Ја прифаќаш ли помошта од Јехова?
„Јехова е мој помошник; нема да се плашам“ (ЕВРЕИТЕ 13:6).
1, 2. Зошто е важно во нашиот живот да ги прифатиме помошта и водството од Јехова?
ПРЕТПОСТАВИ си дека се качуваш по една планинска патека. Меѓутоа, не си сам, зашто еден водич се понудил да оди со тебе, а тој е најдобриот водич што постои. Многу е поискусен и поиздржлив од тебе, но стрпливо оди покрај тебе. Забележува дека одвреме-навреме се сопнуваш. Бидејќи е загрижен за твојата безбедност, ти подава рака за да ти помогне да поминеш некое особено опасно место. Ќе ја одбиеш ли неговата помош? Нормално дека не! Се работи за твојата безбедност.
2 Како христијани, ние одиме по еден тежок пат. Мораме ли сами да одиме по тој тесен пат? (Матеј 7:14). Не, Библијата ни покажува дека најдобриот Водич што постои, Јехова Бог, им дозволува на луѓето да одат со него (Битие 5:24; 6:9). Дали Јехова им помага на своите слуги додека одат? Тој вели: „Јас, Господ, твојот Бог, ја крепам твојата десница и ти велам: ‚Не бој се, Јас ти помагам‘ (Исаија 41:13). Како водичот од нашата илустрација, Јехова љубезно им подава рака и им нуди пријателство на оние што се трудат да одат со него. Сигурно дека никој од нас не сака да ја одбие неговата помош!
3. Кои прашања ќе ги разгледаме во текот на оваа дискусија?
3 Во претходната статија, разгледавме четири начини на коишто Јехова му помагал на својот народ во древни времиња. Дали му помага на својот народ на истите тие четири начини и денес? И како можеме да бидеме сигурни дали ја прифаќаме таа помош? Да ги разгледаме овие прашања. Тоа уште повеќе ќе нѐ увери дека Јехова навистина е наш Помошник (Евреите 13:6).
Помош од ангели
4. Зошто Божјите слуги денес можат да бидат сигурни дека ангелите им помагаат?
4 Дали ангелите им помагаат на денешните слуги на Јехова? Да, им помагаат. Точно, денес тие не се појавуваат видливо за да ги избават вистинските обожаватели од опасност. Дури и во библиски времиња, ангелите ретко интервенирале на ваков начин. Поголемиот дел од она што го правеле не било видливо за луѓето, а тоа е случај и денес. Сепак, на слугите на Бог кои сфатиле дека ангелите се тука за да ги поддржат, тоа им било големо охрабрување (2. Цареви 6:14—17). И ние имаме добри причини да се чувствуваме исто.
5. Како ни покажува Библијата дека ангелите се вклучени во делото на проповедање денес?
5 Јеховините ангели се особено заинтересирани за едно посебно дело во кое сме вклучени и ние. Кое е тоа дело? Одговорот можеме да го најдеме во Откровение 14:6: „Видов друг ангел како лета среде небото, и тој имаше вечна добра вест за да им ја објави како радосна новост на оние кои живеат на земјата, и на секоја нација и племе и јазик и народ“. Оваа „вечна добра вест“ јасно е поврзана со ‚добрата вест за царството‘, која, како што претскажал Исус, „ќе биде проповедана по целата населена земја за сведоштво на сите нации“ пред да дојде крајот на овој систем на работи (Матеј 24:14). Се разбира, ангелите не проповедаат директно. Тој важен налог Исус им го дал на луѓето (Матеј 28:19, 20). Зарем не сме охрабрени кога знаеме дека, додека го извршуваме овој налог, имаме помош од светите ангели, мудри и моќни духовни суштества?
6, 7. а) Што покажува дека ангелите го поддржуваат нашето дело на проповедање? б) Како можеме да се потрудиме да добиеме поддршка од ангелите на Јехова?
6 Има доста докази дека ангелите го поддржуваат нашето дело. На пример, честопати слушаме дека, додека биле во служба, Јеховините сведоци наишле на некој што малку пред тоа му се молел на Бог да му помогне да ја најде вистината. Има премногу такви искуства за да ги сметаме за чиста случајност. Како резултат на ваквата помош од ангелите, сѐ повеќе луѓе учат да го прават она што го прави ‚ангелот што лета среде небото‘, кој објавува: „Плашете се од Бог и оддајте му слава“ (Откровение 14:7).
7 Посакуваш ли да имаш поддршка од моќните ангели на Јехова? Тогаш прави сѐ што можеш за да бидеш зафатен со службата (1. Коринќаните 15:58). Додека спремно се трошиме во оваа посебна задача од Јехова, можеме да сметаме на помошта од неговите ангели.
Помош од Главниот ангел
8. На каква возвишена положба е Исус на небото, и зошто тоа е охрабрување за нас?
8 Јехова ни дава и еден друг вид ангелска помош. Откровение 10:1 опишува еден извонреден „силен ангел“ на кого лицето ‚му е како сонце‘. Изгледа дека овој ангел од визијата го претставува прославениот Исус Христос во небесна моќ (Откровение 1:13, 16). Дали Исус навистина е ангел? Во некоја смисла да, зашто тој е архангел (1. Солуњаните 4:16). Што е архангел? Тој збор значи „прв ангел“ или „главен ангел“. Исус е најмоќниот од сите Јеховини духовни синови. Јехова го поставил да заповеда над целата Негова војска од ангели. Овој архангел е навистина моќен извор на помош. На кои начини?
9, 10. а) На кој начин Исус служи како наш „помошник“ кога грешиме? б) Како може да ни помогне примерот на Исус?
9 Остарениот апостол Јован напишал: „Ако некој и изврши грев, имаме помошник кај Таткото: Исус Христос, праведник“ (1. Јованово 2:1). Зошто Јован навел дека Исус е наш „помошник“ особено кога ќе ‚извршиме грев‘? Па, ние грешиме секојдневно, а гревот води во смрт (Проповедник 7:20; Римјаните 6:23). Меѓутоа, Исус го дал својот живот како жртва за нашите гревови. А тој се наоѓа покрај нашиот милосрден Татко за да го моли за нас. На секого од нас му треба таква помош. Како можеме да ја прифатиме? Треба да се покаеме за нашите гревови и да бараме прошка на темел на Исусовата жртва. Исто така, треба да гледаме да не ги повториме гревовите.
10 Освен што умрел за нас, Исус ни оставил и совршен пример (1. Петрово 2:21). Неговиот пример нѐ води, ни помага да си зацртаме правец по кој ќе одиме за да можеме да избегнеме сериозни гревови и да можеме да го радуваме Јехова Бог. Зарем не сме радосни што имаме таква помош? На своите следбеници Исус им ветил дека ќе имаат и друг помошник.
Помошта од светиот дух
11, 12. Што е Јеховиниот дух, колку е моќен, и зошто ни е потребен денес?
11 Исус ветил: „Ќе го замолам Таткото и тој ќе ви даде друг помошник за да биде со вас засекогаш, духот на вистината, кого светот не може да го прими“ (Јован 14:16, 17). „Духот на вистината“, или светиот дух, не е личност туку сила — Јеховината активна сила. Моќта на оваа сила е неизмерна. Тоа е силата што Јехова ја користел кога го создавал универзумот, кога правел спектакуларни чуда и кога ја разоткривал својата волја преку визии. Бидејќи Јехова не го користи својот дух на овие конкретни начини денес, дали тоа значи дека тој дух не ни е потребен?
12 Напротив! Во овие ‚критични времиња со кои тешко се излегува на крај‘, Јеховиниот дух ни треба повеќе од кога и да е порано (2. Тимотеј 3:1). Тој нѐ зајакнува за да издржиме кога доживуваме испити. Ни помага да негуваме убави особини што нѐ прават поблиски со Јехова и со нашите духовни браќа и сестри (Галатите 5:22, 23). Тогаш, како можеме да извлечеме корист од оваа прекрасна помош од Јехова?
13, 14. а) Зошто можеме да бидеме сигурни дека Јехова спремно им го дава својот свет дух на своите слуги? б) Со какви постапки можеме да покажеме дека, всушност, не го прифаќаме светиот дух како дар?
13 Прво, треба да се молиме за свет дух. Исус рекол: „Ако вие, иако сте зли, знаете како да им давате на своите деца добри дарови, колку повеќе Таткото на небото ќе им даде свет дух на оние кои го молат!“ (Лука 11:13). Да, Јехова е најдобриот Татко што може да се замисли. Ако со вера, искрено го молиме да ни даде свет дух, незамисливо е дека ќе одбие да ни го даде тој дар. Тогаш, прашањето е дали бараме свет дух? Имаме добри причини секој ден да молиме за него.
14 Второ, го прифаќаме тој дар така што работиме во склад со него. Да илустрираме: Да си претпоставиме дека некој христијанин се бори со склоноста да гледа порнографија. Се моли светиот дух да му помогне да ѝ се спротивстави на таа валкана навика. Бара совет од христијанските старешини и тие го советуваат да преземе одлучни чекори, така што дури нема ни да се приближува до таков расипан материјал (Матеј 5:29). Што ако го игнорира нивниот совет и се изложува на понатамошни искушенија? Дали работи во склад со својата молитва светиот дух да му помогне? Или, пак, ризикува да го разжалости Божјиот дух и да го изгуби овој дар? (Ефешаните 4:30). Да, секој од нас треба да направи сѐ што може за да се погрижи и понатаму да ја добива оваа прекрасна помош од Јехова.
Помош од Божјата реч
15. Како можеме да покажеме дека не ја сфаќаме Библијата здраво за готово?
15 Веќе многу векови Библијата е извор на помош за Јеховините верни слуги. Меѓутоа, наместо да го сфаќаме Светото писмо здраво за готово, треба да задржиме на ум колку моќна помош е тоа. За да се прифати таа помош, потребен е напор. Читањето на Библијата треба да ни стане дел од нашата редовна рутина.
16, 17. а) Како Псалм 1:2, 3 ги опишува благословите што доаѓаат кога се чита Божјиот закон? б) Како Псалм 1:3 ни прикажува слика што укажува на тешка работа?
16 За побожниот човек, Псалм 1:2, 3 вели: „Волјата му е во Господовиот Закон и за Неговиот Закон размислува дење и ноќе: Тој е како дрво засадено покрај водни потоци, што донесува плод во свое време; неговите лисја никогаш не венат; сѐ што прави, во сѐ успева“. Ја сфаќаш ли поентата на овие стихови? Лесно е да ги прочитаме овие зборови и да заклучиме дека тие претставуваат само една убава слика на спокојство — дрво што дава убава сенка покрај река. Колку би било убаво после ручек да си дремнеш на едно такво место! Но, овој псалм не нѐ поттикнува да размислуваме за одмор. Тој ни прикажува една сосем поинаква слика, слика што укажува на тешка работа. Како тоа?
17 Забележи дека ова дрво не е само некое дрво што дава сенка и што случајно расте покрај река. Тоа е плодоносно дрво, намерно „засадено“ на избрано место — „покрај водни потоци“. Како е можно едно дрво да расте покрај повеќе потоци? Па, во еден овоштарник, сопственикот може да ископа бразди за наводнување за да донесе вода до корењата на своите скапоцени дрвја. А-ха, сега ја сфаќаме поентата! Ако во духовен поглед цветаме како ова дрво, цветаме затоа што некој вложил голем труд за да ни помогне во тоа. Поврзани сме со организација што ги доведува чистите води на вистината до нас, но и ние мораме да си го направиме нашиот дел. Мораме да дојдеме во положба да црпиме од оваа скапоцена вода така што длабоко ќе размислуваме и ќе истражуваме за да можат вистините од Божјата реч да се влеат во нашиот ум и во нашето срце. На тој начин, и ние ќе даваме добар плод.
18. Што е потребно за да најдеме библиски одговори на нашите прашања?
18 Библијата не ни е од никаква корист ако само си стои на полицата. Не е ниту амајлија — да ја земеме, да ги затвориме очите, да ја пуштиме и таа да се отвори баш на страницата каде што е одговорот на нашето прашање. Кога треба да донесеме одлуки, мораме да копаме по „знаењето за Бог“ како по скриено богатство (Пословици 2:1—5). Честопати, за да го најдеме библискиот совет што се однесува на нашите конкретни потреби, треба марливо и внимателно да истражуваме. Имаме голем број библиски публикации што можат да ни помогнат во тоа истражување. Кога ги користиме за горливо да копаме по бисерите на мудроста од Божјата реч, вистински ја користиме помошта од Јехова.
Помош од соверниците
19. а) Зошто статиите од Стражарска кула и Разбудете се! можеме да ги сметаме за помош што ни ја даваат соверниците? б) Како ти помогнала некоја конкретна статија од овие списанија?
19 Човечките слуги на Јехова отсекогаш биле извор на помош еден за друг. Дали Јехова се сменил во овој поглед? Воопшто не. Без сомнение, секој од нас може да се сети на случаи кога баш во право време соверниците ни ја дале помошта што ни била потребна. На пример, можеш ли да се сетиш на некоја статија од Стражарска кула или од Разбудете се! што те утешила кога ти била потребна утеха, што ти помогнала да решиш некој проблем или да се соочиш со некој предизвик на твојата вера? Јехова ти ја дал таа помош преку „верниот и разборит роб“ кој е поставен да дава „храна во право време“ (Матеј 24:45—47).
20. На кои начини христијанските старешини се „дарови во облик на луѓе“?
20 Меѓутоа, честопати, помошта што ја добиваме од соверниците е подиректна. Некој христијански старешина ќе изнесе говор што ќе нѐ допре в срце, ќе дојде на пастирска посета и ќе ни помогне во тежок момент или ќе ни даде љубезен совет што ќе ни помогне да си увидиме и да совладаме некоја слабост. За помошта што еден старешина ѝ ја дал, една благодарна христијанка пишува: „Еднаш, додека бевме во служба, одвои време за да ми помогне да си кажам што ми лежи на срце. Баш претходната вечер му се молев на Јехова да има некој со кого би можела да поразговарам. Следниот ден, овој брат сочувствително разговараше со мене. Ми помогна да увидам колку ми помагал Јехова низ годините. Му благодарам на Јехова што ми го испрати овој старешина“. На сите овие начини, христијанските старешини покажуваат дека се „дарови во облик на луѓе“ што Јехова ни ги дава преку Исус Христос за да ни помогне да издржиме на патот кон животот (Ефешаните 4:8).
21, 22. а) Каков е резултатот кога сите во собранието го применуваат советот од Филипјаните 2:4? б) Зошто се важни дури и малите љубезни постапки?
21 Освен старешините, секој верен христијанин треба да ја применува инспирираната заповед да „гледа со личен интерес не само на сопствените работи туку со личен интерес и на туѓите“ (Филипјаните 2:4). Кога членовите на христијанското собрание го применуваат овој совет, резултат од тоа се прекрасни љубезни дела. На пример, едно семејство претрпело ненадејна трагедија со неколку последици. Таткото ја повел ќеркичката со себе до продавницата. Враќајќи се дома, доживеале сообраќајна несреќа. Ќеркичката загинала; таткото бил тешко повреден. Кога го пуштиле од болница, во почетокот бил толку немоќен што не можел ништо да прави сам. Жена му емоционално била толку потресена што не можела сама да се грижи за него. Затоа, еден брачен пар од собранието ги зел кај себе дома овие ужалени луѓе и неколку седмици се грижел за нив.
22 Се разбира, за да се покаже љубезност не мора секогаш да се случи таква трагедија и да се направи таква лична жртва. Некоја помош што ја добиваме е во многу помали размери. Но, колку и да е мал тој чин на љубезност, ние го цениме, зарем не? Можеш ли да се сетиш на моменти кога некој брат или некоја сестра ти кажале еден љубезен збор или постапиле обѕирно токму кога ти била потребна помош? Јехова честопати се грижи за нас на таков начин (Пословици 17:17; 18:24).
23. Како гледа Јехова на нашиот труд да си помагаме еден на друг?
23 Сакаш ли Јехова да те користи тебе за да им помогнеш на другите? Таа привилегија стои пред тебе. Всушност, Јехова ги цени твоите напори во тоа. Неговата Реч вели: „На Господ му позајмува кој е милостив кон бедниот, и Тој ќе му го плати добротворството“ (Пословици 19:17). Кога се трошиме себеси за нашите браќа и сестри, доживуваме голема радост (Дела 20:35). Оние што намерно се изолираат, не ја наоѓаат ниту среќата што доаѓа кога помагаме ниту охрабрувањето што доаѓа кога ни помагаат (Пословици 18:1, NW). Затоа, верно, редовно да се собираме на христијанските состаноци за да можеме да се храбриме еден со друг (Евреите 10:24, 25).
24. Зошто не треба да мислиме дека нешто ни е ускратено затоа што не сме сведоци на Јеховините спектакуларни чуда од минатото?
24 Зарем не сме исполнети со радост кога размислуваме за тоа на кои начини ни помага Јехова? Иако живееме во време кога Јехова не прави некои спектакуларни чуда за да ги оствари своите намери, не треба да мислиме дека нешто ни е ускратено. Она што навистина е важно е дека Јехова ни ја дава сета потребна помош за да останеме верни. И ако истраеме заедно во верата, ќе доживееме да ги видиме најспектакуларните и највеличествените Јеховини дела во целата историја! Затоа, да бидеме решени да ја прифатиме и целосно да ја користиме помошта што Јехова со љубов ни ја дава. Така, и ние ќе можеме да ги кажеме зборовите од нашиот годишен стих за 2005: „Мојата помош е од Јехова“ (Псалм 121:2, NW).
Што мислиш?
Како Јехова ни ја дава помошта што ни е потребна денес —
• преку ангелите?
• преку својот свет дух?
• преку својата инспирирана Реч?
• преку соверниците?
[Слика на страница 18]
Охрабрени сме кога знаеме дека ангелите го поддржуваат делото на проповедање
[Слика на страница 21]
Јехова може да употреби некој од нашите соверници за да ни ја даде потребната утеха