FPG/The Image Bank via Getty Images
БИДЕТЕ БУДНИ!
Политичарите предупредуваат на Армагедон — што вели Библијата?
Во понеделник, на 10 октомври 2022 год., рано утрото руски проектили погодија повеќе градови низ Украина како одговор на големата експлозија два дена претходно во која беше оштетен мостот што ги поврзува Крим и Русија. Овие настани следеа по предупредувањата на политичарите дека сме на прагот на Армагедон.
„Ризикот од нуклеарен Армагедон е на највисоко ниво од времето на [американскиот претседател Џон] Кенеди и кубанската ракетна криза... Мислам дека, ако некој се осмели да користи тактичко нуклеарно оружје, тоа неминовно ќе води до Армагедон“ (изјава на американскиот претседател Џо Бајден, дадена на 6 октомври 2022 год.).
„Се согласувам дека ни се заканува Армагедон, загрозена е целата планета“ (изјава на украинскиот претседател Володимир Зеленски дадена за Би-би-си на 8 октомври 2022 год., кога беше запрашан за тоа кои би биле последиците од употребата на нуклеарно оружје).
Доколку биде употребено нуклеарно оружје, дали тоа ќе доведе до Армагедон? Што вели Библијата?
Дали нуклеарното оружје ќе го предизвика Армагедон?
Не. Зборот „Армагедон“ го има само еднаш во Библијата, во Откровение 16:16, и не се однесува на војна помеѓу државите во светот, туку на војната помеѓу Бог и „царевите од целиот свет“ (Откровение 16:14). Во војната Армагедон, Бог ќе му стави крај на човечкото владеење (Даниел 2:44).
За да дознаеш што ќе значи Армагедон за Земјата, прочитај ја статијата Што е Армагедон?
Дали Земјата и луѓето ќе бидат уништени во нуклеарна војна?
Не. Иако во иднина човечките владетели можеби ќе користат нуклеарно оружје, Бог нема да дозволи Земјата да биде уништена. Во Библијата пишува:
„Земјата останува засекогаш“ (Проповедник 1:4).
„Праведниците ќе ја поседуваат земјата и ќе живеат на неа засекогаш“ (Псалм 37:29).
Меѓутоа, библиските пророштва и моменталните настани потврдуваат дека сме близу до една голема пресвртница во човечката историја (Матеј 24:3-7; 2. Тимотеј 3:1-5). За тоа што вели Библијата во врска со иднината можеш да дознаеш од нашиот бесплатен интерактивен библиски курс.