СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 43
Јехова ќе те зајакне!
[Јехова] ќе ве зацврсти, ќе ве зајакне (1. ПЕТ. 5:10)
ПЕСНА 38 Тој ќе те зајакне
КРАТОК ПРЕГЛЕДa
1. Од каде добивале сила Божјите слуги во минатото?
ВО Библијата, верните Божји слуги честопати се опишани како силни личности. Но, дури и најсилните меѓу нив не се чувствувале секогаш силни. На пример, во една прилика Давид рекол дека Јехова го исполнил со смелост и сила (Пс. 138:3). Но, во други прилики тој чувствувал „страв и трепет“ (Пс. 55:5). Божјиот дух му давал на Самсон исклучително голема сила. Но, тој бил свесен дека без Божјата сила ќе ослабне и ќе биде „како секој друг човек” (Суд. 14:5, 6; 16:17). Од ова јасно се гледа дека Јехова бил тој што им давал сила на своите верни слуги.
2. Зошто апостол Павле рекол дека бил и слаб и силен? (2. Коринќаните 12:9, 10).
2 И апостол Павле бил свесен дека му била потребна сила од Јехова. (Прочитај 2. Коринќаните 12:9, 10.) Како многумина од нас, Павле имал здравствени проблеми (Гал. 4:13, 14). Исто така, понекогаш му било тешко да го прави она што е исправно (Рим. 7:18, 19). А понекогаш бил загрижен и се плашел што би можело да му се случи (2. Кор. 1:8, 9). Сепак, секогаш кога се чувствувал слаб, тој станувал силен. Како? Јехова му ја давал силата што му била потребна. Тој го зајакнувал Павле да истрае во неволјите.
3. На кои прашања ќе добиеме одговор во оваа статија?
3 Јехова ветува дека ќе нѐ зајакне и нас (1. Пет. 5:10). Но, не можеме да очекуваме да добиеме сила од него без ние да вложиме никаков труд. Да разгледаме една споредба. Моторот може да ѝ даде сила на една кола да се движи напред. Но, возачот мора да ја притисне педалата за гас за колата да почне да се движи. Слично на тоа, Јехова е спремен да ни ја даде потребната сила, но ние мора да преземеме некои чекори за да може таа да дејствува врз нас. На кој начин Јехова ни дава сила? И што треба да правиме ние за да ја добиеме таа сила? Одговорот на овие прашања ќе го дознаеме така што ќе разгледаме како Јехова зајакнал три библиски личности — пророкот Јона, Марија, мајката на Исус, и апостол Павле. Исто така, ќе видиме како Јехова на слични начини продолжува да ги зајакнува своите слуги денес.
ЦРПИ СИЛА ОД МОЛИТВАТА И ОД ПРОУЧУВАЊЕТО
4. Како можеме да добиеме сила од Јехова?
4 Еден начин на кој можеме да добиеме сила од Јехова е така што ќе му се молиме. Како одговор на нашите молитви, Јехова може да ни даде „сила, која ја надминува нормалната“ (2. Кор. 4:7). Исто така, можеме да бидеме зајакнати ако ја читаме неговата Реч и ако размислуваме за неа (Пс. 86:11). Јеховината порака до нас, која е запишана во Библијата, е делотворна, односно има голема моќ (Евр. 4:12). Ако му се молиме на Јехова и ја читаме неговата Реч, ќе ја добиеме силата што ни е потребна за да истраеме, за да ја зачуваме радоста или за да извршиме некоја тешка задача. Да разгледаме како Јехова го зајакнал пророкот Јона.
5. Зошто на пророкот Јона му била потребна храброст?
5 На пророкот Јона му била потребна храброст. Кога Јехова му дал една тешка задача, тој се исплашил, се качил на брод и отпловил на друго место. Како резултат на тоа, Јона за малку ќе го изгубел својот живот во една силна бура, а го довел во опасност и животот на сопатниците. Кога бил фрлен во морето, се нашол на едно необично место — во стомакот на една голема риба. Што мислиш, како се чувствувал Јона? Дали мислел дека таму ќе умре? Дали можеби си мислел дека Јехова го отфрлил? Јона сигурно бил многу загрижен.
По примерот на Јона, како можеме да добиеме сила кога минуваме низ некоја неволја? (види во пасуси 6-9)
6. Според Јона 2:1, 2, 7, што го зајакнало Јона додека бил во утробата на рибата?
6 Што направил Јона за да добие сила додека се наоѓал на тоа осамено, изолирано место? Како прво, тој се молел. (Прочитај Јона 2:1, 2, 7.) Иако не го послушал Јехова, Јона се покајал и бил уверен дека Јехова ќе ја слушне неговата молитва. Исто така, Јона длабоко размислувал за она што порано го имал прочитано во светите списи. Зошто можеме да го кажеме ова? Во неговата молитва, која е запишана во Јона поглавје 2, има многу зборови и изрази кои се наоѓаат и во Псалмите. (На пример, спореди Јона 2:2, 5 со Псалм 69:1; 86:7.) Јасно е дека Јона добро ги знаел тие стихови. А тоа што размислувал за нив во текот на својата неволја му ја зајакнала довербата дека Јехова ќе му помогне. Подоцна, откако Јехова го спасил, Јона бил спремен да ја прифати и изврши следната задача (Јона 2:10 — 3:4).
7-8. Што му дало сила на еден брат од Тајван да истрае во неволјите?
7 Примерот на Јона може да ни помогне кога минуваме низ најразлични тешкотии. На пример, Жиминг,b еден брат од Тајван, има сериозни здравствени проблеми. Освен тоа, членовите на неговото семејство му се противат и физички го малтретираат поради неговата вера во Јехова. Тој добива сила од Јехова преку молитва и проучување. Жиминг признава: „Понекогаш, кога ќе се појават проблеми, толку сум загрижен и вознемирен што не можам да проучувам“. Но, тој не се откажува. Жиминг вели: „Прво, му се молам на Јехова. Потоа, си ставам слушалки и ги слушам нашите теократски песни. А понекогаш, тивко си ги потпевнувам додека не се смирам. Потоа почнувам да проучувам“.
8 Личното проучување му помогнало на Жиминг на неочекуван начин. На пример, додека се опоравувал од една тешка операција, една медицинска сестра му рекла дека мора да прими трансфузија на крв затоа што бројот на црвените крвни зрнца му е многу низок. Што му помогнало? Ноќта пред својата операција, Жиминг читал за една сестра која ја имала истата операција. Бројот на нејзините крвни зрнца бил уште понизок од неговиот. Сепак, таа не прифатила трансфузија на крв и успеала да се опорави. Нејзиното искуство му дало сила на Жиминг да остане верен.
9. Што можеш да правиш ако немаш сила поради некоја тешка ситуација? (Види ги и сликите.)
9 Кога се соочуваш со некоја неволја, дали си толку загрижен што ти е тешко да му се молиш на Јехова? Дали се чувствуваш премногу исцрпен за да проучуваш? Не заборавај дека Јехова потполно ја разбира твојата ситуација. Дури и ако му се помолиш со само неколку зборови, можеш да бидеш уверен дека тој ќе ти го даде токму она што ти е потребно (Еф. 3:20). Ако ти е тешко да читаш и да проучуваш бидејќи си болен, уморен или вознемирен, би можел да слушаш аудиоснимки од Библијата или од нашите публикации. Може да ти помогне и тоа што ќе ги слушаш нашите песни или тоа што ќе гледаш некој видеоклип на jw.org. Јехова сака да те зајакне и тој ќе го направи тоа ако му се молиш и ако го бараш одговорот на твоите молитви во Библијата и во сето она што тој ни го обезбедува.
ЦРПИ СИЛА ОД БРАЌАТА И СЕСТРИТЕ
10. Како нѐ зајакнуваат нашите браќа и сестри?
10 Јехова може да ги употреби нашите браќа и сестри за да нѐ зајакне. Тие можат да ни бидат извор на голема утеха кога се соочуваме со испит на верата или кога треба да извршиме некоја тешка задача (Кол. 4:10, 11). Браќата и сестрите ни се особено потребни кога минуваме низ некоја неволја (Изр. 17:17). Кога се чувствуваме слаби, нашите соверници можат да ни помогнат во физички, емоционален и духовен поглед. Да видиме како Марија, мајката на Исус, добила помош од другите.
11. Зошто на Марија ѝ биле потребни храброст и сила?
11 На Марија ѝ биле потребни храброст и сила за да ја врши Јеховината волја. Замисли колку мора да била загрижена кога ангелот Гавриел ѝ кажал дека ќе остане бремена иако сѐ уште не била во брак. Таа немала свои деца и затоа немала никакво искуство како родител, а сега ќе требало да се грижи за детето кое еден ден ќе станело Месија. Освен тоа, сигурно многу ја загрижувало тоа што требало да му каже на својот свршеник Јосиф дека е бремена, а претходно никогаш немала сексуални односи (Лука 1:26-33).
12. Според Лука 1:39-45, како Марија ја добила силата што ѝ била потребна?
12 Како Марија ја добила силата што ѝ била потребна за да ја изврши оваа необична и тешка задача? Таа побарала помош од другите. На пример, го замолила ангелот Гавриел да ѝ објасни нешто повеќе во врска со задачата (Лука 1:34). Кратко потоа, таа патувала сѐ до „јудејските планини“ за да ја посети нејзината роднина Елисавета. Тоа патување се исплатило. Елисавета ја пофалила Марија и, поттикната од светиот дух, кажала едно охрабрувачко пророштво за детето кое Марија требало да го роди. (Прочитај Лука 1:39-45.) Во таа прилика, Марија рекла за Јехова: „Моќни дела направи со својата рака“ (Лука 1:46-51). Преку Гавриел и Елисавета, Јехова ја зајакнал Марија.
13. Како на една сестра од Боливија ѝ користело тоа што побарала помош од браќата и сестрите?
13 Исто како Марија, и ти можеш да добиеш сила од твоите соверници. На една сестра од Боливија по име Дасури ѝ била потребна таква сила. Кога на нејзиниот татко му била откриена една неизлечива болест и морал да лежи во болница, Дасури била спремна да ја преземе одговорноста да се грижи за него (1. Тим. 5:4). Тоа не било секогаш лесно. Таа признава: „Честопати си мислев дека нема да имам повеќе сила за да продолжам“. Дали побарала помош? Од почеток не. Таа вели: „Не сакав да ги оптоварувам браќата и сестрите. Си размислував: ’Јехова е тој што ќе ми ја даде потребната помош‘. Но, потоа сфатив дека со тоа што се изолирав од другите се обидував сама да ги решам проблемите“ (Изр. 18:1). Дасури одлучила да им пише на неколку нејзини пријатели и да им објасни во каква ситуација се наоѓа. Таа вели: „Не можам да опишам со зборови колку ме зајакнаа моите драги браќа и сестри. Тие носеа храна во болницата и споделуваа со мене утешни стихови од Библијата. Прекрасно е чувството да знаеш дека не си сам. Ние сме дел од Јеховиното големо семејство — семејство кое е спремно да ти подаде рака, да плаче со тебе и да се бори заедно со тебе“.
14. Зошто треба да ја прифатиме помошта од старешините?
14 Еден начин на кој Јехова ни дава сила е преку старешините. Тие се дар од Јехова што тој го користи за да нѐ зајакне и освежи (Иса. 32:1, 2). Затоа, кога си загрижен, сподели ги своите грижи со старешините. Немој да се колебаш да ја прифатиш помошта што ќе ти ја понудат. Преку нив, Јехова може да те зајакне.
ЦРПИ СИЛА ОД ТВОЈАТА НАДЕЖ ЗА ИДНИНАТА
15. Каква прекрасна надеж имаат сите христијани?
15 Надежта што ја имаме на темел на Библијата може да ни влее сила (Рим. 4:3, 18-20). Како христијани, ние имаме прекрасна надеж да живееме вечно — некои во рајот на Земјата, а други во небесното Царство. Нашата надеж ни дава сила да ги издржиме тешкотиите, да ја проповедаме добрата вест и да извршуваме разни задачи во собранието (1. Сол. 1:3). Истата таа надеж го зајакнала и апостол Павле.
16. Зошто на апостол Павле му била потребна сила?
16 На Павле му била потребна сила. Во своето писмо до Коринќаните, тој се споредил себеси со кршлив земјен сад. Тој бил под притисок, во недоумица, прогонуван и соборуван. Дури и неговиот живот бил во опасност (2. Кор. 4:8-10). Павле го напишал ова писмо за време на своето трето мисионерско патување. Во тој момент, тој можеби не бил свесен дека го очекуваат и други тешкотии. Павле ќе требало да се соочи со насилна толпа, апсење, бродолом и затвор.
17. Според 2. Коринќаните 4:16-18, што му дало сила на Павле да истрае во неволјите?
17 Павле ја добил силата што му била потребна за да истрае така што мислел на надежта што ја имал. (Прочитај 2. Коринќаните 4:16-18.) Тој им кажал на Коринќаните дека, дури и ако неговото тело „се распаѓа“, тој нема да дозволи тоа да го обесхрабри. Павле се концентрирал на неговата иднина. Надежта што ја имал Павле имала толку голема вредност за него, што бил спремен да истрае во која и да било тешкотија само за да ја добие својата награда. Павле размислувал за таа надеж и, како резултат на тоа, чувствувал дека „се обновува од ден на ден“.
18. Како надежта ги зајакнува Тихомир и неговото семејство?
18 Тихомир, еден брат од Бугарија, црпи сила од надежта што ја има за иднината. Пред неколку години, неговиот помлад брат, Здравко, починал во сообраќајна несреќа. Поради тоа, Тихомир чувствувал силна болка и тага. За да се справат со тагата, тој и неговото семејство си го замислуваат воскресението. Тихомир вели: „На пример, си разговараме за тоа каде ќе го пречекаме Здравко, што ќе му зготвиме, кого ќе го поканиме на првата забава кога тој ќе воскресне и што ќе му раскажеме во врска со последните денови“. Тихомир вели дека, тоа што размислуваат за надежта што ја имаат, им дава сила нему и на неговото семејство да истраат и да го чекаат времето кога Јехова ќе го воскресне неговиот брат.
Како си го замислуваш твојот живот во новиот свет? (види во пасус 19)c
19. Што може да правиш за твојата надеж да стане уште поцврста? (Види ја и сликата.)
19 Како твојата надеж може да стане уште поцврста? На пример, ако имаш надеж да живееш засекогаш на Земјата, читај ги оние стихови од Библијата во кои е опишан рајот и размислувај за нив (Иса. 25:8; 32:16-18). Претстави си каков ќе биде животот во новиот свет. Замисли се себеси таму. Кого го гледаш? Какви звуци слушаш? Како се чувствуваш? За да ја поттикнеш својата фантазија, гледај ги сликите во нашите публикации во кои е прикажан рајот. Исто така, гледај ги музичките спотови, како на пример Во рајот прекрасен, Баш на прагот или Замисли го денот што доаѓа. Ако редовно си одвојуваме време да размислуваме за надежта за новиот свет, секоја наша неволја ќе биде „моментална и лесна“ (2. Кор. 4:17). Надежта што Јехова ти ја дал може да ти помогне да бидеш силен.
20. Како може да добиеме сила, дури и кога се чувствуваме слаби?
20 Дури и кога се чувствуваме слаби, „од Бог ќе добиеме сила“ (Пс. 108:13). Јехова веќе ни го обезбедил она што ни е потребно за да добиеме сила од него. Затоа, кога ќе ти биде потребна помош за да извршиш некоја задача, за да истраеш во некоја тешкотија или за да ја зачуваш радоста, сесрдно моли го Јехова и барај водство од него преку лично проучување. Прифати го охрабрувањето од твоите браќа и сестри. Редовно одвојувај си време за да размислуваш за твојата надеж за иднината. На тој начин, „од [Божјата] славна моќ“ ќе ја примиш „сета потребна сила“ за да истраеш и да бидеш долготрпелив со радост (Кол. 1:11).
ПЕСНА 33 Фрли му ги грижите на Јехова!
a Оваа статија ќе им помогне на оние кои се чувствуваат оптоварено поради некоја тешкотија или поради некоја задача што им изгледа претешка. Ќе видиме како Јехова може да нѐ зајакне и што можеме да правиме за да ја добиеме неговата помош.
b Некои имиња се сменети.
c ОПИС НА СЛИКАТА: Една глувонема сестра размислува за библиските ветувања и гледа музички спот со цел да ја поттикне својата фантазија за да може да си претстави каков ќе биде нејзиниот живот во новиот свет.