Јехова, наше „засолниште во лоши времиња“
„Од Господа доаѓа спасение на праведните, Тој им е засолниште во лоши времиња“ (ПСАЛМ 37:39).
1, 2. а) Што молел Исус за своите ученици? б) Која е Божјата волја за неговиот народ?
ЈЕХОВА е семоќен. Тој има моќ да ги заштити своите верни обожаватели како што ќе посака. Тој може дури и физички да го одвои својот народ од останатите во светот и да го смести во безбедна и мирољубива средина. Меѓутоа, во врска со своите ученици, Исус го молел својот небесен Татко: „Не те молам да ги земеш од светот, туку да ги чуваш поради злобниот“ (Јован 17:15).
2 Јехова избрал да не нѐ земе „од светот“. Наместо тоа, неговата волја е да живееме меѓу сите други луѓе во овој свет за да им ја објавуваме неговата порака на надеж и утеха (Римјаните 10:13—15). Но, како што укажал и Исус во својата молитва, бидејќи живееме во светот, изложени сме на „злобниот“. Непослушното човештво и злобните духовни сили предизвикуваат големи болки и маки, а христијаните не се имуни на неволји (1. Петрово 5:9).
3. Со кој факт мораат да се соочат дури и верните обожаватели на Јехова, но каква утеха наоѓаме во Божјата реч?
3 Под такви испити, нормално е да има периоди на обесхрабрување (Пословици 24:10). Библијата содржи бројни извештаи за верни лица што доживеале неволји. „Праведникот има многу неволји“, вели псалмистот, „но Господ го избавува од сите“ (Псалм 34:19). Да, лоши работи му се случуваат дури и на „праведникот“. Како псалмистот Давид, понекогаш можеме да станеме дури и „исцрпени и сосема сотрени“ (Псалм 38:8). Сепак, утешно е да се знае дека „Јехова е близу до оние што се скршени во срцето и ги спасува оние со скршен дух“ (Псалм 34:18, NW; 94:19).
4, 5. а) Во склад со Пословици 18:10, што мораме да правиме за да добиеме заштита од Бог? б) Кои се некои конкретни чекори што можеме да ги преземеме за да добиеме помош од Бог?
4 Во склад со молитвата на Исус, Јехова навистина нѐ чува. Тој е наше „засолниште во време на неволја“ (Псалм 37:39). Книгата Пословици го кажува тоа на сличен начин кога вели: „Господовото [Јеховиното, NW] име е цврста кула: праведникот прибегнува кон него и наоѓа засолниште“ (Пословици 18:10). Овој стих открива една основна вистина за нежната грижа што Јехова ја чувствува за своите творештва. Бог им нуди заштита особено на праведните што активно го бараат, исто како да бараме засолниште во некоја цврста кула.
5 Кога се соочуваме со тешки проблеми, како можеме да побараме заштита од Јехова? Да разгледаме три битни чекори што можеме да ги преземеме за да добиеме помош од Јехова. Прво, мораме да му се обратиме на нашиот небесен Татко во молитва. Второ, треба да го следиме водството од неговиот свет дух. И трето, мораме да се подложиме на Јеховиното уредување така што ќе се дружиме со сохристијаните, кои можат да ни ја олеснат маката.
Моќта на молитвата
6. Како гледаат вистинските христијани на молитвата?
6 Некои стручњаци од полето на здравјето ја препорачуваат молитвата како терапија против депресија и стрес. Иако можеби е вистина дека еден тивок период на длабоко размислување слично на молитва може да го олесни стресот, истото може да се каже и за одредени звуци од природата или дури и за една масажа на грбот. Вистинските христијани не ја потценуваат молитвата со тоа што ја гледаат само како терапија за добро расположение. Ние ја гледаме молитвата како разговор со Творецот во кој покажуваме длабоко почитување кон него. Молитвата ја вклучува нашата оддаденост и нашата доверба во Бог. Да, молитвата е дел од нашето обожавање.
7. Што значи да се молиме со доверба, и на кој начин таквите молитви ни помагаат да се справиме со неволји?
7 Нашите молитви мораат да бидат проследени со чувство на доверба во Јехова. Апостол Јован напишал: „Ова е довербата што ја имаме во него дека, што и да бараме во склад со неговата волја, тој нѐ слуша“ (1. Јованово 5:14). Јехова, Врховното Битие, единствениот вистински и семоќен Бог, всушност, обрнува посебно внимание на искрените молитви на неговите обожаватели. Утеха е и само тоа што знаеме дека нашиот Бог што нѐ сака нѐ слуша кога му ги кажуваме нашите грижи и проблеми (Филипјаните 4:6).
8. Зошто верните христијани никогаш не треба да се срамат ниту, пак, да се чувствуваат недостојни кога му пристапуваат на Јехова во молитва?
8 Верните христијани никогаш не треба да се срамат, да се чувствуваат недостојни ниту, пак, да им недостига доверба кога му пристапуваат на Јехова во молитва. Точно, кога сме разочарани од самите себе или кога сме преплавени од проблеми, можеби немаме секогаш волја да му пристапиме на Јехова во молитва. Во таквите прилики добро е да запамтиме дека Јехова „им е милостив на страдалниците“ и дека „ги теши оние кои се соборени“ (Исаија 49:13; 2. Коринќаните 7:6). Особено во време на мака и неволја треба со доверба да му се обратиме на нашиот небесен Татко како на наше засолниште.
9. Каква улога има верата кога му пристапуваме на Бог во молитва?
9 За да извлечеме потполна корист од молитвата, која претставува предност, мораме да имаме вистинска вера. Библијата вели дека „оној кој му пристапува на Бог мора да верува дека тој постои и дека ги наградува оние кои сесрдно го бараат“ (Евреите 11:6). Верата е повеќе отколку само да се верува дека има Бог, дека „тој постои“. Вистинската вера вклучува цврсто да веруваме дека Бог има способност и желба да го награди нашиот животен пат на послушност кон него. „Очите на Јехова се насочени кон праведниците, а неговите уши кон нивното преколнување“ (1. Петрово 3:12). Тоа што секогаш сме свесни дека Јехова со љубов се грижи за нас им дава посебно значење на нашите молитви.
10. Какви треба да бидат нашите молитви ако сакаме да добиеме духовна поткрепа од Јехова?
10 Јехова ги слуша нашите молитви кога се кажани од цело срце. Псалмистот напишал: „Викам, од сето срце, Господи, послушај ме“ (Псалм 119:145). За разлика од ритуалните молитви во многу религии, нашите молитви не се механички ниту, пак, кажани без срце. Кога му се молиме на Јехова од „сето срце“, нашите зборови се полни со значење и со намера. По таквите искрени молитви почнуваме да го искусуваме олеснувањето кое доаѓа како резултат на тоа што го фрламе нашето „бреме на Јехова“. Како што Библијата ветува, ‚тој ќе нѐ поткрепи‘ (Псалм 55:22, NW; 1. Петрово 5:6, 7).
Божјиот дух ни е помошник
11. Кој е еден начин на којшто Јехова нѐ услишува кога ‚молиме постојано‘ да ни помогне?
11 Јехова не е само Оној што ги слуша молитвите туку и Оној што ги услишува (Псалм 65:2). Давид напишал: „Во ден на неволја Те призовувам Тебе, зашто ќе ме послушаш“ (Псалм 86:7). Во склад со тоа, Исус ги охрабрил своите ученици да ‚молат постојано‘ Јехова да им помогне зашто „Таткото на небото“ ќе „им даде свет дух на оние кои го молат“ (Лука 11:9—13). Да, Божјата активна сила служи како помошник, или утешител, за неговиот народ (Јован 14:16).
12. Како може да ни помогне Божјиот дух кога проблемите ни изгледаат претешки?
12 Дури и кога се соочуваме со испити, Божјиот дух може да ни влее ‚сила која ја надминува нормалната‘ (2. Коринќаните 4:7). Апостол Павле, кој претрпел многу стресни ситуации, со уверување рекол: „За сѐ имам сила со помош на оној кој ми дава моќ“ (Филипјаните 4:13). Слично на него, многу христијани денес почувствувале дека им се обновува духовната и емоционалната сила како одговор на нивните преколнувања. Честопати, тешките проблеми не изгледаат толку тешки откако ќе добиеме помош од Божјиот дух. Поради оваа сила што ни ја дава Бог, и ние можеме да речеме како апостолот: „Притиснати сме на секој начин, но не толку притеснети за да не можеме да се помрднеме; збунети сме, но не сме во потполност без излез; прогонети сме, но не сме оставени на цедило; соборувани сме, но не сме уништени“ (2. Коринќаните 4:8, 9).
13, 14. а) На кој начин Јехова се покажал како наше засолниште преку неговата пишана Реч? б) Како тебе лично ти помогнало тоа што ги применуваш библиските начела?
13 Исто така, светиот дух ја инспирирал и ја зачувал Божјата пишана реч за наша корист. На кој начин Јехова се покажал засолниште во лоши времиња преку страниците на неговата Реч? Еден начин е со тоа што ни дава мудрост и способност за расудување (Пословици 3:21—24, NW). Библијата ги обучува нашите умствени способности и ја подобрува нашата сила на разумот (Римјаните 12:1). Преку редовното читање и проучување на Божјата реч, и со примената на тоа што го учиме, нашата „моќ за согледување“ може да биде „извежбана да разликува исправно и неисправно“ (Евреите 5:14). Можеби ти лично си искусил како ти помогнале библиските начела да донесеш мудри одлуки кога си бил соочен со проблеми. Библијата ни дава остроумност која може да ни помогне да најдеме практични решенија за тешките проблеми (Пословици 1:4).
14 Божјата реч ни дава и уште еден извор на сила — надежта за спасение (Римјаните 15:4). Библијата ни кажува дека лошите работи нема да се случуваат во недоглед. Сеедно какви неволји трпиме, тие се само привремени (2. Коринќаните 4:16—18). Ја имаме ‚надежта во вечен живот што Бог, кој не може да лаже, ја ветил пред дамнешни времиња‘ (Тит 1:2). Ако се радуваме на таа надеж и ако постојано сме свесни за светлата иднина што Јехова ја ветува, можеме да истраеме во неволја (Римјаните 12:12; 1. Солуњаните 1:3).
Собранието — израз на Божјата љубов
15. Како можат христијаните да бидат благослов еден за друг?
15 Друга подготовка од Јехова што може да ни помогне во тешки времиња се пријателите што ги имаме во христијанското собрание. Библијата вели: „Пријателот љуби во секое време, а во неволја станува и брат“ (Пословици 17:17). Божјата реч ги охрабрува сите во собранието да се почитуваат и да се сакаат еден со друг (Римјаните 12:10). „Никој да не ја бара својата корист, туку користа на другиот“, напишал апостол Павле (1. Коринќаните 10:24). Тоа што ќе имаме ваков став ќе ни помогне да се сосредоточиме на потребите на другите, а не на нашите испити. Кога се трошиме за другите, не само што им помагаме туку и доживуваме одредена мера среќа и задоволство поради што нашите товари стануваат поподносливи (Дела 20:35).
16. Како може секој христијанин да биде охрабрување?
16 Духовно зрелите мажи и жени можат да имаат многу важна улога во тоа да ги зајакнат другите. За да го прават тоа, тие се трудат да бидат пристапливи и се ставаат на располагање (2. Коринќаните 6:11—13). Собранието навистина е благословено кога сите одвојуваат време да ги пофалат младите, да ги зајакнат новите верници и да ги охрабрат депримираните (Римјаните 15:7). Исто така, братската љубов ќе ни помогне да нема дух на сомнеж меѓу нас. Не треба избрзано да заклучиме дека личните проблеми се знак на духовна слабост. Павле соодветно ги поттикнува христијаните ‚да им зборуваат утешно на депримираните души‘ (1. Солуњаните 5:14). Библијата покажува дека дури и верните христијани доживуваат неволји (Дела 14:15).
17. Кои прилики ги имаме за да ги зајакнеме врските во христијанското братство?
17 Христијанските состаноци даваат извонредна прилика да се тешиме и да се храбриме еден со друг (Евреите 10:24, 25). Ваквата размена на охрабрувања дадени со љубов не е ограничена само на собраниските состаноци. Напротив, Божјиот народ исто така бара прилики за здраво дружење и во неформален амбиент. Кога ќе се појават тешки ситуации, спремно ќе си помагаме едни на други зашто веќе се формирани цврсти врски на пријателство. Апостол Павле напишал: „Да нема поделби во телото, туку неговите членови . . . да се грижат еден за друг. И ако страда еден член, сите други членови страдаат со него; или ако се слави некој член, сите други членови се радуваат со него“ (1. Коринќаните 12:25, 26).
18. Каква склоност треба да избегнуваме кога се чувствуваме потиштени?
18 Понекогаш можеби се чувствуваме премногу потиштени за да уживаме во дружењето со сохристијаните. Треба да се бориме против таквите чувства за да не си ги ускратиме утехата и помошта што можат да ни ги дадат соверниците. Библијата нѐ предупредува: „Кој се изолира, оди по своите себични желби, се спротивставува на секоја мудрост“ (Пословици 18:1, NW). Нашите браќа и сестри се показател дека Бог се грижи за нас. Ако ја сфатиме оваа подготовка полна со љубов, ќе најдеме олеснување во лоши времиња.
Задржи позитивен став
19, 20. На кој начин Библијата ни помага да ги отфрлиме негативните мисли?
19 Кога ќе наидат обесхрабрување и тага, лесно е да се западне во негативни мисли. На пример, кога трпат маки, некои можеби почнуваат да се сомневаат во својата духовност и заклучуваат дека нивните неволји се знак дека Бог не ги одобрува. Меѓутоа, запамти дека Јехова никого не искушува со „зли работи“ (Јаков 1:13). „Тој [Бог] не по волјата на Своето срце ги казнува и ги огорчува синовите човечки“, вели Библијата (Плач Еремиин 3:33). Напротив, Јехова е длабоко разжалостен кога неговите слуги страдаат (Исаија 63:8, 9; Захарија 2:8).
20 Јехова е „Таткото на нежни милосрдија и Богот на секоја утеха“ (2. Коринќаните 1:3). Тој нѐ сака и ќе нѐ возвиши во вистинско време (1. Петрово 5:6, 7). Тоа што постојано ќе имаме на ум дека Бог нѐ сака ќе ни помогне да задржиме позитивен став, дури и да се радуваме. Јаков напишал: „Сметајте го тоа за права радост, браќа мои, кога се соочувате со разни искушенија“ (Јаков 1:2). Зошто? Тој одговара: „Бидејќи, откако ќе биде одобрен, ќе ја добие круната на животот која Јехова им ја ветил на оние кои продолжуваат да го љубат“ (Јаков 1:12).
21. И покрај проблемите со кои се соочуваме, каква гаранција им дава Бог на оние што докажуваат дека му се верни?
21 Како што Исус нѐ предупредил, во светот ќе имаме неволји (Јован 16:33). Но, Библијата ветува дека ниедна „неволја или тегоба, или прогонство, или глад, или голотија, или опасност“ нема да нѐ оддели од љубовта на Јехова и на неговиот Син (Римјаните 8:35, 39). Колкава само утеха е што знаеме дека сите неволји со кои се соочуваме се привремени! Во меѓувреме, додека го чекаме крајот на човечкото страдање, нашиот Татко што многу нѐ сака, Јехова, нѐ чува. Ако побараме заштита од него, тој ќе се покаже како „засолниште на угнетуваните, тврдина на спасението во тешки времиња“ (Псалм 9:9).
Што научивме?
• Што треба да очекуваат христијаните додека живеат во овој злобен свет?
• Како можат да нѐ зајакнат нашите горливи молитви кога се соочуваме со испити?
• На кој начин Божјиот дух е помошник?
• Што можеме да правиме за да си помагаме еден на друг?
[Слика на страница 18]
Мораме да го бараме Јехова како да бараме засолниште во некоја цврста кула
[Слики на страница 20]
Духовно зрелите гледаат да ја искористат секоја можна прилика за да ги пофалат и да ги охрабрат другите