„Тој ќе ви се приближи вам“
„[Бог] не е далеку од никого од нас“ (ДЕЛА 17:27).
1, 2. а) Кога ќе го погледнеме ѕвезденото небо, кое прашање би можеле да си го поставиме во врска со Творецот? б) Како нѐ уверува Библијата дека луѓето воопшто не се безначајни во Јеховини очи?
ДАЛИ некогаш си го погледнал ѕвезденото небо во некоја јасна ноќ и си бил исполнет со восхит? Самиот број на ѕвездите и неизмерноста на вселената влеваат страхопочит. Во овој огромен универзум, Земјата е само една точка. Дали тоа значи дека Творецот, кој е „Севишен над целата земја“, е премногу возвишен за да се интересира за луѓето или, пак, дека е премногу далечен и неистражлив за луѓето да го запознаат него? (Псалм 83:18).
2 Библијата нѐ уверува дека луѓето воопшто не се безначајни во Јеховини очи. Всушност, Божјата реч нѐ охрабрува да го бараме, велејќи: „Тој не е далеку од никого од нас“ (Дела 17:27; 1. Летописи 28:9). Ако преземеме чекори да му се приближиме на Бог, тој ќе се оѕвие на нашиот напор. На кој начин? Зборовите од нашиот годишен стих за 2003 ни го даваат овој одговор што го радува срцето: „Тој ќе ви се приближи вам“ (Јаков 4:8). Да подискутираме за некои од прекрасните благослови што ги излева Јехова врз оние што се блиски со него.
Личен дар од Јехова
3. Кој дар им го дава Јехова на оние што му се приближуваат?
3 Како прво, Јеховините слуги имаат еден скапоцен дар што Бог го зачувал само за својот народ. Сета моќ, богатство и образование што ги нуди овој систем на работи нѐ можат да ни го обезбедат овој дар. Тоа е личен дар, дар што Јехова им го дава само на оние што се блиски со него. Што е тоа? Божјата реч го дава одговорот: „Ако го повикаш разумот и извикаш кон благоразумноста; ако го бараш како сребро и трагаш по него како по скриено сокровиште [скриено богатство, NW] — тогаш ќе го разбереш Господовиот страв и ќе го најдеш знаењето за Бога [самото спознание за Бог, NW]. Зашто Господ дава мудрост“ (Пословици 2:3—6). Замисли си, несовршените луѓе можат да го најдат „самото спознание за Бог“! Тој дар — спознанието што се наоѓа во Божјата реч — е спореден со „скриено богатство“. Зошто?
4, 5. Зошто „самото спознание за Бог“ може да се спореди со „скриено богатство“? Илустрирај.
4 Една причина е тоа што спознанието за Бог има голема вредност. Еден од неговите најскапоцени благослови е изгледот за вечен живот (Јован 17:3). Но, тоа спознание го збогатува нашиот живот уште сега. На пример, како резултат на нашето внимателно проучување на Божјата реч, сме ги дознале одговорите на важни прашања како што се: ‚Кое е Божјето име? (Излез 34:5), Каква е вистинската состојба на мртвите? (Проповедник 9:5, 10), Каква е Божјата намера со земјата и со човештвото? (Исаија 45:18)‘. Исто така, сме дознале дека најдобриот начин на живот е да го применуваме библискиот мудар совет (Исаија 30:20, 21; 48:17, 18). Така, имаме здраво водство што ни помага да се справиме со животните грижи и да се стремиме по правец што унапредува вистинска среќа и задоволство. Што е уште поважно, проучувањето на Божјата реч нѐ оспособило да ги запознаеме Јеховините прекрасни особини и да му се приближиме. Што би можело да биде поскапоцено од еден близок однос со Јехова што се темели на „самото спознание за Бог“?
5 Има уште една причина зошто спознанието за Бог може да се спореди со „скриено богатство“. Како многу богатства, тоа е релативно ретко во овој свет. Од шесте милијарди жители на Земјата, околу шест милиони обожаватели на Јехова, односно некаде околу 1 на 1.000, го пронашле „самото спознание за Бог“. За да илустрираме каква ретка предност е да се знае вистината од Божјата реч, да разгледаме само едно библиско прашање: Што се случува со луѓето по смртта? Од Писмото знаеме дека душата умира и дека мртвите не се свесни за ништо (Езекиел 18:4, ПСП). Сепак, лажното верување дека нешто во човекот продолжува да живее по смртта го прифаќаат повеќето религии во светот. Тоа е составен дел на религиите на христијанскиот свет. Раширено е и во будизмот, хиндуизмот, исламот, јаинизмот, јудаизмот, шинтоизмот, сикизмот и таоизмот. Помисли — милијарди луѓе се измамени само со ова едно лажно учење!
6, 7. а) Само кој може да го најде „самото спознание за Бог“? б) Кој пример покажува дека Јехова нѐ благословил со увид што не можат да го стекнат многу ‚мудри и умни‘ луѓе?
6 Зошто уште повеќе луѓе не го пронашле „самото спознание за Бог“? Затоа што не може целосно да се сфати значењето на Божјата реч без Негова помош. Сети се, ова спознание е дар. Јехова им го дава само на оние што се спремни искрено и понизно да ја истражуваат неговата Реч. Таквите можеби не се „мудри во телесна смисла“ (1. Коринќаните 1:26). Многу од нив можеби дури и се сметаат за „неуки и обични“ според мерилата во светот (Дела 4:13). Сепак, тоа не е важно. Јехова нѐ наградува со „самото спознание за Бог“ поради особините што ги наоѓа во нашето срце.
7 Да разгледаме еден пример. Многу изучувачи во христијанскиот свет напишале опширни коментари за Библијата. Таквите референции можат да ја објаснат историската заднина, значењето на хебрејските и на грчките зборови и уште многу други работи. Со сето свое знаење, дали таквите изучувачи навистина го пронашле „самото спознание за Бог“? Па, дали јасно ја разбираат темата на Библијата — оправдувањето на Јеховиниот суверенитет преку неговото небесно Царство? Дали знаат дека Јехова Бог не е дел од тројство? Од друга страна, пак, ние имаме точно разбирање за тие теми. Зошто? Јехова нѐ благословил со увид во духовните вистини што не можат да го стекнат многу ‚мудри и умни‘ луѓе (Матеј 11:25). На каков само начин Јехова ги благословува оние што му се блиски!
„Господ ги пази оние, кои Го љубат“
8, 9. а) Како опишал Давид еден друг благослов за оние што се блиски со Јехова? б) Зошто на вистинските христијани им е потребна божествена заштита?
8 Оние што се блиски со Јехова уживаат уште еден благослов — божествена заштита. Псалмистот Давид, за кого неволјите не биле ништо ново, напишал: „Господ е близу до сите кои Го повикуваат, до сите што Го призиваат искрено. Тој ги исполнува желбите на оние кои се бојат од Него, ги слуша нивните повици и ги спасува. Господ ги пази оние, кои Го љубат“ (Псалм 145:18—20). Да, Јехова е близу до оние што го љубат и затоа може брзо да одговори на нивните повици за помош.
9 Зошто ни е потребна божествена заштита? Освен тоа што ги чувствуваат последиците од тоа што живеат во овие ‚критични времиња со кои тешко се излегува на крај‘, вистинските христијани се особена мета на главниот Непријател на Јехова, Сатана Ѓаволот (2. Тимотеј 3:1). Овој лукав непријател е решен да нѐ „проголта“ (1. Петрово 5:8). Сатана нѐ прогонува, ни врши притисок и нѐ искушува. Исто така бара ставови на умот и срцето што ќе може да ги искористи. Тој има на ум една цел: да ја ослабне нашата вера и да нѐ уништи духовно (Откровение 12:12, 17). Бидејќи се бориме со таков моќен непријател, зарем не е утешително сознанието дека „Господ ги пази оние, кои Го љубат“?
10. а) Како го пази Јехова својот народ? б) Која заштита е најважна, и зошто?
10 Но, како Јехова го пази својот народ? Неговото ветување за заштита не ни гарантира живот без проблеми во овој систем; ниту, пак, значи дека тој е принуден да прави чуда во наша корист. Но, Јехова сепак обезбедува физичка заштита за својот народ како група. На крајот на краиштата, никогаш не би дозволил Ѓаволот да ги збрише вистинските обожаватели од земјата! (2. Петрово 2:9). Пред сѐ, Јехова нѐ штити духовно. Нѐ опремува со она што ни е потребно за да истраеме во испитите и да го зачуваме нашиот однос со него. Долгорочно гледано, духовната заштита е најважната заштита. Зошто? Сѐ додека го имаме нашиот личен однос со Јехова, ништо — дури ниту смртта — не може да ни нанесе трајна штета (Матеј 10:28).
11. Кои подготовки ги направил Јехова за духовна заштита на својот народ?
11 Јехова направил обемни подготовки за духовна заштита на оние што се блиски со него. Преку својата Реч, Библијата, тој ни дава мудрост за да се справиме со различни испити (Јаков 1:2—5). Не е сеедно дали ќе го примениме или нема да го примениме практичниот совет што се наоѓа во Писмото. Освен тоа, Јехова им дава „свет дух на оние кои го молат“ (Лука 11:13). Тој дух е најмоќната сила во универзумот, така што сигурно може да нѐ опреми успешно да се соочиме со секој испит или искушение на кое може да наидеме. Преку Христос, Јехова дава „дарови во облик на луѓе“ (Ефешаните 4:8). Овие духовно квалификувани мажи настојуваат да го одразуваат Јеховиното длабоко сочувство кога им помагаат на своите сообожаватели (Јаков 5:14, 15).
12, 13. а) На кои начини Јехова нѐ снабдува со духовна храна во право време? б) Што чувствуваш ти во врска со Јеховините подготовки за наша духовна благосостојба?
12 Јехова обезбедува уште нешто за да нѐ заштити: духовна храна во право време (Матеј 24:45). Преку печатени публикации, вклучувајќи ги и списанијата Стражарска кула и Разбудете се!, како и преку состаноците, собирите и конгресите, Јехова ни го дава она што ни е потребно тогаш кога тоа ни треба. Можеш ли да се сетиш на некоја прилика кога си чул нешто на некој христијански состанок, собир или конгрес што те допрело до срце и те зајакнало или те утешило? Дали некогаш си прочитал некоја статија во едно од претходно спомнатите списанија и си помислил дека била напишана баш за тебе?
13 Едно од најефикасните оружја на Сатана е обесхрабрувањето, и ние не сме имуни на неговото влијание. Тој многу добро знае дека малодушноста што трае подолго време може да ни ја одземе силата, па дури и да нѐ направи ранливи (Пословици 24:10). Бидејќи Сатана се обидува да ги искористи негативните чувства, потребна ни е помош. Во списанијата Стражарска кула и Разбудете се! повремено излегуваат статии што ни помагаат да се бориме со обесхрабрувањето. Во врска со една таква статија, една христијанска сестра напишала: „Ја читам статијата речиси секој ден и сѐ уште ми навираат солзи. Ја чувам покрај креветот за да биде до мене секогаш кога ќе се почувствувам обесхрабрена. Преку вакви статии, едноставно можам да почувствувам како ме прегрнуваат Јеховините заштитнички раце“.a Зарем не сме му благодарни на Јехова што ни обезбедува навремена духовна храна? Запомни, неговите подготовки за нашата духовна благосостојба се доказ дека тој е близу до нас и дека нѐ сместил под својата заштитничка грижа.
Пристап до ‚Слушачот на молитвата‘
14, 15. а) Каков личен благослов им дава Јехова на оние што се блиски со него? б) Зошто е извонредна предност тоа што имаме слободен пристап до Јехова во молитва?
14 Дали некогаш си забележал дека, кога луѓето стекнуваат моќ или авторитет, честопати стануваат сѐ понедостапни за оние под нив? Но, како е со Јехова Бог? Дали е премногу далеку за да биде заинтересиран за зборовите што му ги упатуваат обичните луѓе? Напротив! Дарот на молитвата е уште еден благослов што им го дава Јехова на оние што се блиски со него. Тоа што ни е даден слободен пристап до ‚Слушачот на молитвата‘ е навистина извонредна предност (Псалм 65:2). Зошто?
15 Да илустрираме: Главниот директор на една голема корпорација има многу одговорности. Тој одлучува кои работи ќе ги заврши лично а кои ќе им ги довери на другите. Слично на тоа, Суверениот Владетел на универзумот има право да одреди во кои работи ќе биде вклучен лично а кои ќе му ги довери на друг. Разгледај што сѐ му доверил Јехова на својот љубен Син, Исус. На Синот му е дадена „власт да суди“ (Јован 5:27). Ангелите му се „подложени“ нему (1. Петрово 3:22). Јеховиниот моќен свет дух му е ставен на располагање на Исус за да му помогне да ги води своите ученици на Земјата (Јован 15:26; 16:7). Затоа Исус можел да рече: „Дадена ми е сета власт на небото и на земјата“ (Матеј 28:18). Сепак, кога станува збор за нашите молитви, Јехова избрал да ги слуша лично тој. Затоа Библијата ни вели да му ги упатуваме нашите молитви само на Јехова, правејќи го тоа во името на Исус (Псалм 69:13; Јован 14:6, 13).
16. Зошто можеме да бидеме уверени дека Јехова навистина ги слуша нашите молитви?
16 Дали Јехова навистина ги слуша нашите молитви? Кога би бил рамнодушен и незаинтересиран, никогаш не би нѐ поттикнувал ‚да истраеме во молитва‘ или да ги фрламе нашите товари и грижи на него (Римјаните 12:12; Псалм 55:22; 1. Петрово 5:7). Верните слуги од библиски времиња имале целосна доверба дека Јехова ги слуша молитвите (1. Јованово 5:14). Така, псалмистот Давид навел: „[Јехова] ќе го чуе мојот глас“ (Псалм 55:17). И ние ја имаме секоја причина да бидеме уверени дека Јехова е близу, спремен да ја чуе секоја наша мисла и грижа.
Јехова ги наградува своите Слуги
17, 18. а) Што чувствува Јехова за верната служба на неговите интелигентни созданија? б) Објасни како Пословици 19:17 покажува дека нашите милосрдни дела не поминуваат незабележани од Јехова.
17 Врз Јеховината положба на Универзален Суверен не влијае тоа што го прават или не сакаат да го прават обичните луѓе. Сепак, Јехова е Бог што покажува ценење. Тој длабоко ја цени верната служба на своите интелигентни созданија (Псалм 147:11). Значи, ова е уште една корист што ја уживаат оние што се блиски со Јехова: Тој ги наградува своите слуги (Евреите 11:6).
18 Библијата јасно покажува дека Јехова го цени тоа што го прават неговите обожаватели. На пример, читаме: „На Господ му позајмува кој е милостив кон бедниот, и Тој ќе му го плати добротворството“ (Пословици 19:17). Јеховината милосрдна обѕирност кон бедните се гледа во Мојсеевиот закон (Левит 14:21; 19:15). Како се чувствува Јехова кога ја имитираме неговата милост во нашите постапки со бедните? Кога им даваме на бедните, не очекувајќи ништо за возврат, Јехова го гледа тоа како заем што сме му го дале Нему. Јехова ветува дека ќе го отплати тој долг со наклоност и благослови (Пословици 10:22; Матеј 6:3, 4; Лука 14:12—14). Да, кога покажуваме сочувство кон некој сообожавател што е во оскудица, Јеховиното срце е трогнато. Колку само сме благодарни што знаеме дека нашите милосрдни дела не поминуваат незабележани од нашиот небесен Татко! (Матеј 5:7).
19. а) Зошто можеме да бидеме уверени дека Јехова го цени она што го правиме во делото на проповедање и правење ученици? б) Како ги наградува Јехова делата на служба извршени во поддршка на неговото Царство?
19 Јехова особено го цени она што го правиме во корист на неговото Царство. Кога му се приближуваме на Јехова, сосема е природно да сакаме да го користиме нашето време, енергија и финансиски средства за да учествуваме колку што е можно поцелосно во делото на проповедање за Царството и правење ученици (Матеј 28:19, 20). Понекогаш можеби мислиме дека не постигнуваме многу. Нашето несовршено срце може дури и да нѐ натера да се прашуваме дали Јехова е задоволен со нашите напори (1. Јованово 3:19, 20). Но, Јехова го цени секој подарок — без оглед на тоа колку е мал — што произлегува од срце мотивирано од љубов (Марко 12:41—44). Библијата нѐ уверува: „Бог не е неправеден да го заборави вашето дело и љубовта што ја покажавте кон неговото име“ (Евреите 6:10). Всушност, Јехова го помни и го наградува дури и најмалиот чин на служба што е извршен за поддржување на неговото Царство. Освен богатите духовни благослови сега, можеме со радост да ги очекуваме радостите на животот во претстојниот нов свет, каде што Јехова великодушно ќе ја отвори својата рака и ќе ги задоволи праведните желби на сите што се блиски со него! (Псалм 145:16; 2. Петрово 3:13).
20. Во текот на 2003 година, како можеме да ги имаме на ум зборовите од нашиот годишен стих, и со каков резултат?
20 Во текот на 2003, да се запрашаме дали вложуваме постојани напори да му се приближиме на нашиот небесен Татко. Ако го правиме тоа, можеме да бидеме уверени дека тој ќе се оѕвие онака како што ветил. Впрочем, „Бог . . . не може да лаже“ (Тит 1:2). Ако му се приближиш, тој ќе ти се приближи тебе (Јаков 4:8). Со каков резултат? Богати благослови сега и изглед да му се приближуваш уште повеќе на Јехова во сета вечност!
[Фуснота]
a Реакција на статијата „Јехова е поголем од нашето срце“ во изданието на Стражарска кула од 1 мај 2000, страници 28—31.
Се сеќаваш ли?
• Кој дар им го дава Јехова на оние што му се приближуваат?
• Кои подготовки ги прави Јехова за духовна заштита на својот народ?
• Зошто е извонредна предност тоа што ни е даден слободен пристап до Јехова во молитва?
• Како покажува Библијата дека Јехова ја цени верната служба на своите интелигентни созданија?
[Слика на страница 15]
Јехова нѐ благословил со увид во духовните вистини
[Слики на страници 16 и 17]
Јехова обезбедува духовна заштита
[Слика на страница 18]
Јехова е близу, спремен да ја чуе секоја наша молитва