ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w26 Јануари стр. 8-13
  • Ти можеш успешно да се бориш со негативните чувства

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Ти можеш успешно да се бориш со негативните чувства
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2026
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • ЗОШТО ПАВЛЕ ИМАЛ НЕГАТИВНИ ЧУВСТВА?
  • КАКО ПАВЛЕ СЕ СПРАВУВАЛ СО НЕГАТИВНИТЕ ЧУВСТВА
  • КАКО МОЖЕМЕ ДА СЕ БОРИМЕ СО НЕГАТИВНИТЕ ЧУВСТВА
  • ГЛЕДАЈ КОН ИДНИНАТА СО ДОВЕРБА
  • Негативни емоции — како може да се совладаат?
    Разбудете се! 1993
  • Како да се бориш со негативните чувства?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2010
  • Како да имаш поголема радост во службата
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2024
  • Скромно прифати дека има работи кои не ги знаеш
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2025
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2026
w26 Јануари стр. 8-13

9-15 МАРТ 2026

ПЕСНА 45 Размислувањето на моето срце

Ти можеш успешно да се бориш со негативните чувства

Беден човек сум јас! (РИМ. 7:24)

ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА

Како да се справиме со нашите негативни мисли и чувства.

1-2. Како понекогаш се чувствувал апостол Павле, и зошто можеме да се поистоветиме со она што го напишал за себе? (Римјаните 7:21-24).

ШТО ти доаѓа на ум кога ќе помислиш на апостол Павле? Дали помислуваш на храбар мисионер, вешт учител или некој што напишал многу библиски книги? Таквиот опис за Павле е точен. Сепак, тој бил и човек со длабоки чувства. Како и мнозина од нас, понекогаш се борел со негативни чувства.

2 Прочитај Римјаните 7:21-24. Во своето писмо до Римјаните, Павле отворено ги изразил своите чувства. Многумина од нас имаат слични чувства како него. Иако бил верен христијанин, тој водел внатрешна борба — борба помеѓу неговата искрена желба да ја врши Божјата волја и склоноста да постапува според погрешните желби. Освен оваа внатрешна борба, Павле понекогаш се измачувал со негативни чувства поради своето минато и поради некој проблем кој траел подолго време.

3. Што ќе разгледаме во оваа статија? (Види и „Појаснување“.)

3 И покрај својата внатрешна борба, Павле не дозволил негативните чувстваa да го преокупираат неговото размислување. Во оваа статија, ќе ги разгледаме следниве прашања: Зошто Павле понекогаш се чувствувал бедно? Како се справил со негативните чувства? Како можеме ние успешно да се бориме со нашите негативни чувства?

ЗОШТО ПАВЛЕ ИМАЛ НЕГАТИВНИ ЧУВСТВА?

4. Зошто Павле имал негативни чувства?

4 Она што го правел во минатото. Пред да стане христијанин, Павле, кој порано бил познат како Савле, направил работи за кои подоцна се каел. На пример, кога го каменувале верниот Божји слуга Стефан, тој гледал на тоа со одобрување (Дела 7:58; 8:1). Исто така, Савле предводел во суровото прогонство на христијаните (Дела 8:3; 26:9-11).

5. Како се чувствувал Павле поради она што го правел во минатото?

5 Откако станал христијанин, апостол Павле понекогаш се измачувал поради своето минато. Како што изминувале годините, веројатно сѐ повеќе го измачувало тоа што претходно сурово ги прогонувал христијаните. На пример, кога го напишал своето прво писмо до Коринќаните околу 55 год. од н.е., тој рекол: „Не сум достоен да се наречам апостол, бидејќи го прогонував Божјето собрание“ (1. Кор. 15:9). Околу пет години подоцна, во своето писмо до Ефешаните, тој за себе рекол дека е „најмалиот од сите свети“ (Еф. 3:8). А кога му пишувал на Тимотеј, Павле за себе рекол дека порано бил „хулител, прогонител и дрзок човек“ (1. Тим. 1:13). Можеш ли да си замислиш како се чувствувал Павле кога ќе посетел некое собрание и ќе сретнел некои од оние што порано ги прогонувал или некој член од нивното семејство?

6. Што друго го измачувало Павле? (Види ја и фуснотата.)

6 Трн во телото. Павле го споредил она што многу го вознемирувало со „трн во телото“ (2. Кор. 12:7). Тој не рекол што точно му предизвикува толку голема болка. Тоа можеби била некоја болест, некој емоционален проблем или нешто друго поради што бил многу загрижен.b

7. Како се чувствувал Павле поради својата несовршеност? (Римјаните 7:18, 19).

7 Неговата несовршеност. Павле се борел со своите слабости. (Прочитај Римјаните 7:18, 19.) Иако сакал да го прави она што е исправно, неговото несовршено тело му го отежнувало тоа. Тој признал дека во него постојано се водела борба помеѓу неговите грешни склоности и желбата да го прави она што е исправно. Но, Павле вложувал голем труд за да ја подобри својата личност (1. Кор. 9:27). Сигурно бил многу обесхрабрен секогаш кога на површина ќе се појавела некоја негова лоша особина.

КАКО ПАВЛЕ СЕ СПРАВУВАЛ СО НЕГАТИВНИТЕ ЧУВСТВА

8. Што се гледа од писмата на Павле во врска со тоа како се справувал со своите слабости?

8 Од писмата на Павле се гледа дека тој длабоко размислувал како тој и неговите соверници можат успешно да се борат со своите грешни склоности со помош на Божјиот дух (Рим. 8:13; Гал. 5:16, 17). Павле честопати се осврнувал на некои непожелни особини и погрешни желби со кои христијаните треба да се борат (Гал. 5:19-21, 26). Без сомнение, Павле размислувал за своите слабости, барал совети во светите списи и размислувал кои конкретни чекори да ги преземе за да се справи со своите слабости. Можеме да бидеме сигурни дека и самиот ги применувал советите што им ги давал на другите.

9-10. Што му помогнало на Павле да се бори со негативните чувства? (Ефешаните 1:7; види ја и сликата).

9 Иако понекогаш се чувствувал обесхрабрено, Павле успеал да остане позитивен. На пример, се радувал кога од своите соработници слушал убави работи за разни собранија (2. Кор. 7:6, 7). Исто така, се радувал на пријателството со браќата и сестрите (2. Тим. 1:4). А знаел и дека го има Јеховиното одобрување. Павле бил среќен бидејќи можел да му служи на Бог „со чиста совест“ (2. Тим. 1:3). Дури и кога бил во затвор во Рим, тој ги поттикнал соверниците: „Радувајте се во Господарот“ (Фил. 4:4). Од неговите зборови, јасно се гледа дека не дозволил да биде преокупиран со негативни мисли. Секогаш кога ќе почнел да размислува за работи што го обесхрабруваат, Павле веднаш почнувал да мисли на работи што му помагале да остане позитивен.

10 Исто така, Павле успешно се борел со негативните чувства бидејќи на откупнината гледал како на подарок за него лично (Гал. 2:20; прочитај Ефешаните 1:7). Тоа му помогнало да биде уверен дека Јехова му ги простил гревовите преку Исус Христос (Рим. 7:24, 25). И покрај грешките од минатото и неговата несовршеност, Павле можел да му служи на Бог со радост (Евр. 9:12-14).

Слики: 1. Апостол Павле длабоко размислува. 2. Тој се присетува на една прилика од пред повеќе години кога му заповедал на еден стражар да извлече еден христијанин од неговиот дом. 3. Тој размислува за смртта на Исус на маченички столб.

Иако Павле понекогаш чувствувал вина поради своето минато, тој се борел со негативните чувства така што размислувал за откупнината (види во пасуси 9-10)


11. Зошто нѐ охрабрува примерот на Павле?

11 Како Павле, и ние можеби чувствуваме дека во нас постојано се води внатрешна борба да не кажеме или направиме нешто што Јехова не го одобрува, ниту пак да размислуваме за такво нешто. И нам можеби ни доаѓа да кажеме: „Беден човек сум јас!“ Една сестра по име Елиза,c која е во своите 20-ти години, објаснува како се чувствува: „Многу се охрабрувам кога размислувам за ситуацијата на Павле. Ми олеснува тоа што знам дека не сум единствената која се чувствува така. Ова е уште еден потсетник дека Јехова е свесен низ што минуваат неговите слуги“. Што може да правиме за и ние, како Павле, да имаме чиста совест и да се радуваме и покрај негативните чувства што понекогаш ги имаме?

КАКО МОЖЕМЕ ДА СЕ БОРИМЕ СО НЕГАТИВНИТЕ ЧУВСТВА

12. Како добрите духовни навики ни помагаат да се бориме со негативните чувства?

12 Задржи добри духовни навики. Кога имаме добри духовни навики, полесно можеме да се концентрираме на позитивните работи. Тоа може да го споредиме со здрави навики кои придонесуваат да имаме добро физичко здравје. Кога се храниме здраво, кога вежбаме редовно и кога спиеме доволно, обично се чувствуваме подобро. Слично на тоа, сите сме искусиле колку добро се чувствуваме кога редовно ја читаме Божјата Реч, кога се подготвуваме за нашите состаноци, кога присуствуваме и учествуваме на нив, и кога одиме во службата на проповедање. Таквите добри духовни навики ни помагаат да се справиме со нашите негативни мисли (Рим. 12:11, 12).

13-14. Како добрите духовни навики им користеле на некои верни христијани?

13 Размисли за примерот на Џон, на кого му бил откриен редок вид на рак кога имал 39 години. На почетокот, се измачувал со негативни чувства. Се прашувал: „Како можев да се разболам на толку млада возраст?“ Во тоа време, неговото синче имало само три години. Што му помогнало на Џон да се справи со негативните чувства? Тој вели: „И покрај тоа што се чувствував исцрпено, се погрижив заедно со семејството да задржиме добри духовни навики. Присуствувавме на сите состаноци, секоја седмица учествувавме во службата на проповедање и редовно ја одржувавме Семејната вечер, дури и кога тоа не беше лесно“. Осврнувајќи се на тоа време, Џон додава: „Кога ќе се најдеме во некоја тешка ситуација, на почетокот сме во шок. Но, сфатив дека набрзо Јехова ни ја дава потребната сила и ни покажува колку многу нѐ сака. Јехова може да те зајакне тебе, исто како што ме зајакна и мене“.

14 Елиза, која ја цитиравме претходно, вели: „Секогаш кога присуствувам на собраниските состаноци и кога ја проучувам Библијата, се потсетувам дека Јехова ме слуша и дека навистина ме сака. Тоа ме прави среќна“. Нолан, еден покраински надгледник во Африка, за себе и за својата жена Дијана вели: „Дури и кога сме обесхрабрени, се држиме за нашите добри духовни навики. Кога го правиме тоа, Јехова секогаш ни помага да се чувствуваме подобро. Се трудиме да задржиме на ум дека Јехова ќе ни помага и ќе нѐ благословува. Не знаеме како, но знаеме дека ќе го стори тоа“.

15. Што треба да правиме за да ги совладаме негативните мисли? Наведи пример.

15 Ако сакаме да ги совладаме негативните мисли, не е доволно да ги правиме само основните работи. На пример, замисли дека имаш болка во грбот. За да се ослободиш од неа, можеби нема да биде доволно само да пешачиш секој ден. За да ја откриеш причината за болката, можеби ќе треба да истражуваш, па дури и да разговараш со некој лекар. Слично на тоа, можеби ќе треба да истражуваме во Библијата и во нашите публикации, па дури и да разговараме со некој зрел христијанин за да дознаеме како да се справиме со негативните чувства. Да разгледаме уште неколку предлози кои можат да ни помогнат.

16. Што може да ти помогне да ја откриеш причината за твоите негативни мисли? (Псалм 139:1-4, 23, 24).

16 Моли го Јехова да ти помогне да сфатиш што навистина ти е потребно. Цар Давид бил свесен дека Јехова добро го познава. Затоа го молел Јехова да му помогне да разбере која е причината за неговите немирни мисли. (Прочитај Псалм 139:1-4, 23, 24.) И ти можеш да го молиш Јехова да ти помогне да ја откриеш причината за твоите негативни мисли и да сфатиш како да ги совладаш. Исто така, би можел да си поставиш некои прашања, како на пример: „Која е главната причина за моите грижи? Дали има нешто што постојано ми создава негативни мисли? Дали имам склоност постојано да размислувам за негативните работи наместо да ги отфрлам тие мисли?“

17. Кои теми би можел да ги вклучиш во твоето лично проучување што ќе ти помогнат да мислиш на охрабрувачки работи? (Види ја и сликата.)

17 Проучувај теми во склад со твоите потреби. Одвреме-навреме, можеби ќе ти користи тоа што ќе проучуваш за некои од особините на Јехова. На пример, на апостол Павле многу му користело тоа што размислувал за откупнината и за Јеховиното простување. И ти можеш да го правиш истото. Можеш да го користиш Прирачникот за истражување на публикациите на Јеховините сведоци или други алатки за истражување на Библијата кои се достапни на твојот јазик за да истражиш нешто повеќе за Божјите особини како што се милоста, простувањето и лојалната љубов. Откако ќе најдеш статии што би можеле да ти помогнат, направи си список и стави го на видно место. Проучувај ги статиите кога ќе почнеш да се чувствуваш обесхрабрено. Обиди се да го примениш во твоите околности она што го читаш (Фил. 4:8).

Додека проучува, еден млад брат користи Библија, таблет и тетратка. Тој си пишува белешка во Библијата.

Проучувај теми кои ќе ти помогнат успешно да се бориш со негативните мисли (види во пасус 17)


18. Како личното проучување им помогнало на некои христијани?

18 Елиза, која беше цитирана претходно, истражувала во врска со Јов. Таа вели: „Слично на Јов, и јас се соочив со многу неволји истовремено. Поради многуте проблеми, Јов бил крајно обесхрабрен. Сепак, продолжил да се потпира на Јехова за помош, иако не знаел зошто страда“ (Јов 42:1-6). Дијана, која беше спомната претходно, вели: „Заедно со сопругот ја проучуваме книгата Приближи му се на Јехова. Благодарни сме што Јехова нѐ обликува како што еден грнчар ја обликува глината. Наместо да се концентрираме на тоа колку сме разочарани од себеси, се трудиме да си го замислиме Јехова како нѐ обликува и се обидува да ни помогне да станеме подобри личности. Тоа уште повеќе нѐ зближува со него“ (Иса. 64:8).

ГЛЕДАЈ КОН ИДНИНАТА СО ДОВЕРБА

19. Што можеме реално да очекуваме?

19 Дури и ако имаме добри духовни навики и редовно проучуваме во склад со нашите потреби, не можеме да очекуваме негативните мисли и чувства потполно да исчезнат. Можеби сѐ уште ќе има денови кога ќе се чувствуваме бедно или обесхрабрено. Сепак, со Јеховина помош, можеме да ги држиме под контрола негативните чувства. Можеме да бидеме сигурни дека повеќето денови ќе уживаме во животот и ќе бидеме среќни бидејќи сме блиски со Јехова и знаеме дека тој е задоволен од она што го правиме за него.

20. Што си решен да правиш?

20 Да бидеме решени да не дозволиме негативните чувства во врска со нашето минато, нашите неволји или нашата несовршеност да не спречат да уживаме во животот. Со Јеховина помош, можеме да ги држиме под контрола негативните чувства (Пс. 143:10). Едвај чекаме да дојде времето кога позитивните мисли ќе бидат наше секојдневие. Во тоа време, секое утро ќе се будиме без грижи и негативни мисли и ќе бидеме среќни што му служиме на нашиот Бог, Јехова, кој многу нѐ сака!

КАКО БИ ОДГОВОРИЛ?

  • Зошто можеби Павле понекогаш се чувствувал бедно?

  • Што му помогнало на Павле да задржи чиста совест и позитивен став и покрај негативните чувства?

  • Како можеме да се бориме со негативните чувства?

ПЕСНА 34 Да живееме беспрекорно

a ПОЈАСНУВАЊЕ: Во оваа статија, изразот „негативни чувства“ се однесува на повремените чувства на тага и промени во расположението што можеби ги имаме. Тој израз не се однесува на хронична депресија за која е потребна лекарска помош.

b Од она што го напишал во своите писма, се гледа дека Павле имал проблеми со видот, што му отежнувало да пишува писма и да ја извршува својата служба (Гал. 4:15; 6:11). Или, тој можеби мислел на грижите што ги имал поради она што некои лажни учители го зборувале за него (2. Кор. 10:10; 11:5, 13). Која и да била причината, Павле се чувствувал обесхрабрено поради тоа.

c Некои имиња се сменети.

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели