ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w23 Ноември стр. 20-25
  • Дали Јехова ќе одговори на моите молитви?

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Дали Јехова ќе одговори на моите молитви?
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2023
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • ШТО МОЖЕМЕ ДА ОЧЕКУВАМЕ ОД ЈЕХОВА?
  • ШТО ОЧЕКУВА ЈЕХОВА ОД НАС?
  • ЗОШТО МОЖЕБИ ЌЕ ТРЕБА ДА СЕ МОЛИМЕ ЗА НЕШТО ДРУГО?
  • Како Јехова одговара на нашите молитви
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2023
  • Зближи се со Бог преку молитва
    Што навистина учи Библијата?
  • Зошто Бог не одговара на сите молитви?
    Title: Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (За јавност) 2021
  • Чии молитви ќе бидат одговорени?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 1991
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2023
w23 Ноември стр. 20-25

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 49

Дали Јехова ќе одговори на моите молитви?

Вие ќе ме повикувате, ќе доаѓате кај мене и ќе ми се молите, а јас ќе ве слушам (ЕРЕМ. 29:12)

ПЕСНА 41 Чуј ме, Јехова!

КРАТОК ПРЕГЛЕДa

1-2. Зошто би можеле да си мислиме дека Јехова не одговара на нашите молитви?

„ЈЕХОВА нека биде твојата радост, па ќе добиеш од него што ти срце сака“ (Пс. 37:4). Колку убаво ветување! Но, дали треба да очекуваме дека Јехова веднаш ќе ни даде сѐ што ќе побараме? Зошто е добро да си го поставиме ова прашање? Размисли за следниве ситуации. Една сестра која не е во брак се моли да биде поканета на Школата за полновремени објавители. Но, поминуваат неколку години, а таа сѐ уште не е поканета. Еден млад брат го моли Јехова да оздрави од една сериозна болест за да може да служи во собранието во поголема мера. Но, неговото здравје не се подобрува. Еден брачен пар се моли нивното дете да остане во вистината. Но, тоа одлучува да престане да му служи на Јехова.

2 Можеби и ти си го молел Јехова за нешто, но не си го добил она за што си се молел. Поради тоа, можеби си мислиш дека Јехова одговара на молитвите на другите, но не и на твоите. Или можеби си мислиш дека си направил нешто погрешно. Една сестра, која се вика Џенис,b мислела така. Таа и нејзиниот сопруг имале желба да служат во Бетел и се молеле во врска со тоа. Џенис вели: „Бев уверена дека набрзо ќе нѐ поканат да служиме во Бетел“. Но, поминале многу години, а тие сѐ уште не биле поканети. Џенис вели: „Бев тажна и збунета. Се прашував со што го разочарав Јехова. Толку многу се молев да служиме во Бетел. Зошто Јехова не одговори на мојата молитва?“

3. Што ќе разгледаме во оваа статија?

3 Понекогаш можеби се прашуваме дали Јехова воопшто ги слуша нашите молитви. Дури и некои верни Божји слуги од минатото се прашувале истото (Јов 30:20; Пс. 22:2; Авак. 1:2). Што може да те увери дека Јехова ќе ги услиши твоите молитви? (Пс. 65:2). За да го добиеме одговорот, прво ќе треба да одговориме на следниве три прашања: 1) Што можеме да очекуваме од Јехова? 2) Што очекува Јехова од нас? 3) Зошто можеби ќе треба да се молиме за нешто друго?

ШТО МОЖЕМЕ ДА ОЧЕКУВАМЕ ОД ЈЕХОВА?

4. Според Еремија 29:12, што ни ветува Јехова?

4 Јехова ни ветува дека ќе ги слуша нашите молитви. (Прочитај Еремија 29:12.) Нашиот Бог нѐ сака бидејќи му служиме верно, и затоа тој секогаш ќе обрнува внимание на нашите молитви (Пс. 10:17; 37:28). Но, ова не значи дека тој ќе го исполни секое наше барање. За некои од работите за кои го молиме можеби ќе треба да чекаме дури до новиот свет.

5. Што зема предвид Јехова кога ги слуша нашите молитви? Објасни.

5 Кога ги слуша нашите молитви, Јехова ја зема предвид својата намера (Иса. 55:8, 9). Дел од неговата намера е Земјата да биде полна со луѓе кои со радост ќе му бидат послушни како на свој Владетел. Но, Сатана тврди дека луѓето ќе бидат посреќни ако тие владеат (1. Мој. 3:1-5). За да докаже дека она што го тврди Ѓаволот е лага, Јехова им дозволил на луѓето да владеат. Но, човечкото владеење предизвикало многу од проблемите што ги имаме денес (Проп. 8:9). Свесни сме дека Јехова нема да ги отстрани сите овие проблеми веднаш. Ако го направи тоа, некои би можеле да дојдат до заклучок дека луѓето можат успешно да владеат и дека можат да ги решат проблемите на човештвото.

6. Зошто треба да бидеме уверени дека Јехова секогаш постапува праведно и со љубов?

6 На слични барања, Јехова може да одговори на различни начини. На пример, кога цар Езекија бил многу болен, го молел Јехова да му помогне да оздрави. Јехова одговорил на неговата молитва така што го излекувал (2. Цар. 20:1-6). Од друга страна, кога апостол Павле го молел Јехова да го отстрани неговиот „трн во телото“, можеби некој здравствен проблем, Јехова не го сторил тоа (2. Кор. 12:7-9). Размисли и за апостолите Јаков и Петар. Цар Ирод сакал да ги убие и двајцата. Собранието се молело за Петар, а веројатно и за Јаков. Сепак, Јаков бил убиен, а Петар бил спасен со чудо (Дела 12:1-11). Можеби се прашуваме: „Зошто Јехова го спасил Петар, но не и Јаков?“ Библијата не ни кажува.c Но, можеме да бидеме сигурни дека Јехова никогаш не постапува неправедно (5. Мој. 32:4). И, знаеме дека Јехова ги сакал и Јаков и Петар (Отк. 21:14). Понекогаш, Јехова можеби нема да одговори на нашите молитви онака како што сме очекувале. Но, бидејќи сме уверени дека Јехова секогаш постапува праведно и со љубов, ние не го доведуваме во прашање начинот на кој тој решава да одговори на нашите молитви (Јов 33:13).

7. Што не треба да правиме, и зошто?

7 Ние треба да се трудиме да не ја споредуваме нашата ситуација со ситуацијата на другите. На пример, можеби го молиме Јехова да ни помогне на некој конкретен начин, но не го добиваме она за што се молиме. Подоцна дознаваме дека некој се молел за иста работа, и изгледа дека Јехова ја услишил неговата молитва. Една сестра по име Ана доживеала такво нешто. Нејзиниот сопруг, Метју, бил болен од рак, и таа се молела тој да оздрави. Во исто време, две постари сестри исто така се бореле со рак. Ана сесрдно се молела и за Метју и за двете сестри. Сестрите оздравеле, но Метју починал. На почеток, Ана се прашувала дали сестрите оздравеле затоа што Јехова им помогнал. Ако е така, тогаш зошто не одговорил на нејзините молитви да оздрави и нејзиниот сопруг? Се разбира, не знаеме зошто оздравеле двете сестри. Но, знаеме дека Јехова има трајно решение за сите наши страдања и дека едвај чека да ги воскресне своите пријатели кои починале (Јов 14:15).

8. а) Според Исаија 43:2, како Јехова нѐ поддржува? б) Како може да ни помогне молитвата кога минуваме низ неволји? (Види го видеоклипот Молитвата ни помага да издржиме сѐ.)

8 Јехова секогаш ќе нѐ поддржува. Како наш Татко кој е полн со љубов, Јехова не сака да гледа како страдаме (Иса. 63:9). Сепак, тој не ги спречува сите наши неволји, кои може да се споредат со реки или со оган. (Прочитај Исаија 43:2.) Но, тој ветува дека ќе ни помогне да се справиме со нив. Исто така, тој нема да дозволи нашите неволји да ни предизвикаат трајна штета. Јехова ни го дава и својот моќен свет дух за да ни помогне да истраеме (Лука 11:13; Фил. 4:13). Како резултат на тоа, можеме да бидеме уверени дека тој секогаш ќе ни го дава токму она што ни е потребно за да истраеме и за да му останеме верни.d

ШТО ОЧЕКУВА ЈЕХОВА ОД НАС?

9. Во склад со Јаков 1:6, 7, зошто треба да имаме доверба дека Јехова ќе ни помогне?

9 Јехова очекува да имаме доверба во него (Евр. 11:6). Понекогаш можеби сме преоптоварени од нашите проблеми, и тие ни изгледаат како високи ѕидишта што не можеме да ги преминеме. Дури може да почнеме да се сомневаме дали Јехова ќе ни помогне. Но, Библијата нѐ уверува во спротивното. Псалмистот напишал: „Со помошта на својот Бог можам и на ѕидишта да се качам“ (Пс. 18:29). Затоа, наместо да дозволиме нашите сомнежи да растат, треба да се молиме со потполна доверба дека Јехова ќе одговори на нашите молитви. (Прочитај Јаков 1:6, 7.)

10. Наведи пример како можеме да постапуваме во склад со нашите молитви.

10 Јехова очекува да постапуваме во склад со нашите молитви. На пример, некој брат можеби го моли Јехова да му помогне да добие слободни денови од работа за да може да присуствува на регионален конгрес. Како би можел Јехова да одговори на таа молитва? Може да му даде на братот храброст да зборува со работодавачот. Сепак, братот ќе мора да оди кај работодавачот и да го праша. Можеби ќе треба да зборува со него повеќе пати. Можеби дури ќе треба и да предложи да се замени со некој колега. И, доколку е неопходно, може да предложи да земе неплатени слободни денови.

11. Зошто треба да се молиме повеќе пати за она што нѐ загрижува?

11 Јехова очекува да се молиме повеќе пати во врска со она што нѐ загрижува (1. Сол. 5:17). Како што се гледа од она што го кажал Исус, некои од работите за кои се молиме нема да ги добиеме веднаш (Лука 11:9). Затоа, не се откажувај! Моли се сесрдно и повеќе пати (Лука 18:1-7). Кога продолжуваме да се молиме за некоја работа, му покажуваме на Јехова дека нашето барање не е само некоја минлива желба. Исто така, на тој начин покажуваме вера дека тој може да ни помогне.

ЗОШТО МОЖЕБИ ЌЕ ТРЕБА ДА СЕ МОЛИМЕ ЗА НЕШТО ДРУГО?

12. а) Кое е едно прашање што треба да си го поставиме во врска со нашите молитви, и зошто? б) Како можеме да бидеме сигурни дека со нашите молитви покажуваме почит кон Јехова? (Види ја рамката „Дали со моите молитви покажувам почит кон Јехова?“)

12 Ако не го добиеме веднаш она за што се молиме, би можеле да си поставиме три прашања. Првото прашање е: „Дали се молам за исправната работа?“ Честопати си мислиме дека знаеме што е најдобро за нас. Но, работите за кои се молиме можеби нема да ни бидат корисни на долги патеки. Ако се молиме во врска со некој проблем, можеби има подобро решение од она за кое ние се молиме. А некои работи за кои се молиме можеби не се во склад со Јеховината волја (1. Јов. 5:14). Размисли за примерот на родителите што ги спомнавме претходно. Тие го молеле Јехова да се погрижи нивното дете да остане во вистината. Се чини дека ова барање е на место. Но, Јехова нема да присили никого од нас да му служи. Тој сака сите ние, вклучувајќи ги и нашите деца, самите да избереме да му служиме (5. Мој. 10:12, 13; 30:19, 20). Затоа, родителите би можеле да го молат Јехова за нешто друго — да им помогне да допрат до срцето на нивното дете за тоа да биде поттикнато да го сака Јехова и да стане негов пријател (Изр. 22:6; Еф. 6:4).

Дали со моите молитви покажувам почит кон Јехова?

Јехова е Татко полн со љубов кој сака да одговара на нашите молитви. Но, тој исто така е наш Творец и ја заслужува нашата почит (Отк. 4:11). Како можеш да покажеш дека го почитуваш твојот небесен Татко кога му се молиш?

  • Размисли дали она за што се молиш е во склад со Божјата волја и дали имаш исправен мотив (1. Јов. 5:14). Не смееме да дозволиме нашите молитви да станат себични, односно да бидат насочени само кон нашите лични потреби и желби. Јаков ги предупредил христијаните од првиот век дека нема да добијат одговор на нивните молитви ако се молат „со зла намера“, односно од себични причини (Јак. 4:3).

  • Немој да очекуваш Јехова да направи што и да побараш од него и онака како што си замислил (Мат. 4:7). Имај доверба дека Јехова знае кој е најдобриот начин да одговори на твоите молитви. И понекогаш, неговиот одговор може да биде поинаков од она што ти го очекуваш (Еф. 3:20).

  • Не заборавај да му се заблагодариш на Јехова за сето она што ти го дава секој ден. Замисли колку многу го радуваш кога му се заблагодаруваш за неговата помош (Кол. 3:15; 1. Сол. 5:17, 18).

13. Според 1. Петрово 5:6, 7, кога Јехова ќе ни помогне? Објасни.

13 Второто прашање е: „Дали Јехова смета дека сега е времето да ми го даде она за што го молам?“ Можеби сметаме дека треба веднаш да добиеме одговор на нашите молитви. Но, всушност, Јехова знае кога е најдоброто време за да ни помогне. (Прочитај 1. Петрово 5:6, 7.) Кога не го добиваме веднаш она за што се молиме, можеби си мислиме дека одговорот од Јехова е: „Не“. Но, неговиот одговор, всушност, можеби е: „Засега не“. На пример, размисли за младиот брат кој се молел да оздрави од својата болест. Ако Јехова го излекувал со чудо, Сатана би можел да тврди дека братот продолжил да му служи на Јехова само затоа што бил излекуван (Јов 1:9-11; 2:4). Освен тоа, Јехова веќе го одредил времето кога ќе ги излекува сите болести (Иса. 33:24; Отк. 21:3, 4). Сѐ дотогаш, не можеме да очекуваме Јехова да прави чуда за да нѐ излекува од нашите болести. Затоа, братот би можел да го моли Јехова да му даде сила и внатрешен мир за да истрае и покрај болеста, и да продолжи верно да му служи на Бог (Пс. 29:11).

14. Што учиш од искуството на Џенис?

14 Размисли за Џенис, која се молела да служи во Бетел. По пет години, таа сфатила дека Јехова ѝ одговорил на молитвите, но не на начин на кој таа очекувала. Џенис вели: „Јехова го искористи тоа време за да ме поучи за многу работи и за да ми помогне да станам подобра христијанка. Мојата доверба во него требаше да расте. Требаше да си ги подобрам навиките за проучување. И, требаше да научам дека можам да бидам радосна без разлика каде му служам на Јехова“. Подоцна, Џенис и нејзиниот сопруг биле поканети да служат во покраинското дело. Размислувајќи за минатото, Џенис вели: „Јехова одговори на моите молитви, но не онака како што очекував. Ми требаше време за да сфатам дека одговорот што ми го даде Јехова е прекрасен подарок. Многу сум благодарна што имав можност да ја почувствувам неговата љубов и грижа“.

Слики: 1. Две сестри пополнуваат молби за Школата за полновремени објавители. Секоја од нив се моли пред да ја поднесе молбата. 2. Во салата за состаноци, една од сестрите радосно им го покажува на пријателите писмото со кое е поканета на Школата, а меѓу нив е и другата сестра што пополнила молба за таа школа. 3. Сестрата која не е поканета на Школата му се моли на Јехова и потоа пишува писмо. Таа подоцна проповеда во друга земја и учествува во изградбата на еден теократски објект.

Ако мислиш дека Јехова не одговорил на некоја твоја молитва, размисли за кои други работи би можел да се молиш (види во пасус 15)f

15. Зошто понекогаш можеби ќе треба нашето барање да не биде премногу конкретно? (Види ги и сликите.)

15 Третото прашање е: „Дали треба да се молам за нешто друго?“ Добро е да бидеме конкретни кога се молиме. Но, за да сфатиме која е Јеховината волја за нас, можеби ќе треба нашето барање да не биде премногу конкретно. Размисли за примерот на сестрата која се моли да присуствува на Школата за полновремени објавители. Таа сака да присуствува на Школата за да може да служи онаму каде што има поголема потреба од објавители. Затоа, додека продолжува да се моли да биде поканета на Школата, таа исто така може да го моли Јехова да ѝ помогне да препознае кои други можности ги има за да ја зголеми својата служба (Дела 16:9, 10). Потоа, може да постапува во склад со молитвата така што ќе го праша покраинскиот надгледник дали во некое собрание во близина има потреба од повеќе пионери. Или би можела да пише до подружницата за да праша каде има поголема потреба од објавители.e

16. Во што можеме да бидеме уверени?

16 Како што видовме во оваа статија, можеме да бидеме уверени дека Јехова ќе одговори на нашите молитви праведно и со љубов (Пс. 4:3; Иса. 30:18). Понекогаш, можеби нема да го добиеме одговорот што го очекуваме. Но, Јехова секогаш ќе ги слуша нашите молитви. Тој многу нѐ сака и никогаш нема да нѐ остави (Пс. 9:10). Затоа, „имај доверба во него... во секое време“ и излевај му го срцето во молитва (Пс. 62:8).

КАКО БИ ОДГОВОРИЛ?

  • Што можеме да очекуваме од Јехова кога го молиме за нешто?

  • Што очекува Јехова од нас кога станува збор за нашите молитви?

  • Зошто можеби ќе треба да се молиме за нешто друго?

ПЕСНА 43 Благодарна молитва

a Во оваа статија ќе видиме зошто можеме да бидеме уверени дека Јехова секогаш ќе одговара на нашите молитви праведно и со љубов.

b Некои имиња се сменети.

c Види ја статијата „Имаш ли доверба дека Јехова секогаш постапува исправно?“, која излезе во Стражарска кула од февруари 2022, пас. 3-6.

d За повеќе информации во врска со тоа како Јехова ни помага да истраеме во тешки ситуации, на jw.org гледај го видеоклипот Молитвата ни помага да издржиме сѐ.

e За повеќе информации во врска со тоа како можеш да служиш во друга земја, види во книгата Организирани за да ја вршиме Јеховината волја, погл. 10, пас. 6-9.

f ОПИС НА СЛИКАТА: Две сестри се молат пред да пополнат молба за Школата за полновремени објавители. Подоцна, едната од нив е поканета, а другата не. Наместо премногу да се обесхрабри, сестрата која не е поканета на Школата го моли Јехова да ѝ помогне да препознае кои други можности ги има за да служи во поголема мера. Потоа, пишува писмо до подружницата за браќата да знаат дека таа се става на располагање да служи онаму каде што има поголема потреба од објавители.

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели