Да се познава вистинскиот Бог — Што значи тоа?
1, 2. Каков повик се упатува во последните денови според Исаија 2:3, и до кого?
ВОЗБУДЛИВОТО Исаиино пророштво за последните денови упатува повик за кој треба да бидат заинтересирани луѓето од сите нации. Повикот е лично да се запозне вистинскиот Бог: „Ќе тргнат многу народи и ќе речат: ‚Дојдете, да се искачиме на гората Господова, во домот на Бога Јаковов; Он ќе нѐ научи на Своите патишта, и ќе одиме по патеките Негови‘“a (Исаија 2:3).
2 Пророштвото покажува дека во последните денови луѓе од многу народи од целиот свет ќе бидат водени кон еден заеднички извор на поука за да им се помогне да го запознаат вистинскиот Бог. Какви се тие вистини што ќе ги научат и кои ќе ги обединат во врската на вистински мир?
3. Како едно важно обележје на Библијата е речиси загубено поради традицијата?
3 Едно истакнато обележје на Библијата, речиси загубено поради традицијата, е воспоставувањето на односот со Бог, нашиот небесен Татко и Творец, на најблиска основа со тоа што ќе му се обраќаме по име. Постои ли некој кој, доколку има пријател кого го сака и кој му е драг, би одбил да го употребува неговото име или дури ни да го споменува кога некој би го прашал за него? Обично само непријател има толкав презир да не сака да му искажува чест, па така нема дури ни името да му го споменува. Посебниот однос што постоел меѓу древниот Израел и нивниот Бог — со тоа што тие го знаеле него по име — прекрасно го изразил древниот псалмист: „Бидејќи се надеваше на Мене, и ќе го избавам, и ќе го заштитам, зашто го позна името Мое“ (Псалми 90:14).
Треба ли да го употребуваме Божјето име?
4, 5. Кое е значењето на Божјето име?
4 Од библиска гледна точка никогаш не постоело некакво сомневање во поглед на името на вистинскиот Бог. Кога Бог му зборувал на Мојсеј, објаснувајќи му дека ќе го употреби за да го изведе израелскиот народ од египетското ропство, Мојсеј поставил едно логично прашање: „Еве, ќе појдам кај синовите Израилеви и ќе им речам: ‚Бог на татковците ваши ме испраќа кај вас.‘ И ако тие ме прашаат: ‚како Му е името‘, што ќе им речам тогаш?“ Бог одговорил: „Вака кажи им на синовите Израилеви: ‚Господ [хебрејски: יהוה = ЈХВХ = Јахве или, од 13. век н. е., Јехова], Бог на татковците наши, Бог Авраамов, Бог Исаков и Бог Јаковов ме испрати кај вас. Ете тоа е името Мое вечно, и тоа е споменот за Мене од колено на колено“ (2. Мојсеева 3:13, 15; нагласено од нас).
5 Ова име има полно значење за оној кој го зборува хебрејскиот јазик. Потекнува од основата на хебрејскиот корен הוה, х-в-х, што значи „да настане, биде“. Меѓутоа, името е во причинската форма Хифи́л, според хебрејската граматика. Значи, неговото основно значење не се однесува на Божјето вечно постоење, туку пред сѐ на тоа што предизвикува работите да настанат или да се случат. Ова особено е вистина на единствен начин во поглед на неговите намери. Бидејќи имал намера да го ослободи својот избран народ од египетското ропство, тој и предизвикал да биде така. Никаква сила не може да ѝ застане на патот на неговата посебна волја. Јехова е Бог кој предизвикува неговите намери да се исполнат. На тој начин овозможува самиот тој да стане Исполнувач на своите ветувања. Ова исто така се покажало точно во неговата намера да го ослободи својот народ од вавилонското заробеништво. Истото е точно и во поглед на неговата намера да оствари рајски услови на оваа Земја. Самото негово име има значење и гаранција за овие ветувања (Исаија 41:21-24; 43:10-13; 46:9, 10).
6-9. а) Како знаеме дека Бог не ја забранил употребата на неговото име? б) Како и кога забраната за употреба на Божјето име станала дел од јудаизмот?
6 Но, зарем Десетте заповеди не го забрануваат изговарањето на Божјето име? Во никој случај! Забележи што коментира Encyclopaedia Judaica, и покрај тоа што многумина третата заповед ја протолкувале на овој начин: „Избегнувањето да се изговара името ЈХВХ . . . било предизвикано поради погрешно разбирање на Третата Заповед (2. Мој. 20:7; 5. Мој. 5:11) која гласи: ‚Не смееш да го земаш напразно името на Господа (ЈХВХ) твојот Бог‘, а која всушност значи: ‚Не смееш лажно да се колнеш со името на ЈХВХ, твојот Бог‘“.5 Забележи дека во стихот не се забранува ‚земањето‘ или изговарањето на Божјето име. Меѓутоа, и кога би значело „напразно“ да се зема Божјето име, забележи што тврди хебрејскиот лексикон од Келер и Баумгартнер за хебрејскиот израз што е преведен со „напразно“ [хебрејски: лашша́в]: „да се именува име без причина . . . злоупотреба на име“.6 Според тоа, оваа заповед не ја забранува употребата на Божјето име, туку всушност неговата злоупотреба.
7 Но, што е со тврдењето дека Божјето име е „премногу свето за да се изговара“? Па, зарем не изгледа разумно дека ако Бог го сметал своето име за премногу свето за луѓето да го изговараат, тој уште на почетокот не би го открил? Самиот податок дека во првобитниот текст на Хебрејските списи Божјето лично име се појавува преку 6.800 пати покажува дека тој бара луѓето да го познаваат и употребуваат неговото име. Далеку од тоа да ја забранувал употребата на неговото име за да го спречи непочитувањето, Бог секогаш одново го охрабрувал и дури му заповедал на својот народ да го употребува неговото име и да го објавува. Постапувањето на тој начин било доказ за нивниот близок однос со него, како и за нивната љубов кон него (Псалми 90:14). Пророкот Исаија јасно покажал која е Божјата волја во тој поглед кога изјавил: „Славете Го Господа [хебрејски: יהוה = ЈХВХ = Јехова], повикувајте Го името Негово; разгласувајте ги меѓу народите делата Негови; напомнувајте дека името негово е големо“ (Исаија 12:4). (Види и Михеј 4:5; Малахија 3:16; Псалми 78:6; 104:1; Соломонови изреки 18:11.)
8 Ако Јехова не сакал луѓето да го изговараат неговото име, тој можел отворено да го забрани. Меѓутоа, во Библијата никаде не се забранува исправната употреба или изговарањето на неговото име. Верните луѓе од библиски времиња слободно го употребувале неговото име (1. Мојсеева 12:8; Рут 2:4; 4:11, 14, Та). Всушност, Бог секогаш одново ги осудувал оние кои би предизвикале неговиот народ да го заборави неговото свето име (Јеремија 23:26, 27; Псалми 43:20, 21).
9 Но, бидејќи било толку јасно дека оваа забрана не е составен дел од Библијата, како таа станала дел од еврејската наука? Коментарите од рабинот д-р А. Коен, автор на книгата Талмуд за секого (Everyman’s Talmud), изнесува дека традицијата се вовлекувала постепено, низ временски период од повеќе векови. Д-р Коен пишува: „Се чини дека во библиски времиња немало колебање околу неговата употреба во секојдневниот говор. Наставката Јах или Јаху во личните имиња кои постоеле меѓу Евреите дури и после вавилонското прогонство, е показател дека не постоела забрана за користење на Името од четири букви. Но во раниот рабински период, изговарањето на Името било ограничено на службата во храмот“. Што се однесува до натамошните промени во текот на овој период, тој забележува: „При службата во Синагогата, наместо ЈХВХ, Името се изговарало како Адонај (мој Господ); меѓутоа, постои предание според кое повремено, еднаш или двапати на секои седум години, првобитниот изговор бил пренесуван од Мудреците на нивните ученици (Кидушин 71а). По кусо време била прекината дури и таквата пракса, а начинот на изговарање на Името повеќе не се знае со точност“.7 Таква била последицата од тоа „научено човечко правило“ (Исаија 29:13; 5. Мојсеева 4:2; види страница 9, пасус 15 и 16).
Барања за оние кои го носат Името
10-14. а) Што бара Бог од оние кои го носат неговото име? б) Кои облици на чистота се бараат од оние кои сакаат да му угодат на Бог? в) Кое туѓо паганско влијание оставило силен печат врз јудаизмот?
10 За некој кој сака да му угоди на Бог, очигледно не е доволно само да го знае или дури да го употребува Божјето име. Да се носи Божјето име како еден од неговите вистински обожаватели е единствена предност, како што изјавил и пророкот Јеремија: „Твоето слово ми беше за радост и веселба на срцето мое; оти името Твое е призивано врз мене“ (Јеремија 15:16). Но, оваа величествена предност повлекува голема одговорност. Јехова, посебно нагласувајќи им на царевите на паганските народи, изјавил: „Оти, еве, на овој град, над кој се призива името Мое, почнувам [прво, NW] да му нанесувам зло“ (Јеремија 25:29). Кога Јехова го ослободил израелскиот народ од 70-годишно заробеништво во Вавилон, тој веќе го имал предупредено својот народ преку пророкот Исаија: „Одете си, одете си, излезете оттаму; не допирајте се до нечисто; излезете од средината негова, очистете се, вие што ги носите садовите Господови [יהוה]!“ (Исаија 52:11). Што е вклучено денес во чувањето на чистотата како вистински обожаватели, како носители на името на најсветиот Бог, Јехова?
11 Секако дека оној кој сака да му угоди на Бог во неговото обожавање, би морал да остане чист во однесувањето, особено со оглед на моралните начела што ги поставил самиот Бог. За разлика од попустливите мерила на денешното општество, Светото писмо не остава место за сомневање или простор за толкување кога ја изразува Божјата осуда за лажењето, крадењето, блудствувањето, прељубата, хомосексуалноста, убиството и секој вид на измама (2. Мојсеева 20:12-16; 23:1, 2; 3. Мојсеева 5:1; 19:35, 36; 20:13). Светото писмо не го забранува само погрешното постапување, туку и погрешното размислување кое води до погрешно однесување (2. Мојсеева 20:17; 3. Мојсеева 19:17; Псалми 13:1-5; Јов 31:1, 9-11).
12 Секако, од оние кои го носат Јеховиното име, покрај моралната, би се барала и религиозна чистота. Секогаш одново Јехова го предупредувал древниот израелски народ да не паѓа под влијание на религиозните науки, обичаи и навики од соседните народи кои обожавале други богови. Всушност, само под овој услов — а тоа е да не го имитираат лажното обожавање на народите — тие можеле да останат во Ветената земја (3. Мојсеева 18:24-30; 5. Мојсеева 12:29-31). Не само што било јасно забрането идолопоклонството, туку и сите облици на суеверни обичаи и верувања, како што се астрологија, спиритизам, претскажување на иднината, магии, молење и прашување на мртвите (2. Мојсеева 20:3-5; 22:18; 3. Мојсеева 20:27; 5. Мојсеева 18:9-13; Исаија 8:19, 20; 47:13; Јеремија 10:2).
13 Тесно поврзана со религиозната чистота е доктринарната чистота. Предупредувањето да не се имитира моралот и обожавањето на околните народи наоѓа примена повеќе отколку само во времето кога израелската нација ја освоила земјата на Канаанците. Јехова му ја открил религиозната вистина на својот народ. Само тие го обожавале вистинскиот Бог, Јехова (2. Мојсеева 19:5, 6; 5. Мојсеева 4:32-37; Псалми 147:8, 9). Само тие лично го познавале тој Бог и, бидејќи биле негови сведоци, биле во положба да ги поучуваат другите за него (Исаија 43:9-12; Псалми 104:1). Наспроти тоа, религиозните обичаи и навики на другите народи одразувале основен недостиг на спознание за Бог (Исаија 60:2).
14 И покрај нејзиниот добар почеток, израелската нација секогаш одново била заведувана од странски религиозни идеи (Судии Израилеви 2:11-13; 3. Царства 18:21; Јеремија 2:11-13; Језекиил 8:14-18). Иако канаанската и вавилонската култура оставиле трајно обележје, далеку поголем предизвик со кој се соочил јудаизмот дошол во периодот на елинизацијата од страна на грчкото царство.b Сумирајќи го овој продолжен период на влијание на грчката култура, кој се протегал од четвртиот век п. н. е. па сѐ до првите неколку века од новата ера, еврејскиот писател Макс Димонт забележал: „Збогатени со Платонско учење, Аристотелска логика и Евклидовска наука, еврејските учители ја поврзале Тората со нови средства. . . . Тие почнале да додаваат грчко расудување на еврејско откровение“.
Дали човекот има бесмртна душа?
15-17. а) Што учи Библијата за смртта и душата? (Види ја рамката на стр. 22.) б) Каква надеж пружа Библијата за оние кои умреле?
15 Дали науката и религиозните верувања на јудаизмот дошле под нечие влијание во текот на овој период? Encyclopaedia Judaica искрено признава: „Науката за бесмртност на душата во јудаизмот веројатно дошла под грчко влијание“.8 Хебрејските списи едноставно и јасно научуваат дека Бог првобитно имал намера луѓето да живеат засекогаш во совршено здравје на оваа Земја. (Види стр. 11-12, од 2. до 4. пасус.) Во 1. Мојсеева 2:7 читаме: „А го создаде Господ Бог човекот од прав земен и му дувна во лицето дух животен; и човекот стана жива душа“. Забележи, текстот не наведува дека на човекот му била дадена душа, туку дека тој станал душа. Поради непослушниот бунт против Бог, првиот човек Адам бил осуден на смрт. Според тоа, Адам, како човечка душа, умрел. Ниту еден дел од него не продолжил да живее во некој друг свет. Затоа, сфаќањето за бесмртна душа не е библиско учење.c Библијата јасно вели: „Која душа греши, таа ќе умре“ (Језекиил 18:4).
16 Она што го откриваат Писмата во врска со состојбата на мртвите е во согласност со библиското учење дека душата умира. Во Проповедник 9. поглавје, 5. и 10. стих читаме: „Живите знаат, дека ќе умрат, а мртвите ништо не знаат, . . . Зашто во гробот [шеол, NW — општиот гроб на човештвото], каде што ќе појдеш, нема ни работа, ни размислување, ни знаење, ни мудрост“. (Спореди со Псалми 145:3, 4.) Смртта била изречена како казна од страна на Бог (1. Мојсеева 2:17). Таа е спротивност на животот, а не друг облик на живот. Со оглед на тоа дека ова е вистина, не треба да бидеме изненадени кога ќе откриеме дека Писмото никаде не зборува за казна со горење во пеколен оган (гех хино́м). Тоа исто така е поим попримен од грчката филозофија и паганската доктрина. Во врска со еврејското мистично верување во реинкарнација, The New Standard Jewish Encyclopedia вели: „Се чини дека идејата потекнува од Индија. . . . Во Кабалата [мистична книга на јудаизмот] оваа идеја за првпат се појавува во книгата Бахир, а потоа од Зохар па наваму била општо прифатена од мистиците, така што одиграла важна улога во Хасидиското верување и литература“.9
17 Бидејќи смртта е спротивност на животот, и душата не продолжува да живее во друго подрачје, каква надеж постои за оние кои умреле? Божјата Реч јасно учи дека по обновувањето на рајските услови за човештвото на Земјата со посредство на Месијанскиот Цар, наименуван од Бог, поголемиот дел од умрените ќе бидат вратени во живот. Оваа библиска наука често се означува како ‚воскресение на мртвите‘. Меѓу воскреснатите ќе се наоѓаат не само оние кои верно му служеле на Бог, туку и многу многу милиони, дури милијарди кои никогаш немале вистинска можност да научат за него и навистина да му служат (Даниил 12:2, 12; Исаија 26:19; Јов 14:14, 15).
18, 19. Зошто треба да го запознаеме вистинскиот Бог, и како можеме да го постигнеме тоа?
18 Зарем оваа библиска надеж за воскресение во совршен живот на Земјата не е силна мотивација за луѓето од сите нации да го бараат и да го спознаат вистинскиот Бог? Но, каде се наоѓа вистинскиот извор на поука од Јехова за овие последни денови, како што е споменато во Исаија 2:2, 3? Кој може да ги поучи луѓето за Јеховините патишта за да можат да ‚одат по патеките Негови‘? Дали јудаизмот или т. н. христијанство можат да пружат таква поука во светлото на библиската информација што ја разгледувавме до сега?
19 Според пророштвото, ќе постои група луѓе која ќе го носи Јеховиното име во чистота и кои навистина ќе му служат како негови Сведоци и како извор на духовна светлина за народите (Исаија 60:2, 3).
[Фусноти]
a Едно површно читање на ова пророштво може да остави впечаток дека во последните денови ќе се случи масовно преобратување кон јудаизмот. Меѓутоа, самиот контекст, како и текуштите настани покажуваат дека тоа е неисправно гледиште. Разгледувањето на овој и на следниот дел ќе ни помогне да разбереме како сме дошле до овој заклучок.
b Од времето на владеењето на Александар Велики (336-323 п. н. е.), Грците правеле заеднички напори за да ја прошират нивната филозофија, култура и јазик во сите земји кои биле опфатени со Грчкото Царство. Оние кои ги попримиле грчката култура и наука се сметале за елинизирани. Ваквиот напор да се победат другите култури со грчката продолжил и за време на Римското Царство кое, иако ја освоило Грција, ги сметало за прифатливи нејзината култура и филозофија. Дури и меѓу оние кои наводно марливо се бореле да се спротивстават на ваквиот бран од грчко влијание, се наоѓа очевиден доказ за усвојување на грчки филозофски идеи, мислења и доктрини.
c На библискиот хебрејски јазик зборот преведен со „душа“ е не́феш, меѓутоа, во јудаизмот денес хебрејскиот збор нешама́х често се смета за дел од човекот кој продолжува да постои после смртта. Но, внимателното истражување на Писмата открива дека зборот нешама́х никогаш не посредувал такво значење; тој се однесува единствено на процесот на дишење или на суштество кое дише, човек или животно (1. Мојсеева 7:22; 5. Мојсеева 20:16; Исус Навин 10:39, 40; 11:11; Исаија 2:22).
[Рамка на страници 20 и 21]
БОЖЈЕТО ИМЕ ВО БИЛИЈАТА — ШТО РЕКОЛ БОГ
„И пак му рече Бог на Мојсеја: ‚Вака кажи им на синовите Израилеви: Господ [хебрејски: יהוה = ЈХВХ = Јехова] Бог на татковците наши, . . . ме испрати кај вас. Ете тоа е името Мое вечно, и тоа е споменот за Мене од колено на колено‘“ (2. Мојсеева 3:15; нагласено од нас).
„И ете, Воз дојде од Витлеем и им рече на жетварите: ‚Господ [יהוה] со вас.‘ Тие му одговорија: ‚Нека те благослови Господ [יהוה]!‘“ (Рут 2:4).
„Славете Го Господа [יהוה], повикувајте Го името Негово; разгласувајте ги меѓу народите делата Негови; напомнувајте дека името Негово е големо“d (Исаија 12:4, нагласено од нас; Псалми 104:1).
„Тогаш Јас пак ќе им дадам на чистите народи уста да го призовуваат името на Господа [יהוה] и да Му служат еднодушно“ (Софонија 3:9; нагласено од нас).
„Излеј го гневот Свој врз народите, што не Те познаваат, и врз Царствата, кои не го признаваат името Твое“ (Псалми 78:6; нагласено од нас).
БОЖЈЕТО ИМЕ ВО ТАЛМУДОТ — ШТО РЕКЛЕ ЛУЃЕТО
„Заповедено е дека човек ќе ги поздравува своите пријатели спомнувајќи го Името“ (Беракот 9:5).
„Вака тој [Првосвештеникот на Денот на Помирувањето] вели: О ЈХВХ, Твојот народ, домот Израилев, стори неправда, престапи, согреши пред Тебе. Усрдно Те молам по името ЈХВХ . . . И кога свештениците и народот кои стоеја пред Судот го слушнаа славното и почитувано Име како слободно е изговорено од устата на Првосвештеникот, во светост и чистота, паднаа на колена и се спружија, паѓајќи на лице и воскликнувајќи: Благословено да е засекогаш Неговото славно, суверено Име“ (Јома 6:2).
„Во Светилиштето Името беше изговарано како што беше напишано; но надвор од неговите ограничувања, во замена било употребувано друго име“ (Сота 7:6).
„На почетокот Првосвештеникот имаше обичај да го извикува Името со силен глас; но кога се намножија раскалашени луѓе, тој го изговараше потивко“ (Ерусалимски Талмуд, Јома 40д).
„[Меѓу оние кои се одвојуваат од светот кој треба да дојде е] оној кој го изговара Името според неговите букви“ (Санхедрин 10:1).
„Секој кој отворено го изговара Името, е виновен за смртен престап“ (Песикта 148а).
[Фусноти]
d Изразот „повикувајте Го името Негово“ (хебрејски: קראו בשמו) може исто така да се преведе и со „викајте го по име“. (Спореди со The New English Bible.) Истата хебрејска конструкција се наоѓа во 1. Мојсеева 12:8, каде што, според преводот Tanakh е преведена: „[Аврам] го привика Господ по име“.
[Рамка на страница 22]
ШТО СЕ СМРТТА И ДУШАТА?
ШТО ВЕЛИ ПИСМОТО:
„А го создаде Господ Бог човекот од прав земен и му дувна во лицето дух животен; и човекот стана жива душа [не́феш]“ (1. Мојсеева 2:7, нагласено од нас). Забележи дека на човекот не му била дадена душа, туку тој станал душа.
„Освен од дрвото за познавање на доброто и на злото; од него не јади; зашто во оној ден кога ќе вкусиш од него, ќе умреш“ (1. Мојсеева 2:17). Забележи дека смртта му била спомната на првиот човек Адам само како казна за непослушност.
„Со пот од лицето свое ќе јадеш леб, сѐ дури не се вратиш во земјата, од која си земен; зашто си земја, и во земја ќе се вратиш“ (1. Мојсеева 3:19).
„Но во градовите на оние народи, . . . не оставај ни една жива душа [нешама́х]“ (5. Мојсеева 20:16).
„Го презеде и го порази со меч . . . и сѐ живо (сите души, JP) [не́феш], што се наоѓаше во него; не остави никој, што не беше убиен; . . . така го порази и него и сѐ живо (сите души, JP) [не́феш], што се наоѓаше во него“ (Исус Навин 10:37).
„И погуби со меч сѐ живо, што беше во него, и не остави во него ниедна жива душа [нешама́х]“ (Исус Навин 11:11).
„Оти, ете, сите души се Мои; како душата на таткото, така и душата на синот се Мои: која душа [не́феш] греши, таа ќе умре“ (Језекиил 18:4; нагласено од нас).
„Живите знаат, дека ќе умрат, а мртвите ништо не знаат . . . зашто во гробот [шеол, општиот гроб на човештвото], каде што ќе појдеш, нема ни работа, ни размислување, ни знаење, ни мудрост“ (Проповедник 9:5, 10).
ШТО РЕКЛЕ РАБИНИТЕ:
„На седмото небо, Аработ, сместени се духовите и душите кои сѐ уште треба да бидат создадени“ (Хагига 12б, Талмуд).
„Додатна душа му е дадена на човекот спроти Сабат, која е земена од него при крај на Сабатот“ (Таанит 27б, Талмуд).
„Полни дванаесет месеци [по смртта] телото продолжува да постои и душата се качува и се спушта“ (Шабат 152б, Талмуд).
„Црвите за мртвите се исто толку болни како и иглата во телото на живите“ (Шабат 13б, Талмуд).
„Ако се изрече изјава во името на некое лице на овој свет, по неговата смрт усните му се мрдаат во гробот“ (Санхедрин 90б, Талмуд).
„Јудаизмот е ‚религија која ја гарантира бесмртноста на душата по смртта на телото‘“ (Кузари 1:103, Јуда Халеви, рабин од 12. век).
[Слика на страница 23]
Овој древен под во една синагога во Тиверијада (Израел), е само еден пример до кој степен грчката наука и култура влијаеле на јудаизмот. Забележи ги знаците на зодијакот со нивните имиња испишани на хебрејски. Статуата во средината е богот–сонце Хелиос