Петок, 24 октомври
Пред сѐ, горливо сакајте се еден со друг, зашто љубовта покрива мноштво гревови (1. Пет. 4:8)
Апостол Петар напишал дека треба горливо да се сакаме еден со друг. Вториот дел од стихот објаснува на што нѐ поттикнува таквата горлива, односно силна љубов. Таа нѐ поттикнува да ги покриваме грешките на нашите браќа и сестри. Тоа може да го споредиме со следниов пример: Замисли си една маса на која има многу флеки и гребнатини. Можеме да земеме еден чаршаф и да го постелиме на масата за да покриеме — не само еден или два недостатока — туку многу нејзини недостатоци. Слично на тоа, ако имаме силна љубов кон нашите браќа и сестри, ќе можеме да им покриеме — односно да им простиме — не само една или две слабости туку „мноштво гревови“. Нашата љубов кон соверниците треба да биде доволно силна за да можеме да им ги простиме слабостите — дури и кога тоа е многу тешко (Кол. 3:13). Кога им простуваме на другите, покажуваме дека нашата љубов е силна и дека сакаме да го радуваме Јехова (w23.11 10-11, пас. 13-15).
Сабота, 25 октомври
Сафан почна да ја чита пред царот (2. Лет. 34:18)
Кога имал 26 години, цар Јосија почнал да го обновува храмот. Додека траела обновата, била најдена „книгата на Јеховиниот закон, добиена преку Мојсеј“. Кога слушнал што било запишано таму, цар Јосија веднаш ги направил потребните промени во склад со тоа што го прочитал (2. Лет. 34:14, 19-21). Можеби веќе се трудиш да ја читаш Библијата секој ден. Дали уживаш во тоа? Дали си ги запишуваш стиховите што можат да ти помогнат тебе лично? Кога имал околу 39 години, Јосија направил една грешка поради која го изгубил животот. Тој се потпирал на себеси наместо да бара водство од Јехова (2. Лет. 35:20-25). Од ова може да извлечеме една поука. Без разлика на која возраст сме или колку долго време ја проучуваме Библијата, мора да продолжиме да го бараме Јехова. Во тоа е вклучено редовно да го молиме да ни дава водство, да ја проучуваме неговата Реч и да ги слушаме советите од зрелите христијани. На тој начин, помала е веројатноста дека ќе направиме сериозни грешки, а поголема е веројатноста дека ќе бидеме среќни (Јак. 1:25; w23.09 12, пас. 15-16).
Недела, 26 октомври
Бог им се спротивставува на вообразените, а на понизните им покажува незаслужена доброта (Јак. 4:6)
Во Библијата се спомнати многу жени кои го сакале Јехова и му служеле. Тие биле „умерени и верни во сѐ“ (1. Тим. 3:11). Освен тоа, сестрите можат во своите собранија да најдат зрели христијанки чиј пример вреди да се следи. Млади сестри, размислете кои зрели христијанки што ги познавате се добар пример што можете да го следите. Забележете кои убави особини ги имаат, а потоа размислете како можете и вие да ги покажувате. Една важна особина што треба да ја имаат зрелите христијани е понизноста. Ако една жена е понизна, таа ќе има добар однос со Јехова и со другите. На пример, една жена која го сака Јехова понизно избира да го почитува начелото за поглаварство што го дал нејзиниот небесен Татко (1. Кор. 11:3). Ова начело се применува во собранието и во семејството, но на различен начин (w23.12 18-19, пас. 3-5).