СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 37
ПЕСНА 114 Да бидеме стрпливи како Јехова!
Најдобриот начин да реагираме на неправдите
Се надеваше на правда, а еве, го кршат законот (ИСА. 5:7)
ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА
Да дознаеме што правел Исус кога гледал дека другите доживуваат неправди и да видиме како можеме да го следиме неговиот пример.
1-2. Како многу луѓе реагираат на неправдите, и што можеби се прашуваме?
ЖИВЕЕМЕ во неправеден свет. Луѓето доживуваат неправди од различни причини, како што се економскиот статус, полот, расата или етничката припадност. Многумина страдаат бидејќи на некои богати бизнисмени или на луѓе што се на власт им е важно само да заработат пари. Ваквите или други неправди влијаат врз сите нас — директно или индиректно.
2 Не нѐ изненадува тоа што многу луѓе се гневни поради неправдите што ги гледаат во светот. Сите сакаме да живееме во свет каде што ќе се чувствуваме безбедно и каде што другите ќе постапуваат праведно со нас. Некои луѓе се обидуваат да ги решат проблемите во светот или во нивната земја така што потпишуваат петиции, учествуваат во протести и поддржуваат политички водачи кои ветуваат дека ќе се борат против неправдите. Но, како христијани, ние сме поучени да не бидеме „дел од светот“ и да чекаме Божјето Царство да ги отстрани сите неправди (Јован 17:16). Сепак, кога гледаме дека некому му се нанесува неправда, тоа нѐ растажува, а понекогаш и нѐ разгневува. Можеби се прашуваме: „Како треба да реагирам? Дали можам сега нешто да преземам во врска со неправдите?“ За да одговориме на овие прашања, најпрво да видиме како се чувствуваат Јехова и Исус кога гледаат дека со луѓето се постапува неправедно.
ЈЕХОВА И ИСУС МРАЗАТ НЕПРАВДИ
3. Зошто е разбирливо тоа што чувствуваме гнев кога ќе видиме неправда? (Исаија 5:7).
3 Библијата објаснува зошто е разбирливо тоа што нѐ вознемируваат неправдите. Тоа е така бидејќи Јехова нѐ создал според својот лик, а тој „ги сака праведноста и правдата“ (Пс. 33:5; 1. Мој. 1:26). Тој никогаш не постапува неправедно, и не сака никој друг да постапува на таков начин! (5. Мој. 32:3, 4; Мих. 6:8; Зах. 7:9). На пример, во времето на пророкот Исаија, Јехова слушал „пискот“ од многу Израелци кои трпеле неправди од сонародниците. (Прочитај Исаија 5:7.) Јехова ги казнил оние што одново и одново го кршеле неговиот Закон и постапувале неправедно со другите (Иса. 5:5, 13).
4. Како се чувствува Исус кога со некого се постапува неправедно? (Види ја и сликата.)
4 Исто како Јехова, и Исус ја сака правдата, а ја мрази неправдата. Додека бил на Земјата, тој во една прилика видел еден човек со парализирана рака. На Исус му било жал за човекот и го излекувал. Но, кога бесчувствителните верски водачи го виделе тоа, многу се разгневиле. Ним им било поважно да не се прекршат крутите правила што самите ги наметнале во врска со саботата, отколку да му се помогне на човекот што страдал. Како се чувствувал Исус поради тоа? Бил „длабоко разжалостен поради неосетливоста на нивните срца“ (Мар. 3:1-6).
Еврејските верски водачи немале сочувство за оние на кои тоа им било потребно, но Исус имал сочувство (види во пасус 4)
5. Што мора да имаме на ум за гневот што можеби го чувствуваме поради некоја неправда?
5 Со оглед на тоа што Јехова и Исус се гневат кога гледаат неправди, не е погрешно доколку и ние се чувствуваме така (Еф. 4:26). Но, мора да имаме на ум дека, дури и ако нашиот гнев е оправдан, нема со тоа да ја исправиме неправдата. Всушност, ако подолго време чувствуваме гнев или ако не го контролираме, тоа може да ни наштети во емоционален и во физички поглед (Пс. 37:1, 8; Јак. 1:20). Тогаш, како треба да се справиме со неправдите? Можеме да учиме од примерот на Исус.
КАКО ИСУС СЕ СПРАВУВАЛ СО НЕПРАВДИТЕ
6. Какви неправди имало додека Исус бил на Земјата? (Види ја и сликата.)
6 Додека бил на Земјата, Исус видел многу неправди. Тој со свои очи гледал како верските водачи го малтретираат обичниот народ (Мат. 23:2-4). Исто така, бил свесен дека римските власти постапуваат сурово со народот. Многу Евреи копнееле по независност од римската власт. Некои, како на пример зелотите, дури и се бореле против Римјаните. Но, Исус не бил дел од ниту една група која се борела за општествени промени. Кога дознал дека луѓето сакаат да го направат цар, си заминал откај нив (Јован 6:15).
Кога луѓето сакале да го направат цар, Исус си заминал (види во пасус 6)
7-8. Зошто Исус не се обидел да ги отстрани неправдите додека бил на Земјата? (Јован 18:36).
7 Додека бил на Земјата, Исус не се мешал во политика за да ги отстрани неправдите. Зошто? Тој знаел дека луѓето ниту имаат право да владеат над други луѓе, ниту пак се способни за тоа (Пс. 146:3; Ерем. 10:23). Исто така, луѓето не можат да ги отстранат главните причини за неправдите, а тоа се Сатана и несовршеноста. Со овој свет владее Сатана Ѓаволот. Тој е крволочно духовно суштество што ја користи својата власт за да ги поттикнува другите да постапуваат неправедно (Јован 8:44; Еф. 2:2). А поради несовршеноста, дури и најдобронамерните луѓе не постапуваат секогаш праведно (Проп. 7:20).
8 Исус знаел дека само Божјето Царство потполно ќе ги отстрани главните причини за неправдите. Токму затоа, своето време и сила ги трошел „проповедајќи и објавувајќи ја добрата вест за Божјето царство“ (Лука 8:1). Исус ги уверувал „оние што гладуваат и жедуваат за праведност“ дека ќе им дојде крај на сите страдања и неправди (Мат. 5:6; Лука 18:7, 8). Но, ова нема да се постигне преку реформи во општеството, туку преку владеењето на Божјето небесно Царство, кое „не е дел од овој свет“. (Прочитај Јован 18:36.)
СЛЕДИ ГО ПРИМЕРОТ НА ИСУС КОГА СЕ СПРАВУВАШ СО НЕПРАВДИТЕ
9. Што те уверува дека само Божјето Царство ќе ги отстрани сите неправди?
9 Ние живееме во „последните денови“ од овој свет и затоа има многу повеќе неправди отколку кога Исус бил на Земјата. Но, како и во времето на Исус, и денес изворот на неправдите се Сатана и несовршените луѓе кои се под негово влијание (2. Тим. 3:1-5, 13; Отк. 12:12). Исто како Исус, ние знаеме дека само Божјето Царство ќе ги отстрани главните причини за неправдите. Бидејќи целосно го поддржуваме Божјето Царство, не учествуваме во протести и во други обиди да се исправат неправдите во светот. Да го разгледаме искуството на една сестра по име Стејси.a Пред да ја дознае вистината, таа редовно учествувала во протести против неправдите. Но по некое време, повеќе не била сигурна дека тоа навистина може да им помогне на луѓето и да ги реши проблемите. Стејси вели: „Кога учествував во протести, се прашував дали сум на исправната страна. Сега, кога го поддржувам Божјето Царство, знам дека сум на исправната страна. Знам дека Јехова ќе се избори за секоја жртва на неправда подобро отколку што би можела јас“ (Пс. 72:1, 4).
10. Според Матеј 5:43-48, зошто не се обидуваме да правиме реформи во општеството? (Види ја и сликата.)
10 Многумина од луѓето што се дел од движењата за општествени реформи се огорчени до таа мера што ги прекршуваат законите и им наштетуваат на другите. Тоа е спротивно на примерот и учењата на Исус (Еф. 4:31). Еден брат по име Џефри вели: „Знам дека навидум мирните протести можат за неколку секунди да се претворат во насилство и пљачкање“. Сепак, Исус нѐ поучува да ги сакаме сите луѓе, па дури и оние што не се согласуваат со нас или нѐ прогонуваат. (Прочитај Матеј 5:43-48.) Како христијани, даваме сѐ од себе за да го следиме примерот на Исус.
Потребна ни е храброст за да не заземеме страна во политичките и општествените проблеми во светот денес (види во пасус 10)
11. Зошто понекогаш може да ни биде тешко да го следиме примерот на Исус?
11 Иако знаеме дека Божјето Царство потполно ќе ги отстрани неправдите, може да ни биде тешко да го следиме примерот на Исус кога некој постапува неправедно со нас. Размисли за она што ѝ се случило на Џанаја, која доживеала расна дискриминација. Таа признава: „Бев многу лута. Исто така, се чувствував повредено и сакав да бидат казнети луѓето што ми ја нанесоа неправдата. Потоа размислував да почнам да поддржувам едно движење кое протестираше против расизмот и дискриминацијата. Мислев дека тоа е безбеден начин да го изразам гневот“. Но со текот на времето, Џанаја сфатила дека треба да го промени начинот на размислување. Таа вели: „Дозволив другите да влијаат врз моето размислување и, наместо да имам доверба во Јехова, почнав да имам доверба во она што ми го кажуваа тие. Одлучив да ги прекинам сите контакти со луѓето од тоа движење“. Иако можеби со право сме гневни кога другите лошо постапуваат со нас или кога гледаме дека некој друг доживува неправда, мора да си го контролираме гневот и да останеме неутрални, односно да не се мешаме во политичките и општествените работи во светот (Јован 15:19).
12. Зошто е мудро да внимаваме што читаме, што гледаме и што слушаме?
12 Што може да ни помогне да си го контролираме гневот кога ќе доживееме или ќе видиме неправда? На многумина им помогнало тоа што внимаваат што читаат, што слушаат и што гледаат. Некои социјални мрежи се полни со објави или вести кои ги прикажуваат неправдите на сензационален начин и предизвикуваат незадоволство кај луѓето. Честопати, новинарите ги изнесуваат информациите на пристрасен начин. Дури и ако некоја информација е точна, нема да ги решиме проблемите ако продолжиме да читаме за она што се случило. Всушност, ако минуваме многу време слушајќи и читајќи такви вести, би можеле непотребно да се вознемириме или обесхрабриме (Изр. 24:10). А што е уште полошо, би можеле да изгубиме од вид дека единственото решение за сите неправди е Божјето Царство.
13. Како тоа што ќе ја читаме Библијата секој ден може да ни помогне да задржиме исправен став во врска со неправдите?
13 Ако секој ден ја читаме Библијата и длабоко размислуваме за прочитаното, тоа ќе ни помогне да се справиме со неправдите. Една сестра по име Алија била многу вознемирена кога видела дека лошо се постапува со луѓето од нејзината средина. Таа била лута бидејќи не биле казнети оние што постапувале неправедно. Алија вели: „Морав да се преиспитам дали навистина верувам дека Јехова ќе ги реши овие проблеми. Токму во тоа време ги прочитав стиховите од Јов 34:22-29. Тие стихови ме потсетија дека никој не може да се скрие од Јехова. Само тој има совршено чувство за правда и само тој може да ги реши сите проблеми“. Сепак, додека чекаме Божјето Царство да донесе вистинска правда, што можеме да правиме сега во врска со неправдите?
ШТО МОЖЕМЕ ДА ПРАВИМЕ СЕГА ВО ВРСКА СО НЕПРАВДИТЕ
14. Што можеме да правиме за да не придонесеме да има повеќе неправди во светот? (Колошаните 3:10, 11).
14 Не можеме да го смениме начинот на кој луѓето постапуваат со другите, но можеме ние да постапуваме добро со луѓето. Како што веќе видовме, ние го следиме примерот на Исус така што покажуваме љубов. Таквата љубов може да нѐ поттикне да постапуваме со почит кон другите, па дури и со оние кои вршат неправда (Мат. 7:12; Рим. 12:17). Јехова се радува кога постапуваме праведно и љубезно со сите. (Прочитај Колошаните 3:10, 11.)
15. Како тоа што ги поучуваме луѓето за библиската вистина помага да има помалку неправди?
15 Најдобриот начин на кој можеме да реагираме на неправдите е да ги поучуваме луѓето за библиските вистини. Зошто го велиме тоа? Бидејќи кога луѓето ќе дознаат за Јехова и ќе сакаат да му угодат, тоа може да ги поттикне да направат промени, и од агресивни и насилни луѓе да станат љубезни и мирољубиви (Иса. 11:6, 7, 9). Пред да ја дознае вистината, еден човек по име Џамал бил дел од бунтовничка група која се борела против политичкиот режим во државата, за кој сметал дека го угнетува народот. Тој вели: „Не можеш со сила да ги промениш луѓето. Но кога ќе ја дознаат библиската вистина, тие можат да се променат. Таа и мене ми помогна да се променам“. Она што Џамал го дознал, го поттикнало да престане да се бори против политичкиот режим. Затоа, кога ги поучуваме луѓето за библиската вистина, можеме да придонесеме помалку луѓе да вршат неправда.
16. Што те поттикнува да им кажуваш на другите за она што ќе го направи Божјето Царство?
16 Исто како Исус, и ние едвај чекаме да им кажеме на луѓето дека Божјето Царство е единственото решение за неправдите. Ваквата надеж може да ги охрабри оние што се малтретирани (Ерем. 29:11). Стејси, која ја спомнавме претходно, објаснува: „Тоа што ја дознав вистината ми помага да останам смирена кога гледам или доживувам некаква неправда. Јехова ја користи библиската порака за да нѐ утеши“. Треба добро да се подготвиме за да можеме да ги тешиме другите со ветувањата од Библијата дека Бог има решение за неправдите. Колку повеќе сме уверени дека се вистинити библиските мисли што ги разгледавме во оваа статија, толку подобро ќе бидеме подготвени да разговараме на тактичен начин за оваа тема на училиште или на работа.b
17. Како Јехова ни помага да се справиме со неправдите денес?
17 Знаеме дека, сѐ додека Сатана е „владетелот на овој свет“, ќе доживуваме неправди. Но, не сме ниту беспомошни ниту безнадежни додека чекаме тој да биде „исфрлен“ (Јован 12:31). Преку Библијата, Јехова не само што ни открива зошто има толку многу неправди, туку и како се чувствува тој кога гледа како страдаме (Пс. 34:17-19). Преку својот Син, Јехова нѐ поучува како треба да реагираме на неправдите кои ги доживуваме и како неговото Царство наскоро ќе ги отстрани неправдите и тоа еднаш засекогаш (2. Пет. 3:13). Затоа, да продолжиме ревносно да ја проповедаме добрата вест за тоа Царство, желно исчекувајќи го времето кога Земјата ќе биде полна со правда и праведност (Иса. 9:7).
ПЕСНА 158 Ќе дојде навреме!
a Некои имиња се сменети.
b Види и во точки 24-27 во додаток А од брошурата Сакај ги луѓето — поучувај ги за Бог.