ЖИВОТНА ПРИКАЗНА
Довербата во Јехова ми е вистинска сигурност
КОГА луѓето ќе ме прашаат како сум го поминал животот во службата за Јехова, честопати им велам: „Јас сум куфер во рацете на Јехова“. Она што сакам да го кажам е дека, како што јас го носам мојот куфер каде што сакам, истото им го дозволувам на Јехова и на неговата организација да го прават со мене. Сакам тие да ме насочат кога и каде да одам. Прифатив задачи кои воопшто не беа лесни, а понекогаш беа и опасни. Но, научив дека довербата во Јехова е клуч за вистинска сигурност.
ГО ЗАПОЗНАВАМ ЈЕХОВА И СТЕКНУВАМ ДОВЕРБА ВО НЕГО
Роден сум во 1948 год. во едно мало село во Југозападна Нигерија. Во тоа време чичко ми Мустафа — помладиот брат на татко ми, а потоа и Вахаби — мојот најстар брат, се крстија и станаа Јеховини сведоци. Кога имав девет години, татко ми почина. Бев скршен од болка. Вахаби ми кажа дека повторно ќе може да го видиме нашиот татко кога ќе воскресне. Оваа утешна мисла ме поттикна да ја проучувам Библијата. Така, во 1963 год. се крстив. Се крстија и мојот помлад брат и другите двајца постари браќа.
Во 1965 год., отидов кај мојот постар брат, Вилсон, во Лагос, каде што уживав во друштвото на општите пионери од собранието Игбоби. Нивната радост и нивната ревност ми оставија голем впечаток. И така, во јануари 1968 год., и јас почнав да служам како пионер.
Еден брат кој служеше во Бетел, по име Алберт Олугбејби, организираше еден посебен состанок со нас помладите, во кој зборуваше за потребата од специјални пионери во Северна Нигерија. Сѐ уште се сеќавам на неговите поттикнувачки зборови: „Вие сте млади и можете да ги користите вашето време и вашата сила за Јехова. Во тој дел од земјата има голема потреба“. Сакав да бидам како Исаија и спремно да одам секаде каде што Јехова ќе ме прати, и затоа пополнив молба (Иса. 6:8).
Во мај 1968 год., бев доделен да служам како специјален пионер во градот Кано, во Северна Нигерија. Тоа беше за време на Бијафранската војна (1967-1970), која беснееше во северниот дел на Нигерија, а потоа немирите се префрлија во источниот дел на земјата. Еден брат се обиде да ме убеди да не одам таму, затоа што не сакаше да ми се случи нешто лошо. Но, јас му реков: „Фала што се грижиш за мене. Сепак, уверен сум дека, штом Јехова сака да служам на тоа место, тој ќе биде со мене“.
ИМАМ ДОВЕРБА ВО ЈЕХОВА ВО МЕСТО ОПУСТОШЕНО ОД ВОЈНА
Ситуацијата во Кано беше многу тажна. Граѓанската војна го имаше опустошено овој голем град. Додека одевме во служба, понекогаш ќе наидевме на некое мртво тело. Иако во Кано имало неколку собранија, повеќето од браќата побегнале. Беа останати помалку од 15 објавители, кои беа преплашени и обесхрабрени. Овие браќа и сестри беа пресреќни кога јас и уште пет други специјални пионери пристигнавме во Кано. Тие го прифатија охрабрувањето што им го пруживме. Им помогнавме да ги организираат состаноците и да продолжат со службата, како и да испраќаат извештаи за служба и нарачки за литература до подружницата.
Ние специјалните пионери почнавме да го учиме јазикот хауса. Бидејќи им ја пренесувавме пораката на нивниот јазик, многу од жителите сакаа да нѐ слушаат. Но, на членовите од главната религија во Кано не им се допаѓаше тоа што ние проповедавме. Затоа, моравме да бидеме многу претпазливи. Во една прилика, мене и братот со кој бев во служба нѐ бркаше еден човек со нож. За среќа, трчавме доволно брзо и не успеа да нѐ стигне. И покрај опасностите, Јехова ни помогна да живееме „без страв“ (Пс. 4:8). Бројот на објавители почна да расте, и денес во Кано има над 500 објавители кои служат во 11 собранија.
ПРОГОНСТВО ВО НИГЕР
Служам како специјален пионер во Нијамеј (Нигер)
Откако само неколку месеци служев во Кано, во август 1968 год. бев испратен во Нијамеј, главниот град на Република Нигер, заедно со уште двајца специјални пионери. Не требаше многу време за да сфатиме дека Нигер, која се наоѓа во Западна Африка, е едно од најжешките места на нашата планета. Освен што требаше да се справиме со горештините, требаше и да научиме француски, кој е службен јазик на земјата. И покрај овие предизвици, со доверба во Јехова, почнавме да проповедаме во главниот град заедно со неколкутемина објавители кои живееја таму. За кратко време, скоро секој во Нијамеј што знаеше да чита доби примерок од книгата Вистина која води до вечен живот. Луѓето дури сами доаѓаа да си побараат примерок!
Набрзо сфативме дека властите имаат негативен став кон Јеховините сведоци. Во јули 1969 год. се собравме за да го одржиме првиот покраински собир во земјата, на кој имаше околу 20 присутни. Со нетрпение го очекувавме крштавањето на двајца нови објавители. Но, на првиот ден од собирот дојде полицијата и ја прекина програмата. Мене и другите специјални пионери, како и покраинскиот надгледник, нѐ однесоа во полициската станица. Откако нѐ испрашаа, ни наредија следниот ден повторно да дојдеме во станицата. Сфативме дека властите можат да ни направат проблем. Затоа организиравме говорот за крштавање да се одржи во еден приватен дом, а потоа кандидатите тајно ги крстивме во една река.
Неколку седмици подоцна, владата ни нареди мене и на другите пет специјални пионери да ја напуштиме земјата. Ни дадоа 48 часа за да го направиме тоа, и требаше сами да се снајдеме како ќе си заминеме. Ја послушавме наредбата и отидовме директно во подружницата во Нигерија каде што добивме нови задачи.
Бев испратен да служам во селото Орисунбари (Нигерија), каде што уживав во проповедањето и во водењето библиски курсеви, заедно со малата група објавители кои живееја таму. Но, по шест месеци, подружницата ме замоли да се вратам сам во Нигер. На почеток бев изненаден и многу загрижен. Но, потоа едвај чекав повторно да ги видам браќата во Нигер.
Се вратив во Нијамеј. Вториот ден откако пристигнав, еден нигериски бизнисмен препозна дека сум Јеховин сведок и почна да ми поставува прашања за Библијата. Проучував со него, и откако прекина да пуши и да се опива, се крсти. Ми беше мило што можев да проповедам со браќата и сестрите во различни делови на Нигер и да гледам како низ годините луѓето ја прифаќаат вистината. Кога пристигнав, во земјата имаше 31 објавител, а кога си заминав имаше 69.
„НЕ ЗНАЕМЕ МНОГУ ЗА ДЕЛОТО НА ЦАРСТВОТО ВО ГВИНЕЈА“
Во декември 1977 год., се вратив во Нигерија за да добијам обука. По три седмици обука, координаторот на Одборот на подружницата, Малколм Виго, ми даде да прочитам едно писмо од подружницата во Сиера Леоне. Браќата бараа неженет брат кој е пионер, кој има добро здравје и кој зборува англиски и француски за да може да служи како покраински надгледник во Гвинеја. Брат Виго ми кажа дека обуката што ја добив била токму за таа задача. Тој јасно ми кажа дека тоа не е лесна задача и ми рече: „Добро размисли пред да донесеш одлука“. Веднаш одговорив: „Бидејќи Јехова е тој што ме испраќа, ќе одам“.
Отидов во Сиера Леоне и таму разговарав со браќата од подружницата. Еден член на Одборот на подружницата ми рече: „Не знаеме многу за делото за Царството во Гвинеја“. И покрај тоа што браќата од подружницата во Сиера Леоне беа одговорни за проповедничкото дело во соседна Гвинеја, тие не можеа да комуницираат со објавителите поради политичката ситуација во таа земја. Иако подружницата неколкупати се обидела да испрати некој брат да ги посети браќата во Гвинеја, тие обиди биле безуспешни. Затоа, ме прашаа дали би можел јас да отидам во главниот град на Гвинеја, Конакри, и да се потрудам да добијам престој.
„Бидејќи Јехова е тој што ме испраќа, ќе одам“
Кога пристигнав во Конакри, отидов во амбасадата на Нигерија и зборував со амбасадорот. Му кажав дека сакам да проповедам во Гвинеја. Тој ми кажа дека е подобро да не останувам бидејќи ризикувам да бидам уапсен или да ми се случи нешто полошо. Ми рече: „Врати се во Нигерија и проповедај таму“. На тоа јас му одговорив: „Решен сум да останам“. Затоа, тој напиша писмо до министерот за внатрешни работи на Гвинеја во кое го замоли да ми помогне. Така министерот ме прими љубезно.
Кратко потоа се вратив во подружницата во Сиера Леоне и им ја кажав на браќата одлуката на министерот — ми беше одобрен престој во Гвинеја! Браќата беа пресреќни кога слушнаа како Јехова ме водел и ми помагал.
Како покраински надгледник во Сиера Леоне
Од 1978 до 1989 год., служев како покраински надгледник во Гвинеја и во Сиера Леоне и како заменик на покраинскиот надгледник во Либерија. На почеток, често бев болен. Понекогаш тоа ми се случуваше кога ќе бев на некое изолирано место. Но, браќата ќе направеа сѐ што можеа за да ме однесат во болница.
Еднаш бев многу болен — имав маларија, а во исто време и цревни глисти. Кога конечно успеав да се опоравам, дознав дека браќата разговарале за тоа каде да ме погребаат! И покрај тоа што бев во ситуации во кои животот ми беше во опасност, никогаш не помислив да се откажам од мојата задача. И останав уверен дека вистинската и трајна сигурност доаѓа од Бог, кој може да ги воскресне мртвите.
ПОКАЖУВАМЕ ДОВЕРБА ВО ЈЕХОВА КАКО БРАЧЕН ПАР
На нашата венчавка во 1988
Во 1988 год. се запознав со Дорка, една многу понизна и духовно зрела сестра која служеше како пионер. Стапивме во брак, и таа ми се придружи во покраинската служба. Дорка докажа дека е добра и самопожртвувана сопруга. Заедно пешачевме дури и до 25 километри од едно до друго собрание, носејќи го нашиот багаж. За да стигнеме до подалечните собранија, го користевме кој и да било превоз што ќе го најдевме и патувавме по калливи патишта полни со дупки.
Дорка е многу храбра. На пример, понекогаш требаше да преминуваме реки кои беа преполни со крокодили. Еднаш, за време на едно патување кое траеше пет дена, дрвените мостови над реката која требаше да ја преминеме беа скршени, и моравме да користиме кану. Кога Дорка стана за да излезе од кануто, таа падна во длабоката река. И двајцата не знаевме да пливаме, а во водата имаше крокодили. За среќа, едни млади луѓе скокнаа во реката и ја спасија. Некое време после тој настан, и двајцата имавме кошмари, но продолживме со нашата задача.
Нашите деца, Јахгифт и Ерик, кои ни се подарок од Јехова
На почетокот од 1992 год., бевме многу изненадени кога дознавме дека Дорка е бремена. Требаше да одлучиме дали ќе продолжиме со полновремена служба. Си рековме: „Јехова ни даде подарок“. Затоа на нашата ќерка ѝ го дадовме името Јахгифт, што на англиски значи подарок од Јехова. По четири години се роди и Ерик. И двете наши деца докажаа дека се вистински дарови од Јехова. Јахгифт некое време служеше во преведувачката канцеларија во Конакри, а Ерик е слуга-помошник.
Иако прекина да служи како специјален пионер, Дорка продолжи да служи како општ пионер додека во исто време се грижевме за нашите деца. Со помош од Јехова, јас продолжив со специјалната полновремена служба. Откако нашите деца пораснаа, Дорка повторно имаше можност да служи како специјален пионер. Сега, и двајцата служиме како мисионери во Конакри.
ИЗВОРОТ НА ВИСТИНСКАТА СИГУРНОСТ
Секогаш одев таму каде што ме водеше Јехова. Јас и мојата сопруга често ги чувствувавме неговата заштита и неговиот благослов. Тоа што имавме доверба во Јехова нѐ поштеди од проблемите и грижите што ги имаат оние кои ја полагаат својата доверба во материјалните работи. Преку лично искуство, јас и Дорка сфативме дека изворот на вистинската сигурност е Јехова, Богот на нашето спасение (1. Лет. 16:35). Уверен сум дека животот на оние кои имаат доверба во него ќе биде на сигурно место — „во врзопот на животот кај Јехова“ (1. Сам. 25:29).