Среда, 15 октомври
Јас сум алфа и омега (Отк. 1:8)
Алфа е првата буква од грчката азбука, а омега е последната. Со тоа што за себе кажал дека е „алфа и омега“, Јехова ни помага да сфатиме дека, кога тој ќе започне нешто, сигурно ќе го доврши. Откако ги создал Адам и Ева, Јехова им кажал: „Плодете се и множете се, наполнете ја земјата и потчинете ја“ (1. Мој. 1:28). Во тој момент, Јехова всушност кажал „алфа“. Тој јасно ја кажал својата намера: Ќе дојде време кога совршените, послушни потомци на Адам и на Ева ќе ја наполнат Земјата и ќе ја претворат во рај. Кога ќе дојде тоа време во иднина, Јехова всушност ќе рече „омега“. Откако завршил со создавањето на „небото и земјата и сѐ што е на нив“, Јехова кажал нешто што служи како гаранција. Тој ветил дека ќе ја исполни својата намера за Земјата и за човештвото. Таа потполно ќе се оствари на крајот од седмиот ден (1. Мој. 2:1-3; w23.11 5, пас. 13-14).
Четврток, 16 октомври
Расчистете му го патот на Јехова! Израмнете му ја низ пустината патеката на нашиот Бог! (Иса. 40:3)
Дословното патување од Вавилон до Израел било тешко и можело да трае околу четири месеци. Но, Јехова ветил дека ќе ја отстрани секоја препрека што би можела да ги спречи да се вратат во Ерусалим. Верните Евреи знаеле дека благословите што ќе ги добијат доколку се вратат во Израел ќе бидат многу поголеми од која и да било жртва што ќе требало да ја направат. Најголемиот благослов бил поврзан со обожавањето на Јехова. Во Вавилон немало ниту еден храм на Јехова. Немало олтар каде што Израелците би можеле да ги принесуваат жртвите кои биле пропишани со Мојсеевиот закон и немало организирано свештенство за да ги принесува тие жртви. Освен тоа, Јеховините слуги биле многу помалку на број во однос на луѓето кои обожавале лажни богови и воопшто не го почитувале Јехова и неговите мерила. Затоа, илјадници Евреи кои го сакале Јехова едвај чекале да се вратат во својата земја за да можат повторно да го обожаваат Бог на исправен начин (w23.05 14-15, пас. 3-4).
Петок, 17 октомври
Живејте како деца на светлината (Еф. 5:8)
Потребна ни е помошта од Божјиот свет дух за да продолжиме да се однесуваме „како деца на светлината“. Зошто? Затоа што воопшто не е лесно да останеме чисти во овој неморален свет (1. Сол. 4:3-5, 7, 8). Светиот дух може да ни помогне да се бориме против размислувањето на луѓето од овој свет, вклучувајќи ги и нивните филозофии и гледишта кои не се во склад со Божјиот начин на размислување. Исто така, светиот дух може да ни помогне да покажуваме „секаква доброта и праведност“ (Еф. 5:9). Еден начин на кој можеме да го добиеме светиот дух е така што ќе се молиме за тоа. Исус рекол дека Јехова „ќе им даде свет дух на оние што го молат за тоа“ (Лука 11:13). Свет дух добиваме и кога заедно со нашите браќа и сестри го фалиме Јехова на собраниските состаноци (Еф. 5:19, 20). Доброто влијание што Божјиот свет дух го има врз нас ќе ни помогне да живееме на начин кој му се допаѓа на Бог (w24.03 23-24, пас. 13-15).