Нашите обласни конгреси — големо сведоштво за вистината
1. За кои духовни вистини Израелците можеле да размислуваат и да зборуваат за време на нивните годишни празници?
1 Израелците во старо време секоја година се собирале за три празници. Иако само од мажите се барало да присуствуваат на нив, честопати цели семејства патувале до Ерусалим за да бидат дел од овие радосни собири (5. Мој. 16:15, 16). Таквите настани им давале можност да размислуваат и да зборуваат со другите за важни духовни вистини. Кои се некои од тие вистини? Една вистина е дека Јехова е великодушен Бог кој со љубов се грижи за своите слуги (5. Мој. 15:4, 5). Друга вистина е дека тој го води и го штити својот народ (5. Мој. 32:9, 10). Исто така, во тие прилики Израелците можеле да размислуваат за тоа дека, како Јеховин избран народ, мораат да постапуваат праведно како Јехова (5. Мој. 7:6, 11). Денес, и ние извлекуваме слична корист од обласните конгреси кои се одржуваат секоја година.
2. Како програмата на обласниот конгрес ќе ја разјасни вистината?
2 Програмата ја разјаснува вистината: На нашите обласни конгреси има говори, драми, прикази и интервјуа кои ни помагаат подобро да ги разбереме и примениме библиските вистини (Јован 17:17). Веќе се направени многу работи во врска со овогодишниот обласен конгрес. Јеховината организација подготвува програма која е особено наменета за различните потреби на луѓето низ целиот свет (Мат. 24:45-47). Дали и ти сакаш да видиш и да чуеш што ќе биде изнесено на конгресот?
3. Што треба да правиме за да извлечеме корист од програмата?
3 Се разбира, најголема корист ќе извлечеме ако сите три дена присуствуваме на конгресот и внимателно ја слушаме програмата. Ако сѐ уште не си зборувал со твојот шеф, кажи му дека ќе треба да земеш слободни денови од работа. Гледај да си легнеш доволно рано секоја вечер за да можеш да бидеш сконцентриран за време на програмата. На многумина им помага тоа што гледаат во говорникот и фаќаат кратки белешки. Не дозволувај мобилниот или пејџерот да ти го одвлекуваат вниманието тебе или на другите и не праќај СМС-пораки. Немој да јадеш или да пиеш за време на програмата, освен ако тоа е неопходно поради здравствени причини или екстремно високи температури.
4. Како можат родителите да им помогнат на своите деца да извлечат корист од програмата?
4 Во годините за одмор, кога семејствата во Израел се собирале да го чујат читањето на Законот за време на Празникот на сениците, децата оделе со родителите ‚за да слушаат и да учат‘ (5. Мој. 31:12). Колку е убаво кога гледаме дека семејствата седат заедно на конгрес и дека децата внимателно ја слушаат програмата! Би можеле ли секоја вечер да одвоите време заедно да ги разгледате белешките и да разговарате за мислите што особено ви се допаднале? Бидејќи „глупоста е приврзана за срцето на детето“, би било мудро за време на паузата за ручек и кога ќе бидат на местото каде што ќе ноќеваат, родителите да внимаваат нивните деца, вклучувајќи ги и тинејџерите, да не се однесуваат „распуштено“ (Изр. 22:15; 29:15).
5. Како можеме да ја украсуваме вистината со нашето добро однесување во хотелот или студентскиот дом?
5 Нашето добро однесување ја украсува вистината: Со нашето добро однесување додека сме во градот каде што се одржува конгресот ја украсуваме вистината (Тит 2:10). Персоналот во хотелите или студентските домови забележува кога се држиме за правилата и кога сме стрпливи и учтиви со нив (Кол. 4:6). Минатата година, кога браќата од една подружница преговарале со еден хотел, директорката за продажба им рекла: „Убаво ни е кога вашите доаѓаат кај нас, затоа што се добри луѓе. Толку се учтиви и љубезни и секогаш се однесуваат со почит кон нашиот персонал и нашите објекти“.
6. Како можеме да ја украсуваме вистината со начинот на кој се облекуваме додека сме во конгресниот град?
6 Кога ја носиме нашата конгресна значка, им ставаме до знаење на другите дека се одржува конгрес, а можеме и меѓусебно да се препознаеме. Но, со неа им даваме и сведоштво на оние што нѐ набљудуваат. Луѓето во градот каде што се одржува конгресот ќе забележат дека оние што носат конгресни значки се облечени пристојно и скромно, а не неуредно или провокативно како што е вообичаено во светот (1. Тим. 2:9, 10). Затоа, треба да обрнеме внимание на нашето облекување и дотерување за време на конгресот и кога пристигнуваме во хотелот или студентскиот дом. Ако дојдеме во кратки панталони и маица, нема да покажеме почит. Дури и ако конгресот се одржува на отворен стадион, треба да бидеме облечени достоинствено. Ако сакаме да се преоблечеме по програмата и да одиме во ресторан, треба да имаме на ум дека сѐ уште сме конгресни делегати и не треба да се облечеме премногу лежерно.
7. Како можеме да уживаме во друштвото на нашите браќа и сестри за време на конгресот?
7 На годишните празници, Израелците уживале во изградувачкото друштво на своите соверници што доаѓале од секаде, а тоа ги зближувало (Дела 2:1, 5). За време на обласните конгреси, нашето обединето христијанско братство е изложено на погледите на луѓето од светот. Овој убав аспект од нашиот духовен рај честопати им остава силен впечаток на оние што нѐ набљудуваат (Пс. 133:1). Наместо да го напуштиме конгресниот објект за време на ручекот за да купиме храна, би било добро да си понесеме од дома лесен оброк и да останеме таму за да се запознаеме и да разговараме со браќата и сестрите што седат близу до нас!
8. Зошто треба да се пријавиме за доброволна служба ако ни дозволуваат околностите?
8 Оние што нѐ набљудуваат често се воодушевени од добрата организација на конгресите, особено кога ќе дознаат дека целата работа ја вршат доброволци. Дали можеш ‚спремно да се понудиш‘ да помогнеш во врска со конгресот? (Пс. 110:3). Честопати цели семејства се спремни да работат доброволно со цел родителите да ги учат своите деца како да им помагаат на другите. Ако си срамежлив, еден начин да се запознаеш со други делегати е да служиш како доброволец на конгресот. Една сестра вели: „Освен семејството и неколкумина пријатели, не познавав речиси никого. Но, додека помагав со чистењето, запознав многу браќа и сестри! Ми беше толку убаво!“ Ако го прошириме нашиот круг на пријатели така што ќе помагаме на конгресот, ќе доживееме голема радост (2. Кор. 6:12, 13). Ако никогаш не си служел како доброволец, прашај ги старешините што треба да направиш.
9. Како ќе поканиме и други луѓе да дојдат на конгресот?
9 Покани и други да ја чујат вистината: Како што беше случај минатите години, и оваа година три седмици пред конгресот ќе имаме акција во која ќе делиме покани. Собранијата треба да си постават за цел да обработат колку што е можно поголем дел од своето подрачје. (Види ја рамката „Како ќе ги нудиме поканите?“) Сите покани што ќе останат треба да се донесат на конгресот. Делегатите можат да ги користат овие покани при неформално сведочење во деновите додека трае конгресот.
10. Раскажи некои искуства кои покажуваат дека акциите за делење покани за обласните конгреси даваат добри резултати.
10 Дали ваквите акции даваат добри резултати? На еден конгрес, еден од редарите им помогнал на маж и жена да најдат место за седење. Тие му кажале дека добиле покана и си помислиле дека „би можело да биде интересно“ ако дојдат. Возеле преку 320 километри за да стигнат! Во една друга прилика, една сестра која сведочела од куќа до куќа му дала покана на еден човек кој се заинтересирал за конгресот. Сестрата одвоила време подетално да му објасни за што зборува поканата. Неколку дена подоцна, на конгресот го видела човекот заедно со уште еден негов пријател. Со себе носеле една од новите публикации што излегле на конгресот!
11. Зошто е важно да присуствуваме на нашиот обласен конгрес што се одржува секоја година?
11 Годишните празници биле еден начин на кој Јехова со љубов им помагал на Израелците ‚да му служат беспрекорно и верно‘ (Ис. Нав. 24:14). Слично, нашето присуство на годишните обласни конгреси ни помага ‚да живееме според вистината‘ и е многу важен дел од нашето обожавање (3. Јов. 3). Јехова нека ги благослови напорите што сите оние кои ја сакаат вистината ги прават за да присуствуваат на конгресот и да извлечат целосна корист!
[Истакната мисла на страница 4]
Нашето добро однесување за време на конгресот ја украсува вистината
[Истакната мисла на страница 5]
Три седмици пред конгресот ќе имаме акција во која ќе делиме покани
[Рамка на страници 3-6]
Потсетувања за обласниот конгрес во 2012
◼ Програмски термини: Сите три дена, програмата започнува во 9.20 часот. Вратите ќе бидат отворени во 8.00 часот. Кога ќе биде пуштена музика, сите треба да седнеме на своите места за да може програмата да почне на достоинствен начин. Во петок и сабота, програмата ќе заврши во 16.55 часот, а во недела во 15.40 часот.
◼ Чување место: Може да чуваме место само за оние со кои патуваме во ист автомобил, за своето семејство или за своите гости, како и за оние со кои ја проучуваме Библијата (1. Кор. 13:5).
◼ Пауза за ручек: Ве молиме, донесете си нешто за јадење за да не мора да ја напуштите конгресната локација за да си купите храна. Може да си понесете помало фрижидерче за излет што ќе го ставите под седиштето. Во конгресниот објект не се дозволени големи фрижидерчиња и стаклени садови.
◼ Прилози: Нашето ценење за конгресот можеме да го покажеме ако пуштиме доброволен прилог за меѓународното дело во кутиите што се поставени на конгресот.
◼ Несреќи и итни случаи: Ако на конгресната локација се појави потреба од итна медицинска помош, ве молиме кажете му за тоа на некој редар, кој веднаш ќе го извести Одделот за прва помош. Таму има медицински оспособена екипа која ќе процени колку е сериозен проблемот и ќе може да помогне.
◼ Лекови: Ако користиш лекови што се добиваат само на лекарски рецепт, те молиме понеси си доволно од нив бидејќи не ќе можеш да ги добиеш на конгресот. Инсулинските шприцови и игли, кои спаѓаат во медицински отпад, не смеат да се фрлаат во корпите за ѓубре поставени низ конгресниот објект или таму каде што ноќевате, туку директно во контејнер.
◼ Обувки: Секоја година, на конгресите се случуваат многу повреди поради несоодветни обувки. Најдобро е да одберете скромни, удобни обувки со кои ќе можете безбедно да одите по скали, на места каде што има решетки и слично.
◼ За лица со оштетен слух: Конгресната програма ќе биде емитувана на ФМ радиофреквенција и ќе може да се слуша во рамките на конгресниот објект. За таа цел е потребен мал ФМ приемник на батерии и слушалки.
◼ Детски колички и столици на расклопување: Во конгресниот објект ќе има одредено места за оние што имаат детски колички, инвалидски колички и столици на расклопување. Ве молиме следете ги упатствата што ќе ги дадат конгресниот одбор и редарите. Најдобро е да се користат детски безбедносни седишта за во автомобил кои можат да се прицврстат на седиштата до родителите.
◼ Парфеми: Повеќето конгреси се одржуваат во затворени простории. Затоа, би било љубезно од наша страна да не користиме јаки парфеми, колонски води и дезодоранси кои можат да им пречат на оние што имаат тешкотии со дишењето или други слични проблеми (1. Кор. 10:24).
◼ Формулари за да се посетат заинтересираните: Во формуларот Те молиме, посети го ова лице (S-43) треба да се внесат основните податоци за секое лице што покажало интерес кога сме му сведочеле неформално за време на конгресот. Објавителите треба да си носат со себе на конгресот по два-три вакви формулари. Пополнетите формулари можете да ги предадете во Одделот за литература или да му ги дадете на секретарот во вашето собрание кога ќе се вратите од конгресот. (Види во Нашата служба за Царството од мај 2011, страница 3.)
◼ Ресторани: Славете го Јеховиното име со своето добро однесување во рестораните. Остави бакшиш ако тоа е вообичаено.
◼ Сместување во хотели и студентски домови:
1) Те молиме, не резервирај повеќе соби отколку што ти се потребни, а во собата не треба да ноќеваат повеќе луѓе отколку што е дозволено.
2) Не откажувај ја резервацијата, освен ако мораш поради некоја итна ситуација. Во тој случај, направи го тоа што е можно порано (Мат. 5:37).
3) Немој да готвиш во собите ако тоа не е дозволено.
4) Умерено користи ги бесплатниот појадок и кафето што се обезбедени за гостите во хотелот или студентскиот дом.
5) Секогаш кога му се обраќаш на хотелскиот персонал, покажувај ги плодовите на духот. Тие се грижат за многу гости, и затоа ги ценат нашата љубезност, стрпливост и разумност.
6) Родителите треба да внимаваат на своите деца додека се во хотелот или во студентскиот дом.
7) Ако се појави некој проблем околу хотелската соба, извести го за тоа Одделот за сместување кога ќе дојдеш на конгресот.
◼ Доброволна служба: Секој што сака може да се пријави во Одделот за доброволна служба на конгресот. И деца под 16 години можат да помогнат така што ќе работат со еден од родителите или со некое друго одговорно возрасно лице.
[Рамка на страница 6]
Како ќе ги нудиме поканите?
За да го обработиме целото подрачје, можеби ќе треба да бидеме кратки. Би можеле да го кажеме следново: „Здраво. Имам за Вас една покана која се дели низ целиот свет. Повелете! Подетални информации ќе најдете на самата покана“. Биди воодушевен. За викенд, заедно со поканата можеш да понудиш и списанија, доколку процениш дека тоа е соодветно.