16-22 МАРТ 2026
ПЕСНА 20 Го даде својот Син за нас
Зошто ни е потребна откупнината
Кој ќе ме избави од телото, кое ме води во таква смрт? (РИМ. 7:24)
ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА
Да видиме како откупнината ни овозможува да добиеме простување од Бог, да бидеме излекувани од нашата грешна состојба и да се помириме со Бог.
1-2. Од што треба да бидеме спасени, и зошто? (Римјаните 7:22-24; види ја и сликата.)
ЗАМИСЛИ ЈА следнава ситуација. Една зграда се руши и еден човек е заглавен во рушевините. Тој сѐ уште е жив, но самиот не може да се извлече од таму. Сѐ што може да прави е да вика за помош, надевајќи се дека некој ќе го спаси.
2 Секој од нас се наоѓа во слична ситуација. Во која смисла? Кога се побунил против својот Творец, Адам станал грешник. Подоцна, тој им ја пренел својата грешна состојба на своите деца. Како резултат на тоа, целото човештво е заглавено во рушевините на наследениот грев и самите не можеме да се ослободиме од неговите последици. Во своето писмо до Римјаните, апостол Павле добро ја опишал нашата грешна состојба. (Прочитај Римјаните 7:22-24.) Тој рекол: „Кој ќе ме избави од телото, кое ме води во таква смрт?“ Павле бил фатен од наследениот грев, што неизбежно води во смрт (Рим. 6:23). Ние сме во истата тешка ситуација. Потребно ни е некој да нѐ спаси.
Исто како што еден човек кој е заробен под рушевините на една зграда треба да биде спасен, ние сме заробени од наследениот грев и потребно ни е некој да нѐ спаси (види во пасуси 1-2)
3. На кои начини може да нѐ спаси откупнината?
3 Она што го кажал во врска со гревот, Павле не го завршил со негативен тон. Откако го поставил прашањето: „Кој ќе ме избави од телото, кое ме води во таква смрт?“ самиот го дал одговорот со тоа што рекол: „Му благодарам на Бог преку Исус Христос, нашиот Господар!“ (Рим. 7:25). Со тие зборови, Павле укажал на откупната жртва на Исус.a Таа откупнина може да нѐ спаси така што ни овозможува: 1) да ни бидат простени гревовите, 2) да бидеме излекувани од нашата грешна состојба и 3) да се помириме со нашиот Творец. Додека ги разгледуваме овие точки, ќе ни се зголеми љубовта кон Јехова, нашиот „Бог, кој дава надеж“ (Рим. 15:13). Исто така, ќе расте нашето ценење за Исус, „преку кого сме ослободени со откупнина“ (Кол. 1:14).
ОТКУПНИНАТА ОВОЗМОЖУВА ПРОСТУВАЊЕ
4-5. Зошто на секој од нас му е потребна откупнината? (Проповедник 7:20).
4 Откупнината ни е потребна за да ни бидат простени гревовите. Секој несовршен човек греши — и со зборовите и со постапките. (Прочитај Проповедник 7:20.) Некои гревови се особено сериозни. На пример, според Мојсеевиот закон, прељубата и убиството требало да бидат казнети со смрт (3. Мој. 20:10; 4. Мој. 35:30, 31). Но, дури и кога еден грев не е толку сериозен, сепак е грев. На пример, псалмистот Давид кажал: „Ќе ги чувам своите патишта за да не згрешам со својот јазик“ (Пс. 39:1). Ова покажува дека дури и она што го кажуваме може да биде грев (Јак. 3:2).
5 Размисли за твоите поранешни зборови и постапки. Дали некогаш си кажал некому нешто или си направил некоја грешка за што подоцна си зажалил? Без сомнение, одговорот на ова прашање е „да“. Библијата вели: „Ако кажеме: ’Немаме грев‘, самите себе се залажуваме и вистината не е во нас“ (1. Јов. 1:8).
6-7. На која основа Јехова може да ни ги прости гревовите? (Види ја и сликата.)
6 Откупнината дава добра основа за Јехова да ни ги прости гревовите (Еф. 1:7). Сепак, ова не значи дека Јехова едноставно преминува преку нашите престапи, како да не му е важно ако направиме грев. Јехова не сака да грешиме (Иса. 59:2). Поради неговата совршена правда, неопходно е да има основа за простување.
7 Под Мојсеевиот закон, Израелците требало да принесуваат животински жртви за да им бидат простени гревовите (3. Мој. 4:27-31; 17:11). Тие жртви укажувале на поголемата жртва што ја дал Исус и на благословите што произлегле од неа. Неговата жртва обезбедила правна основа за да може Јехова да ни ги прости гревовите. Павле ја сфатил вредноста на жртвата што ја дал Исус, а тоа се гледа од она што им го напишал на христијаните во Коринт. Откако ги набројал лошите работи што ги направиле во минатото, тој им рекол: „Испрани сте, посветени, прогласени сте за праведни во името на нашиот Господар Исус Христос и со духот на нашиот Бог“ (1. Кор. 6:9-11).
Животинските жртви што Израелците ги принесувале за простување на гревовите укажувале на откупната жртва на Исус и на благословите што ќе произлегле од неа (види во пасуси 6-7)
8. За што би можел да размислуваш во периодот пред Спомен-свеченоста?
8 Додека се подготвуваш да присуствуваш на Спомен-свеченоста оваа година, одвој си време да размислуваш за тоа што значи за тебе Јеховиното простување. На пример, благодарение на откупнината, не треба претерано да се измачуваш со чувство на вина поради поранешните гревови за кои веќе си се покајал. Дали ти е тешко да го прифатиш тоа? Можеби си велиш „Сфаќам дека Јехова може да ми прости, но јас не можам да си простам себеси“. Ако се чувствуваш така, имај го ова на ум: Јехова е оној што простува и тој му дал власт на својот Син да суди. Правото да суди кому ќе му биде а кому нема да му биде простено, Јехова не ти го дал тебе, ниту му го дал на некој друг. Библијата вели: „Ако живееме во светлината, како што [Јехова] е во светлината... крвта на Исус, неговиот Син, нѐ исчистува од секаков грев“ (1. Јов. 1:6, 7). Можеме да имаме доверба во тоа како што имаме доверба во кое и да било друго библиско учење. Откупнината му дава на Јехова правна основа да ни покаже милост, и неговата Реч вели дека тој е спремен да прости (Пс. 86:5).
ОТКУПНИНАТА ОВОЗМОЖУВА ЛЕКУВАЊЕ
9. Освен погрешни постапки, што друго вклучува гревот? (Псалм 51:5)
9 Во Библијата, со зборот „грев“ се укажува на постапка, но и на состојба, онаа која сме ја наследиле во моментот кога сме биле зачнати. (Прочитај Псалм 51:5.) Поради оваа состојба ние сме склони да грешиме. Освен тоа, таа е причината зошто нашето тело не функционира онака како што Јехова го создал и затоа се разболуваме, старееме и умираме. Ова ни помага да сфатиме зошто новороденчиња — кои не направиле ништо лошо — може да се разболат, па дури и да умрат. Исто така, тоа ни помага да сфатиме зошто и лошите и добрите луѓе страдаат и умираат. Секој несовршен потомок на Адам наследил грешна состојба.
10. Како грешната состојба влијаела врз Адам и Ева?
10 Размисли како таа грешна состојба влијаела врз првите луѓе. Поради гревот што го направиле, тие се чувствувале лошо. Откако се побуниле, Адам и Ева веднаш ги почувствувале последиците од тоа што го прекршиле Божјиот закон — законот што бил запишан „во нивните срца“ (Рим. 2:15). Тие можеле да почувствуваат дека во нив нешто се променило — но не на подобро. Почувствувале дека мора да покријат делови од своето тело и да се скријат од својот Творец (1. Мој. 3:7, 8). За прв пат, во Адам и Ева се појавиле чувства на вина, загриженост, несигурност, болка и срам. Таквите чувства ги измачувале сѐ до нивната смрт (1. Мој. 3:16-19).
11. Какво влијание има грешната состојба врз нас?
11 Грешната состојба има слично влијание врз нас како што имала и врз првите луѓе. Коренот на секоја наша физичка и емоционална болка е во нашата грешна состојба. Без оглед на тоа колку силно се напрегаме да си ја подобриме ситуација, не можеме да направиме многу. Зошто? Бидејќи, како што вели Библијата, човештвото е „подложено на ништожност“ (Рим. 8:20). Ова се покажало дека е вистина не само за нас како поединци туку и за сите луѓе. На пример, размисли за напорите на луѓето да се грижат за животната средина, да го контролираат криминалот, да ја искоренат сиромаштијата и да постигнат мир меѓу народите. И покрај малиот напредок, нивните напори се залудни. Како може откупнината да нѐ спаси од нашата грешна состојба?
12. Каква надеж дава откупнината?
12 Откупнината ни дава надеж дека човештвото „ќе биде ослободено од робувањето на распадливоста“ (Рим. 8:21). Кога во Божјиот нов свет потполно ќе бидат применети благословите од откупнината, повеќе нема да се измачуваме со физички, ментални или емоционални болести, ниту пак ќе имаме чувства на вина, загриженост, несигурност, болка или срам. Освен тоа, тогаш ќе владее Кнезот на мирот, Исус, кој ја платил откупнината за нас (Иса. 9:6, 7). Тој ќе им помогне на луѓето да ги решат сите проблеми кои самите не можат да ги решат.
13. За што друго можеш да размислуваш во периодот пред Спомен-свеченоста?
13 Размисли каков ќе ти биде животот кога нема повеќе да бидеш несовршен. Секој ден ќе се будиш со убави чувства, нема да се плашиш дали ти или твоите најблиски ќе бидете гладни, ќе се разболите или ќе умрете. Дури и сега можеш да чувствуваш одредена мера мир бидејќи се држиш за надежта која е како „сигурна и цврста котва за душата“ (Евр. 6:18, 19). Исто како што една котва може цврсто да го држи бродот за да не биде одвлечен од брановите, така и твојата христијанска надеж може да ја зацврсти твојата вера и да ти помогне да истраеш во секоја неволја со која ќе се соочиш. Можеш да бидеш сигурен дека Јехова навистина ги наградува „оние што ревносно го бараат“ (Евр. 11:6). Утехата што ја имаш денес и надежта што ја имаш за иднината се можни само благодарение на откупнината.
ОТКУПНИНАТА ОВОЗМОЖУВА ПОМИРУВАЊЕ
14. Како гревот влијае врз нашето пријателство со Творецот, и зошто?
14 Уште од времето кога Адам и Ева згрешиле, луѓето се отуѓени, односно одвоени, од Бог. Библијата дури вели дека постои непријателство помеѓу целото човештво и Творецот (Рим. 8:7, 8; Кол. 1:21). Зошто? Затоа што поради своите совршени мерила, Јехова не може едноставно да премине преку гревот. Во врска со Јехова, Библијата вели: „Твоите очи се пречисти за да го гледаш злото, ти не можеш да гледаш неволја“ (Авак. 1:13). Според тоа, гревот создал голем јаз помеѓу Бог и луѓето. Никој од нас не би можел да биде пријател со Јехова доколку нема начин да го премостиме тој јаз и да се помириме со него. Откупнината е тоа што ни овозможува повторно да бидеме пријатели со Бог.
15. Какво помирување овозможила откупнината и со каков резултат?
15 Во Библијата пишува дека Исус е „жртва помирница за нашите гревови“ (1. Јов. 2:2). На кој начин откупнината овозможила помирување со Јехова? Смртта на Исус му дала на нашиот совршен Бог праведна основа да се помири со луѓето (Рим. 3:23-26). Тој ги сметал за праведни дури и оние што му служеле верно пред смртта на Исус (1. Мој. 15:1, 6). Зошто било можно тоа? Поради откупнината која ќе била дадена во иднина. Јехова бил потполно сигурен дека неговиот Син, Исус, ќе ја плати откупнината (Иса. 46:10). Таа овозможила луѓето да се помират со Бог.
16. За што друго би можел да размислуваш во периодот пред Спомен-свеченоста? (Види ја и сликата.)
16 Размисли што значи за тебе помирувањето со Бог. На пример, можеш да го наречеш Јехова свој „Татко“, како што нѐ поучил Исус (Мат. 6:9). Понекогаш, можеш дури и да го наречеш Јехова свој „пријател“. Кога ги користиме изразите „Татко“ или „пријател“, треба да го правиме тоа понизно и со почит. Зошто? Поради нашата грешна состојба ние воопшто не заслужуваме да бидеме блиски со Јехова. Само благодарение на откупнината можеме да бидеме дури и пријатели со Јехова. Со тоа што го испратил Исус да го даде својот живот како жртва, самиот Јехова ни овозможил да се помириме со него (Кол. 1:19, 20). Затоа можеме да бидеме пријатели со Јехова дури и сега — и покрај тоа што сме несовршени.
Единствено смртта на Исус можела да обезбеди правна основа за луѓето повторно да бидат пријатели со Јехова (види во пасус 16)
ОТКУПНИНАТА ЈА НАГЛАСУВА ЈЕХОВИНАТА МИЛОСТ
17. Како откупнината ја нагласува Јеховината милост? (Ефешаните 2:4, 5)
17 Откупнината го нагласува фактот дека Јехова е „богат со милосрдие“. Библијата вели дека тој нѐ оживеал уште додека сме биле мртви поради престапите. (Прочитај Ефешаните 2:4, 5.) Оние кои исправно гледаат на вечниот живот повикуваат за помош, бидејќи сфаќаат дека се заглавени под рушевините на наследениот грев и дека имаат потреба некој да ги спаси (Дела 13:48). Јехова одговара на таквите повици за помош преку пораката за Царството, за тие лица да можат да го запознаат него и неговиот Син, Исус (Јован 17:3). Ако Сатана мислел дека гревот на Адам и Ева ја осуетил Божјата намера, многу се излажал.
18. Што треба да задржиме на ум додека размислуваме за откупнината?
18 Додека размислуваме за благословите што ни ги овозможува откупнината, треба да ја имаме на ум главната причина зошто Јехова ја обезбедил. Тој ја дал откупнината не само за да нѐ спаси туку и за да постигне нешто многу поважно. Откупнината е начинот на кој Јехова одговара на обвинението што Сатана го покренал во рајската градина (1. Мој. 3:1-5, 15). Преку откупнината, Јехова го посветува своето име, односно го чисти од сите лаги кои се кажани за него. Исто така, нѐ спасува од гревот и од смртта, со што покажува дека тој е Бог на љубовта. А поради својата незаслужена доброта, Јехова ни дозволува — и покрај нашата несовршеност — да докажеме дека она што Сатана го кажал за него е чиста лага (Изр. 27:11). Како можеш да покажеш дека си благодарен за откупнината? Тоа прашање ќе биде одговорено во следната статија.
ПЕСНА 19 Господаровата вечера
a ПОЈАСНУВАЊЕ: Откупнина е цената што се плаќа за некој да биде ослободен од заробеништво. Жртвата на Исус е откупнина што ги ослободува луѓето кои му се послушни на Бог од ропството на гревот и смртта.