СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 14
ПЕСНА 8 Јехова ни е заклон
„Изберете си... кому ќе му служите“
Јас и мојот дом ќе му служиме на Јехова! (ИС. НАВ. 24:15)
ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА
Да нѐ потсети од кои причини сме избрале да му служиме на Јехова.
1. Што мора да правиме за да бидеме вистински среќни, и зошто? (Исаија 48:17, 18).
НАШИОТ небесен Татко има голема љубов кон нас и сака да уживаме во животот сега и во иднина (Проп. 3:12, 13). Тој ги создал луѓето со некои извонредни таленти, но не ги создал со способност да владеат над други луѓе, ниту пак им дал способност самите да одлучуваат што е исправно, а што погрешно (Проп. 8:9; Ерем. 10:23). Тој знае дека мора да му служиме нему и да живееме според неговите мерила ако сакаме да бидеме вистински среќни. (Прочитај Исаија 48:17, 18.)
2. Што сака Сатана да веруваме, и што направил Јехова за да докаже дека Сатана е лажливец?
2 Сатана сака да веруваме дека можеме да бидеме среќни без Јехова, односно дека луѓето можат успешно да владеат едни над други (1. Мој. 3:4, 5). За да докаже дека Сатана е лажливец, Јехова им дозволил на луѓето да владеат едни над други некое време. Очигледно е дека човечкото владеење е чисто промашување. Од друга страна, во Библијата се спомнати голем број мажи и жени кои воделе среќен и исполнет живот додека му служеле на Јехова. Најистакнатиот пример меѓу нив е Исус Христос. Во оваа статија, најпрво ќе разгледаме од кои причини тој одлучил да му служи на Јехова. Потоа, ќе видиме зошто нашиот небесен Татко заслужува да го обожаваме. И, на крај, ќе разгледаме неколку причини зошто ние сме одлучиле да му служиме на Јехова.
ЗОШТО ИСУС ОДЛУЧИЛ ДА МУ СЛУЖИ НА ЈЕХОВА
3. Што му понудил Сатана на Исус, и каква одлука донел Исус?
3 Додека бил на Земјата, Исус морал да одлучи кому ќе му служи. Кратко откако тој се крстил, Сатана му рекол дека ќе му ги даде сите царства на Земјата само ако падне и му се поклони. Исус му одговорил: „Бегај, Сатано! Зашто, напишано е: ’Јехова, својот Бог, обожавај го и само нему служи му!‘“ (Мат. 4:8-10). Зошто Исус донел таква одлука? Да разгледаме неколку причини.
4-5. Кои се некои причини поради кои Исус одлучил да му служи на Јехова?
4 Главната причина зошто Исус одлучил да му служи на Јехова е љубовта. Тој има силна и нераскинлива љубов кон својот Татко (Јован 14:31). Освен тоа, Исус му служи на Јехова бидејќи тоа е исправно (Јован 8:28, 29; Отк. 4:11). Тој знае дека Јехова е изворот на животот, дека е достоен за доверба и дека е великодушен (Пс. 33:4; 36:9; Јак. 1:17). Јехова секогаш му ја кажувал вистината на Исус. Освен тоа, сѐ што Исус има, го добил од Јехова (Јован 1:14). Сатана е сушта спротивност на Јехова. Сатана е причината поради која луѓето умираат. Тој е лажливец и сѐ што прави е поттикнато од алчност и себичност (Јован 8:44). Знаејќи го сето ова, Исус никогаш не ни помислил да стане како Сатана и да се побуни против Јехова (Фил. 2:5-8).
5 Уште една причина поради која Исус одлучил да му служи на Јехова е затоа што размислувал за добрите резултати кои ќе произлезат од тоа (Евр. 12:2). Тој знаел дека ако остане верен ќе го посвети името на неговиот Татко и ќе овозможи да се отстрани сето страдање кое го предизвикал Ѓаволот.
ЗОШТО ЈЕХОВА ЗАСЛУЖУВА ДА ГО ОБОЖАВАМЕ
6-7. Зошто многумина денес не му служат на Јехова, но зошто тој заслужува да го обожаваме?
6 Многумина денес не му служат на Јехова бидејќи сѐ уште не дознале колку прекрасни особини има и не знаат што сѐ тој направил за нив. Истото било случај и со оние на кои апостол Павле им проповедал во Атина (Дела 17:19, 20, 30, 34).
7 Павле им објаснил на Атињаните дека вистинскиот Бог „им дава на сите живот и здив и сѐ“. Тој додал: „Преку него имаме живот и се движиме и постоиме“. Бог е Творецот кој „од еден човек го [направил] целиот човечки род“. Затоа, тој е единствениот кој има право да го обожаваме (Дела 17:25, 26, 28).
8. Што Јехова нема никогаш да направи? Објасни.
8 Како Творец и Севишен Владетел на универзумот, Јехова може да ги присили луѓето да му служат. Но, тој никогаш нема да го направи тоа. Наместо тоа, Јехова ни дава докази дека постои и дека многу го сака секого од нас поединечно. Тој сака колку што е можно повеќе луѓе да бидат негови пријатели засекогаш (1. Тим. 2:3, 4). За таа цел, Јехова нѐ обучил да ги поучуваме другите за неговата намера и да им кажуваме за сите добри работи што ќе ги направи за човештвото (Мат. 10:11-13; 28:19, 20). Тој нѐ организирал во собранија каде што можеме да го обожаваме и да добиеме помош од грижливи старешини (Дела 20:28).
9. Од што јасно се гледа колку е голема љубовта на Јехова?
9 Колку е голема љубовта на Јехова јасно се гледа од начинот на кој постапува со оние што одбиваат да веруваат дека тој постои. Размисли за некои факти. Низ историјата, милијарди луѓе одлучиле да живеат според своите мерила за исправно и погрешно. И покрај тоа, Јехова со љубов им го дава сето она што им е потребно за живот и за да уживаат во него (Мат. 5:44, 45; Дела 14:16, 17). Тој им дал способност да склопуваат пријателства, да формираат семејство и да уживаат во плодовите од својот труд (Пс. 127:3; Проп. 2:24). Доказите јасно покажуваат дека нашиот небесен Татко ги сака сите луѓе (2. Мој. 34:6). Сега да се потсетиме на некои причини поради кои сме одлучиле да му служиме на Јехова, и како тој нѐ благословува поради тоа.
ЗОШТО НИЕ СМЕ ОДЛУЧИЛЕ ДА МУ СЛУЖИМЕ НА ЈЕХОВА
10. а) Која е главната причина поради која му служиме на Јехова? (Матеј 22:37). б) Како Јехова покажал дека е стрплив со тебе? (Псалм 103:13, 14).
10 Исто како Исус, главната причина поради која му служиме на Јехова е затоа што многу го сакаме. (Прочитај Матеј 22:37.) Кога учиме за особините на Јехова, ние сме привлечени кон него. На пример, размисли колку е стрплив Јехова со нас. Кога Израелците му биле непослушни, тој ги молел со следниве зборови: „Вратете се, ве молам, секој од својот зол пат“ (Ерем. 18:11). Јехова знае дека сме несовршени — дека сме прав. (Прочитај Псалм 103:13, 14.) Кога размислуваш за стрпливоста на Јехова и за другите негови прекрасни особини, зарем не си поттикнат да му служиш засекогаш?
11. Кои се некои причини поради кои сме одлучиле да му служиме на нашиот небесен Татко?
11 Уште една причина зошто сме поттикнати да му служиме на Јехова е затоа што знаеме дека тоа е исправно (Мат. 4:10). Исто така, знаеме кои добри работи ќе произлезат од нашата верна служба. Кога му служиме верно на Јехова, придонесуваме да се посвети неговото име, докажуваме дека Ѓаволот е лажливец и го радуваме срцето на нашиот Татко. Освен тоа, сите што ќе одлучат да му служат на Јехова денес, имаат надеж дека ќе му служат засекогаш! (Јован 17:3).
12-13. Што учиме од искуството на Џејн и Пем?
12 Некој може да развие силна љубов кон Јехова уште додека е дете и, како што одминуваат годините, таа љубов може да продолжи да расте. Токму тоа им се случило на две родени сестри кои се викаат Џејн и Пем.a Џејн имала 11, а Пем 10 години кога почнале да ја проучуваат Библијата. Иако нивните родители не сакале да проучуваат, тие им дозволиле на Џејн и Пем да проучуваат со Јеховините сведоци под услов секој викенд да одат во црква со семејството. Џејн вели: „Она што го научив од Библијата со помош на Сведоците ми помогна да се спротивставам на притисокот да земам дрога и да живеам неморално како што правеа моите врсници“.
13 Во своите доцни тинејџерски години, и двете девојчиња станале објавители. Подоцна, тие започнале со пионерска служба, а во исто време се грижеле за своите остарени родители. Џејн објаснува како се чувствува поради сето она што Јехова го направил за нив: „Од лично искуство се уверив дека Јехова е верен, дека се грижи за своите пријатели и дека, како што пишува во 2. Тимотеј 2:19, ’Јехова ги познава оние што се негови‘“. Нема сомнение дека Јехова се грижи за оние што ќе одлучат да го сакаат и да му служат!
14. Како можеме да го браниме името на Јехова? (Види ги и сликите.)
14 Ние сакаме луѓето да дознаат дека лошите работи што ги чуле за Бог се чиста лага. На пример, замисли дека имаш некој близок пријател кој е љубезен, великодушен и спремно простува. Еден ден слушаш како некој го обвинува твојот пријател дека е суров и нечесен. Како ќе реагираш? Нема сомнение дека ќе го браниш. Слично на тоа, кога Сатана и оние што се под негово влијание се обидуваат да го оцрнат Божјето име со тоа што шират лаги за Јехова, ние ревносно го браниме така што ја кажуваме вистината за него (Пс. 34:1; Иса. 43:10). Кога со нашите зборови и постапки го браниме Јеховиното име, покажуваме дека сакаме да му служиме со сета душа.
Дали ќе придонесеш да се одбрани Јеховиното име? (види во пасус 14)b
15. Какви благослови добил апостол Павле затоа што направил големи промени во животот? (Филипјаните 3:7, 8).
15 Ние спремно правиме промени во нашиот живот за да можеме да му служиме на Јехова на прифатлив начин или за да може да правиме повеќе во службата за него. На пример, апостол Павле се откажал од угледната положба што ја имал во јудаизмот за да може да стане следбеник на Христос и да му служи на Јехова (Гал. 1:14). Како резултат на тоа, водел исполнет живот и добил можност да владее заедно со Исус на небото. Тој никогаш не зажалил затоа што одлучил да му служи на Јехова, а нема да зажалиме ни ние. (Прочитај Филипјаните 3:7, 8.)
16. Што учиме од искуството на Џулија? (Види ги и сликите.)
16 Ако службата за Јехова ни е најважната работа во животот, ќе водиме исполнет живот сега и во иднина. Размисли за примерот на една сестра по име Џулија. Пред да ја дознае вистината, уште како дете, Џулија пеела во црковен хор. Таа пеела толку добро што почнала да добива обука за да стане оперска пејачка. По кратко време, Џулија станала многу позната и почнала да настапува во престижни концертни сали. Додека студирала на една позната музичка академија, еден соученик почнал да ѝ зборува за Бог и ѝ објаснил дека Божјето име е Јехова. Кратко потоа, Џулија почнала да ја проучува Библијата два пати седмично. На крај, таа одлучила да го посвети својот живот на службата за Јехова, наместо да биде оперска пејачка. Таа одлука не била лесна. Џулија вели: „Многу луѓе ми рекоа дека мојот талент сум го фрлила во вода, но јас сакав во потполност да го користам мојот живот за да му служам на Јехова“. Што мисли Џулија денес во врска со изборот што морала да го направи пред повеќе од 30 години? Таа вели: „Имам внатрешен мир и уверена сум дека во иднина Јехова ќе ги исполни сите желби на моето срце“ (Пс. 145:16).
Кога најважното нешто во животот ни е да му служиме на Јехова, го живееме најдобриот можен начин на живот (види во пасус 16)c
ПРОДОЛЖИ ДА МУ СЛУЖИШ НА ЈЕХОВА
17. Како тоа што живееме пред самиот крај влијае врз оние што одлучиле да му служат на Бог и врз оние кои сѐ уште не го сториле тоа?
17 Живееме пред самиот крај на овој свет. Апостол Павле напишал: „Уште ’само малку‘, и ќе стигне ’оној што доаѓа и нема да одолговлекува‘“ (Евр. 10:37). Како ова влијае врз нас? Оние што не му служат на Јехова имаат уште малку време да одлучат да го сторат тоа. Затоа, треба да ги преземат потребните чекори колку што е можно побрзо (1. Кор. 7:29). А доколку веќе сме одлучиле да му служиме на Јехова, иако ќе треба да трпиме неволји, знаеме дека тоа ќе биде уште „само малку“.
18. Што сакаат Исус и Јехова да правиме?
18 Исус не ги поттикнал своите ученици само да почнат да одат по него, туку и да продолжат да го прават тоа (Мат. 16:24). Затоа, ако веќе со години му служиме на Јехова, да бидеме решени да не се откажеме. Јехова сака да продолжиме да живееме во склад со одлуката што сме ја донеле да му служиме. Можеби нема да биде лесно, но уште денес можеме да бидеме среќни и да имаме многу благослови (Пс. 35:27).
19. Што учиме од искуството на Џин?
19 Некои сметаат дека нема да можат да уживаат во животот ако му служат на Јехова. Доколку си млад, дали мислиш дека пропушташ нешто со тоа што му служиш на Јехова? Еден млад брат по име Џин вели: „Мислев дека тоа што сум Јеховин сведок многу ме ограничува. Ми се чинеше дека многу од децата со кои пораснав уживаат затоа што можат да одат на забави, да бидат во врска или да играат насилни видеоигри, а јас морав да одам на состаноци и во служба на проповедање“. Како ваквото размислување влијаело врз Џин? Тој вели: „Почнав да водам двоен живот и некое време ми беше забавно. Но, всушност не се чувствував вистински среќен. Почнав да размислувам за тоа како ќе ми користи ако бидам послушен на она што го вели Библијата и одлучив да му служам на Јехова со сето срце. Оттогаш мислам дека Јехова одговори на секоја моја молитва“.
20. На што треба да бидеме решени?
20 Еден псалмист му пеел на Јехова: „Среќен е оној кого ти ќе го одбереш и кому му дозволуваш да ти се приближи, за да живее во твоите дворови“ (Пс. 65:4). Да бидеме решени да го следиме примерот на Исус Навин, кој рекол: „Јас и мојот дом ќе му служиме на Јехова!“ (Ис. Нав. 24:15).
ПЕСНА 28 Да бидеме пријатели со Јехова
a Некои имиња се сменети.
b ОПИС НА СЛИКАТА: Една жена слуша што велат нашите противници пред еден објект каде што се одржува конгрес, а потоа оди до една количка со литература каде што ја слуша вистината.
c ОПИС НА СЛИКАТА: Одглумена сцена на која е прикажана промената што ја направила Џулија за да му служи на Јехова.