран за нив пред да започне предавањето за крштавање во сабота претпладне. Секој треба да си понесе крпа и пристоен костим за капење.
◼ Пејџери и мобилни телефони: Треба да ги наместите така, што нема да ги вознемируваат другите.
◼ Формулари за да се посетат заинтересираните: Во формуларот Те молиме, посети го ова лице (Ѕ-43) треба да се внесат основните податоци за секое лице што покажало интерес кога сме му сведочеле неформално за време на конгресот. Објавителите треба да си носат со себе на конгресот по два-три вакви формулари. Пополнетите формулари можете да ги предадете во Одделот за литература или да му ги дадете на секретарот во вашето собрание кога ќе се вратите од конгресот. (Види во Нашата служба за Царството од ноември 2009, стр. 4.)
◼ Искуства: Многумина имаат убави искуства додека патуваат до конгресниот објект и во деновите додека трае конгресот. Таквите искуства можете да ги запишете и да ги дадете во канцеларијата на претседавачот на програмата.
◼ Ресторани: Славете го Јеховиното име со своето добро однесување во рестораните. Вообичаено е да се остави бакшиш.
◼ Сместување во хотели и студентски домови: 1) Те молиме, не резервирај повеќе соби отколку што ти се потребни, а во собата не треба да ноќеваат повеќе луѓе отколку што е дозволено. 2) Ако мораш да ја откажеш резервацијата, веднаш јави се во хотелот. 3) Немој да готвиш во собите ако тоа не е дозволено. 4) Умерено користи ги бесплатниот појадок и кафето што се обезбедени за гостите во хотелот или студентскиот дом. 5) Секогаш кога му се обраќаш на хотелскиот персонал, покажувај ги плодовите на духот. 6) Ако се појави некој проблем околу хотелската соба, извести го за тоа Одделот за сместување кога ќе дојдеш на конгресот.
◼ Доброволна служба: Радоста што ја чувствуваме кога сме на конгресите ќе биде уште поголема ако се пријавиме да помогнеме во работата околу конгресот (Дела 20:35). Секој што сака може да се пријави во Одделот за доброволна служба на конгресот. И деца под 16 години можат да помогнат така што ќе работат со еден од родителите или со некое друго одговорно возрасно лице.