СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 34
ПЕСНА 3 Нашата сила, надеж и доверба
Биди уверен дека Јехова ти простил
Ти ја прости вината за моите гревови (ПС. 32:5)
ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА
Да видиме зошто треба да се увериме дека Јехова ни простил, и како Библијата нѐ уверува дека тој им простува на оние што се каат.
1-2. Што прави Јехова кога ќе се покаеме за нашите гревови? (Види ја и сликата.)
ЦАР ДАВИД знаел како е да чувствуваш вина за поранешните гревови (Пс. 40:12; 51:3; натпис). Тој направил големи грешки во својот живот. Сепак, искрено се покајал и Јехова му простил (2. Сам. 12:13). Затоа, Давид исто така знаел колкаво олеснување носи простувањето од Јехова (Пс. 32:1).
2 Исто како Давид, и ние можеме да го почувствуваме олеснувањето што произлегува од Јеховината милост. Колку е утешно што знаеме дека Јехова е спремен да ни ги прости гревовите — дури и оние што се многу големи — ако искрено се покаеме, ако ги признаеме и ако правиме сѐ што можеме за да не ги повториме (Изр. 28:13; Дела 26:20; 1. Јов. 1:9). И многу сме радосни што знаеме дека, кога тој простува, тоа е како гревот никогаш да не се случил! (Езек. 33:16).
Цар Давид напишал многу псалми во кои е опишано колку многу Јехова сака да ни прости (види во пасуси 1-2)
3-4. Како се чувствувала една сестра откако се крстила, и што ќе разгледаме во оваа статија?
3 Сепак, понекогаш, на некои им е тешко да се уверат дека Јехова им простил. Токму така се чувствувала Џенифер, која пораснала во вистината. Кога била на тинејџерска возраст, почнала да прави неисправни работи и да води двоен живот. Но, неколку години подоцна, таа направила промени, му го заветувала својот живот на Јехова и се крстила. Џенифер вели: „Во минатото, често правев сексуален неморал, се опивав, бев многу гневна личност и парите ми беа најважното нешто во животот. Знаев дека, откако се молев за простување и се покајав, сум чиста во очите на Јехова благодарение на Христовата жртва. Но, не можев да го уверам моето срце дека Јехова ми простил“.
4 Дали понекогаш ти е тешко да си го увериш срцето дека Јехова ти ги простил поранешните гревови? Тој сака да бидеме сигурни дека е милостив кон нас, исто како што бил сигурен Давид. Во оваа статија ќе видиме зошто треба да се увериме дека Јехова ни простил и што може да ни помогне во тоа.
ЗОШТО Е ВАЖНО ДА СЕ УВЕРИМЕ ДЕКА ЈЕХОВА НИ ПРОСТИЛ?
5. Што сака Сатана да веруваме? Наведи пример.
5 Ако веруваме дека Јехова нѐ сака и дека ни простил, нема да паднеме во една од стапиците на Сатана. Имај на ум дека Сатана ќе направи сѐ што може за да нѐ спречи да му служиме на Јехова. За да ја постигне својата цел, Сатана можеби ќе се обиде да нѐ наведе да веруваме дека нашите гревови се непростливи. Да го разгледаме примерот на човекот од Коринт, кој бил отстранет од собранието поради сексуален неморал (1. Кор. 5:1, 5, 13). Тој подоцна се покајал. Но, Сатана сакал браќата и сестрите да не му простат и да не го примат повторно во собранието. Освен тоа, Сатана сакал човекот што се покајал да мисли дека неговиот грев е непростлив и толку да биде „[скршен од] преголемата жалост“ што ќе престане да му служи на Јехова. Сатана и понатаму ја има истата цел и ги користи истите тактики. Но, „неговите намери не ни се непознати“ (2. Кор. 2:5-11).
6. Што ќе ни помогне да почувствуваме олеснување од товарот на вината?
6 Ако веруваме дека Јехова ни простил, можеме да почувствуваме олеснување од товарот на вината. Кога грешиме, нормално е да чувствуваме вина (Пс. 51:17). Тоа е добро бидејќи, ако сфатиме дека сме направиле нешто погрешно, можеме да бидеме поттикнати да направиме промени и да почнеме да го правиме она што е исправно (2. Кор. 7:10, 11). Сепак, ако продолжиме да чувствуваме вина долго време откако сме се покајале, може толку да се обесхрабриме што ќе престанеме да му служиме на Јехова. Но, ако веруваме дека Јехова ни простил, ќе ја ставиме вината онаму каде што ѝ е местото — зад нас. Така ќе можеме да му служиме на Јехова онака како што тој сака — со чиста совест и со голема радост (Кол. 1:10, 11; 2. Тим. 1:3). Меѓутоа, како можеме да си го увериме срцето дека Бог ни простил?
ШТО МОЖЕ ДА НИ ПОМОГНЕ ДА СЕ УВЕРИМЕ ДЕКА ЈЕХОВА НИ ПРОСТИЛ
7-8. Како Јехова се опишал себеси, и во што можеме да бидеме уверени? (2. Мојсеева 34:6, 7).
7 Размислувај за тоа како Јехова се опишал себеси. На пример, забележи што му кажал Јехова на Мојсеј на планината Синај.a (Прочитај 2. Мојсеева 34:6, 7.) Иако Јехова има голем број убави особини, тој одлучил да му каже на Мојсеј дека е „Бог милосрден и... полн со милост“. Дали еден таков милосрден и сочувствителен Бог би одлучил да не му прости на некој свој слуга кој вистински се кае за својот грев? Тоа е незамисливо! Јехова никогаш не би постапил сурово и безмилосно.
8 Можеме да бидеме сигурни дека, кога вели дека е милосрден, Јехова ја кажува вистината. Тој никогаш не лаже (Пс. 31:5). Затоа, можеме да го држиме за збор. Ако ти е тешко да се ослободиш од чувството на вина за поранешните гревови, прашај се: „Дали верувам дека Јехова е навистина милосрден и сочувствителен, и дека ќе му прости на секого што ќе се покае за своите гревови? Тогаш, зарем не треба да верувам дека ми простил и мене?“
9. Што учиме од Псалм 32:5 за начинот на кој Јехова ни ги простува гревовите?
9 Размислувај за она што го учиме од Библијата за тоа како Јехова простува. На пример, да разгледаме како библискиот писател Давид го опишал начинот на кој Јехова простува. (Прочитај Псалм 32:5.) Тој рекол: „Ти ја прости вината за моите гревови“. Хебрејскиот збор кој во овој стих е преведен со „прости“ исто така може да значи „крева“ или „носи“. Кога му простил на Давид, Јехова во некоја смисла ги кренал неговите гревови и ги однел. Потоа, Давид почувствувал олеснување од тешкиот товар на вина (Пс. 32:2-4). И ние можеме да почувствуваме такво олеснување. Кога искрено ќе се покаеме за нашите гревови, не треба да продолжиме да го носиме тешкиот товар на вина што Јехова го кренал и го однел.
10-11. Што учиме за Јехова од фактот дека е спремен да простува? (Псалм 86:5).
10 Прочитај Псалм 86:5 и фуснота. Тука Давид вели: „Ти, Јехова, си... спремен да простиш“. Ова значи дека Јехова не се лути веднаш кога правиме грешки и дека тој секогаш сака да им прости на оние што се каат. Зошто тој е таков? Следниот дел од стихот објаснува: „Голема е твојата лојална љубов кон сите што те повикуваат”. Од претходната статија научивме дека Јехова ветил дека ќе им покажува лојална љубов на оние што го сакаат и дека никогаш нема да ги напушти. Поттикнат од таквата љубов „тој ќе му прости великодушно“ на секој грешник што се кае (Иса. 55:7). Ако ти е тешко да веруваш дека Јехова ти простил, би можел да се прашаш: „Дали верувам дека Јехова спремно им простува на сите што се каат и го молат за милост? Тогаш зарем не треба да верувам дека ми простил и мене кога сум го молел за милост?“
11 Во Библијата исто така пишува дека Јехова многу добро ја разбира нашата несовршена природа. Ова може многу да нѐ утеши (Пс. 139:1, 2). Тоа јасно се гледа од еден друг псалм што го напишал Давид, кој исто така може да ни помогне да се увериме дека Јехова е спремен да ни прости.
НЕ ГО ЗАБОРАВАЈ ОНА ШТО ЈЕХОВА СИ ГО СПОМНУВА
12-13. Според Псалм 103:14, што си спомнува Јехова, и на што го поттикнува тоа?
12 Прочитај Псалм 103:14. Во врска со Јехова, Давид рекол дека „си спомнува дека сме прав“. Со овие зборови, Давид објаснил која е една причина поради која Јехова е спремен да им прости на своите слуги што се каат: Тој секогаш има на ум дека сме несовршени. За подобро да го разбереме ова, да ги разгледаме подетално зборовите на Давид.
13 Давид рекол дека Јехова „добро ја познава нашата градба“. Тој го создал Адам „од земниот прав“. Понекогаш, зборот „прав“ се користи симболично за да се укаже на тоа дека луѓето имаат ограничувања. На пример, дури и совршените луѓе имаат потреба да јадат, да спијат и да дишат (1. Мој. 2:7). Но, кога Адам и Ева згрешиле, изразот „дека сме прав“ добил пошироко значење. Бидејќи сме нивни потомци, ние сме прав и во таа смисла што се раѓаме несовршени и мора да се бориме против грешните склоности. Јехова не само што е свесен за нашата несовршеност, туку Давид за него вели дека „си спомнува“ за тоа. Хебрејскиот збор кој е употребен тука може да значи не само да се сетиш на нешто туку и да преземеш нешто околу тоа. Според тоа, што сакал да каже Давид со тие зборови? Јехова знае дека, поради гревот што сме го наследиле, понекогаш ќе правиме грешки. Но, кога ќе види дека вистински се каеме, тој е поттикнат да ни покаже милост и да ни прости (Пс. 78:38, 39).
14. а) Што друго кажал Давид за начинот на кој Јехова ни простува? (Пс. 103:12). б) Што можеме да научиме од начинот на кој Јехова му простил на Давид? (Види ја рамката „Како Јехова простува и заборава“.)
14 Што друго можеме да научиме од Псалм 103 за начинот на кој Јехова ни простува? (Прочитај Псалм 103:12.) Давид вели дека, кога Јехова простува, Тој ги оддалечува од нас нашите гревови „колку што е исток далеку од запад“. Исток е на најголемата можна оддалеченост од запад. Тие две точки никогаш не можат да се спојат. Што ни кажува ова за гревовите што Јехова ги простува? Во врска со овој стих, една книга објаснува дека Бог толку многу ги оддалечува нашите гревови од нас, што од нив не останува ниту трага. Значи, можеме да бидеме сигурни дека тој никогаш повеќе нема да помисли на нив, ниту пак ќе нѐ потсети на нив. Понекогаш, дури и само трага од некој мирис може да нѐ потсети на нешто од минатото. Но, откако Јехова ќе прости некој грев, ништо не може да го наведе повторно да помисли на него, поради што би одлучил да нѐ обвини или да нѐ казни (Езек. 18:21, 22; Дела 3:19).
15. Што можеме да правиме ако постојано чувствуваме вина за поранешните гревови?
15 Како можат зборовите на Давид кои се наоѓаат во Псалм 103 да ни помогнат да се увериме дека Јехова ни простил? Ако постојано чувствуваме вина за поранешните гревови, може да се прашаме: „Дали го заборавам она што Јехова си го спомнува, односно дали заборавам дека тој си спомнува за мојата несовршеност и дека ќе му прости на еден грешник како мене што се кае? Исто така, дали го памтам она што Јехова одлучил да го заборави, односно дали ги памтам гревовите кои Јехова ми ги простил и за кои никогаш повторно нема да ме обвини ниту да ме казни?“ Јехова не се концентрира на нашите поранешни гревови, па не треба ниту ние (Пс. 130:3). Ако навистина веруваме дека Јехова ни простил, повеќе нема да чувствуваме вина и ќе продолжиме да му служиме со радост.
16. Наведи пример кој покажува дека е опасно постојано да чувствуваме вина за гревовите кои Јехова ни ги простил. (Види ја и сликата.)
16 Да разгледаме еден пример. Ако постојано чувствуваме вина за поранешните гревови, тоа е како да се обидуваме да возиме кола додека постојано гледаме во ретровизорот. Добро е одвреме-навреме да погледнуваме во ретровизорот бидејќи така ќе можеме да реагираме ако се појави некаква опасност зад нас. Но, за да можеме безбедно да возиме, мора да се концентрираме на патот пред нас. Слично на тоа, може да ни биде корисно ако понекогаш се потсетиме на нашите поранешни грешки. Можеме да учиме од нив и да бидеме уште порешени да не ги повториме. Но, ако постојано мислиме на поранешните грешки што Јехова ни ги простил, ќе ја изгубиме радоста и нема да бидеме во состојба да му служиме најдобро што можеме. Наместо тоа, да продолжиме да се концентрираме на патот пред нас. Ние сме на патот кој води во живот во новиот свет кој Бог го ветил, каде што лошите спомени „нема да [доаѓаат] во сеќавање“ (Иса. 65:17; Изр. 4:25).
Како што еден возач треба да се концентрира на патот што е пред него наместо на ретровизорот, така и ние треба да се концентрираме на идните благослови наместо на нашите поранешни гревови (види во пасус 16)
ПРОДОЛЖИ ДА ГО УВЕРУВАШ СВОЕТО СРЦЕ
17. Зошто треба да продолжиме да си го уверуваме срцето дека Јехова нѐ сака и дека ни простил?
17 Треба да продолжиме да си го уверуваме срцето дека Јехова нѐ сака и дека ни простил (1. Јов. 3:19). Зошто? Бидејќи Сатана и понатаму ќе се обидува да нѐ наведе да веруваме дека Јехова не нѐ сака и дека никогаш нема да ни прости. Како и да е, неговата цел е иста — да нѐ наведе да престанеме да му служиме на Јехова. Како што се приближува крајот, можеме да очекуваме дека Сатана уште повеќе ќе се обидува да го прави тоа бидејќи знае дека му преостанува уште малку време (Отк. 12:12). Не смееме да му дозволиме да победи!
18. Што можеш да правиш за да си го увериш срцето дека Јехова те сака и дека ти простил?
18 За да си ја зајакнеш увереноста дека Јехова те сака, примени ги предлозите од претходната статија. За да си го увериш срцето дека Јехова ти простил, размислувај за тоа како тој се опишал себеси. Одвој време за длабоко да размислуваш за она што го учиме од Библијата во врска со тоа како Јехова простува. Не заборавај дека тој е свесен за твојата несовршеност и дека со тебе ќе постапува милостиво. Исто така, имај на ум дека, кога тој простува, тоа го прави потполно. Тогаш ќе бидеш радосен бидејќи ќе бидеш сигурен дека Јехова ти покажал милост, и исто како Давид ќе можеш да кажеш: „Ти благодарам Јехова за тоа што ‘ја прости вината за моите гревови’“! (Пс. 32:5).
ПЕСНА 1 Особините на Јехова
a Види ја статијата „Приближи му се на Бог — Јехова се опишува себеси“, која излезе во Стражарска кула од 1 мај 2009.